Македонците и Босанците се најнезадоволни од состојбата во своите земји, покажува најновата анкета на ИРИ, во која се опфатени граѓаните на сите шест земји од Западен Балкан.
Над 70 отсто од испитаниците во двете земји рекле дека работите се движат во погрешна насока. Единствената друга земја што се движи во погрешна насока, според 52 отсто од испитаниците, е Албанија.
Тоа чувство на недоверба e особено доминантно во одговорите за довербата во политичарите и институциите. Во Албанија и Босна, 62 отсто рекле дека немаат доверба во ниту еден политичар, во Македонија истото го кажале 58 отсто.
Спротивно, во Косово и во Србија, само 28, односно 29 отсто рекле дека немаат доверба во ниту еден политичар.
Истиот тренд се забележува и кога станува збор за доверба во конкретни политичари. Жестоките противници, српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти се единствените што имаат најголема доверба при првото спомнување, од 38, односно 36 отсто од испитаниците во своите земји.
На друго место во регионот, во Албанија, само 14 отсто од испитаниците му веруваат на премиерот Еди Рама, додека во Црна Гора, само 11 отсто рекле дека најмногу му веруваат на премиерот Милојко Спајиќ.
Единствениот опозициски лидер што се наоѓа на листата политичари со доверба е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски – на кого му веруваат 11 отсто од испитаниците во земјава.
Високaта позиција на Мицкоски е во согласност со претежно негативните ставови на испитаниците за многу прашања во анкетата и ја илустрира високо напнатата атмосфера и длабокото незадоволство од политиките и перформансите на владата.
Тоа се отслика и во резултатите од двојните избори, претседателски и парламентарни, кои се одржаа минатата недела и на кои ВМРО-ДПМНЕ однесе убедлива победа.
Најважните прашања за граѓаните на шесте балкански земји, кои сметаат дека треба да бидат приоритет на владите, се економијата, високите трошоци за живот, невработеноста и корупцијата.
Во сите шест балкански земји, речиси 70 отсто од испитаниците ја опишаа состојбата на економијата како лоша или донекаде лоша.
Загриженост за корупција
Над 80 отсто од испитаниците во сите земји сметаат дека корупцијата е сериозен проблем. Одговорите се различни, кога им се поставува прашањето – кој е најкорумпиран.
Во Македонија и во Косово, испитаниците се изјаснија дека тоа се судството и политичките партии. За граѓаните на Црна Гора и на Србија, најкорумпирани се политичките партии и јавната администрација. Во Албанија, пак, покрај јавната администрација, како најкорумпирани, испитаниците го посочуваат премиерот и неговиот кабинет.
Има малку доверба и во волјата на судството за борба против корупцијата. Во Македонија, 76 отсто сметаат дека судството нема волја или желба да се бори против корупцијата, што ги одразува масовните скандали што го потресоа судството во изминатите неколку години. Последните анкети покажуваат дека довербата падна на едноцифрена.
Во повеќето други земји, бројот на тие што не веруваат дека судството вистински се обидува да се бори против корупцијата, е повеќе од половина. Само во Србија, тоа е 49 отсто.
Слобода на медиумите и демократија
Македонците дадоа најнегативни одговори на прашањата за состојбата на националната безбедност, човековите права, слободата на изразување и особено за состојбата на редот и правото, 78 проценти го забележале тоа како многу лошо или донекаде лошо.
Состојбата на демократијата предизвика различни реакции низ регионот. Во Косово, 80 отсто велат дека е многу добро или донекаде добро. Во Црна Гора, Босна и Херцеговина и во Србија, над 50 отсто сметаат дека состојбата на демократијата во своите земји е добра.
Од негативната страна, во Албанија и во Македонија, повеќе од половина од испитаниците не се задоволни од состојбата на демократијата.
Во сите земји, повеќе од половина од испитаниците ја доживуваат слободата на медиумите како добра. Во исто време, ширум Балканот, мнозинството луѓе велат дека се, или многу незаинтересирани, или донекаде незаинтересирани за политичките вести и информации.
Телевизијата останува примарен извор на политички вести и информации во регионот, додека интернетот е втора најчесто користена платформа за информации во Црна Гора, Србија и во Албанија, додека во Македонија, Косово и во Босна и Херцеговина, на оваа позиција се социјалните мрежи.
