Репортажи

Звукот на Дебар Маало: Врева и бес(помош)

Какофонија од градилиштата во центарот на Скопје

Металниот звук на чеканот како студен ветер продира низ ушите на минувачите, додека механичката дупчалка ја тресе земјата под нивните нозе. Масивната цевка од дупчалката се издигнува до балконите на соседната зграда, па продира низ влажната земја. По неколку мига, повторно се крева за да земе замав за следниот удар.

Вибрациите се пренесуваат на асфалтот и го мамат случајниот минувач дека телефонот му вибрира во џебот.

Неколку години откако се укина мораториумот за градба во скопски Центар, на радиус од половина километар во Дебар Маало избројавме 14 активни градилишта.

„Проблемот со бучавата останува на маргините“, вели Марковска | Фото: БИРН

Прекумерната врева е една од еколошките причини за здравствени проблеми.

Светската здравствена организација (СЗО) предупредува дека долготрајната изложеност на преголема врева може да предизвика стрес или анксиозност, кардиоваскуларни заболувања, да го наруши спиењето и дури трајно да го оштети слухот.

„Многу е потценета бучавата и не се гледа како сериозен проблем“, коментира за БИРН, Сара Марковска, од невладината Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА), која го истражува проблемот со вревата од системски аспект.

„Додека за загадувањето на воздухот постои зголемена јавна свест, проблемот со бучавата останува на маргините.“

Некаде во Дебар Маало веќе се кренати карабини, а на други места зјаат дупки во исчекување на темели. Има и урнати стари куќи пред кои инвеститорите на табла го најавуваат новото здание. Секако, тоа е уште една зграда.

„Ова е лудило, на олку мал простор се градат толку многу згради во исто време. Снимајте, кажувајте оти ова е ненормално“, револтирано ни кажа постара скопјанка, која веќе 55 години живее во оваа населба.

Нејзината семејна куќа е веднаш крај кружниот тек во Дебар Маало. Покрај неколку градилишта, таму се сконцентрирани и поголем број кафулиња, во кои често нивните муштерии се забавуваат на гласна музика во ноќните часови.

Општина Центар за приоритет ја смета вревата од угостителските објекти | Фото: БИРН

Првично надлежни за бучавата, вели Марковска, се општинските инспектори за животна средина, вклучително и инспекторите на градот.

Иако според законот, општините треба да ја мониторираат бучавата и од градењето, без разлика дали некој пријавил, Општина Центар за приоритет ја смета вревата од угостителските објекти. Барем таков впечаток добивме од нивните општи одговори на нашите конкретни прашања.

„Општината мери бучава од стационарни извори на врева, како што е бучава од угостителска дејност, кафулиња и ресторани со гласна музика, како и од уреди за климатизација.“

„Прекршителите се казнуваат доколку измерените вредности ги надминуваат максимално дозволените вредности“, велат за БИРН.

Врева и прав од утринските часови

„Имаше вегетација, а сега е бетонска џунгла“, се потсети 76-годишната Цвета | Фото: БИРН

Наутро кога родителите ги оставаат децата во градинката „13 Ноември“ во Дебар Маало, улицата кај оваа установа често е веќе блокирана од камион или од друга машинерија.

Речиси секој работен ден, улицата е одвај проодна и непријатни звуци ечат кај градинката до моментот кога нивните родители ги земаат.

„Почнуваат со работа уште во 8 часот наутро. Нè мрднаа“, ни се пожали келнер од кафуле во близина на градинката.

Оваа врева не прекинува дури и во периодот кога децата би требало да спијат. Според Законот за заштита од бучава, образовните и здравствените установи се сметаат за објекти од прв степен и се третираат како поприоритетни од резидентните згради.

„Околу болници, училишта и градинки, степенот на заштита треба да е уште поголем и треба да има понизок степен на бучава. Ама факт е дека кај нас тоа не се гледа така“, вели Марковска.

Општина Центар информира дека кај градинката „нема вршено мерење бидејќи за неа нема иницијатива за вршење инспекциски надзор.“

Цел Центар под градежна офанзива

Елена Волчевска, која живее во близина на училиштето „Песталоци“, ни се пожали дека во нејзиното опкружување има четири градилишта и загрижена е за здравјето на нејзините деца.

