Анализи

Ако се презадолжиме во оваа криза, не би ја преживеале следната

Не е клучно прашањето колкав е јавниот долг, туку како се трошат парите

Со новиот ребаланс на буџетот се најавува задолжување за речиси една милијарда евра. Јавниот долг веќе е над 60 проценти. Дебатата за долгот, пак, се одвива како и секогаш – опозицијата обвинува за расипништво и алармира дека се движиме кон економски колапс, власта смирува дека тоа нема да се случи, а во што ќе поверуваат граѓаните, главно зависи од тоа која политичка позиција им е поблиска.

Кој од нив е во право, пак, не може да се одговори, бидејќи, како што вели за БИРН, професорот Борче Треновски, не постои единствено ниво на долг што важи за секое време и за секоја економија, односно единствена бројка што не смее да се надмине.

„Наједноставно објаснето, одржливо ниво на јавен долг е она што може да се врати или да се одржи на среден рок без да мора да се прави позначајно прилагодување на расходите и на приходите. Ако, за да се врати долгот, е неопходно да се воведат значително поголеми и повеќе даноци или да се кратат трошоците на државата, тогаш веќе нема одржливост“, објаснува Треновски.

Има примери во светот, додава Треновски, каде што земји банкротирале и со 50 проценти долг, бидејќи не можеле да го вратат, а има и такви што се многу позадолжени од нашата, па функционираат. Македонија, според него, е меѓу земјите што не можат да си дозволат „преголемо опуштање“ со долгот.

„Нашиот проблем е што ние немаме многу диверзифицирана економија, туку имаме огромна концентрација на извозот во 5-6 држави, и на 5-6 производи. Тоа нѐ прави нас поранливи, за разлика од државите како Јапонија, САД, Франција“, вели професорот.

Како се дојде до 60 отсто

Економските експерти постојано истакнуваат дека не е клучно прашањето колкав е јавниот долг, туку како се трошат парите, односно дали со нив се создаваат услови за економски раст со кој државата ќе стане способна да го враќа долгот.

Универзитетскиот професор Марјан Петрески потсетува дека првата влада на Никола Груевски прво го намали долгот на 23 отсто од БДП до 2008, а до крајот на својето владеење во 2017 го зголеми на 47 отсто. Тој додава дека како процент од бруто-домашниот производ, долгот се удвои, но како апсолутна сума (ако се спореди точно колку пари должел јавниот сектор на почетокот и на крајот од тој период) се триплираше.

Задолжувањето ќе продолжи, раздолжувањето ќе почека, а ќе расте загриженоста за тоа што може да нѐ снајде

„Клучното прашање е за што беа потрошени тие пари. Иако имаше и некои добри намени, на голем број граѓани, за жал, прво ќе им паднат напамет големите, мегаломански, баснословни трошења од непродуктивен карактер. Владата на Зоран Заев направи блага консолидација на почетокот и јавниот долг се стабилизираше околу бројката 47-48 отсто, иако остана простор за критика во делот на трошењето на задолжувања за тековните потреби, како за зголемување на пензиите надвор од законското усогласување, субвенционирањето на платите итн.“, додава Петрески.

Според него, иако постојат различни ставови за скокот на долгот од 48 на 60 отсто за време на пандемијата, изборот бил сведен на тоа, или да се задолжиме за да ги спасиме работните места и фирмите, или да ги оставиме да пропаднат.

„Голем број земји во светот ја избраа првата стратегија и на глобално ниво видовме општ раст на државните долгови. Тоа ми дава комфор да кажам дека нивото од 60-те отсто во моментов не ме загрижува толку, колку што ќе ме загрижеше ако се случеше во услови без криза и заради непродуктивно тековно трошење“, додава тој.

И податоците што ги објавува Министерството за финансии покажуваат дека во пандемиски услови, долгот пораснал толку многу, што на графиконот што го прикажува историјатот на задолженоста, линијата меѓу точките за 2019 и за 2020 година е речиси вертикална. Со тие пари се исплаќаа плати на тие што не можеа да работат, се даваа ваучери за домашно трошење и за летување и се финансираа други мерки.

Тие, од една страна, се толкуваа како неопходна помош на населението, а од друга, одредени политички аналитичари изразуваа сомнеж дека се вршел изборен поткуп, со оглед дека во јули 2020 се одржаа и парламентарните избори на кои СДСМ ја задржа власта.

Како долгот ќе го погоди секој од нас

Корона-криза во моментов нема, или барем нема мерки за изолација и за ограничување на движењето, поради што луѓето и фирмите не можеа да работат и економијата не можеше да функционира во полн капацитет. Светот и Македонија сега се соочуваат со нова, воено-енергетска криза поради војната на Русија против Украина и нејзините ефекти врз глобалните политички и економски процеси.

