Вести

Администрација: Директори – професионалци од октомври

Законот за висока раководна служба предвиден да се гласа во Собранието наесен

Подзаборавената законска реформа што ги преферира професионалците пред партиските кадри при избор на директори во администрацијата, пратениците треба да ја гласаат во октомври. Ова го предвидува годинашната програма на извршната власт, која минатата недела беше објавена на владиниот сајт.

БИРН неодамна пишуваше дека регулативата што треба да воведе професионализација – законот за висока раководна служба не е високо на агендата и на оваа влада откако претходнте парламентарни состави, предводени од СДСМ и од ДУИ, немаа политичка волја да го изгласаат.

Предлог-законот со години е готов. Првата верзија е напишана во 2019, додека последната и ревидирана носи датум од мај 2022 година, а подготвени беа и подзаконските акти.

Министерот за јавна администрација Горан Минчев лани во октомври во изјава за БИРН го најави овој законот за крајот на 2025, откако ќе се организираат јавни дебати, но не ги коментираше причините зошто регулативава не се имплементира порано.

Законот го уредува начинот на кој се бираат меѓу 150 и 200 највисоки раководни места во државните управи, бироа, заводи, инспекторати, јавни претпријатија и агенции, кои редовно се дел од коалицискиот колач што победничките партии го делат по изборите.

Затоа не е тешко да се претпостави дека до моментот кога законот за висока раководна служба би стапил во сила, власта веќе ќе ги има поставено директорите по старата формула на партиска поделба.

Актуелниот текст на законот предвидува владата да го избере составот на Комисијата за високораководна служба на начин сличен како што сега се избира Антикорупциската комисија, која вклучува високо ниво на транспарентност.

Потоа оваа петчлена комисија, која ќе биде посебна институција, во следните пет години ќе го спроведува процесот на избор на кандидатите за сите раководни позиции.

Ќе објавува огласи, ќе спроведува тестирање и интервјуа, а од целиот процес ќе филтрира по најмногу тројца кандидати за една позиција. Крајниот збор повторно ќе го имаат владата и министерствата, но овојпат ќе имаат избор од повеќе кадри што поминале повеќе филтри.

На тој начин, покрај директори, би требало да се избираат и државните секретари во министерствата.