Првиот човек на комисијата за лустрација, изјави дека Управниот суд на Македонија, сериозно ја поткопал работата на комисијата, со поништување на дел од нејзините решенија.
Томе Аџиев, претседател на државната комисија за лустрација, институција со задача да ги искорени поранешните соработници на тајната полиција, го обвини Управниот суд дека донел одлуки со „чудно“ образложение, кои можат да ја поткопаат целата работа на комисијата.
„Само во текот на овој и минатиот месец, добивме 17 решенија со кои се поништени нашите одлуки и кои се донесени по цела година чекање во судските фиоки. Најверојатно ќе бидат поништени и сите останати решенија, 40-тина кои се обжалени пред судот“, изјави Аџиев.
Аџиев вели дека Управниот суд своите одлуки ги базира на образложението дека комисијата не им овозможила активно учество на лустрираните лица во постапката за лустрација, игнорирајќи ги при тоа полициските архивски документи, од кои, според него, јасно се гледа дека овие лица биле соработници.
Судот во образложението за одлуките наведува дека комисија го прекршила законот. „Комисијата … не му овозможила активно учество на тужителот (лустрираниот)“ во постапката, и не дозволила пристап до инкриминирачките документи што се користеле против нив, се вели во образложението.
Во Управниот суд, во вторникот, не беа достапни за коментар.
„Поништувањето на одлуките за лустрација од страна на Управниот суд, правно гледано, значи дека овие одлуки никогаш не постоеле. Бидејќи случајот е таков, сега комисијата (за лустрација) нема право да ги обнови постапките и да носи нови одлуки“, вели за БИРН, Воислав Стојановски, правен советник во Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Во август минатата година, откако се соочи со критики од Брисел, комисијата одлучи, со почетокот на оваа година, официјално да стави крај на, во голема мера, спорниот процес на лустрација.
Сепак, таа не ги укина санкциите што им беа изречени на повеќе од 200 лустрирани лица, вклучувајќи ги и забраните за работа во државните институции, за лицата за кои било утврдено дека се поранешни тајни соработници на полицијата.
Во јуни 2015 година, како дел од напорите на ЕУ за решавање на длабоката политичка криза во Македонија, Европската комисија ѝ врачи на македонската влада, извештај што содржи долг список на итни реформи.
Меѓу останатите препораки, со извештајот се бара од властите „ревизија/укинување на законот за лустрација и на неговата имплементација“, при што се нагласува дека „како основа за лустрацијата биле користени идеолошки или партиски причини“.
Критиките од Брисел доаѓаат откако прислушуваните телефонски разговори што ги објави опозицијата, сугерираат дека владата се мешала во процесот на лустрација.
Македонија ги следи стапките на многу поранешни комунистички држави, кои имаат усвоено закони за лустрација, како начин за решавање на неправдите од минатото, кои произлегоа од политички мотивирани судски постапки.
Но, уште од самиот почеток на работата на комисијата во 2009 година, целиот процес го следат контроверзии.
Опозицијата соопшти дека процесот на лустрација се злоупотребува против критичарите на владата и во декември 2012 година, во знак на протест, ги повлече двајцата свои членови од комисијата.
Некои од нив, како поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, ја тужеа државата пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур и го добија случајот.