Анализи

Два чифта раце за „хигиена“ во правосудството

БИРН анализираше што предвидува владината програма во ресорот правда

  • 10
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Правдата беше геслото со кое коалицијата предводена од СДСМ на овие избори, како и на претходните ја побара довербата од граѓаните. Сепак, речиси на крајот од мандатот, старо-новиот премиер Зоран Заев, најголемото разочарување на граѓаните го лоцира токму во потфрлањето на правната држава.

„Вие, граѓаните, со право сте незадоволни од правниот систем. И јас како индивидуа, но и сите ние во СДСМ не сме задоволни од испорачаното во однос на правната држава“, изјави Заев за време на маршот „Чекориме за правда“ во февруари годинава.

Уривањето на дивоградбата, прва порака на новата Влада за правната држава | Фото: БИРН

Впрочем, кога на странец би требало најкратко да му се опише како се почитуваат законите кај нас, доволно е да му се каже дека во строгиот центар на Скопје, на стотина метри од местото каде што се дели правдата, Кривичниот суд, непознат инвеститор подигна дивоградба од сериозен габарит, која со месеци стоeше нечепната.

Надлежните не можеа, или уште поочигледно, не сакаа да утврдат кој е мистериозниот градител, па општината на оглас бараше фирма што ќе го урне објектот.

Но, неполни 48 часа од формирањето на новата влада, на првата седница се расправаше токму за фамозниот објект, кој, поради очигледното игнорирање на законите, саркастично беше прогласен за „споменик на правната држава“.

Новата влада, токму преку овој случај сакаше да го навести новиот пристап кон спроведувањето на правдата, па експресно падна одлука за уривање, како и кривична пријава. Веќе следниот ден почна уривањето на носечките столбови на нелегално подигнатиот објект.

Правдата на 35 места во програмата

Десетина приоритети во прочистувањето на правосудството | Фото: БИРН

Ефикасна правна држава. Ова е една од синтагмите во програмата на владата за следниот четиригодишен период, која ќе ја најдете уште на првата страница, заедно со зборовите „нова енергија и решителност“.

Владата лексички посветила значајно место на оваа сфера. Ветувањата за средување на невралгичните прашања поврзани со недовербата и селективноста во правосудството се поместени во делот насловен „Ред и правда“.

На две страници, колку што му се посветени на ова поглавје, поимите право, правда, правна држава се споменуваат на 35 места, односно нешто помалку од економијата (44).

Заложбите за уште едно ново ревитализирање на правната држава започнуваат со традиционалниот „политички целофан“ дека државата е „силно посветена на длабоки и суштински реформи во правосудството“.

За волја на вистината, собранието во претходниот мандат донесе неколку закони во сферата на правосудството, но како и вообичаено, кај нас проблем не се законите, туку интегритетот на луѓето што работат и го менаџираат правосудството.

Првиот впечаток е дека програмата на владата во сферата на правото и правдата е речиси пресликана од партиската програма на коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ.

Зад флоскулите и реториката во програмата, видливо е дека владата за ова исклучително важно прашање поставила десетина приоритети. 

Новиот министер за правда, Бојан Маричиќ, на Фејсбук веќе најави „детално дефиниран модел на чистење на правосудството“.

Прочистувањето во судството како чистењето на Авгиевите штали

Тенка доверба во правосудството | Фото: БИРН

Клучниот столб на владините ветувања е т.н. „прочистување“ во судството. Поимот беше фреквентна политичка сообраќајница на довчерашната, а стана и на новата власт, од каде што и натаму се слушаат истите заложби и ветувања.

Коалицијата предодена од СДСМ, во претходниот мандат се зафати да ги средува „Авгиевите штали“. Меѓутоа, долгите судски постапки, бегствата на десетина осудени лица, почнувањето одново на судските постапки и селективноста во правораздавањето, не оставија впечаток дека средувањето ги дава очекуваните резултати.

Поимот „прочистување“, кој го замени пропаднатото ветување од претходните избори за „генерален реизбор на судиите“, во себе содржи и одредена хигиенска конотација, се базира на т.н. „мек ветинг“, кој почна да го прави Антикорупциската комисија преку преиспитување на имотната состојба на судиите.

Меѓутоа, уште на стартот, повеќе се зборува за пречките тоа да се оствари отколку за постапките и роковите. Медиумите веќе објавија за натегања меѓу ДКСК, Финансиската полиција, Судскиот совет и Обвинителството за проверка на имотот на судиите и претседателите на судовите.

Освен тоа, антикорупционерите се пожалија дека имаат малку вработени и дека немаат софтвер со кој би го провериле имотот на судиите, па наместо бавно, процесот да тече забрзано.

Две третини или 76 насто од населението нема доверба во правосудниот систем, покажа последното истражување на Меѓународниот републикански институт, ИРИ.

„Испитувањето на имотната состојба е нова надлежност на Државната комисија, за чие спроведување потребно е да се зајакнат постојните човечки и материјално-технички услови и вклучување на други истражни органи“, соопштија од ДКСК.

Владата во програмата се повика и на проширените надлежности на Судскиот совет, кој, пак, најави детална проверка на работата на судиите, „особено во врска со одредени постапувања по предмети кои беа доведени до застареност со одлагање, ретки рочишта и слично“.

