Хоџа, која го поминува своето време во цртање, во создавање на анимации и работејќи во едно локално студио за дизајн, го претстави својот краток анимиран филм „Оној што се дави, се фаќа и за пена“, во декември 2019 година.
Дејствието на филмот се одвива во Приштина, среде бомбардирањето на НАТО на Југославија, кое имаше за цел да го присили Слободан Милошевиќ, да ја прекине својата воена кампања врз Косово. Воздушните напади започнаа на 24 март 1999 година и траеа 78 дена.
Хоџа ги пребарувала архивите на Иницијативата за усмена историја на Косово, во потрага по инспирација, извлекувајќи ги приказните од вистинскиот живот што луѓето го искусиле за време на војната.
Таа, како што вели, била најмногу инспирирана од приказните за жените и нивните улоги во овие тешки времиња, особено бидејќи мажите се вообичаени протагонисти во приказните од овој период на историјата на Косово.
„За време на истражувањето, бев воодушевена од приказните што жените ги раскажуваа“, истакнува таа, „Сфатив дека не е многу вообичаено да ја слушаме и нивната страна на приказната, и тогаш решив дека женската страна на приказната е она што сакам да го истакнам“.
„Се обидувавме да живееме нормален живот“
Приказната што најмногу ја заинтересирала Уртина, била онаа на Ола Сила, активистка за женски права од градот Исток, која живее во Приштина. За време на бомбардирањето на НАТО, Сила се борела да го заштити своето семејство, своите тројца мажи – нејзиниот сопруг и двајцата мали синови.
Во филмот, Сила ги опишува нејзините секојдневни активности за време на војната. Бидејќи побезбедно било, таа, како жена, да излегува надвор, Сила, како што самата објаснува, секојдневно одела во продавница да купи намирници и леб, работи што честопати и не можела да ги донесе дома, поради долгите редици на луѓе кои чекале пред продавниците.
Во една од најемотивните секвенци, Сила опишува како и покрај вонредните околности, таа се обидела да создаде „нормална“ атмосфера за своето семејство.
„Се обидувавме да живееме нормален живот, со оглед на околностите“, се сеќава Сила.
„Се сеќавам дека беше четврти ден од бомбардирањето, а беше и Рамазан Бајрам“, продолжува таа.
„Го направив мојот вообичен бајрамски ручек и ги повикав маж ми и синовите на маса. Отворив шише вино и ги развеселував, ветуваќи им дека следниот Бајрам ќе бидеме повторно во оваа куќа, сите заедно и здрави. Не е нормално да се пие вино за Бајрам, но во тоа време ништо не беше нормално“.
Филмот ја следи Сила која шета низ Приштина, додека го опишува својот живот во нејзиниот стан со семејството и моментот кога тие решаваат да избегаат од војната и да заминат, прво во Македонија, а потоа и во Албанија.
Искуствата на жените „ги нема во книгите по историја“
Стилот на анимација користен во филмот, бил под влијание на времето кое Хоџа го поминала гледајќи слики од главниот град на Косово од 1990-тите. Таа се обидела да најде слики што го прикажуваат типичниот ентериер во домовите во Приштина, па дури и барала модни референци во фотографиите од протестите во тоа време, за да ги дизајнира нејзините ликови.
„Гледав слики на типични југословенски ентериери на интернет и проверував дали домовите изгледаат исто како во Косово“, објаснува таа.
На крајот на филмот на Хоџа, Сила објаснува како, во тоа време, било вообичаено да се смета оти постоела помала веројатност, добро облечените жени, да бидат запрени и испрашувани од српската полиција или паравоените сили.
Таа се сеќава на тоа што нејзината снаа, која веќе избегала во Македонија, ѝ рекла на телефон: „Кога ќе тргнете на пат, Ола те молам, облечи се убаво! Среди се, нашминкај се и облечи ја најубавата облека што ја имаш. Затоа што ако си облечена добро и ако добро изгледаш, полесно се поминува преку контролните пунктови“.
Хоџа, која веќе започна да работи на својот следен филм, вели дека сака да продолжи да создава слични кратки анимации, што ги нагласуваат женските искуства во војната, со цел нивните приказни да станат повидливи.
„Верувам дека овие колективни сеќавања не можат и нема да се најдат во книгите по историја“, нагласува таа и додава: „анимацијата е еден од најдобрите и најефикасните начини за раскажување на овие приказни“.