Речиси секој втор возрасен граѓанин во Македонија редовно пуши цигари, или околу 45 отсто од населението, што е алармантна бројка и речиси двојно повисока од просекот во Европската Унија.
Загрижуваат и податоците дека тутунските производи сè почесто стануваат дел од секојдневието на децата и младите, со што пушењето прераснува во еден од најсериозните јавно-здравствени, но и економски проблеми.
Во таков контекст, државата најавува нов, значително поригорозен Закон за заштита од пушењето, кој предвидува построги ограничувања за местата каде што може да се пуши, рекламирање на цигарите и, генерално, за достапноста на тутунските производи.
За тоа колку ваквите мерки можат реално да ги променат длабоко вкоренетите навики и кои се очекуваните ефекти од законот, разговаравме со директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска.
БИРН: Кои се најсериозните здравствени последици од ваквата масовна распространетост на пушењето и каков товар тоа претставува за јавното здравје и генерално врз здравствениот систем?
Андоновска: Ова носи многу голем товар врз здравствениот систем. Според истражувањата на Институтот за јавно здравје 45,4 отсто од граѓаните над 18 години се пушачи, но и, исто така, неодамна имавме и друго истражување, кое се однесуваше на млади од сите училишта, на возраст 15-16 години и помали.
И тие податоци покажаа дека помеѓу 30 и 41 отсто од нив користеле некаков тутунски производ, што е голема бројка.
Она што нè загрижува, не е само раниот почеток, туку и високата дневна зависност, но и податокот дека дури 53 отсто од луѓето што се свесни за штетните последици не би се откажале од цигарите и не посакале да се откажат.
Но, тоа не значи дека така ќе остане и во иднина. Можеби сега немаат можност, немаат услови, немаат поддршка да го сторат тоа.
Пушењето е водечки причинител за кардиоваскуларни болести, малигни болести, белодробни, ендокрини и метаболни заболувања.
Ја оштетува кожата, оралното здравје, влијае врз репродуктивниот систем и кај мажите и кај жените и носи низа последици и, не само што претставува удар врз јавното здравје, туку претставува и економски товар со високи трошоци за лекување, чести хоспитализации, долгогодишна терапија, загуба на продуктивноста и работоспособноста…
Сето тоа ја чини државата многу и ја оптоварува касата на државата.
БИРН: Сега има нов предлог-закон за заштита од пушењето, кој, за разлика од сегашниот, е многу поригорозен. Од аспект на јавното здравје, што конкретно треба да промени овој закон и колку ваквите мерки и ограничувања во други земји даваат резултати?
Андоновска: Кога сме виделе дека имаме проблем, а имаме, и бројките и фактичката состојба го говорат тоа, требаат мерки со кои ќе го решиме.
Ова е обид да се зачува јавното здравје. Се работи за европски закон, за нешто што веќе се практикува во повеќе земји, каде што бројките покажуваат дека со ваквиот пристап се намалил бројот на пушачите.
Сега многу тутунски производи се насекаде достапни, се рекламираат како бонбони со различни вкусови и различни бои, достапни се секаде, особено оние со вкусови, кои се многу попривлечни за младите.
Со овој закон, освен што се ограничува местото каде што може да се пуши, се ограничува и рекламирањето и достапноста на тутунските производи.
Очекуваме дека, освен зголемена свест за проблемот, законот ќе помогне и за промена на личните навики.
Еве, да тргнеме од себе, ако нешто не можеме да го користиме денеска, со текот на времето можеби и ќе престанеме да го користиме. Во спротивно ќе ни стане навика и непотребно ќе си го загрозуваме здравјето.
БИРН: Колку ваквиот вид на законски ограничувања навистина ги менуваат пушачките навики и дали е тоа доволно?
Андоновска: Само законот и неговата имплементација не се доволни. Треба да се вклучат повеќе институции, да има почести едукации и системи за рана поддршка и препознавање. Како советувалиштата, каде што ќе можат да се одвикнат оние што сакаат да се одвикнат од пушењето, едукации во училиште, поддршка за родители, за возрасни групи, медиумски кампањи, но мора да има и законски решенија.
Сето тоа заедно може да придонесе за намалување на бројот на пушачите.
Ние, како институт, по година-две од имплементацијата, повторно ќе направиме истражување за да видиме дали имаме ефекти, иако сметам дека треба да помине подолг временски период за да се сменат некои навики, но очекуваме дека ќе има промени во навиките.
Во однос на реакциите на законот – целта што сакаме да ја постигнеме е многу повисока од сите критики. Мислам дека треба да се издржи зашто од некаде мора да се почне, само кога имa ред, можеме да бидеме поуспешни.

