Balkan Insight

Звукот на слободата: Зошто„ Ем-ти-ви“ беше сакана на Балканот

„Ем-ти-ви“ ги затвора своите канали за музички видеа во Европа

Како млада жена заинтересирана за модата, кога наполнив дваесет години, бев целосно фасцинирана од „Ем-ти-ви“ уште од првиот момент кога го видов. Тоа беше околу 1990 година, кога една нелегално поставена сателитска антена на покривот од зградата во која живеев во Сараево ми го донесе „Ем-ти-ви“ во животот. Не знаев дека тоа буквално ќе ми го промени животот.

Меѓу доцните 1980-ти и средината на 1990-тите, „Ем-ти-ви“ беше пресвртница за многу млади луѓе од мојата генерација, од урбаните средини во Источна Европа. Но, за мене лично, ѕвездите беа порамнети за нешто навистина посебно.

Во овој период на големи политички промени низ Источна Европа, „Ем-ти-ви“ стана првиот директен пристап до „Западот.“ Овој обединувачки, привлечен концепт претставуваше антипод на здодевниот комунистички режим, додека истовремено ги надминуваше културните разлики.

Истовремено со нашите врсници од Западот можевме да ги гледаме видеоспотовите од „Вог“ на Мадона и „Фридом 90“ на Џорџ Мајкл, веднаш штом беа објавени. Но, она што ми се случи мене подоцна стана урбана легенда во поранешна Југославија – кога се здружив со еден од момците од „Ем-ти-ви“, водителот Пол Кинг.

Ова поврзување ми овозможи редок и интимен поглед зад сцената во „Ем-ти-ви“ како културен феномен во ова историски значајно време. Го придружував Пол во разни градови низ Источна Европа, каде што беше покануван на јавни настапи.

Овие настани ѝ овозможија на публиката низ регионот непосредно искуство со западната поп-култура. Свесна сум дека постоеше огромен јаз меѓу привилегираните малцинства на кои им припаѓавме и мнозинството за кое западните производи беа недостижни. Но, сепак, може да се каже дека за урбаната младина што се интересираше за „кул“ работи, „Ем-ти-ви “претставуваше културна валута.

„Ем-ти-ви“ манија

Линда Хујиќ со водителот Пол Кинг во Будимпешта во 1994 | Фото: Линда Хујиќ

Привлечноста на каналот можеше да се види кога Пол и јас отпатувавме во полскиот град Гдањск на музичкиот фестивал Сопот во 1991 година. Фестивалот се пофали со многу западни изведувачи, но „Ем-ти-ви “ манијата ги надмина очекувањата, и на организаторите, и на самиот Пол. Кога пристигнавме на местото за проба со лимузина, толпа млади луѓе што висеа надвор, се нафрлија околу возилото. Автомобилот почна да се тресе под притисокот на врескачките фанови.

Овој инцидент предизвика вознемиреност кај организаторите, кои не беа подготвени за вакво внимание. Се очекуваше дека тинејџерскиот дуо-бенд „Брос“ ќе се соочи со вакви „неволји“ и токму затоа тие имаа четворица телохранители. Но, наместо нив, толпата го нападна лицето на „Ем-ти-ви“,  Пол.

За време на пробата, кога Пол само прошета по сцената за да ја разгледа, доби спонтан аплауз од гледачите. На едно отворање на изложба на познат полски сликар што се одржуваше во рамки на фестивалот, тој го избра Пол како свој специјален гостин и му понуди да си избере која било слика по избор.

Полска телевизиска екипа дури го снимаше предавањето на сликата со потпис и со посвета. Фасцинацијата со „Ем-ти-ви“ доби дури и надреални димензии кога доживеавме сообраќајна несреќа (ништо сериозно, но непријатно). Кога човекот што удри во нашиот автомобил сфати кого удрил, побара автограм од Пол!

Кратка средба со Путин

Во Русија, сè беше многу пополитизирано. Таму „Ем-ти-ви“ стана еден од првите извори на популарната култура без комунистичка цензура – во време кога се одвиваше „револуција на екраните.“

Во март 1991 година, „Ем-ти-ви“ објави дека ќе стане првиот несоветски канал што ќе емитува програма 24 часа дневно во Русија, преку кабелската мрежа во ленинградската област. Одлуката следуваше по пробниот период во 1990 година, кога „Ем-ти-ви“ за првпат се прикажа низ поширокиот Советски Сојуз во скратен формат – едночасовна неделна емисија составена од две програми, вметната во популарното младинско шоу „Взгљад“ („Поглед“).

Реформаторите, како Анатолиј Собчак – првиот демократски избран градоначалник на Ленинград (кој по референдум во 1991 повторно го доби старото име Санкт Петербург за да ја отфрли советската конотација), станаа национални херои. Кога „Ем-ти-ви“ се појави на локалните екрани, беше присвоен како дел од ова револуционерно движење.

