Регион

Албанскиот премиер на удар поради забраната на Тик-ток за време на изборна година

Опозицијата вели забраната е повеќе поради годинешните избори

Новинарката и мајка на две деца, на возраст од 13 и седум години, Ермелинда Хоџа, долго време бара поголема безбедност за учениците во Албанија, но 12-месечната забрана на премиерот Еди Рама за Тик-ток да се справи со насилството во училиштата не ја импресионира.

Рама ја објави забраната кон крајот на декември, еден месец по фаталното прободување со нож на 14-годишно момче кое следеше по серија расправии на социјалните мрежи. Американскиот интернет медиум Политико објави дека видеата на Тик-ток по прободувањето покажаа дека некои млади луѓе изразуваат поддршка за убиството.

Сепак, од платформата Тик-ток, за БИРН, изјавија дека нема докази дека сторителот или жртвата имале профили на Тик-ток и дека извештаите сугерираат дека видеата за прободувањето биле објавени на друга платформа, а не на Тик-ток.

Албанскиот лидер, кој е на власт од 2013 година, инсистираше на тоа дека неговата одлука не била „избрзана“, туку се заснова на анкета на околу 65.000 родители, од кои 90 отсто побарале затворање на Тик-ток.

„Ќе го забраниме Тик-ток на една година“, изјави Рама, велејќи дека одлуката ќе стапи во сила околу шест до осум недели по Нова година.

Но, опозицијата го обвинува Рама дека се обидува да затвори платформа, која стана важна алатка за политичката кампања пред изборите што ќе се одржат во мај.

Без оглед на мотивот, новинарката Хоџа објасни дека овој потег ќе има мал ефект врз насилството во училиштата, „бидејќи сите социјални мрежи сега ги следат моделите на кратки видеа, како Тик-ток, а тоа го има дури и на Јутјуб“.

„Затворањето на еден прозорец кога постојат десетици отворени не е решение“, рече таа за БИРН.

„Ние сме во дигитална ера и, сакале или не, технологијата има предизвици. Она што треба да се направи е да се подготват децата, но и семејствата и родителите, за да бидат безбедни и да знаат за темната страна на технологијата.“

Сензитивен политички момент

Рама престана да објавува на Тик-ток во ноември | Фото: Wikipedia

Видеоплатформата Тик-ток, која е во кинеска сопственост, е многу популарна во Албанија. Според бројките на матичната компанија на платформата Бајт-денс (ByteDance), во Албанија има 1,53 милиони корисници постари од 18 години од почетокот на 2024 година. А платформата стигнува и до уште повеќе корисници, со оглед на тоа што, барем официјално, корисниците мора да имаат минимум 13 години за да го користат Тик-ток.

Политичките противници на Рама велат дека забраната, всушност, е за нивно обесправување пред парламентарните избори на 11 мај, кога владејачките социјалисти ќе се кандидираат за четврти мандат – политички потег, кој е без преседан во Албанија.

Сали Бериша, лидер на опозициската Демократска партија, ја опиша најавата како „екстремен чин на цензура.“ Тикток-профилот на Бериша има околу 66.000 следбеници, а профилот на Рама има двојно повеќе следбеници од него. Но, премиерот Рама престана да објавува на Тик-ток во ноември.

„Одлуката е загрижувачка бидејќи доаѓа во изборна година, ‘жежок’ и чувствителен период за политиката“, рече Блерјана Бино од Мрежата за безбедност на новинари, невладина организација со седиште во Тирана.

„Таквата одлука може да се толкува како обид да се спречи слободното изразување на новите политички алтернативи и нивната способност да се поврзат со гласачите“, додаде таа.

Бино изрази загриженост дека не е објавен официјален документ, одлука или извештај што обезбедува правно оправдување за забраната на Тик-ток во Албанија.

„Тоа ја зголемува несигурноста околу правната основа и создава опасен преседан за затворање или ограничување на други платформи во иднина“, рече Бино за БИРН.

„Го немаме ниту извештајот за консултациите со родителите и немаме никакви консултации со други засегнати страни. Одлуката, која има толку големо влијание врз слободата на изразување, нужно бара опсежни консултации за да се избегне произволно одлучување.“

„Целосното исклучување на Тик-ток изгледа како прекумерна мерка, бидејќи постојат поурамнотежени методи за борба против штетната содржина или потенцијалното прекршување околу приватноста на корисниците. На пример, контролата на штетната содржина може да се зголеми во соработка со самата платформа.“

Социјалните мрежи поттикнуваат насилство или само го одразуваат?

Фото: https://www.pexels.com/photo/close-up-photography-of-smartphone-icons-267350/

Бино рече дека прашањето бара „многу поширок пристап“ | Фото: Pixabay

Претходно се покренуваше загриженост за пристап на деца под 13-годишна возраст на Тик-ток, што претставува заобиколување на ограничувањата на платформата.

Од платформата Тик-ток, за БИРН, изјавија дека се посветени на зајакнување на своите безбедносни мерки и дека почнала соработка со Албанската регулаторна управа за аудиовизуелни медиуми (АМА) за да се олесни означувањето на содржината што може да ги прекрши локалните регулативи или сопствените Упатства за заедницата на Тик-ток. Од платформата, исто така, велат дека работат и со Центарот за правата на децата во Албанија (CRCA), како поддршка на дигиталните вештини на родителите и старателите, наставниците и другите професионалци што работат со деца.

Многу родители велат дека саморегулацијата преку платформите на социјалните мрежи не е доволна за да се заштитат децата од насилен, навредлив или дискриминаторски материјал.

Но, Меги Речи, адвокатка и истражувачка за дигитална безбедност во Институтот за демократија и медијација со седиште во Тирана, рече дека забраната на Тик-ток не е решение.

„Насилството е сложен проблем што постои во секоја средина и една од овие средини е и дигиталниот простор“, вели Речи за БИРН.

„Исклучувањето една платформа не гарантира никакво решение или крај на насилството. Исто така, постојат и други платформи каде што може да се премести комуникацијата, не се случува тоа само Тик-ток.“

Речи истакна дека владата на Рама претходно барала решенија во консултација со Тик-ток. Таа рече дека не видела „никаква анализа“ за тоа зошто Рама одеднаш се одлучил да ја забрани платформата.

Бино рече дека прашањето бара „многу поширок пристап“.

„Безбедносните проблеми во училиштата, сајбер-малтретирањето или несоодветната употреба на социјалните мрежи, во многу случаи се поврзани со подлабоки социо-економски и културни предизвици и бараат многу поширок пристап отколку едноставно затворање одредена апликација“, рече таа за БИРН.

„Овие феномени нема автоматски да се решат со исклучување на Тик-ток, бидејќи младите ќе се преселат на други платформи или ќе користат VPN (апликации со кои може да се промени локацијата на корисниците на интернет)“.

Ригелс Џемолари од невладината организација „Ќендреса Градаре“ (Граѓански отпор) со седиште во Тирана рече дека забраната ќе има поголем ефект врз изборната кампања отколку врз безбедноста на децата.

„Во ситуација, во која различни политички фигури имаат бројна публика на Тик-ток, и без да плаќаат за тоа, мислам дека тоа ќе има негативно влијание врз оние партии немаат економска и политичка моќ и кои не можат да купат време на телевизија, Фејсбук или на Инстаграм“, рече тој.

Ермал Хасимја, политиколог, кој, исто така, менаџира приватно училиште во Албанија, рече дека неговите ученици имаат тенденција да комуницираат повеќе на Ватсап.

„Проблемот со криминалот не доаѓа од социјалните мрежи“, рече тој. „Тој само се рефлектира таму.“