Актуелно

Се токми Советот на пензионери што ќе ги разрешува судиите

Судскиот совет ја комплетирал листата на пријавени пензионери кои сакаат да членуваат во новото тело што ќе ги разрешува судиите, па по спроведување на психолошкиот и тестот за интегритет, треба да се формира листата за која ќе гласаат судиите.

Советот за утврдување на фактите и покренување постапка за утврдување одговорност за судија, ќе биде ново тело кое ќе ги разгледува грешките на судиите / Фото: С. Димовски

Советот за утврдување на фактите и покренување постапка за утврдување одговорност за судија, ќе биде ново тело кое ќе ги разгледува грешките на судиите / Фото: С. Димовски

Дваесет и двајца пензионирани судии, обвинители, професори од правните факултети и адвокати се во трка за деветте места во новиот Совет, тело кое ќе jа утврдува одговорноста на судиите и ќе предлага нивно разрешување.

Советот за утврдување на фактите и покренување постапка за утврдување одговорност за судија, ќе биде ново тело составено од 9 членови кое ќе ги разгледува грешките на судиите и ќе утврдува кој треба да биде разрешен, а сегашниот Судски совет само ќе гласа за предлозите за разрешување.

За тие што ќе го поминат психолошкиот и тестот за интегритет, ќе гласаат сите судии, по принципот листа со кандидати Македонци и листа со кандидати од заедниците.

Претседател на Комисијата што ќе ги спроведува изборите во новото тело е членот на Судскиот совет, Влатко Самарџиски. Во три наврати Самарџиски, на барање на БИРН, одби да ги соопшти имињата на кандидатите, правдајќи се дека „нема ништо ново што да соопшти во оваа фаза“.

Сепак, од извори во Судскиот совет, БИРН ги дозна имињата на пријавените и ви ги претставува оние кои биле поекспонирани во судството пред нивното пензионирање.

Основен суд Скопје 2 / Фото: С.Димовски

Основен суд Скопје 2 / Фото: С.Димовски

За мандат во Советот за утврдување одговорност на судиите се пријавил Бекир Исени, поранешен претседател на Судскиот совет. Исени за БИРН вели дека целиот работен век го поминал во правосудството, како обвинител и судија, следи што се случува и мисли дека сѐ уште може успешно да ја оценува работата на судиите.

„Јас се пријавив како кандидат од редот на пензионираните судии и истовремено како кандидат од редот на заедниците. За некого е чудно пензионери да се враќаат повторно во некое тело, но јас знам примери и во Европа каде што има слични решенија. Убеден сум дека ќе дадам придонес во Советот “, изјави Бекир Исени за БИРН.

Тој беше судија на Врховниот суд, а се пензионираше како претседател на Судскиот совет пред 6 години. Беше единствен функционер чиј мандат беше продолжен за уште една година од Судскиот совет, иако телото не беше надлежно да одлучува за ова прашање.

Важеше за близок до ДПА во време кога оваа партија беше во коалиција со ВМРО ДПМНЕ. По неговото пензионирање, неколку судии Албанци беа разрешени, бидејќи биле „кадри на Бекир Исени“.

На листата на пријавени е и Махмуд Јусуфи, адвокат од Тетово и поранешен претседател на Уставниот суд. Јусуфи поднесе оставка од позицијата претседател на Уставниот суд како несогласување со одлуката на судот да интервенира во законот за знамињата.

„Се пријавив како пензиониран адвокат. Главен мотив зошто сакам да членувам во Советот за утврдување одговорност на судиите е опстанокот и зачувувањето на темелните вредностите утврдени со Уставот: оживотворување на правна држава со ефикасен судски систем. До тоа може да се дојде само преку промени во судскиот систем, а преку него и до просперитет на државата” вели Махмуд Јусуфи за БИРН.

Од неодамна, за членови во Советот се пријавиле и пензионираните судии Јордан Лазаров, екс претседател на судот во Велес и Блаже Трпески, екс судија на Апелацискиот суд во Скопје.

„Новиот Совет не треба да се сфати како тело кое само ќе предлага разрешување судии. Треба да се гледа и неговата превентивна улога, но и да се смени Законот за судови во кој треба да се предвидат јавни опомени, парични казни, па дури и симнување на судијата од повисок во понизок суд пред да се изрече најстрогата мерка – разрешување“, вели Јордан Лазаров.

На Лазаров во последниве 2 години три пати му беше оштетуван или опожаруван семејниот автомобил. Како што вели, досега не се откриени сторителите.

Најголемо изненадување меѓу пријавените е името на професорот Саво Климовски. Законот утврдил дека можат да членуваат двајца професори од правните факултети, но судиите се во дилема, што ќе работат професорите во тоа тело, кога никогаш не работеле на судска материја.

