Вести

Аџиев ја оцени лустрацијата како успешна

Томе Аџиев, претседател на Комисијата за верификација на фактите, државна институција  за справување со поранешните соработници на тајната служба, за БИРН изјави дека тој го отфрла  неодамнешниот извештај на Европската комисија, кој укажа на „сериозни пропусти“ во процесот.

„Тој се базира на редуцирани податоци“, вели Аџиев.

Комисија за верификација на фактите, Фото: kvf.org.mk

Комисија за верификација на фактите, Фото: kvf.org.mk

Додава дека и покрај, како што рече, кампањата на непријателите на лустрацијата, процесот не бил користен за политичка одмазда против владините противници, и оти тој ќе заврши во следните неколку месеци, како „историска придобивка за сите граѓани на земјава“.

Минатиот месец, како дел од напорите на Брисел за решавање на длабоката политичка криза во земјата, која произлезе од наводите за масовно незаконско прислушување од страна на премиерот Никола Груевски, Европската комисија им врачи на македонските официјални лица, извештај што содржи долг список на итни реформи.

Меѓу останатите препораки, со извештајот се бара од властите „ревизија/укинување на законот за лустрација и неговата имплементација“, при што се нагласува дека „како основа за лустрацијата биле користени идеолошки или партиски причини“.

Критиките од Брисел доаѓаат откако прислушуваните разговори што ги објави опозицијата, сугерираат дека владата и партијата на Груевски, ВМРО ДПМНЕ, се мешале во процесот на лустрација.

Македонија ги следи стапките на многу поранешни комунистички држави, кои имаат донесено слични закони и процеси за лустрација, како начин за решавање на неправдите од минатото, кои произлегоа од политички мотивирани судски постапки.

Но, уште од самиот почеток на работата на Комисијата во 2009 година, целиот процес го следат контроверзии.

Опозицијата тврди дека процесот на лустрација се злоупотребува против критичарите на владата и во 2012 година, опозицијата, во знак на протест, ги повлече двајцата свои членови од комисијата.

Поранешниот член на комисијата, Чедомир Дамјановски, еден од малкумината членови на ова тело, кој отворено го критикуваше процесот, вели дека е време да се поништи целиот процес, кој, според него, е неуставен и се користи за скратување на човековите права.

„Во најмала рака, законот треба да се укине…Дека законот не е добар, на пример, презумпцијата на невиност, и дека не се спроведува како што треба, тоа е сосема јасно“, изјави за БИРН Дамјановски.

Парламентот првиот закон за лустрација го усвои во 2008 година. Во 2012 беше усвоен вториот, бидејќи Уставниот суд во два наврати укина многу клучни одредби од првичниот закон, намалувајќи го временскиот период и опсег на професии подложени на проверки.

За разлика од првиот закон и првата Комисија за лустрација, која во почетокот уживаше широка поддршка, новиот закон беше усвоен само со гласови на пратениците на владејачката партија.

Поранешниот претседател на парламентот и човекот кој го поднесе првиот предлог закон за лустрација, Стојан Андов, вели дека процесот на лустрација е надвор од неговата оригинална намера, да ги реши неправдите од минатото и дека тој се претворил во средство за политички мотивиран прогон.

„Напуштена е идејата за лустрација и по целта и по постапката, овој закон е неодрлжив за таква работа“, вели Андов за БИРН.

Досега Комисијата за лустрација има прочешлано илјадници тајни досиеја, а над 200 лица беа прогласени за поранешни соработници. Според законот, на овие лица им е забрането да работат во државните институции.

Некои од нив, како поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Јовановски, сега ја тужат државата пред меѓународните судови за човекови права.