Анализи

Активно замаглување на транспарентноста

Од амбициозен старт и големи планови, до слаба реализација и манипулации

Историјата на транспарентноста на актуелната владејачка гарнитура почна со отворање на договорите за државна помош на странските инвеститори што нејзините претходници и политички противници ги заштитија како државни тајни, а завршува со криење и со барање механизми за заштита на нејзиниот најголем и најскап договор.

Кога излегоа првите информации за договорот со „Бехтел и Енка“, новинарите беа заинтересирани да видат како и под кои услови ќе се трошат 1,3 милијарда евра од парите на граѓаните. Десетина владини функционери тогаш објаснуваа дека договорот не може да биде објавен затоа што е тајна.

Изјавите, во зависност од тоа кој ги даваше, варираа од тоа дека е државна тајна, или дека е доверлива информација, а некои, како поранешниот премиер Димитар Ковачевски, оперираа со терминот деловна тајна.

Терминот деловна тајна, пак, е дефиниран во Законот за јавни набавки и не го опфаќа договорот со „Бехтел и Енка“. Поради тоа нејасни и сега остануваат образложенијата на Јавното претпријатие за патишта. Во неколку наврати, ова јавно претпријатие на новинарите од 360 степени одбива да им одговори на барањето за пристап до информации од јавен карактер за договорот со „Бехтел и Енка“.

Во дописот со кој го одбиваат барањето, претпријатието не се повикува на никаква тајна, туку само на тоа дека не се работи за информација од јавен карактер.

Но, додека се барал соодветен термин што ќе му се додели на договорот за изградба на коридорите, со што тој ќе се затскрие од очите на јавноста, Министерството за економија во октомври лани, без никаква најава, подготвило нов закон – за заштита на деловна тајна.

Министерството, во предлогот, како деловна тајна дефинира „информација што не е општопозната или лесно достапна на лицата, кои, во рамките на своите активности, вообичаено доаѓаат во контакт со ваков вид информации“.

Иако овој предлог датира од пред неколку месеци, за тоа нема ниту медиумски написи, ниту јавна дебата, а ретко кој и го видел на ЕНЕР (Електронски национален регистар на прописи), интернет-страницата на која треба да се објавуваат сите предлог-закони за процесот да биде отворен за јавноста.

Но, една од тие што оставиле коментар на страницата е токму директорката на Агенцијата за пристап до информации од јавен карактер, Пламенка Бојчева.

Според неа, одредбите „се многу општи и оставаат простор за нивна несоодветна примена“.

Таа заклучува и дека досега во пракса имало „многу примери на неоснована, незаконска примена на Законот за класифицирани информации, па со овој предлог-закон и недоволно прецизирање ќе се овозможи кршење на уставното и законски загарантирано право на пристап до информации од јавен карактер“.

Законот не е донесен, а Собранието брои денови до распуштање поради претстојните парламентарни избори.

Но, овој пример е добра илустрација за дискрепанцата меѓу декларативните заложби за транспарентноста и состојбата во реалноста.

Од една страна, процесот што почна пред седум години, кога дојде владата предводена од СДСМ и која промовираше амбициозни алатки и истакнуваше заложби за отвореност и отчетност, и, од друга страна, обиди тивко да се протурка нешто што е директно спротивно на отворен процес.

Тренд на стагнација

До 2017 година немаше многу очекувања од затворените институции. Дека тие се нетранспарентни беше констатирано и во извештаите на меѓународните институции, кои Македонија ја оценија како заробена држава.

Начинот на владеење на Никола Груевски доведе до тоа и наједноставните новинарски прашања упатени до државните институции, како на пример за неговиот анкетен лист да завршуваат со одговор „да го затвориме за век и векови, амин“ наместо со дадени податоци.

Барем така одговори тогашниот претседател на Државната комисија за спречување корупција, Горан Миленков, и со тоа ги урна надежите дека може да се дознае како се променила имотната состојба на тогашните функционери додека биле на власт.

