Balkan Insight

Под опсада: Полската „препер“ сцена станува мејнстрим

Полјаците градат приватни засолништа и се приклучуваат на онлајн-заедници на „преживувачи“

Адам е човек што сам успеал во животот, тој е оженет и е татко на две деца. Сопственик е на успешно транспортно претпријатие, кој неодамна го пресели семејството во мала вила, во една приградска населба во Варшава.

Новата куќа речиси сам ја изградил, со помош од татко му и шурата.

Додека тројцата ги поставуваа темелите во подрумот, им пријде сосед. Дали ги испратила општината, праша тој, за конечно да почнат со изградба на одамна очекуваното засолниште од бомби. Љубопитниот сосед не беше многу далеку од вистината. Големиот, армиран подрум навистина беше замислен како засолниште, но наменет само за приватна употреба на семејството, а не за јавноста.

Адам зборуваше под услов неговото вистинско име да не се открие, повикувајќи се на заштита на приватноста.

Себеси се смета за либерал, кога станува збор за општествени прашања, а за либертаријанец во економската политика, и гласа за Конфедерација, крајнодесничарската опозициска алијанса што се обидува да ги придобие малите бизнисмени.

Не ни помислувал на заканата од Русија кога го градел засолништето, меѓутоа затворањето на источната граница веќе го принудило да ја пренасочи својата флота камиони.

„Некои пријатели и роднини мислат дека сум параноичен – нека“, вели тој.

„Кога ќе засвират сирените, се прашувам кој прв ќе дојде да чукне за влез во мојот бункер.“

Прирачникот на преживување | Извор: Instagram

Анија Заполска ја комбинира својата корпоративна кариера и семејниот живот со водење на инстаграм-профилот со назив „Урбан водич за преживување на полската мајка.“ Објавува околу трипати неделно и има собрано околу 50.000 следбеници.

Во септември ја издаде својата книга „Како да се заштитиш себеси и семејството во време на криза или војна.“

Како што самата вели, била „обична мајка, а не експерт за безбедност“, сè до руската инвазија врз Украина во 2022 година. Тогаш нејзиниот сопруг ја уверувал дека тој знае што треба да се направи ако дојде до најлошото.

„Но, јас сфатив дека тој ќе биде мобилизиран, па јас морам да бидам подготвена“, раскажува таа.

„Не можам да си замислам да им кажам на децата: ‘Жалам, нема храна и вода три дена, мама не се подготви.’“

Анија креира содржини насочени кон жени како неа – мајки со центристички идеолошки ставови што бараат практични совети за апокалипсата.

Со смирен, објективен тон, во своите инстаграм-објави, таа објаснува кои основни работи за преживување може да се сместат во женска чанта, како да се спакува евакуациски комплет за кучето и каде е најдобро да се договори итен состанок со децата.

Оваа година, бројот на нејзини следбеници нагло порасна, бидејќи сè повеќе Полјаци почнаа да се прашуваат што би направиле ако земјата навистина биде нападната од исток.

Во Нов Зеланд, технолошките милијардери купуваат приватни засолништа за „судниот ден“. Во САД цвета индустријата на „панични соби“, каде што домови се опремуваат со зајакнати скривалишта, конзервирана храна и оружје. Во Канада, акцентот е ставен на вештини за преживување во природа.

Во Полска, држава што граничи со земја во војна со Русија, стравот е сосема реален, а „препер“ движењето (луѓе што се подготвуваат за кризи или катастрофи) станува мејнстрим. Подготвеноста за војна е вплетена во секојдневниот живот, и експлицитно, и суптилно.

Полјаците нормално функционираат – одат во теретана или ги исполнуваат своите 10.000 чекори дневно, но воедно тивко се подготвуваат за денот кога можеби ќе треба да бегаат со тежок ранец и со бебе во рацете. Повеќе време минуваат офлајн, не за дигитално да се детоксифицираат, туку за да научат да читаат мапи и да користат радија на кратки бранови.