Сето тоа предизвика голем скок на цените, па како што расте загриженоста за нивото на јавниот долг, така растат и притисоците врз владата да ја зголеми минималната плата, па платите во образованието, пензиите итн. Тоа се пари што мора од некаде да се обезбедат, а ако нема друг извор, задолжувањето останува како опција, како што покажува и подготвениот ребаланс.

Не можеме постојано да бараме од државата да зема помалку, а истовремено да дава повеќе

Тоа значи дека задолжувањето ќе продолжи, раздолжувањето ќе почека, а ќе расте загриженоста за тоа што може да нѐ снајде. Моментот кога земјата би станала презадолжена, не може прецизно да се прогнозира, но може да се предвиди што би се случувало тогаш, бидејќи економската наука веќе утврдила какви ефекти има таквата состојба врз секојдневниот живот на населението.

Професорот Треновски објаснува дека задолжувањето во странство внесува нови пари во економијата, но носи валутен ризик. Позајмувањата на внатрешниот пазар, пак, носат поголем број ризици.

„Приватниот сектор се истиснува од пазарот на капитал, бидејќи колку повеќе зема државата, толку помалку пари остануваат за компаниите да позајмат и да вложат во својот развој. Со тоа може да се зголеми каматната стапка, како и да се намали економската активност, па би станало потешко да се соберат пари за да се врати долгот“, вели тој.

Дополнително, според него, се покажало дека кога државата е презадолжена, граѓаните ја губат довербата во институциите, па парите ги чуваат во домашни услови наместо да ги штедат во банки, со што уште повеќе се намалува сумата на располагање за да се кредитира бизнисот, а растат и каматите.

„Големиот долг дефинитивно може да го ограничи капацитетот на државата да ги извршува своите функции. Особено кога за да го вратиме долгот, ги кратиме инвестициите што се значајни за подобрување на животниот стандард“, смета Треновски.

Според професорот, ефектите од презадолженоста што би ги почувствувале граѓаните се поголеми даноци од една страна и намалени јавни услуги од друга, помалку квалитетни или со помал опсег.

„И двете удираат по џебот – со зголемените даноци остануваат помалку пари во домашниот буџет, а со помалата достапност на јавните услуги, можно е граѓаните да бидат присилени да ги плаќаат приватно“, објаснува Треновски.

Тоа може да донесе поголемо користење на приватните наместо на јавните здравствени установи (кои не би имале капацитет да ги задоволат потребите), почесто сервисирање на возилата поради нереконструирани патишта, плаќања за дополнително образование на децата, за приватно обезбедување ако потешко се одржува јавниот ред, губење повеќе време и пари за да се добијат некои административни услуги итн. Сиромашните, пак, ниту ќе имаат пристап до добри јавни услуги, ниту ќе можат да ги платат приватните.

Професорот Марјан Петрески смета дека елементарното функционирање на државата не би било загрозено бидејќи таа секогаш може да позајми повеќе, но прашањето е по која цена.

„Ако плаќаме високи камати на долгот, тоа го намалува просторот за буџетските средства да ги искористиме за подигнување на животниот стандард и јакнење на конкурентноста на компаниите и ги оптоваруваме идните генерации со обврски за отплата на кредитите што ги зеле претходните генерации“, вели тој.

Од социјален мир кон немир

Двајцата експерти со кои разговаравме истакнуваат дека еден од најголемите ризици што ги носи високиот јавен долг е ограничената можност за преземање контрациклични мерки, односно мерки со кои директно или индиректно се помагаат населението и компаниите за да се спречи стрмоглав пад на економијата во време на криза. Токму какви што државата спроведуваше за време на корона-кризата и на почетокот од сегашната енергетска криза.

„Ако во следниве години има уште една криза, тешко дека би имале можности повторно да се задолжиме доволно за да ги санираме последиците“, нагласува Треновски.

Затоа во следниов период ќе биде многу важно да се следи како ќе се менаџира задолжувањето што сега го имаме. Решението, според Петрески, е во кратење на непродуктивните трошоци, елиминирање на сите „истекувања“ од буџетот што се косат и со принципите на владеење на правото, јакнење на даночната база, првенствено преку формализација на сивата економија, јакнење на капацитетите на даночната администрација ефикасно да ги прибира приходите, јакнење на даночниот морал на даночните обврзници, а на некој среден рок и реформа на даночните стапки.

И Треновски вели дека задолжувањето треба да оди со пакет реформи, кои по определено време ќе придонесат за да се врати долгот што е направен.

„Кога со задолжување се купува социјален мир, тоа има одреден лимит по кој би настанал социјален немир, бидејќи долгот секако некој мора да го плати. Не можеме постојано да бараме од државата да зема помалку, а да дава повеќе истовремено“, вели професорот Треновски.