Затоа очекувањата од владата на СДСМ беа големи. Дури поголеми и од нивните првични заложби за транспарентноста.

Кратко по доаѓањето на власт промовираа алатка за отчетност на функционерите, за да се знае колку трошеле министрите на поранешната влада и тие што ги именуваа, потоа ја пуштија и страницата отворени финансии, каде што може да се следат сите исплати од буџетот, ги објавуваа записниците од владините седници, им дадоа пристап на новинарите до податоците во Централен регистар за да може да проверат кај кои приватни фирми се одлеваат државните пари.

Министерството за финансии во време на министерот Драган Тевдовски буџетот го објави и во ексел-формат што беше лесно за пребарување меѓу ставките.

Се очекуваше дека сево ова ќе се надгради. Но, по седум години, дел од овие алатки не функционираат, како на пример алатката за отчетност, која е последно ажурирана пред три години, а некои од нив како пристапот до документите од Централен регистар останаа како половично решение додека сите други во земјите од регионот сосема ги отворија регистрите онлајн. Не се повторија, ниту, пак, прегледните ексел-табели за државната каса.

Во 2017 година имаше драматичен скок, но нема поместување кон подобро, оценува Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации, организација која со години ја следи транспарентноста.

„Во последниве две-три години изгледа како ковид-кризата да ја замрзна ситуацијата, па сега има една стагнација со благ надолен тренд“, вели Филков за БИРН.

Центарот, години наназад, подготвува индекс за активна транспарентност. Со него се мери колку институциите објавуваат информации и без тоа да им биде побарано. Зборувајќи од аспект на своето искуство, тој ја оценува ситуацијата како многу жална.

„Просечно имаме околу 70 отсто објавени информации и стоиме на тоа или малку паѓаме“, вели Филков.

Всушност, објавувањето на основните информации од 2019 година е и законска обврска. Со измените на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се прецизираше дека институциите мора да имаат објавено контакти, прописи, програми, стратегии, јавни набавки, тендери, организација и трошоци, одлуки, акти и друго.

Но, некои од нив имаат објавено само 20 отсто од овие информации, а ако не го сторат тоа, нема начин да бидат казнети.

Ако, пак, сите би објавиле сто отсто, тогаш Центарот за граѓански комуникации би мерел во каков формат се објавени информациите и како може да се користат, зашто, вели, тоа е многу важно.

„Мислевме дека таа фаза ќе дојде побргу, меѓутоа не можеме да зборуваме за форматот сѐ уште зашто се бориме информацијата да биде објавена“, вели Филков.

Информации недостасуваат дури и од оние што ги носат стратегиите со кои се наложува сите институции да бидат транспарентни. Таков пример е и самата влада, која на шести декември 2023 година, на седница ја усвои новата стратегија за транспарентност, која треба да важи до 2026 година. Се подготвуваше од април, а се одржаа и неколку јавни расправи.

Но, стратегијата, која предвидува сите државни институции да ги објавуваат своите документи јавно, не е објавена јавно. БИРН ја доби на барање до владините службеници.

Владата и Министерството за одбрана се меѓу институциите што редовно ги ажурираат сите информации што се предвидени со законот. Обврска да објават јавно информации од јавен карактер и да одговараат на барањата за пристап имаат вкупно 1.457 институции. Меѓу нив се и министерствата, општините, јавните претпријатија и установи, училиштата, факултетите, правосудните органи, здравствените институции, партиите…

Филков вели дека состојбата кај локалната самоуправа е покритична, но додава дека „најцрн пример е што околу 500 институции воопшто немаат интернет-страница“.

На некои од тие, пак, што имаат страници, нема ниту основна информација за контакт. Портпаролот е главниот линк што треба да ги поврзе новинарите и институцијата што ја претставува. Затоа бројот на овој службеник е првиот што го бараат новинарите кога работат на некоја тема.

