Balkan Insight

Александар Хемон: Писател во поинаков ритам

Познатиот босанко-американски писател открива како преселбата во САД го обликувала неговото творештво

Александар Хемон – веднаш се забележува по неговото презиме, кое не звучи многу босански – на прв поглед не изгледа како типичен Босанец. Всушност, неговото презиме е украинско: прадедото на Хемон од страната на татко му, се населил во Сараево од Украина, во краткиот период кога и Босна и западна Украина беа дел од австро-унгарската империја.

Сепак, босанско-американскиот романописец тврди дека младоста во Сараево, во 1970-тите не му била баш стандардна, туку „благо проблематична.“ Тоа е изразено и во раскажувањата за неговите детски авантури, како дел од банда млади луѓе што правеле бељи во нивното маало во Сараево.

Во „Приказните за моите животи“ (2013, The Stories of My Lives), збирката автобиографски есеи, Хемон во еден момент пишува за „застоеноста на малиот град“ Сараево, иако истовремено го опишува и како „убава, бесмртна работа, неуништлива република на урбаниот дух.“

Во интервјуто направено во неговиот сегашен дом во Принстон, Њу Џерси, тој инсистира на тоа дека неговиот роден град во Босна, каде што живеел до 1992 година, за време на младоста бил „сѐ освен затуцана провинциja“.

„Мислев дека тоа беше најинтересното место во Југославија, во тоа време“, вели тој.

„Постоеше тој прозорец меѓу комунизмот и фашизмот, каде што изгледаше можно – сè изгледаше можно, вклучувајќи ја и политиката – да се создаде некој различен општествен поредок што се граничи со социјализмот.“

Роден во 1964 година, Хемон почнува да пишува во 1980-тите. Како што Југославија се наклонуваше кон национализам пред колапсот на обединетата држава, тој ја уредуваше литературната ревија „Nasi Dani („Наши денови“), бунтувајќи се против установата и уживајќи во „милитантно урбаниот“ менталитет.

Хемон е автор на романите „Човек од никаде“, „Проектот Лазар“, „Создавање на зомби војни“ и „Светот и сето она што го поседува“, и на мемоарите „Книгата на моите животи“ и „Моите родители: Вовед/Ова не ти припаѓа тебе“. Косценарист е на „Воскреснувањето на Матрикс“.

Горан Бреговиќ, музичарот роден во Сараево кого Хемон вели дека „не го поднесувал“ уште од тинејџерските години – има изјавено дека за сите во културната сцена во Сараево од тоа време, било важно „да остават мали траги на бунт зад себе“. Слично на тоа, Хемон во „Приказните за моите животи“ пишува како „беше иритирачки да ja иритираш елитата“ во тоа време.

Ова иконоборство било изразено и на приватни забави, во кои тој и неговите бунтовнички групи вртеле плочи од западни музичари, кои биле малку радикални за социјалистичкиот апарат – Јоко Оно како „вреска во дисонанца“ и Ајнстурзенде Нојбаутен, „добрите германски музичари, кои сакале да користат моторни пили и електрични дупчалки за да прават музика“.

Еднаш Хемон и некои колеги студенти приредиле перформанс во форма на роденденска забава од 1940-тите, кога Сараево беше под германска окупација, при што присутните се облекле како фашисти, комунисти, соработници и затвореници.

„Наративот ја прикажуваше целата имплицитна декаденција со доза на психоделија што сме ја гледале во филмовите“, пишува Хемон.

Забавата резултирала со полициска посета, кафкијанско 13-часовно испрашување и скандал во круговите на Комунистичката партија во Сараево, што ја вознемирило мајката на Хемон.

„Косата на мајка ми побеле многу рано и се плашам дека тоа во голем дел се должи на моите авантури“, пишува тој во книгата.

Сепак, Хемон, периодот на 1980-тите, по смртта на доживотниот претседател Јосип Броз-Тито, генерално го опишува како време на оптимизам.

„Тоа беше периодот во Југославија меѓу смртта на Тито и почетокот на војната, кога имаше општа либерализација, а и созревање на луѓето од мојата генерација, што значеше музика, филмови, книги, радио, весници“, се потсетува тој.

Кога националистичките гласови станале погласни, Хемон тврдоглаво се држел за неговото уверување дека некако нормалноста ќе надвладее. Како што ваквото расположение се засилувало и воената машинерија почнала постепено да се поставува на своето место, тој и неговите пријатели се обидувале да ја блокираат новата реалност „во потрага по хедонистичко заборавање“ и сексуално ослободување, пишува тој во „Приказните за моите животи“.

„Чувствувавме дека со култура и музика можеме да ја добиеме битката“, вели Хемон. „Но, тие имаа војска и полиција и институции, и пари и историја на фашистички идеи во одредени делови, и сето тоа. Така што, ја загубивме битката“.

Заглавен во САД

Пишувањето станало начин на Хемон за воспоставување јасен, личен наратив | Фото: БИРН

Хемон немал посебна желба да го напушти Сараево. Го сакал својот град.

„Имав намера да им раскажувам приказни за ова на моите деца и внуци, да остарам и умрам таму“, пишува тој во „Приказните за моите животи“.

Но, кога реториката на политичарите ескалирала и сѐ повеќе се чувствувала воената атмосфера, веднаш ја прифатил понудата на (сега непостоечката) Американска информативна агенција за едномесечна посета на Америка, како дел од програмата за културна размена.