Онлајн пребаруваат огласи за недвижности во Португалија и во Шпанија, сонувајќи за евтини станови на Медитеранот. Оние со лаптоп-професии се радуваат што можат да работат од каде било во ЕУ. Други, пак, велат дека ќе останат во Полска без оглед на сè, но кога бараат нов дом, внимателно ја проценуваат можноста за засолниште подалеку од источната граница.

Потекнувајќи од најразлични општествени слоеви, „преперите“ имаат заедничко уверување дека, кога ќе се случи најлошото, полската држава нема да може да ги заштити.

„Владата зборува за засолништа, но јас сè уште не сум видел ниту едно“, вели Адам.

„Ако нешто се случи, подобро е да бидам подготвен отколку да чекам државата да се сети на нас. Во оваа земја, ако сакаш безбедност, си ја градиш сам – тула по тула.“

Руинираните бункери во Полска | Фото: Мацјеј Борина, CC BY-SA 3.0 преку Wikimedia Commons

Анија размислува слично. Таа верува дека полските семејства повторно ќе бидат оставени сами на себе „како и секогаш“, во случај на катастрофа.

„Не се залажувам дека некој ќе изгради засолниште за мене. Безбедноста на моите деца зависи само од мене“, вели таа.

Кшиштоф Лис, автор на блогот Survival Dwelling, смета дека полските централни и локални власти одамна ја запоставиле подготвеноста за катастрофи.

„Државата и општините едноставно се откажаа од својата должност, кога станува збор за цивилната заштита“, објаснува тој.

„Правната рамка е нејасна, нема посветени институции, нема кохерентен план за превенција, има малку засолништа и многу некоординирани граѓански иницијативи.“

Администрацијата на Доналд Трамп, со својот „транзакциски“ пристап кон НАТО, ги доведе во прашање старите американски гаранции дека ќе „скокнат“ во одбрана ако некој европски сојузник биде нападнат. Во меѓувреме, заканата на источната граница на Полска изгледа сè поголема.

Руската армија нема намера да се повлече од освоените територии во Украина, а во последниве два месеца испрати дронови и борбени авиони над Полска и Естонија – очигледен тест на одбранбените способности на НАТО. Во изминатите три години, на полска територија паднаа залутани проектили, а Белорусија, сојузникот на Кремљ, инсценираше „хибридни“ провокации на границата.

Ако Украина падне, размислувањето е едноставно: Полска или некоја од балтичките држави може лесно да биде следната.

Промените во НАТО го забрзаа европското повторно вооружување, процес што почна со руската инвазија на Украина во 2022 година. Полска е вистинскиот симбол на таа трка во вооружување. Военото трошење драматично порасна и сега изнесува речиси 5 отсто од БДП, највисок удел меѓу сите членки на НАТО.

Полска ја има и третата најголема армија во алијансата по жител, по САД и Турција.

Но, овие огромни воени трошоци го „истенчија“ државниот буџет. Кога Варшава троши милијарди за борбени авиони Еф-35 и „апачи“ хеликоптери, остануваат помалку пари за засолништа достапни за обичните граѓани.

По Трамп САД веќе не се гаранција за безбедноста на источна Европа | Фото: Pexels

Според државната евиденција од 2023 година, само 300.000 од 36,5 милиони Полјаци, помалку од еден процент од населението, би имале пристап до јавно засолниште во случај на војна или катастрофа. Повеќето од тие засолништа датираат од времето на Студената војна и не ги исполнуваат современите стандарди за безбедност.

За споредба, Финска, која исто така граничи со Русија, има развиена мрежа на јавни и приватни објекти, вклучувајќи спортски сали и подземни гаражи, кои можат да засолнат околу 90 проценти од нејзините 5,5 милиони жители во случај на војна или катастрофа.

