Регион

Албин Курти го критикуваше „нападот на Специјалниот суд врз ОВК“

Интервју на поранешниот косовски премиер за БИРН

„Верувам дека ова ќе биде штетно за градењето на државата, за правдата во Косово и за Ослободителната војска на Косово и нејзините вредности“, додава тој.

ССК се формирани со цел да ги гонат злосторствата, наводно, извршени за време и веднаш по војната во Косово од 1998-2000 година. Тие се дел од косовскиот правосуден систем, но се наоѓаат во Холандија и се екипирани со меѓународен кадар.

Курти потсетува на притисокот на меѓународната заедница врз косовските пратеници во август 2015 година, да гласаат за формирање на ССК, откако на претходното гласање во јуни истата година, тие гласаа против формирање на т.н. Специјален суд. Тој ова го опишува како „институционално насилство“.

За Ветевендосје на Албин Курти, Косово како држава мора да биде подготвено колективно да ја организира одбраната на обвинетите, иако тој во основа не се согласува со судењето пред ССК.

„Имам поголеми амбиции за државата Косово и затоа сакам правдата да биде извршена пред локалните судови“, нагласува тој.

„Јас не бев против (Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија), бидејќи Хашкиот трибунал се занимаваше со (воените злосторства) од целиот регион, но овој се занимава само со Косово“, додава Курти.

Победата на Бајден е „подобра за Косово“

Американскиот Стејт департмент. Фото: Викимедиа/AПК

Иако октомври беше трауматичен за Ветевендосје и за нејзиниот водач, случувањата во Соединетите Американски Држави му дадоа надеж на Курти.

Претседателските избори во САД и победата на кандидатот на Демократската партија, го воодушевија лидерот на Ветевендосје, кој ги повика косовските Албанци во дијаспората да го поддржат Бајден.

„Мислам дека за албанскиот национален интерес и за независната држава Косово, Бајден е неспоредливо попрогресивен и јас не се сомневав кого треба да поддржам“, објаснува тој.

Бајден силно ја поддржа воената интервенција на НАТО со која заврши војната во 1999 година, а неодамна изјави дека ќе ја охрабри ЕУ да одобри визна либерализација за Косово, за да може оваа земја да се приближи кон членството во неа. Еден од патиштата во Косово го носи името на неговиот син, Бо Бајден, кој беше распореден во оваа земја, додека служеше во американската армија.

Курти негира дека ја повикал дијаспората да гласа за ривалот на Трамп, поради неговото лично горчливо искуство со Ричард Гренел, пратеник на американскиот претседател за дијалогот меѓу Косово и Србија.

Курти го обвини Гренел за активно учество во соборувањето на неговата влада во март годинава, во обид да се добие косовска администрација која би била посоодветна за потпишување брз договор со Србија, сè со цел Трамп да добие предизборна „победа“ во надворешната политика.

Под покровителство на Трамп, замената на Курти на функцијата премиер, Авдулах Хоти, на 4 септември во Белата куќа потпиша договор за „економска нормализација“ со САД. За време на таа средба, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, потпиша сличен, но не идентичен договор.

Но, за Курти, изборот на Бајден значи дека договорите сега не значат многу, односно дека им значат само на Хоти и на претставник на Трамп: „За овие договори, Хоти и Гренел можат само приватно да зборуваат“, посочува Курти.

Партиите на естаблишментот ја „заробија државата“

Албин Курти Извор: Викимедија комонс/ AgronBeqiri

Курти го критикува и, како што вели, недостигот на транспарентност на Владата на Хоти, во врска со дијалогот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, што се одржува во Брисел.

Иако беше објавено дека е постигнат договор меѓу Приштина и Белград за прашањето за исчезнатите лица, во јавноста повеќе детали нема, сѐ додека двете страни не се договорат за сите други прашања за кои се преговара.

„Од овој нетранспарентен пристап не можат да излезат добри работи и не можеме да ги сметаме договорите за валидни кога не се објавени, а уште повеќе кога се потпишани од нелегитимна Влада“, вели Курти.

Тој посочува дека, според анкетите, дијалогот во Брисел е петто најважно прашање за косовската јавност.

„Не прогласивме независност, за да може нашата мината зависност од Србија, да биде заменета со нова зависност од признавањето на Србија“, истакнува Курти.

„Мора да се потсетиме дека нашите приоритети мора да бидат вработувањето и правдата, економскиот развој и борбата против корупцијата“, додава тој.

Рецептот на Курти за моменталната состојба е нови избори, а анкетите на јавното мислење му изгледаат ветувачки.

„На претстојните избори, ќе освоиме 50 проценти од гласовите, можеби не сами, туку со друга партија“, вели тој, алудирајќи на коалицијата на Ветевендосје со Вјоса Османи и нејзината иницијатива за формирање нова партија, откако таа ја напушти Демократската лига на Косово.

Курти посочува дека престанал да верува во соживот со т.н. партии на  „естаблишментот“- Демократската партија на Косово и Демократската лига на Косово, кои ја водат земјата веќе две децении, од крајот на војната.

„Додека јас отворено преговарам за програмата и планот за управување, другите партии тајно преговараат каде ќе ги сместат членовите на нивните партии и доделуваат тендери на нивните бизнисмени“, нагласува тој.

Курти смета оти државата е „заробена“ од овие партии, затоа што, како што вели, двајцата политичари кои освоија најмногу гласови на последните избори, Вјоса Османи и тој, денес се во опозиција.

„Ова значи дека нема демократија во оваа земја и дека Косово останува ‘заробена држава’“, заклучува Курти.