Тргнал во САД, мислејќи дека „ќе биде забавно некое време да се шета низ Америка како Керуак“, сè уште со идејата дека ќе се врати во градот на своето раѓање.

Но, судбината одлучила поинаку. Кога избувнала војна во Босна и сериозно почнала опсадата на неговото сакано Сараево на 2 мај 1992 година, Хемон се нашол заглавен во Чикаго. Со само еден куфер, Хемон бил принуден да најде некаква работа и да живее во странство.

Се вработил како анкетар за еколошката организација „Гринпис“ и се запишал на универзитетот „Нортвестерн“ за да учи англиски јазик, талкајќи низ Чикаго во слободното време како „имигрант со ниска плата“ и собирајќи материјал за идните книги. Неговиот прв роман „Прашањето на Бруно“ (The Question of Bruno) беше објавен во 2000 година, осум години по неговото пристигнување во САД.

Потоа следуваше „Човек од никаде“ (Nowhere Man), книга, која, меѓу другото, раскажува забавни средби на колеги, босански емигранти, понекогаш и од „непријателскиот“ табор како примерот на српскиот фашист, кој го кани дома нараторот Јозеф Пронек, покажувајќи му мапа на Србија од 15 век и објаснувајќи зошто е оправдано Србите да ги искажуваат своите територијални претензии врз Босна.

Хемон често го споредуваат со Владимир Набоков. Неговиот јазик е, исто така, компактен, густ, барокен и ексцентричен. Споредбата со Набоков има врска и со одредени биографски сличности: и двајцата писатели почнале нова кариера во Америка, пишувајќи на нов јазик.

Но, според Хемон, оваa споредба не држи, ако се земе предвид фактот дека тој го научил англискиот јазик по неговата емиграција во САД, додека за „Набоков тоа бил како мајчин јазик, бидејќи неговата негувателка го учела англиски уште од рана возраст.“

Можеби една од најзанимливите теми во современата литература е онаа за имигрантите и нивните наративи за раселување. Хемон ја искусил оваа состојба до прилично екстремен и болен степен, сам во странска земја додека дома беснеела војна што ги загрозувала животите на пријателите и семејството, за кои тој панично барал вести.

Не само тоа, туку Хемон бил принуден да се соочи и со сопствениот нејасен идентитет. Не е типичен Босанец, туку има мешано потекло и чудно презиме, а потоа бил раселен во Америка. Пишувањето станало начин на Хемон за воспоставување јасен, личен наратив.

И тогаш, Хемон почнал да користи еврејски ликови во своите дела.

„Централниот факт од мојот живот е раселувањето,“ објаснува тој. „Ниту еден народ нема повеќе приказни за раселувањето од еврејскиот народ. На многу начини, нивниот наратив е шаблон за наративите за раселување.“

„Сѐ почна со музика“

Aleksandar Hemon 8315708.jpg | Фото: Wikimedia Commons, Slowking4

Хемон, исто така e диџеј, кој пушта музика под имеto Сиело Хемон | Фото: Wikimedia Commons

Најновиот роман на Хемон, „Светот и сето она што го држи“ (The World and All That It Holds, 2023), кој се подготвуваше десет години, е густо испреплетена палета на различни јазици и интересни таинствени детали. Во суштина, тоа е геј-романса меѓу двајца сараевски регрути во австро-унгарската армија за време на Првата светска војна, едниот сефардски Евреин по име Пинто, а другиот муслиман по име Осман.

Фактот дека Хемон го поставил својот роман во периодот на пад на австро-унгарската империја, можеби има врска со неговата сопствена семејна врска со Австро-унгарија.

Книгата има и силна музичка компонента при што и двајцата протагонисти си пеат севдалинки – стари босански љубовни песни.

„Во суштина, сè почна со музика“, вели Хемон. „Во фамозните осумдесетти, некој ми подари касета наречена ‘Сеќавања на Сараево’ од една жена по име Флора Јагода. Флора Јагода го напушти Сараево во 1947 година како млада Еврејка, го преживеа холокаустот и заврши во Балтимор, а на своите деца и внуци им пееше песни од Сараево за сефардиските Евреи.“

На крајот, во 1989 година ја убедиле Јагода да ги сними тие песни како албум. Снимила два албума, „Сеќавања на Сараево“, кои станаа познати како „Песни на мојата баба“.

„Пред војната ја добив оваа снимка и ја сакав толку многу бидејќи таа пееше на ладино [јазикот на сараевските сефардски Евреи, кој има корени во шпанскиот]. Но, многу од нив беа поврзани со она што го знаев од Сараево – со севдахот.

Начинот на кој изговараше одредени звуци, како што ги изговараа луѓето во Сараево.. едноставно бев воодушевен. Така што, замислив да ја напишам оваа книга“.

Хемон е, исто така диџеј, кој пушта музика под диџејското име Сиело Хемон. Зборот сиело значи „ќелав“ и е поврзан со кратката коса што ја носел Хемон за време на својата младост во Сараево.

„Сиело има и криминална конотација затоа што на повеќето затвореници во затворите во Југославија им биле избричени главите“, вели Хемон.

Во согласност со неговите повеќекратни улоги како автор, писател за списанија и диџеј, Хемон вели дека она што го сака во Босна е нејзината комплексност.

„Таа комплексност дојде со висока цена“, признава тој.

„Имаше војна и фашистите се обидоа да ја уништат и сѐ уште се обидуваат до ден-денес. Но, луѓето што ги читаат моите книги се идентификуваат со таа идеја: комплексноста на Босна.“