„Зарем дополнително сега професорите ќе ги учат актуелните закони и постапки за да видат каде згрешиле судиите. Од оваа позиција излегува дека тие треба да му бидат стручни соработници на претседателот на Судскиот совет, Бранко Ушковски “, коментира професор од Правниот факултет, кој иако исполнува услови, не се пријавил на огласот.

Судскиот совет соопшти дека претставките и поплаките на граѓаните и правните лица кои во Судскиот совет на Република Македонија се примени до 20 мај 2015 година ќе се завршат според одредбите на Законот за Судскиот совет на Република Македонија / Фото: С.Димовски

Судскиот совет соопшти дека претставките и поплаките на граѓаните и правните лица кои во Судскиот совет на Република Македонија се примени до 20 мај 2015 година ќе се завршат според одредбите на Законот за Судскиот совет на Република Македонија / Фото: С.Димовски

„Не сме во Македонија” кратко ни одговори сопругата на професорот Климовски кога го побаравме на мобилен телефон за коментар.

Меѓу пријавените, според извори во Судскиот совет, биле и Благој Доновски од Битола, поранешен судија на Врховниот суд и екс судиите на скопска апелација: Стефка Чесноска Танева и Јусуф Рустеми.

Чесноска Танева е во пензија речиси 15 години. Законот предвидел само услов кандидатот да е пензионер, но не е утврдена горната старосна граница. Судскиот совет пред да ги избере ќе ја утврдува нивната психолошка и здравствена состојба.

На огласот, според непотврдените информации, се јавила и екс претседателката на скопска апелација, Љупка Арсениевска, често спомнувана во т.н. опозициски бомби и тоа во разговор каде што наводно екс Јавниот обвинител Љупчо Шврговски лобира нејзиниот син да биде избран за јавен обвинител, како и во разговорот во кој наводно Филимена Маневска го испраќа Влатко Мијалков кај Арсениевска да заврши работа за некој предмет, опишувајќи ја како „целосно наша“.

На списокот било и името на Иван Јакимовски, пензиониран обвинител од Крива Паланка, чиј син сега е обвинител во Обвинителството во Скопје.

Законот за Советот за утврдување на фактите и и покренување постапка за утврдување одговорност за судии кој беше донесен во февруари 2015 година почна да се применува од 20 мај 2015 година.

Судскиот совет соопшти дека претставките и поплаките на граѓаните и правните лица кои во Судскиот совет на Република Македонија се примени до 20 мај 2015 година ќе се завршат според одредбите на Законот за Судскиот совет на Република Македонија, односно за нив ќе одлучува постојниот Судски совет, а за сите претставки примени по 20 мај, одговорноста на судиите ќе ја утврдува телото составено од пензионери чие формирање е во тек.

Советот на пензионери ќе покренува постапки за утврдување одговорност за судии, ќе расправа по претставки и поплаки поднесени од граѓаните, правните лица, претседателите на судовите за работата на судиите или претседателите на судовите, како и за одолговлекување на судските постапки, по допрен глас или други добиени сознанија за работата на судиите или претседателите на судовите.

Сепак, дали ќе функционира ова тело ќе зависи и од одлуката на Уставниот суд за неговата уставната позиција во системот.

Демократскиот Сојуз кој е дел од владејачката коалиција го оспори законот за формирање на Советот пред Уставниот суд, наведувајќи дека не може да се ограничи со закон уставното право секое работно место да биде достапно за секого, а во овој Совет според законот можат да членуваат само пензионирани кадри. Од партијата бараат интервенција на Уставниот суд, бидејќи разрешувањето на судиите е утврдено во Уставот како надлежност на Судскиот совет која не може да се одзема на ваков начин со закон.

Засега, оваа иницијатива не е ставена на дневен ред на седница во Уставниот суд.

Дека ова тело не е уставно се согласува и д-р Милка Ристова, судијка на Врховниот суд во пензија. Ристова која докторирала на тема „Одговорност на судиите“, смета дека фактите што треба да ги утврдува новото тело се најважната работа во целата постапка, бидејќи од тоа како ќе бидат утврдени фактите ќе зависи и конечната одлука на Судскиот совет.

„Да тргнеме од максимата ’дај ми ги фактите, ќе ти го дадам правото’. Значи, фактите се најважниот дел и нив треба да ги утврдува Судскиот совет. Вака, се поставува прашањето што ќе работи Судскиот совет? Новите судии ќе мора да ги избира само од редот на дипломираните на Академијата на судии, друг ќе утврдува кого да разрешат. Нив им останува само унапредувањето кое не е често. Со ова се изместува уставната положба на Судскиот совет“, вели д-р Милка Ристова за БИРН.

Судиите реагираат дека Комисијата во Судскиот совет планира да го спроведе изборот среде лето, кога најголем дел од судиите користат годишни одмори. Членовите на Советот за утврдување на фактите ќе имаат мандат од 4 години и надомест од над 1.000 евра месечно.