Недоверливи кон државата, побогатите Полјаци се подготвени да платат големи суми за приватни бункери.

„Тие ги кријат овие засолништа дури и од своите соседи,“ вели Беата, архитектка од северна Полска, која дизајнира персонализирани бункери за богати клиенти. Таа зборуваше анонимно за да го заштити својот бизнис.

„Зошто? Зашто се плашат дека целото село ќе навали внатре ако избие војна или, уште полошо, дека државата ќе им го одземе бункерот што го изградиле со сопствена пот и пари“, објаснува таа.

Оние што не можат да си дозволат приватно засолниште, делумно успеваат да се самоорганизираат на локално ниво.

Рафал, инженер од Варшава, се обидува да пронајде волонтери за локална мрежа за цивилна одбрана, но нема многу успех во својот обид. Не сакаше јавно да се идентификува бидејќи не е овластен да зборува во име на групата.

„Полјаците стануваат сомничави штом ќе се спомне изразот ‘заеднички напор’,“ вели тој со горчлива насмевка.

Зад пропаѓањето на полската цивилна заштита стојат децении на небрежност.

Во 1990-тите, Русија се сметала за пропадната држава, чии „мафии претставуваа поголема закана за Полска отколку нејзината армија“, вели д-р Михај Пјекарски, експерт за безбедност на Универзитетот во Вроцлав.

Според него, креаторите на политики постојано го потценувале ризикот од воен судир со Русија, а стратегијата за цивилна заштита по распадот на СССР била насочена претежно кон природни катастрофи, како што се поплавите.

„Она што е уште полошо“, додава тој, „е што немаше континуитет. Една влада ќе изгради нешто, а следната веднаш ќе го урне.“

Слична е состојбата и во Литванија, Летонија и во Естонија, каде што јавните засолништа што се распаѓаат можат да примат само меѓу два и четири проценти од населението.

Откако почна војната во Украина, сите три држави се обидуваат да го надоместат изгубеното време, насочувајќи ресурси и кон воена, и кон цивилна одбрана.

Минатата година, Полска го најави својот мултимилијардерски проект „Источен штит“, програма за дополнително утврдување на границата со Русија и нејзината сојузничка Белорусија, со комбинација на високотехнолошки системи за надзор, анти-дрон заштита и традиционални бариери против тенкови.

Откако се зголемија трошоците за армијата, нема пари за засолништа | Фото: Pexels

Политиката околу безбедноста, како и многу други прашања во Полска, се коментира и низ призмата на бескрајните културни војни.

Некои изразија загриженост за дивиот свет долж источната граница, додека други цинично посочија дека руските тенкови не почитуваат природни резервати.

На почетокот на оваа година, Полска усвои закон со кој инвеститорите се обврзани да изградат засолништа во сите нови згради, станбени блокови, јавни објекти и паркинзи. Постарите градби нема да мораат да се преуредуваат, но законот индиректно отвора можност некои подруми, метро станици и тунели да се зајакнат за употреба како засолништа во итен случај.

Во меѓувреме, воениот рок повторно се враќа во мода. Источноевропејците сè повеќе сфаќаат дека не можат целосно да се потпрат на САД ако Русија повторно нападне. Летонија повторно воведе задолжителна регрутација, Литванија делумна, додека Естонија никогаш не ја укинала.

Оваа година, центродесничарската влада на Доналд Туск во Полска воведе кратки, но задолжителни курсеви за мажи со цел тие да стекнат основни воени, преживувачки вештини и да знаат да дадат прва помош.

Реакциите беа поделени. Некои го исмејуваа проектот како „Големата армија на Туск“, но анкетите покажаа дека 56 отсто од испитаниците го поддржуваат планот.

Не изненадува што најголема поддршка имаше кај оние што најверојатно нема да бидат регрутирани: две третини од лицата над 50 години го поддржаа предлогот, според анкетата на SW Research, во споредба со само една третина од младите под 24 години.