Градските лидери во Санкт Петербург го споредија стартот на „Ем-ти-ви“ со деновите кога Петар Велики ја отвори Русија кон западните влијанија. Каналот беше фален како начин Русите да ја запознаат западната култура, а употребата на англискиот јазик се сметаше за знак на „несоветска автентичност.“

Западната музика одамна беше доживувана како силен израз на отпор во Источна Европа. Затоа беше логично, градоначалникот Собчак, како покровител на музичкиот фестивал „Бели ноќи на Санкт Петербург“ во јуни 1992 година, да посака да се појави со водител од „Ем-ти-ви“ за да го зацврсти својот имиџ на носител на реформите.

Неговиот заменик и шеф на Комитетот за надворешни односи на градот беше извесен Владимир Путин. Познат како ученик и штитеник на Собчак, оваа професионална врска подоцна ќе се смета за клучна во лансирањето на политичката кариера на Путин. Колку би сакала да се сетам на повеќе детали од нашиот разговор.

Она што го паметам е чувството на непријатност на еден од официјалните приеми, со кавијар и алкохол во изобилство, во град што во тоа време речиси немаше основни намирници. Немаше продавници, освен ако отидете во некоја споредна уличка. Автомобили застануваа, ги отвораа багажниците и луѓето застануваа во редица за да купат што и да имаше.

Во хотелот каде што ние од Западот бевме сместени, имаше повеќе млади придружнички отколку гости – жени што се обидуваа да заработат некој долар продавајќи ја својата младост од очај. Во таква атмосфера, присуството на следната свеченост – овојпат на брод закотвен некаде кон финскиот брег – не ми изгледаше исправно.

Наместо тоа, се зближивме со растечката алтернативна уметничка сцена. И тие го сакаа „Ем-ти-ви“, но поради културниот престиж. Во краткиот период, кога старите институции на моќ уште не беа заменети со нови, можеше да се живее во објекти испразнети поради реновирање, но привремено „заборавени“ од властите.

Кога се качувавме по скалите во еден таков објект, се сеќавам дека ми рекоа оти токму тие скали инспирирале сцена од „Злосторство и казна“ на Фјодор Достоевски. Друго познато собиралиште беше легендарната Фонтанка 145, местото на раѓањето на руската рејв култура.

Фантазијата и урбаните митови се споија кога се спријателивме со вистинска принцеза – Катја Галицина, ќерка на принцот Џорџ Галицин и директна потомка на Екатерина Велика. Таа се преселила во Петербург од Англија, за повторно да се поврзе со своето потекло.

Популарноста во Унгарија

Водителот на „Ем-ти-ви“ Пол Кинг и Линда Хујиќ пристигнуваат на аеродромот во Будимпешта | Фото: Линда Хујиќ

Иако во Британија тоа едвај беше забележано, преминувањето на водителот Пол Кинг од „Ем-ти-ви“ на новиот сестрински канал ВХ-1, наменет за повозрасна публика, во Унгарија беше третирано како вест од национално значење.

Во Будимпешта, во септември 1994 година, она што во Западна Европа би било незначителен настан – пристигнувањето на водител од „Ем-ти-ви“ на забавата по повод првата годишнина на брендот за гуми за џвакање „тридент“, се претвори во целосен медиумски спектакл. Унгарските телевизии го следеа неговиот престој како да станува збор за главен настан во државата, со дневни прилози што го следеа секое негово појавување.

Иако настанот се промовираше како прослава на младинската култура, пристапот до забавата на компанијата беше строго ограничен. Тридент се фалеше дека е „бренд број еден меѓу младите“, но посетителите на раскошната забава во замокот не беа обичните тинејџери, туку луѓето во костими – лица од медиумите и од музичката индустрија, бизнис-елитата и политичките кругови. Само мал број добро поврзани млади луѓе имаа краток контакт со нас. Останатите можеа да го видат присуството на „Ем-ти-ви“ само на телевизија.

Нашата главна домаќинка беше Алберт Ѓорѓи, космополитска водителка што зборуваше англиски и што вешто се имаше наметнато како лице што ја пренесува западната медиумска култура. Со својот модерен пристап, таа го организираше секој момент за да ја истакне естетиката на „Ем-ти-ви“, за да покаже дека Унгарија го држи чекорот: од пречекот на водителот на аеродромот со бакнежи, влегувањето во лимузината пред камерите, а сето тоа изгледаше природно наместо понизно. Таа, за жал, почина во 2008 година.

На крајот, но не и најмалку важно, поранешниот панк-музичар, а тогашен министер за култура, Фодор Габор, одржа прес-конференција во модерен кафе-бар, кој важеше за „западна енклава.“ Тоа беше начин да го зацврсти сопствениот имиџ на млад, глобално ориентиран лидер – продолжение на бунтовниот дух што некогаш се изразуваше преку субкултурната музика.

Како и за секој прогресивен политичар во тоа време во Источна Европа, „Ем-ти-ви“ се поистоветуваше со напредок. Целото искуство во Будимпешта беше далеку поопуштено отколку средбите со руските официјални лица. Ѓорѓи и Фодор беа пријатели, и имавме чувство дека сме дел од нивниот круг.

