Интервјуа

Амнестијата го става судот во ненормална ситуација

Адвокатката Јошевска Анастасовска е буден критичар на случувањата во правосудството | Фото: Роберт Атанасовски

Дали е нормално судот да прогласи некого за виновен пред да заврши целата судска постапка? Со ова реторичко прашање адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска го почна нашиот кус разговор за вчера изгласаниот Закон за амнестија што се однесува на случувањата од 27 април 2017 во Собранието.

Не застапува никого од обвинетите, меѓутоа таа е буден критичар на случувањата во правосудството, а позната е и како поранешен надворешен соработник на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Уште при објавувањето на обвинението, Јошевска Анастасовска сметаше дека не треба сите триесет и тројца да се товарат за терористичко загрозување, ја критикуваше судијката Добрила Кацарска како го води процесот, а гласна е и околу донесувањето на Законот за амнестија.

Пресуда пред пресудата

Има работи што не се уредени во усвоениот текст и баш тоа ја доловува „чудноста на законот“ | Фото: БИРН

Јавна тајна е дека амнестијата придонесе тројца опозициски пратеници да го поддржат Преспанскиот договор, и тоа меѓу редови и срамежливо стои во целите и начелата на законот каде што се спомнува ЕУ и НАТО интеграција.

Но, со законот е предвидено да нема амнестија за организаторите, напаѓачите и за тие што носеле оружје, како и за службениците што не го спречиле нападот. Сите обвинети и осудени ќе треба да поднесат барање за помилување, ама судот ќе каже кој ќе биде амнестиран, а кој не.

Го земавме за пример случајот со поранешниот прв човек на полициското Биро за јавна безбедност, Митко Чавков. Под претпоставка судот да не му го прифати на Чавков барањето за амнестија доколку го поднесе, на некој начин тој ќе донесе одлука дека е виновен, вели адвокатката.

„Како судот ќе утврди дека тој постапил спротивно на службените овластувања, кога сѐ уште не е завршена ниту доказната постапка?“

„Тоа ја поништува целата кривична постапка, прејудицира, а тоа не смее да го прави. И тоа за мене е многу проблематично.“

Коментирајќи го целиот процес околу 27 април, таа вели дека сега имаме некоја многу чудна трка со времето.

Како судот ќе утврди дека тој постапил спротивно на службените овластувања, кога сѐ уште не е завршена ниту доказната постапка?

Законот стапува во сила денеска и судот треба да одлучи за амнестијата во многу куси рокови, десетина дена се во прашање. Јошевска се сомнева дека веќе, на некој начин, е отворен патот да се одложи завршницата на судскиот процес, со тоа што обвинетиот Александар Василевски – Нинџа достави нови докази.

Тој  во понеделникот поднесе 115 снимки и 20 фотографии поврзани со случувањата на 27 април.

„Предлагање на овој тип докази, кои веќе претходно биле дадени на Обвинителството, а тоа одлучило да не ги користи, сега ми личи само на купување време. За Обвинителството е полесно да види кој сѐ ќе биде амнестиран, па врз основа на тоа да види што понатаму ќе прави со обвинението.“

Јошевска Анастасовска вели дека има работи што не се предвидени и не се уредени во усвоениот текст и оти баш тоа ја доловува „чудноста на законот“.

Досега не сме имале случај закон за амнестија што предвидува обвинетите да поднесуваат барање. Во минатото, кога се носел ваков закон, постапките се покренувале по службена должност по што судот одлучувал.

Затоа таа прашува што ќе се случи ако некој како, на пример, Игор Дурловски остане на тврдењето дека е невин и не сака амнестија или, пак, од некакви причини го пропушти рокот од пет дена и не достави барање.

„Во тој случај што ќе направи обвинителката Вилма Русковска во завршните зборови. Ќе го преквалификува делото или судот ќе го осуди на минимум десет години казна? Нели е тоа малку чудна ситуација?“

„Ќе збеснев да бев на местото од обвинителката!“

Долгорочната последица од амнестијата е чувството на граѓаните за неказнивост | Фото: Роберт Атанасовски

Нашата соговорничка вели оти е сигурна дека Обвинителството работело макотрпно со месеци на овој случај, собра огромен доказен материјал и изгуби многу време во судот.

 „Јас би била збесната ова да ми го прават! А, обвинителката не покажува некоја нервоза дека нејзиното обвинение фактички во голем дел паѓа во вода.“

Според неа, долгорочната последица од амнестијата е чувството на граѓаните за неказнивост.

„Сега можеме да мислиме дека единствена грешка што Митко Чавков ја направил е што не станал релевантен и тој да влезе во амнестијата.“

Таа вели дека има уште една интересна ситуација. Сега триесет и тројцата обвинети се третираат како соизвршители, а по законот едни ќе бидат амнестирани, а други нема.

„Апсолутно тоа е проблематично од уставен аспект зашто некои од обвинетите ги става во нерамноправна положба.“

На народот му е потребно да го слушне пратеникот Крсто Мукоски како вели дека повторно не би го сторил истото. Помирувањето меѓу друго значи дека некој е свесен за тоа што го сторил и дека се кае

Со оглед дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не го задржаа цврстиот став или целосна амнестија или ништо, таа верува дека претседателот Ѓорге Иванов ќе го потпише законот зашто, според неа, тој секогаш е во линија со нивните ставови.

Таа ја коментира и неконзистентноста на ВМРО-ДПМНЕ.

Прво ги исклучи осумтемина пратеници зашто ги поддржаа уставните амандмани, а тие ги поддржаа за да дојдат до амнестија и сега партијата гласа за Законот за амнестија.

„Ова е многу е смешно!“

Јошевска Анастасовска аргументира дека е проблематично и ако тројцата пратеници за кои се очекува амнестија гласале за законот, како што ќе биде чудно ако Елизабета Канческа- Милевска како обвинета од СЈО го поддржи новиот закон за ова специјалното обвинителство, со оглед дека за него повторно е потребно двотретинско мнозинство.

Таа се согласува со ставовите дека требаше да ги обврзат засегнатите пратеници од амнестијата да се покаат.

„На народот му е потребно да го слушне пратеникот Крсто Мукоски како вели дека повторно не би го сторил истото. Помирувањето меѓу друго значи дека некој е свесен за тоа што го сторил и дека се кае. Добро, нема да одат во затвор, ама мора да понесат некој тип одговорност.“