Сепак, само 40 проценти од испитаниците изјавиле дека би се појавиле на обука, бројка што се совпаѓа со податоците на Институтот „Галуп“ (2024), според кои, само 45 отсто од Полјаците би се бореле за својата земја.

Повторно, Финска нуди очекуван контраст. Таа има граница долга 1.340 километри со Русија, најдолгата меѓу сите членки на ЕУ, и сè уште го одржува задолжителниот воен рок. Во истата анкета на Галуп, три четвртини од Финците изјавиле дека би се бореле за својата земја.

За разлика од Полска и балтичките држави, Финска успеа да останe надвор од советскиот блок. За време на Студената војна, нејзината надворешна политика внимателно избегнуваше да го провоцира Советскиот Сојуз, во замена за внатрешна политичка слобода.

Кога заврши Студената војна, држави како Полска влегоа во радикални пазарни реформи, кои длабоко ги променија нивните економии и општества. Финска не помина низ таков потрес, наместо тоа, го задржа својот силен социјален модел по скандинавски пример, со стабилна држава на благосостојба и висок степен на доверба меѓу граѓаните и институциите.

Подготвеноста на финските граѓани да ја бранат својата земја може да се разбере како заемен однос на доверба, одраз на способноста на државата да ги заштити сопствените луѓе.

Според Михај Пјекарски од Универзитетот во Вроцлав, силната финска цивилна заштита е производ на нејзината стабилна држава на благосостојба.

„Во Полска е обратно“, објаснува тој.

„Индивидуалистичките ставови од 1990-тите и 2000-тите – идејата дека ‘општеството не постои’ и дека секој треба сам да се снајде – го поткопаа чувството на граѓанска должност кон државата.“

Руската агресија врз Унгарија го поттикна препер-движењето | Фото: Pexels

Како резултат, додава Пјекарски, Полјаците почнале да ја гледаат националната безбедност како обврска на државата, за која „плаќаат преку даноците.“

Тие што покажувале личен интерес за темата, традиционално припаѓале на десничарскиот или националистичкиот спектар. Разни паравоени организации, претежно десничарски, денес собираат десетици илјади членови (точниот број е тешко да се утврди), кои тренираат за војна и преживување во природа.

Минатата година присуствував на годишната конференција „Издржливост“ (Resilience), која ги собира клучните актери во областа на цивилната заштита. Настанот се одржа во луксузниот хотел „Crowne Plaza“, во центарот на Варшава. Агендата беше преполна со панел-дискусии, со претставници на локални и национални власти, експерти, инженери, членови на армијата и полицијата.

Политичарите со различни идеологии повикуваа на прекин на поларизацијата и единство во подготовката за војна.

Еден воен офицер се прошета низ салата и праша: „Дали некој знае каде се излезите за итни случаи?“

Публиката се погледна збунето, повеќето сè уште ја бараа масата со кафе меѓу панелите. Офицерот разочарано негодуваше со главата.

„Ова мора да ви стане навика“, рече.

„Каде и да одите, секогаш проверете каде е излезот за итни случаи.“

Локалните функционери се согласија дека е неопходно да се подготват реални планови за евакуација и итни случаи, ако не сакаат сите масовно да бегаат кон германската граница.

Градските власти во Краков веќе имаа договор со кетеринг компанија за да обезбедат храна за итните служби во случај на војна. Прашање е дали другите градови го имале тоа организирано.

Експертите се пожалија дека младите се физички неподготвени и под психолошки притисок. Дали би можеле да ги остават паметните телефони доволно долго за да земат пушка в рака?

Посебен гостин беше градоначалникот на Харкив, украински град на првата линија на фронтот.

Тој ги потсети Полјаците на вредноста на сплотеното општество, од „таткото со пушка и мајката што ги чува тврдината и децата“, до работниците во водоводите, пекарите и фармацевтите, кои ќе ги одржуваат клучните услуги кога приватниот сектор ќе побегне во паника.

