Регион

Како Милошевиќ создаде услови за војна

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

„Беше тоа ден за совест и одговорност“, вели Термколи за БИРН.

Косово доби автономија во 1974 година, а со тоа и права речиси исти како и шесте републики на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, под водство на Јосип Броз Тито. Петнаесет години подоцна, ова се смени.

Термколи очекувала дека повеќето пратеници ќе гласаат против измените, но тоа не се случило.

„Почувствував како дел од мене да умре. Станав и ги погледнав лицата на овие луѓе. Ми изгледаа како врани. Си реков, ‘Косово повеќе го нема’“, се сеќава таа.

Во записникот од таа седница се наведува дека од 190 пратеници, за измените гласале 167. Термколи и девет други пратеници, Албанци, гласале против.

„Тоа беше момент на срам. Темна епизода која ќе има негативни последици“, истакнува таа.

Пет дена подоцна, српскиот Парламент ги одобри уставните измени, со што ефективно била одземена автономијата на Косово.

Следниот ден, во Приштина и Урошевац избувнаа немири, а полицијата ги нападна студентите кои протестираа против измените.

„Полицијата упадна меѓу 1.000 студенти во универзитетскиот кампус во главниот град на Косово, Приштина. Телевизијата прикажа како ги тепаат студентите со пендреци“, напиша весникот „Гардијан“.

Термколи вели дека сето ова било дел од „добро подготвено сценарио на Слободан Милошевиќ“.

„Набргу после ова, на 28 јуни (1989 година), Милошевиќ ќе покрене нов бран на национализам и етничка омраза“, додава таа.

Некои аналитичари сметаа дека говорот на Слободан Милошевиќ во Газиместан (местото каде што во 1389 година се случил еден од најважните настани во српската митологија и историја – битката на Косово), може трајно да им наштети на меѓунационалните односи во Косово.

Но, политиките на Милошевиќ кон Косово не беа водени само од националистичката идеја за создавање на „Голема Србија“, туку беа и прагматично користени за зајакнување на неговата политичка поддршка меѓу Србите, смета Душан Јањиќ, од белградскиот Форум за етнички односи.

„Косово, пред сѐ, беше инструмент што го користеше Милошевиќ, за да дојде на власт (во осумдесеттите), но и инструмент за зачувување на таа власт“, нагласува Јањиќ за БИРН.

„Пратениците требаше да им се спротивстават на тенковите“

Обраќањето на Мелихате Термколи, во Собранието на САП Косово, на денот на изгласувањето на уставните измени, во 1989 година. Фото: Мелихате Термколи

По предложените измени, дојде до низа протести. Еден месец пред гласањето, 1.200 косовски рудари, осум дена штрајкуваа со глад, во рудникот за олово и цинк Трепча.

Тогаш, југословенските власти воведоа вонредна состојба и 15.000 војници беа испратени на Косово.

Азем Власи, поранешен претседател на Покраинскиот комитет на Сојузот на комунистите на Косово (ПК СКК), вели дека Милошевиќ, уште пред гласањето за измените, започнал со реконструкција на партиската хиерархија, за да добие поголема моќ.

Тогашниот претседател на ПК СКК, Каќуша Јашари, поднесе оставка на функцијата, на која дојде Рахман Морина, кој го поддржуваше Милошевиќ и беше за укинување на автономијата на Косово.

„Јасно беше дека ако биде разнишана Комунистичката партија на Косово (КПК), тогаш лесно ќе се продолжи со уставните амандмани (со кои беше укината автономијата на Косово)“, вели Власи за БИРН.

„Но, претседателката на Комунистичката партија не требаше да даде оставка и да им отстапи место на поддржувачите на Милошевиќ. Тоа беше грешка. Требаше посилно да се спротивставиме“, вели тој.

БИРН побара коментар од Јашари, но таа одби да разговара со нас, од, како што наведе, здравствени причини.

Ден пред гласањето, на 22 март, лидерите на КПК, ги повикаа пратениците да ги поддржат уставните измени. Истиот ден, Милошевиќ се обрати на митинг во Белград и повика на воведување репресивни мерки во Косово.

Власи смета дека албанските пратеници можеле да покажат поголема храброст.

„И покрај опсадата, и покрај тоа што Собранието беше опколено со тенкови и полиција, пратениците не мораа да гласаат за уставните измени. Албанците беа во мнозинство и без нивниот глас, амандманите немаше да бидат усвоени“, рече Власи.

