Регион

Милановиќ фаворит за освојување втор мандат

В недела се одржуваат претседателските избори во Хрватска 

Зоран Милановиќ е фаворитот на претседателските избори во Хрватска, но најверојатно ќе оди во втор круг против кандидатот на владејачката партија за да обезбеди нов мандат за шеф на државата. Неговиот прв мандат беше обележан со жестоки критики кон владата и низа контроверзни и непредвидливи изјави.

Анкетите покажуваат дека за Милановиќ (58) би гласале речиси 39 отсто од граѓаните, што е за два процентни поени повеќе од пред еден месец и далеку пред Зоран Приморац, од владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ), кој има речиси 23 отсто.

Првиот петгодишен мандат на актуелниот претседател беше обележан со чести и жестоки критики на владата на премиерот Андреј Пленковиќ предводена од ХДЗ, како и низа контроверзни изјави на Милановиќ, кои се чинеше дека се дизајнирани да ја привлечат политичката десница. Тој доби поддршка од опозициската Социјалдемократска партија, СДП, која ја водеше меѓу 2007 и 2016 година.

Зад Милановиќ и Приморац се шесте други кандидати, меѓу кои независната Марија Селак Распудиќ и Ивана Кекин, партиската сојузничка на градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, при што двете би зеле околу девет отсто од гласовите.

Гласањето в недела е трето оваа година по парламентарните избори на кои победи ХДЗ во април и европските избори во јуни. На почетокот на следната година треба да се одржат и локални избори.

Нада Зграбљиќ Ротар, поранешна професорка по новинарство и комуникациски студии на Универзитетот во Загреб, кампањата ја оцени како „млака“.

„Исто така, треба да имаме на ум дека луѓето се изморени од изборите и од сличната и повторувачка реторика“, изјави Зграбљиќ Ротар за БИРН.

Таа реторика често се врти околу прашањето за хрватските војници, кои се распоредени во странство како дел од операциите на НАТО, особено во однос на Украина; имиграцијата; правата на Хрватите во соседна Босна и Херцеговина; и какви услови да ѝ се постават на Србија во замена за гласање за нејзино пристапување во Европската Унија во некој неодреден момент во иднината.

Во дебатите, Милановиќ имаше помеки ставови од Приморац и некои други кандидати; тој ги отфрли можностите за испраќање војска за обезбедување на границите на Хрватска, депортирањето мигранти или поставувањето некои особено радикални услови за Србија.

Политичкиот аналитичар Јарослав Печник изјави дека актуелниот претседател е јасен фаворит, но ХДЗ „не смее да си дозволи катастрофа“ Приморац да не влезе во вториот круг на 12 јануари.

Набљудувачите внимателно следат и како Кекин настапува во име на „Можемо!“, партијата што ја има власта во главниот град Загреб.

„Нејзиното учество треба да се гледа како подготовка и профилирање за локалните избори во мај“, рече Печник.

Милановиќ како најдобар оратор

Драган Приморац, кандидатот на владејачката ХДЗ | Фото: Драган Приморац/Фејсбук

Приморац зазеде значително поостра линија од Милановиќ за клучните прашања во кампањата.

На хрватскиот јавен сервис во понеделникот, 59-годишниот лекар рече дека ќе го депортира „секој илегален мигрант“ на хрватска територија и ќе го условува пристапот на Србија во ЕУ со барање за декласифицирање на документите на Југословенската народна армија за падот на Вуковар и убиството на ранетите хрватски борци и цивили земени од градската болница во 1991 година.

Тој, исто така, ја отфрли можноста за испраќање хрватски војници во Украина, но го критикуваше противењето на Милановиќ за учеството на двајца хрватски армиски офицери на обуката на НАТО за украинските војници во Германија.

Сепак, Зграбљиќ Ротар забележа дека Приморац не успеал да го искористи јавниот интерес за состојбата на јавното здравство, и покрај неговата медицинска експертиза. Шансите на Приморац можеби се намалени поради скандалот со неговиот колега од ХДЗ, Вили Берош, кој во ноември беше разрешен од функцијата министер за здравство поради обвиненија за корупција при набавка на медицинска опрема.

Повеќето аналитичари се согласуваат дека Милановиќ е најдобриот оратор во трката.

„Неговиот стил понекогаш може да биде малку претеран, но барем има „вкус и мирис“ на политичар“, рече Печник.

„Тој засега не напаѓа никого во кампањата бидејќи и не треба, затоа што е фаворит и никој не се осмелува премногу да го допре, бидејќи знаат дека има остар јазик“.

Зграбљиќ Ротар, на сличен начин ги истакна ораторските вештини на Милановиќ.

„Тој има реторика која понекогаш е поетска, а понекогаш груба; тој е добар говорник, нешто што немаме многу често можност да го слушнеме“, изјави таа за БИРН.

„Генерално, нашите политичари не работат доволно на себе. Во политиката не е доволно само да си паметен, треба да знаеш и како да зборуваш.“

Втор мандат, време за „одлучувачки чекори“

Ивана Кекин, кандидат на партијата „Можемо!“| Фото: Ивана Кекин/Фејсбук

Печник истакна дека Милановиќ треба да ја искористи можноста што ја нуди вториот мандат за остане запаметен, посочувајќи дека неговиот „најголем потенцијал“ лежи во надворешната политика.

„Ако сака да остане запаметен во историјата – а верувам дека е доволно нарцисоиден и амбициозен за да се стреми кон тоа – мора да преземе решителни чекори. Вториот мандат е време за такви акции“, изјави Печник за БИРН.

„Тој треба да покрене серија иницијативи насочени кон премиерот Пленковиќ и владата, ставајќи ги во позиција да бидат принудени да одговорат. Пленковиќ можеби нема да има потреба да ги прифати овие иницијативи, но не може да ги игнорира. Ако Милановиќ го постигне тоа, ќе оствари значителен успех.“

Печник смета дека регионалните иницијативи, особено со Босна, Србија и Црна Гора, ќе бидат „клучни“.

„Потребен е балансиран пристап кон овие земји, заедно со јасна посветеност за поддршка на нивното пристапување во ЕУ“, рече тој.

„Секако, тоа не зависи само од Милановиќ, туку и од владата, и од самите држави. Од суштинско значење е да им се пристапи како на еднакви, демонстрирајќи подготвеност да помогнеме додека се задржуваат јасни критериуми.“

Алудирајќи на некои од најконтроверзните јавни изјави на Милановиќ, Печник рече дека Милановиќ треба „да се оддалечи од популизмот на политиката на Туѓман и наместо тоа да воспостави свои автентични политики“, потсетувајќи на првиот претседател на Хрватска, националистот Фрањо Туѓман.

Политичкиот аналитичар Давор Ѓенеро истакна дека единственото можно изненадување на изборите в недела е шансата Милановиќ да освои доволно гласови за целосна победа, нешто што никој не го постигнал од времето на Туѓман.

„Ако тоа се случи, сè што беше кажано за ограничување на овластувањата на претседателот на републиката е тешка опција“, изјави Ѓенеро.

*Насловна фотографија: Кабинет на претседателот на Република Хрватска/Марко Бељан