„На само пет метри од училишното игралиште има огромна јама, градежна механизација и шут. Дури и сево ова да ги следи правилата за градежна безбедност, тоа ќе остави последици поради сè што дишат нашите деца, кои поминуваат по цел ден таму“, вели таа.

Меѓутоа, инспекторите не мора да чекаат пријава за да излезат на терен, туку тие имаат службена должност постојано да мониторираат. Општината има двајца овластени инспектори за заштита на животната средина.

Освен како пешаци, градилиштето спроти градинката го набљудувавме и од балконите на две староседелки.

Едната од нив сега е пензионирана професорка, која слободното време го поминува плетејќи. Од нејзината работна соба, која има поглед кон градилштето, за некоја година најверојатно ќе гледа директно во нечиј стан. Наместо жуборите од некогашниот маалски живот, таа слуша хилти, мешалки за бетон и довикувања на градежни работници.

Истата судбина ја има и 76-годишната Цвета, уште една староседелка, која во Дебар Маало живее уште од времето кога имала 22 години. Освен континуираната бучава, најмногу ја вознемирува тоа што зградата некогаш се тресе од копањето, а на ова посебно е чувствително нејзиното куче.

„Само куќи беа и сите се знаевме. Во дворовите растеше овошје, беревме грозје и се делеше низ цело маало. Имаше вегетација, а сега е бетонска џунгла“, се потсети таа.

Пасивна општина, ниска свест кај граѓаните

Свеста на граѓаните е сè уште ниска за овој проблем | Фото: БИРН

Според Државниот завод за статистика, минатата година, Општина Центар издала вкупно 92 одобренија за градење. А, според законот, општините, за да ги заштитат граѓаните од бучава, треба да внимават градилиштата да не се сконцентрирани на едно место.

Во критериумите за добивање дозвола за градење, фирмите треба да достават и план како ќе ги заштитат граѓаните од бучавата. А, доколку некоја фирма не се придржува до стандардите, може да интервенираат општинските инспектори.

„Инспекторите може да им наложат на градежниците да ги изменат часовите на работа, да набават нова опрема, да постават некаков пластичен ѕид што ќе ја апсорбира бучавата“, објасни правничката Марковска.

Иако општината предвидела буџет од 400.000 денари, од 2019 до 2025 година, за информирање на граѓаните за здравствените ефекти од зголеменото ниво на бучава, сепак во локалниот акциски еколошки план не се споменува бучавата од градењето.

Така што, свеста на граѓаните е сè уште ниска за овој проблем. Бучавата им пречи, но многумина не знаат дали и каде би можело да пријават.

Од Општина Центар велат дека во последниве години добиле само две пријави за прекумерна врева поврзана со градежни активности. Поплаките се однесувале на врева од градилишта во раните утрински часови.

„Ние сме таков народ што ќе зборуваме, ќе се жалиме, ама никој не пријавува“, рече Марковска | Фото: БИРН

Марковска од ЦСПИ смета дека лесно би можела да се подигне свеста со кампања, преку која општината би ги информирала граѓаните за своите права преку флаери, социјалните мрежи или медиумите.

Но, не е само неинформираноста. Марковска смета дека во некои случаи, проблем е и менталитетот.

„Ние сме таков народ што ќе зборуваме, ќе се жалиме, ама никој не пријавува. Попрво комшиите ќе реагираат кога соседот им дупчи со бормашина во зграда, тогаш ќе отидат да се караат.“

„Ама кога треба со инвеститор да се караме или кога треба да пријавуваме во општината, тогаш не го правиме тоа“, заклучи таа.

Враќајќи се од канцеларијата на невладината организација, каде што го водевме разговорот со Марковска, патот повторно нè водеше низ Дебар Маало.

Беше доцна попладне. По маалските улички сè уште се слушаше ехото на камионите и на багерите, кои баботеа во место, а пешаците ги заобиколуваа од црвените ознаки што предупредуваат дека се гради.