Неколку телевизии во регионот уживаат доверба од над 20 отсто од испитаниците. Во Македонија, тоа е Сител, за која се изјасниле 23 отсто, во Србија е националниот радиодифузен сервис РТС, со 26 отсто, а во Албанија е Топ канал со 32 отсто.
Свртени кон исток или кон запад
Поразновидни одговори дојдоа на прашањата за надворешната политика и како земјите треба да се позиционираат во однос на Западот.
Очекувано, во Косово и во Албанија, над 80 отсто рекоа дека надворешната политика треба да биде само про-ЕУ и прозападна. Во Србија, 31 отсто подеднакво го поддржуваат и Западот и Русија, а 27 отсто рекоа дека Србија треба да има проруски пристап, но и да ги одржува односите со Западот, со други зборови, да ја одржи практиката да седи на две столчиња.
Во Босна и Херцеговина, Црна Гора и во Македонија, над 30 отсто ја поддржуваат надворешната политика, која беше исклучиво про-ЕУ и прозападна. Околу 20 отсто во Црна Гора и Македонија подеднакво ги поддржуваат Западот и Русија, што е во согласност со растечкиот скептицизам и фрустрација во однос на процесот за членство во ЕУ.
Освен во Србија и во Црна Гора, испитаниците во другите земји сметаат дека полноправното членство во НАТО најдобро ќе им служи на интересите на нивната земја. Во исто време, улогата на НАТО во светот се гледа како позитивна во целиот регион, повторно со исклучок на Србија, каде што мнозинството ја гледа како главно негативна.
Членството во ЕУ сè уште е популарно
Доколку денеска се одржи референдум за влез во ЕУ, 68 отсто испитаници во Македонија и во Босна би гласале „за“. Исто како нив би гласале 79 отсто во Црна Гора, 89 отсто во Косово и 92 отсто во Албанија. Во Србија, наспроти тоа, само 40 отсто би гласале „за“, а 34 би гласале со „не“.
Многу испитаници во Србија и во Македонија се сомневаат дали ЕУ е сериозна во своите намери да понуди членство на земјите од Западен Балкан. Мислењето во Македонија е сè поскептично за ЕУ откако земјата беше принудена да го смени името за да стави крај на долгогодишниот спор со Грција поради што беше блокирана нејзината европска интеграција.
Сега, пак, преговорите за членство се заглавени поради спорот со Бугарија, што дополнително ја подгрева перцепцијата дека Брисел не ги исполнува своите ветувања. Најголемиот проблем на Србија во добрососедските односи е Косово.
Само во Србија, речиси половина сметаат дека руската агресија врз Украина е делумно или целосно оправдана. Кога станува збор за тоа кој поддржува кого во конфликтот, Србија е за Русија, Косово и Албанија се доминантно за Украина, додека другите не поддржуваат ниту една.
И во однос на најпријателските земји, испитаниците во Србија повторно се одлучиле за Русија, а во помала мера Кина, во Косово сметаат дека тоа се Соединетите Американски Држави, испитаниците во Босна се изјаснуваат за Турција, а по неа следува Србија.
Србија, пак, е најпопуларна во Црна Гора и во Македонија, додека за испитаниците во Албанија, најпријателска земја се САД, а потоа следи Италија.
Симпатиите кон државите се слични со оние кон политичарите. Џо Бајден е најпопуларен во Косово, а најмалку во Србија, додека, пак, Владимир Путин е популарен во Србија, но непопуларен во Косово и во Албанија. Реџеп Таип Ердоган е популарен речиси насекаде. Си Џинпинг е непопуларен во Косово, популарен во Србија, додека во Албанија речиси половина не слушнале за него.
Испитаниците, во сите шест земји сметаат дека е малку веројатен каков било вид на вооружен конфликт, без разлика дали е предизвикан од внатрешни или од надворешни фактори.
Анкетирањето на испитаниците се одвиваше лице в лице, од 2 февруари до 2 март врз репрезентативен примерок. Во Македонија беа спроведени испитувања врз 1.220 полнолетни граѓани.