Интервјуа

Ајет Реџепи од општина Гази Баба – Да се биде „единствениот“ што се буни

ajat-redzepi3

„Јас сум единствениот и никој не се охрабрува да побара некакво право преку претставка“, вели Реџепи

Тој е несуден  член на ад хок телото за медиуми, но и синдикален лидер кој не поднесува неправда. Реагира за јазична дискриминација. Реагира зошто мажите се дискриминирани за 8 март. Реагира зошто општината обезбедува повредни подароци за жени вработени на неопределено време во однос на оние вработени на определено, за незаконски унапредувања, за дискриминација.

Упорен и неуморен, Ајет Реџепи, вработен на позицијата советник за локална економија во општина Гази Баба, реагира на секоја можна неправда и претставува вистински кошмар за своите раководители.

Добро ги познава законите и будно ги следи сите измени, ги владее до последен детаљ сите регулативи за работнички права, редовно поднесува претставки до Комисијата за дискриминација и Народниот правобранител и подготвен е да ги исцрпи сите институционални механизми што се на располагање за да докаже неправда.

Последната во низата претставки на Реџепи е поднесена до комисијата за дискриминација против раководителката на секторот за финансиски прашања во општина Гази Баба, врз основа на јазична дискриминација.

„Ме повика еден од колегите да го пренесеме неговото биро од една во друга канцеларија, бидејќи општината одлучила тој да работи во друга канцеларија. Средувајќи го бирото ние разговаравме на албански јазик како да го поставиме подобро бирото, а во еден момент, колешката почна да вика и да го кара затоа што разговараме на албански јазик и можеби сме ја навредувале, а таа не разбирала. Истата колешка нѐ пријави кај раководителот на секторот – Марика Зафировска. Таа, повикувајќи се на редовната практика, побара во присуство на трето лице да се разговара на македонски јазик, бидејќи службен јазик во просториите на општината е македонскиот јазик, дури и кога се работи и за неформална комуникација“, ни раскажа Реџепи.

„Тоа ме стаписа – додава – и одлучив случајот да го пријавам во Комисијата за заштита од дискриминација.“

Првично комисијата ја отфрла жалбата, но втората жалба на Реџепи за истиот случај е во постапка на разгледување и тој очекува да биде прифатена.

„Нема логика јас во неформална комуникација, како на пример со мојата сопруга на телефон, да разговарам на македонски јазик во случај кога во канцеларијата се наоѓа лице од македонска етничка припадност”, додава Реџепи.

Инсистира да не биде погрешно разбран. „Не станува збор за национализам“, ни вели.

„Мојата сопруга е Турчинка. Таа на моите деца им зборува на турски јазик, а јас на албански. Во градинка моите деца зборуваат на македонски јазик, а во училиште учат англиски и ги разбираат и српскиот и хрватскиот јазик. Поточно, во мојот дом се зборуваат пет јазици.“

Реџепи има 42 години, завршил економски факултет во ДУТ „Тетово“ 2008 година, додека магистерските студии ги завршил по добивање на делумна стипендија од ФОН на истиот Универзитет, во 2015 година.

Пред да се вработи во општината, Реџепи имаше и новинарско искуство, работеше како новинар во дневниот албански весник „Факти” и уредник на информативна емисија во ТВ Тоска. Тоа му дава поттик да се пријави за член на ад хок телото за медиуми, но не е избран на функцијата.

Во 2006 година, Реџепи, како дел од политичката партија Нова демократија бил кандидат за градоначалник во општина Гази Баба, каде што завршил на трето место, по кандидатите на ВМРО и СДСМ, со вкупно 2.600 гласа.

Она што е карактеристично за него и според што е препознатлив во својата средина е дека никогаш не се двоумел, да се изложи на ризик, да конкурира на позиции за кои смета дека може да ги извршува  или да достави претставки или жалби за се што го доживува како неправда во општината каде што работи од 2005 година, како советник за локалната економија.

Во интервју за БИРН, Ајет Реџепи енергично ги набројува сите случаи кога доставувал претставки против општината, односно против своите раководители. Претставките на Реџепи, иако биле во голем број, речиси секогаш биле решавани во негова полза.

ajat-redzepi

Најголемата поддршка во мисијата, Ајет Реџепи ја добива од својата сопруга

Како што објаснува тој, институциите до кои доставувал претставки, како што се Комисијата за заштита од дискриминација, Народниот правобранител и Државниот управен инспекторат, ги потврдиле неговите наводи за вршење етничка (јазична) и полова дискриминација и дискриминација по други основи против него.

Ајет Реџепи прв пат поднел претставка во 2008 година, кога побарал од градоначалникот унапредување, односно да му се признае високото образование и да биде унапреден без систематизација како што било случај со други колеги.