Враќање на Балканот

Поканата за отворањето на „Ем-ти-ви Адрија“ | Фото: Линда Хујиќ

Меѓу 1987 и 1997 година, „Ем-ти-ви“ се емитуваше како еден паневропски канал, пред да почне да создава локализирани верзии. Првиот источен канал беше „Ем-ти-ви Полска“ во 2000 година, потоа „Ем-ти-ви Романија“ во 2002, „Ем-ти-ви Адрија“, создаден за земјите од поранешна Југославија, стартуваше во септември 2005 година. Главната забава за лансирањето беше во Љубљана, со настап на бендот „Хајвс“, кои му дадоа глобален шмек на настанот, отсвиреа, а потоа отпатуваа во Загреб, каде што настапија заедно со локални изведувачи за да покажат дека „ова е нашето „Ем-ти-ви“.

„Нашата главна цел беше да го локализираме „Ем-ти-ви“, и во музичко-уредувачката политика и со продукцијата на локални емисии“, се присетува Марко Бенда, кој стана директор на „Ем-ти-ви Адрија“ кон крајот на 2005 година. „Но, Југославија одамна ја немаше, а новата генерација имаше сосема поинакви навики, што беше предизвик во нашата работа.“

„Како приватна компанија, секоја инвестиција мораше да биде оправдана со приходите, што беше тешко на екс ју-пазарот поради појавата на нови дигитални платформи и конкуренција од традиционалните ТВ канали. „Ем-ти-ви, во својата традиционална форма, полека губеше чекор и беа потребни сериозни прилагодувања кон дигиталната ера“, ми рече Бенда. На крајот, инвестицијата не беше одржлива за сопствениците и тие решија да ја продадат франшизата на меѓународна трговска група, која ја презеде „Ем-ти-ви Адрија“ во 2009 година.

Меѓу бендовите што свиреа на отворањето на „Ем-ти-ви Адрија“ беше и босанскиот „Дубиоза колектив“, еден од најуспешните балкански бендови. „Дубиоза“ доби голема поддршка од „Ем-ти-ви Адрија“ додека раководеше Бенда. Добиваа многу простор на каналот, а подоцна дури ја освоија наградата за најдобри изведувачи од регионот на „Ем-ти-ви“ видеонаградите.

Но, „Ем-ти-ви“ имаше најголемо значење кога беше само „Ем-ти-ви Европа.“ Тогаш, секој локален музичар можеше само да сонува дека неговиот спот ќе се прикаже таму – верувајќи дека тоа е билет за светска слава. Доаѓањето на „Ем-ти-ви Адрија“ беше позитивен настан, но неговото исчезнување беше отрезнувачки момент за љубителите на алтернативната сцена.

„Ем-ти-ви Адрија“ имаше некое значење, но само за музичарите и за луѓето од индустријата, особено за оние од алтернативната музика“, вели Бранко (Брано) Јакубовиќ, коосновач на „Дубиоза“. „Се сеќавам дека гледаноста не можеше да се мери ниту со најевтините канали што емитуваа народњаци, и покрај нивниот слаб продукциски квалитет, лошото осветлување, плејбекот и танцовите имитации какактеристични за тој жанр.“

Тоа беше сигнал за будење за Брано

„Сфативме дека нема да се случи културна револуција, дека нашата желба да бидеме на „Ем-ти-ви“ беше илузија, и дека балканскиот мејнстрим секогаш ќе остане ист,“ додава тој. „Додека ‘Ем-ти-ви’ стигна кај нас, технологијата веќе тргна во нов правец и ние почнавме да откриваме нови начини на промоција.“

Јутјуб и социјалните мрежи станаа каналите што му донесоа на бендот меѓународен успех. Самиот Брано признава дека поминале повеќе од десет години откако „Ем-ти-ви“ имало „какво било значење“ во нивниот живот – но, сепак, со гордост ја чува наградата: „барем убаво ја украсува полицава.“

Исто е и кај мене. Моето последно искуство со „Ем-ти-ви“ беа „Ем-ти-ви“ видео музичките награди во 2017 година, само затоа што се одржуваа во Лондон, каде што живеам и бев поканета. Како и Брано, и јас ја ценам мојата „Ем-ти-ви награда“ – таа беше за „најголемо академско достигнување“, специјално создадена за мене кога докторирав со теза за „Ем-ти-ви“ во 1999 година.

Иако сопственикот, компанијата „Парамаунт“, ќе ги исклучи некогаш обожаваните европски канали на „Ем-ти-ви“ на 31 декември, спомените и пријателствата што ги стекнав додека бев дел од таа приказна, ќе останат со мене засекогаш.

 

Лида Хујиќ беше популарна млада водителка на Радио-телевизија Сараево во доцните 1980-ти. Докторираше на тема „Ем-ти-ви“ на колеџот Голдсмит, Универзитетот во Лондон, а подоцна работеше како авторка, јавна говорничка, универзитетска предавачка, кураторка и консултантка.

Ставовите изразени во текстот се на авторката и не ги одразуваат нужно ставовите на БИРН.