Сепак, според Рафал, инженерот од Варшава, кој се обидува да организира доброволна мрежа за цивилна заштита во своето маало, полското општество денес е „разединето, мрзливо и себично“.

Неговата идеја е едноставна: соседите треба да се поврзат меѓу себе за да можат да си помогнат во итен случај. Секој треба да знае која меѓу нив е медицинска сестра, кој е електричар, кој има комбе за превоз, а кои соседи се постари или со инвалидитет.

Но, признава тој, се „бори со ветерници.“

„Луѓето повеќе не ни ги познаваат своите соседи“, вели Рафал.

„Ако утре се издаде наредба за евакуација, тие ќе бидат изгубени – немаат поим каде да одат или кого да прашаат за помош.“

Рафал самиот се нарекува патриот и националист „во добрата смисла на зборот“, и со носталгија се сеќава на посилните општествени врски од времето на комунизмот.

„Без повторно градење на чувството на заедништво, цивилната заштита нема да функционира“, нагласува тој.

Пред четири години, кога преку Белорусија почнаа да влегуваат големи групи мигранти и бегалци, Рафал собирал волонтери за да „ја штитат границата“.

Но, по целосната руска инвазија на Украина, неговата мисија се промени.

„Сега сум подготвен да работам со сите Полјаци“, вели тој, „без разлика на нивните политички или идеолошки разлики.“

Недоверливи кон државата, побогатите Полјаци градат приватни бункери | Фото: Pexels

Рафал и неговите пријатели вршат притисок врз локалните власти да ја засилат подготовката за вонредни ситуации. Тој бара обновување на старите засолништа и изработка на јасни упатства за тоа каде граѓаните треба да се кријат во случај на опасност.

Во исто време, тој не чека државата да ги исполни своите ветувања за проширување на капацитетите. Наместо тоа, споделува онлајн-инструкции и мејлови со совети за тоа како да се зајакнат подруми со греди и основен алат.

„Полјаците не можат да очекуваат државата да ги спаси“, вели тој.

„Мора да ги искористат сопствената сила и знаење.“

Рафал негодува што богатите градат приватни бункери без намера да ги пуштат соседите внатре.

Но, Беата, архитектката од северна Полска, го отфрла тоа како „популистичка реторика.“

„Големите градови нудат подобри шанси за преживување, имаат подруми во станбени блокови, метро-тунели и организирани служби. Малите градови и селата се оставени сами на себе. Тие се многу поранливи, само погледнете што ѝ се случи на Буча во Украина,“ вели таа, мислејќи на предградието на Киев, каде што руските трупи извршија масакр во 2022 година.

Таа додава дека богатите обично се таргет во вакви времиња зашто „каде што има пари, има и грабежи“.

Беата признава дека повеќе се плаши од граѓански немири, отколку од странска инвазија.

„Ако падне редот и законот“, вели таа, „полските ултранационалисти би можеле да претставуваат вистинска закана за моите клиенти.“

Како пример, наведува случаи кога десничарски хулигани напаѓале мигранти и бегалци од Блискиот Исток или поттикнувале антиукраински чувства.

„Секогаш е исто“, додава таа со горчлива насмевка.

„Армагедонот трае неколку недели и тогаш ти треба засолниште. Потоа сè се смирува. Човештвото е неверојатно вешто во уништување на самото себе, но никогаш не ја завршува работата до крај, секогаш остануваат преживеани.“

Малгожата Томчак е новинарка од Варшава, специјализирана за миграција, хибридни закани и општествено-политички теми. Во 2024 година ја освои полската Grand Press награда за најдобар коментар, а оваа статија е создадена во рамките на Fellowship for Journalistic Excellence, поддржана од ERSTE Foundation, во соработка со Balkan Investigative Reporting Network (BIRN). Уредник: Нил Арун.