БИРН контактираше со деветмината поранешни членови на Собранието на САП Косово, кои тој ден гласаа за уставните измени. Сите ни одговорија оти од здравствени причини, не можат да коментираат.

„Ние сакавме комунистичкиот естаблишмент да замине“

 

Исуф Беќири, бил еден од рударите кои во 1989 година, стапиле во штрајк со глад. Фото: БИРН

Исуф Беќири, од селото Бајгора, општина Митровица, со лутина се сеќава на времето кога беше укината автономијата.

Тој е еден од рударите од рудникот Трепча, кој, во февруари 1989 година, штрајкуваа со глад, барајќи оставка на Рахман Морина, кого го опишуваа како „марионета на Милошевиќ“.

„Знаевме дека уставните измени се насочени против автономијата на Косово. Ние се спротивставивме на ова и сакавме Рахман Морина да си оди, како и другите од комунистичкиот естаблишмент, кои подготвуваа повторна окупација на Косово oд страна на Србија“, изјави Беќири за БИРН.

„Додека целиот народ на Косово го поддржуваше нашиот штрајк, тие нè измамија. Ни рекоа дека Морина си поднел оставка, дека нашите барања се прифатени и дека треба да го прекинеме штрајкот“, се сеќава тој.

Три недели подоцна, кога Беќири ја завршувал смената во рудникот, слушнал дека пратениците во Собранието гласале за уставните измени.

„Тоа беше предавство. Тоа не беше само страв и притисок. Мислам дека ги купиле“, истакнува тој.

За време на демонстрациите, во судирите со безбедносните сили, биле убиени 22 косовски Албанци, а југословенското Министерство за внатрешни работи ги обвини демонстрантите за „сепаратизам и национализам“.

Сепак, бидејќи Белград доби контрола врз косовската полиција, судството и врз безбедносниот сектор, за идните измени во српскиот устав, повеќе немаше потреба од консултации со покраината.

Неколку илјади луѓе се собраа да го прослават повторното воспоставување на власт над Косово во центарот „Сава“ во Белград. Тогаш, Милошевиќ, беше предложен за претседател на Србија.

Власи посочува дека исходот од ова била „целосната победа на Милошевиќ“, што подоцна ќе предизвика проблеми. Како што предвиде текстот во „Гардијан“, објавен на 29 март 1989 година, „Косово е сега окупирана територија каде што може да се реализираат српските стравови од албанска вооружена борба“.

„Го жртвуваа Косово“

Јањиќ вели дека желбата на Милошевиќ за апсолутна моќ, му дала надеж на српското воено раководство, дека ќе може да обезбеди контрола врз поголемиот дел од поранешна Југославија.

„За да ја контролира Југославија, режимот на Милошевиќ си постави цел, претходно да добие контрола врз Косово, а прекинот на комуникација меѓу Србите и Албанците го помогна овој проект, бидејќи кај српското население се зголемија чувството на загрозеност и потребата за организирање врз национална основа“, нагласува тој.

Јусуф Буџови, косовски историчар, кој во тоа време бил политички активист, вели дека на уставните измени им претходеа протестите во 1981 година и оти тоа било само изговор за тогашниот страв, дека Косово може да стане седма република.

„Раководството на Србија сакаше сојузните единици, кои беа дел од југословенската федерација, според уставот од 1974 година, да бидат ставени под српска контрола“, вели Буџови за БИРН.

До 1989 година, другите југословенски републики, не беа заинтересирани да му се спротивстават на Белград околу Косово, додава тој.

„Тие го жртвуваа Косово кога дадоа поддршка за вонредна состојба (во март 1989 година)“, истакнува тој.

Термколи посочува дека дури и денес, три децении подоцна, аплаузот по изгласувањето на измените, одѕвонува во нејзините уши.

Таа пали цигара врз цигара и почнува да плаче додека се сеќава на гласовите кои и велеле дека инсистирајќи на автономијата, таа сака да ја „уништи Југославија“.

Но, некои од оние што тогаш гласале „за“, подоцна се покајале.

„Неколку години подоцна, сретнав некои од оние, кои ги гризеше совест“, нагласува таа.

Усвојувањето на уставните измени беше пресвртница за Косово и за Србија, заклучува Буџови и додава: „Со овој чин, започна распадот на Југославија“.