На почетокот таквото барање не било земено предвид од тогашниот градоначалник на општина Гази Баба, Коце Трајановски. По две години, на локалните избори за градоначалник е избран Тони Трајковски, кој отвора конкурс за систематизација на работните места, со што Реџепи и уштен еден колега се унапредени од работното место независен референт на работното место советник за локална економија во рамки на општината.

Поради инсистирањето дека правилата не можат да се применуваат селективно, Реџепи уште од 2008 има затегнати односи со дел од своите колеги, без оглед на тоа што поради неговите постапки имале директна корист.

Тој се борел за правото за зголемување на платата за него и за неговите колеги, но се бунтувал кога тоа право се применувало селективно. Тоа, во случајот на законската обврска за зголемување плати за државни службеници значеше зголемување на платите на сите негови колеги за 5 отсто.

„Не добив ниту една чоколада во знак на благодарност”, со насмевка ни вели Реџепи завршувајќи ја приказната за борбата за 5 отсто.

Друг случај пак, врз него го навлече гневот на колегите. Имено, според Законот, сите државни службеници со завршени мастер студии добиваат дополнителен износ од илјада и петсотини денари на личниот доход.

Оваа законска одредба е потоа повлечена во март, а  Реџепи магистрира во мај истата година. Свесен дека одредбата е укината, но и дека другите колеги кои по таа основа добивале надомест продолжуваат да го добиваат и понатаму, тој бара и нему да му биде платено, но го одбиваат.

Тој го известува Државниот инспекторат, а како резултат на тоа на другите колеги надоместокот им се укинува и имаат обврска да ги вратат незаконски добиените пари што ги добивале по промената на законот.

Ги познава законите, иако не е правник.

„Ги следам уште за време на јавната дебата, ги читам и често ги коментирам на социјалните мрежи.“

Реџепи има сериозни забелешки на новиот Закон за државни службеници, за кој вели дека премногу често се менува. Особено е спорен, според него, начинот на кој се влегува во државна служба.

„На пример, бараат тестирање за интегритет, за што се плаќа, бараат документи не постари од шест месеци, диплома заверена на нотар и друго, а сите тие работи за невработените претставуваат трошок. Едно невработено лице се става на трошок, а не е сигурно дали ќе биде вработено”, објаснува Реџепи.

„Од тој момент колегите кои ми беа и другари престанаа да разговараат со мене и ме избришаа дури и од Фејсбук, зашто сметаа дека јас сум причината поради која им го одзедоа додатокот и ги обврзаа да ги вратат парите кои им беа исплатени противзаконски. Немав намера да им наштетам.”

Реџепи се жалел и за полова дискриминација по повод  празникот 8 Март. Откако општината не ја исплаќа тринаесеттата плата со образложение дека нема доволно средства во буџетот, прославата за Осми март го пали алармот кај Реџепи.

Имено, без одлука на Совет се носи решение жените да го прослават празникот во кафеана и секоја да добие ваучер за подарок, но не сите на иста сума.

„Во овој случај се соочуваме со два вида дискриминација“, вели Реџепи.

„Како прво, зошто само жените да бидат наградувани со средства од буџетот на општината, а како второ, зошто оние кои се вработени со решение добија купони во вредност од по 3.000 денари, а оние кои се вработени со договор на дело добија купони во вредност од по 1.500 денари? Таквиот начин на наградување претставува дискриминација и врз основа на работната позиција на вработениот.“

Вели дека е задоволен што неговите наводи за дискриминација ги потврдија Комисијата за заштита од дискриминација и Народниот правобранител.

Реџепи вели дека негова намера не е да тужи и да приговара. Секогаш повеќе сака да се договори со надлежните, да им укаже на пропустите за работите за да функционираат подобро. Но, филозофијата „ќути и трај“ никогаш не ја прифатил. И осамен е во тоа.

„Јас сум единствениот и никој не се охрабрува да побара некакво право преку претставка“, ни кажа на момент изгледајќи резигнирано.

„Премногу сум изморен, но сакам да има правда за сите, независно од различностите. Јас не се каам и ќе продолжам и понатаму да постапувам исто, особено затоа што сум во тек и во добра кондиција”, додаде Реџепи.

Најголемата поддршка во таквата мисија, Ајет Реџепи ја добива од својата сопруга.

„Таа е свесна дека јас добро ги познавам законите, барем во делот на администрацијата и знае дека сум одговорна личност, која не дозволува да се случуваат неправедни работи”, ја завршува приказната за сопствената борба со ветерници овој необичен државен службеник од Гази Баба.