Тие контакти, пак, треба да се јавно објавени на интернет-страниците. Па, така, колешка таму го нашла бројот на портпаролот на една македонска општина. Но, одговорот што го добила од лицето што се јавило бил – „јас не сум портпарол, само така ми е ставен бројот зашто мора“.

Во други општини, контактите од вработените и раководителите на секторите, или воопшто ги нема, или треба да ги „ископате“ со долго пребарување.

Повеќето интернет-страници, кога станува збор за транспарентноста, изгледаат токму така, дека таму информациите се ставени зашто мора, а не за граѓаните лесно да ги најдат. Други, пак, ги објавиле само кога им било наложено дека мораат, па една година го објавиле буџетот, а друга заборавиле.

„Не сфатија дека транспарентноста е процес, составен дел на работењето“, вели Филков.

Рекордер по жалби – Општина Охрид 

Се зголемува таканаречениот молк на управата | Фото: БИРН

Кога нешто не е јавно објавено, тоа може да се побара согласно Законот за пристап до информации од јавен карактер. За најмногу 20 работни дена, институцијата е должна да ви одговори. Ако тоа не се случи, имате право да се жалите во Агенцијата за пристап до информации од јавен карактер, која може да води и прекршочна постапка ако ви е прекршено правото за пристап до информацијата што има јавен карактер.

Лани биле испратени вкупно 6.968 барања, 6.542 биле одговорени, а до агенцијата стигнале 453 жалби против одлуките на институциите или, пак, затоа што воопшто не добиле одговор. Агенцијата констатира дека се зголемува таканаречениот молк на управата во однос на претходната година.

Директорката Бојчева, за БИРН, вели дека рекордер по добиени жалби за своите одлуки е Општина Охрид, која ја води Кирил Пецаков, за која има 23 жалби, од кои 18 се поради непостапување по добиени барања, односно поради т.н. „молк на управата“.

На врвот на листата на молчаливи владини институции е Министерството за политички систем чиј прв човек е Артан Груби, за кое се поднесени четири жалби.

„По сите четири жалби се донесени решенија за уважување на жалбите, но Министерството не постапило по ниту едно решение на Агенцијата“.

А меѓу тие што не ги почитувале решенијата има и други општини, факултети, спортски федерации, училишта, партии…

Осум институции дури и ја тужеле агенцијата поради донесената одлука.

„Меѓу нив предничи ЕСМ АД Електрани на Северна Македонија, а не помалку „активни“ на тоа поле се и Општина Струга и Општина Охрид (по три тужби), како и УКИМ „Кирил и Методиј“ Скопје“, се наведува во извештајот за 2023 година.

Другата можност што ја имаат институциите ако не сакаат да дадат информација што е од јавен карактер е да платат казна, која изнесува од 30 до 50 илјади денари. Парите треба да ги даде службеното лице, кого институцијата го назначила за одговорен за информациите од јавен карактер.

Првпат во 2023 година, Агенцијата за пристап до информации од јавен карактер извршила и присилна наплата во три случаи кога институциите не го почитувале законот.

„Едно е за изречена глоба во износ од 500 евра поради неназначување службено лице за посредување со информации од јавен карактер и две се за изречена глоба од 250 евра за непостапување по решенија“, наведува агенцијата во годишниот извештај.

Законот ѝ дава на агенцијата функција на некаков вид контролор дали институциите си ја вршат работата, кога е во прашање јавниот интерес. Но, законот не предвидел дека одлуките на институцијата може да бидат игнорирани, како во случајот со договорот за автопатиштата, за кој Агенцијата му има наложено на државното претпријатие да го објави.

Останува опцијата надлежните да си платат казна и да ја остават заклучена фиоката во која ги чуваат документите. Во таква фиока сѐ уште останува договорот со „Бехтел и Енка“.

Оваа публикација е изработена со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржината на публикацијата е единствена одговорност на БИРН и не мора да ги ги одразува ставовите на Европската Унија.