Анализи

Економските амбиции на владата скромни колку „чергата“

Во вториот мандат, новата власт одлучила да игра на сигурно

Секој граѓанин просечно создава производи и услуги во вредност од 6.100 евра годишно или илјада евра повеќе од денес, а целата економија мерена преку бруто домашниот производ (БДП) вреди 12,8 милијарди евра. Ниеден работник не зема плата пониска од 20 илјади денари додека, пак, просекот во земјата е 34 илјади денари. Ваква е 2024 година и животниот стандард на граѓаните, проектирани во новата програма на владата што во следните четири години ќе ја предводи премиерот Зоран Заев.

„До крајот на мандатот ќе ја вратиме нашата економија на солиден и одржлив раст од 4 отсто“, пишува во владината програма, што според економистите и меѓународните финансиски институции, е реално достижно проектирано ниво на раст доколку пандемијата не ги помати сметките и за следните години.

Овој скромен план е скроен во услови на пандемија и очекувано новата власт одлучила да игра на сигурно во вториот мандат бидејќи го почнува од минус. Економијата годинава несомнено ќе падне во рецесија и се очекува падот да достигне 4 отсто. Токму затоа и проценките за понатаму се целосно неизвесни оти не се знае колку долго ќе трае пандемијата и колку длабоки лузни ќе остави, па секоја стапка на економски раст над 4 отсто од денешна перспектива изгледа илузорно.

„По завршувањето на кризата, владата ќе продолжи со своите докажани заложби, раст на минималната плата до крајот на мандатот во висина од 20 до 40 отсто и раст на просечната плата до крајот на мандатот од 20 до 30 отсто, во зависност од должината и влијанието на епидемијата врз светската и домашната економија“, пишува во програмата, од која дел прочита и премиерот Зоран Заев во Собранието.

Некои популистички предизборни ветувања, како растот на платите, сега се скротени во рамките на реално достижните нивоа

Економскиот ресор во новата влада, во следните четири години ќе го води речиси целосно нов тим, со исклучок на Министерството за економија. Па, така нов вицепремиер за економски прашања е Фатмир Битиќи, со државните финансии ќе управува Фатмир Бесими, Министерството за транспорт и врски го презеде Благој Бочварски, земјоделската политика ќе ја води Аријанит Хоџа, Министерството за труд и социјална политика го презеде Јагода Шахпаска, додека, пак, Крешник Бектеши останува министер за економија. Досегашните министри без ресори задолжени за привлекување странски инвестиции сега се укинуваат.

Речиси целата економска програма на новата влада е пресликана од предизборните програми на коалициските партнери СДСМ и ДУИ, освен што некои популистички ветувања, како на пример порастот на минималната и просечната плата за 30, односно 40 проценти, сега варираат од најмалку 20 проценти, што е реално достижно ниво за мандат од четири години, до повисоките предизборни амбиции.

Во следните четири години, оваа влада се обврзува да привлече странски инвестиции од една милијарда евра, што е дури и помалку отколку реализираните 1,17 милијарди евра во последните три години од мандатот на истата власт.

Главните економски параметри изгледаат скромно, па оттука и економистите оценуваат дека новата владина програма дејствува реално и остварливо.

„Споредено со претходните 3-4 години, владината програма изгледа поробустна, позаокружена. Се забележува дека значаен дел од критиките на експертската јавност се  вградени во неа. Видете, 20 проценти пораст на минималната и на просечната плата во 4-годишен период е веќе износ што е мошне реалистичен “, оценува универзитетскиот професор Марјан Петрески.

„Она што ѝ недостига на програмата се временски рокови, одговорни институции/тела и рок за реализација и потенцирање на ризиците за секоја мерка, кои главно се сврзани со пандемијата, односно потребите за финансирање, кои кризата и нејзиниот понатамошен развој може значајно да ги измени. Во таква форма, на акциски план, полесно ќе може да се следи и нејзиното остварување“, додава Петрески.

Поголема амбиција власта покажува во планот за јавните инвестиции за кои планира да одвои 2,2 милијарди евра од буџетот до 2024 година, што е речиси трипати повеќе од реализираните капитални инвестиции во претходниот мандат на оваа власт од 790 милиони евра.

Владата најавува дека ќе продолжи со изградба на автопати во должина од 260 километри | Фото: Flickr на ВРСМ

Имајќи предвид дека капиталните инвестиции на државата, без оглед што секогаш се голема ставка во буџетот, а нивната реализација постојано е проблематична, сега владата најавува дека „ќе направи целосна реконфигурација на постапките и системот за реализацијата на јавните капитални инвестиции преку Единица за следење во Министерството за финансии и Централна единица за поддршка на јавните инвестиции, на владино ниво, со единствена цел – навремено, целосно и транспарентно реализирање на буџетските расходи и, особено значајно, за мерење на резултатите и ефектите од економските политики на растот и развојот на економијата“, пишува во владината програма 2020 – 2024.  