Нејасно е дали и во која група на проверка ќе влезат и јавните обвинители, бидејќи тие се на првата борбена линија со криминалот, а историјата покажа дека се подложни на влијанија и се предмет на политички пазар.

Меѓународната повторно на помош

Повнимателен вординг за вклучување меѓународна помош во судството | Фото: БИРН

На претходните избори, СДСМ и коалицијата, но и коалицискиот партнер ДУИ ветуваа помош од меѓународниот фактор за судството. Конкретно, за предметите „Монструм“ и „Диво насеље“ се најавуваше меѓународна истрага. Но, тоа не се случи. Предметот „Монструм“ сè уште се суди, а во „Диво насеље“ пресудата е правосилна.

И во новата владина програма повторно се споменува меѓународната заедница, но овојпат вокабуларот е повнимателно избран: „Владата, како и во претходниот мандат ќе поддржи формирање анкетни комисии или иницирање меѓународна поддршка и мониторинг за одредени случаи што создаваа меѓуетничка недоверба и тензии, како Алфа, Монструм, Диво насеље итн“.

Владата ветува мониторинг на случаите од висока корупција. Во програмата пишува дека ова ќе ја зголеми „одговорноста на обвинителите и судиите, ќе ја зајакне борбата против корупција, но и ќе ја зголеми довербата на граѓаните во својата држава и нејзините институции“.

Се споменува и законска обврска за објава на аудиоснимки од сите судења за кои постои поширок јавен интерес, „како дополнителна брана за волунтаризам, необјективност и неправилности во спроведувањето на судската постапка“.

Оваа обврска е чекор кон уште поголема транспарентност, но и досега медиумите редовно на дневна основа ги покриваа сите високопрофилни судски случаи, а камерите беа чест „декор“ во судниците.

Во програмата се предлагаат и обврски со кои Јавното обвинителство ќе треба редовно и континуирано да ја информира јавноста за својата работа и напредокот во предметите што ги следат граѓаните.

Во стариот Закон за јавното обвинителство, кој замина во историјата, делот за информирање на јавноста беше облигаторен и посилен, па пишуваше дека Обвинителството е „должно да ја информира јавноста“, додека во новиот, формулацијата е далеку поблага и само гласи „да ја информира јавноста“.

Оттука и впечатокот дека владата во програмата како да ја компензира новата формулација со онаа од стариот закон.

„АКМИС“ и за обвинителите

И обвинителите како и судиите ќе добијат софтвер кој ќе им дели предмети | Фото: БИРН

БИРН веќе пишуваше дека во Јавното обвинителство не постои софтвер преку кој ќе им се делат предмети на обвинителите, туку тоа се прави со римско бројче.

Програмата опфаќа и воведување своевиден АКМИС за обвинителите, каде што, освен тоа што ќе се отстрани евентуалната пристрасност при распределување на обвинителите на конкретни предмети, ќе биде јасно каде завршуваат кривичните пријави и кои дејствија ги презеле обвинителите.

Според сознанијата до кои дојде БИРН за ваквата идеја, кај повеќето обвинители нема расположение. Образложувањата се дека така се отвора можност на помладите и понеискусни обвинители да им се доделат посложени предмети за кои немаат доволно професионално искуство.

Владата вети и дека ќе ги поврзе судовите по хоризонтала и вертикала заедно со другите државни институции, дека ќе обезбеди кадровско и техничко зајакнување со обвинителствата, што беше детектирано како проблем.

Поучени од многубројните бегства од затворите во изминатите неколку години, во првите три месеци, владата се заложи и да го ревидира системот за извршување алтернативни мерки, кои во пракса се нефункционални.

Со тоа, планира да обезбеди ефикасен надзор на лицата кои се условно отпуштени или на кои им е изречена условна осуда со заштитен надзор, куќен затвор и куќен притвор.

Промена на начинот на избор на поротници

Владата ветува намалени судски трошоци | Фото: БИРН

Истражувањето на БИРН неодамна покажа дека една од најслабите и најранливи алки во правосудниот синџир, во минатото беа и поротниците. Особено во предметите на СЈО, обвинетите ги дознаваа нивните родендени, односно дека им истекол мандатот, со што судењата почнуваа од почеток.

БИРН најде и поротник што се кандидирал на партиска листа во една скопска општина, што ја остава отворена дилемата за пристрасноста во судењето.

Сега, во програмата на владата за ова се предвидува нов модел со кој ќе се спречат злоупотребите „преку промена на начинот на избор, одредби за конфликт на интереси, зајакнување на одговорноста на поротниците и посебни процедури за гласање при донесување одлуки“.

Правдата би станала подостапна за граѓаните ако се оствари владиното ветување за намалени судски трошоци. Впечатокот кај јавноста е дека многумина граѓани се откажуваат да ја тераат правдата токму поради високите судски такси.

Во судските постапки во кои се тужи државата за прекршување на правата на граѓаните, судските такси ќе се плаќаат единствено по завршувањето на процесот, ако судот утврди дека немало нивно прекршување.

Програмата на владата содржи и едно „ќе“ за измени во Кривичниот законик, со кои ќе се заостри казнената политика за делата што се врзани за носителите на јавни функции.

Почнаа да се трошат првите денови од новиот четиригодишен владин мандат кој ќе покаже дали сите овие најавени промени ќе го дадат очекуваниот резултат, или ќе завршат како „легислативна козметика“, која нема да ја врати довербата на граѓаните во правната држава.