За поддршка на економскиот раст, владата најавува дека ќе обезбеди директна поддршка на домашните и на странските инвестиции во износ од 300 милиони евра од домашните буџети и уште 300 милиони евра од европските фондови.

Владата до крајот на мандатот планира двојно да ја зголеми финансиската поддршка за домашните компании преку Планот за економски раст, односно по  25 отсто секоја година во однос на претходната.

„Стапката на невработеност за време на кризата ќе ја држиме стабилна, а по завршувањето на кризата и до крајот на мандатот ќе продолжуваме да ја намалуваме невработеноста на ниво од 3 отсто годишно, како што тоа го правевме и во изминатите три години. Нашата цел, по крајот на кризата, ќе биде едноцифрена невработеност“, пишува во владината програма.

За  да се постигне таа цел, се планира да се издвојуваат по околу 32 милиони евра годишно за активните мерки за поддршка на вработување и самовработување, потоа продолжување на поддршката за работни места од секторите кои се најпогодени од кризата, субвенционирање на придонесите за фирмите што ќе ги зголемат платите на своите вработени од 600 до 6.000 денари.

Во вториот мандат, новата власт одлучила да игра на сигурно бидејќи го почнува од минус. Економијата годинава несомнено ќе падне во рецесија и се очекува падот да достигне 4 отсто

Во јавниот сектор, новата влада планира да ја укине можноста за работа по наполнети 64 години возраст, освен за дефицитарни кадри (како на пример здравствените работници и професорскиот кадар на Универзитетите).

Предизборното ветување за намалување на бројот на вработени во администрацијата за 20 отсто се предвидува преку спојување функции и надлежности на институциите и пензионирање на 64 години.

Како модифицирано предизборно ветување на ДУИ за петок како неработен ден, се предвидува концептот на флексибилно работно време. И во оваа програма  власта се обврзува во првите шест месеци да се распоредат и да тргнат на работа сите вработени по Рамковен договор во државните институции и понатаму додава дека „етничката припадност нема да се злоупотребува при вработувањата“.

Во делот на јавната инфраструктура, владата најавува дека ќе продолжи со изградба на автопати во должина од 260 километри, експресни и регионални патишта во должина од 300 километри и локални патишта во должина од 950 километри.

Освен автопати, новата влада најавува дека ќе се ангажира за подобрување на квалитетот на железничката инфраструктура преку понатамошните инвестиции во изградбата на пругата Куманово – Бељаковце – Крива Паланка – Деве Баир, и ремонтот на неколку други пруги.

Планирана е и изградба на нови 500 километри водовод и канализација, за што се планира да се одвојат 100 милиони евра за сите општини во земјата.

Како што беше најавено во предизборието, во владината програма се потврдува земјоделската политика преку зголемување на субвенциите до 200 милиони евра годишно.

Евроинтеграциите главен столб

Еден од главните столбови на кои се потпира целата владина програма е  почетокот на преговорите за членство во Европската Унија, и ефектите од нив во сите сфери на општеството, особено врз економијата.

„Ќе извршиме усогласување на деловното опкружување со регулативите на ЕУ. Ќе гарантираме предвидливост и во делот на даночната политика“, пишува во програмата и се наведува дека данокот на добивка останува на ниво од 10 отсто во целиот период, а се предвидува  ослободување  од овој данок при реинвестирање на добивката во 2021 година, како одговор на влијанието од пандемијата.

Персоналниот данок на доход се намалува на 0 отсто до 2023 година за ИТ индустријата и тоа скалесто: 5 отсто во 2021, 3 отсто во 2022, до целосно укинување годината потоа. Персоналецот за останатите категории останува на 10 отсто, но владата не се откажува од воведувањето прогресивно оданочување, што треба да се случи преку инклузивен процес на разговори и креирање консензус за воведување на истото.

„Владата ветува понуда на осмислен систем на прогресивното оданочување на вкупните лични приходи, по претходно сериозна и детална анализа и јавна дебата, со фокус на реконфигурирање на концептот на личен доход (семеен доход) и воведување данок на луксуз“, пишува во програмата.

Од останатите даночни промени се најавува воведување нов Закон за ДДВ преку кој ќе се овозможат даночни бенефиции за претпријатијата што се извозно ориентирани на тој начин што при увозот нема да плаќаат ДДВ за суровините и машините што се наменети за извоз; единствена стапка од 10 отсто ДДВ за сите ресторански услуги; намалување од 18 на 5 отсто за занаетчиски услуги; подигнување на прагот за плаќање ДДВ од 2 милиони на 3 милиони денари  годишен промет од 2022 година.

Освен тоа, во владината програма се наведени и уште неколку битни новини, како на пример воведување развојна обврзница; посебен еквити фонд за поттик на странски инвестициски фондови; личен стечај; основање фирма за едно евро и укинување фирмарина за нови фирми во првите две години.