Силен песимизам за иднината, чувство на несигурност, осиромашување и губење доверба во демократијата. Ова се неколку резултати од анкетата што ја објави Меѓународниот републикански институт (ИРИ), спроведена меѓу 4 март и 6 април, во која биле вклучени 1.222 испитаници. Најголемиот дел од нив одговориле дека се чувствуваат помалку безбедни од порано, очекуваат полоша економска иднина и чувствуваат влошување на личната економска состојба.
Освен општите очекувања за земјата, анкетата опфаќа повеќе други теми, како справувањето со кризата со ковид-19, довербата во институциите и во правната држава, рејтингот на политичките партии и лидери, меѓународната положба и меѓународните односи на земјата, задоволството од работата на градоначалниците во пресрет на локалните избори итн.
Нема иднина за младите
Речиси 80 отсто од испитаниците одговориле дека денешната млада генерација не може да се надева на добра иднина во својата земја. Само 16 отсто го мислат спротивното.
Повеќе од половина рекле дека во земјава нема владеење на правото, а 44 отсто сметаат дека еконoмската состојба во следните две години ќе се влошува. Речиси 40 проценти рекле дека некој од нивното семејство се иселил во странство во изминатите неколку години. Само 13 отсто сметаат дека државата е постабилна денес во споредба со претходната година, а 39 отсто рекле дека е понестабилна.
Во споредба со претходната анкета на ИРИ, спроведена во февруари 2020, бројот на испитаници што одговориле дека квалитетот на животот им се влошил пораснал од 23 на 38 проценти. Речиси една четвртина од анкетираните рекле дека месечните примања воопшто не им се доволни за да ги покријат потребите. Процентот на оние што сметаат дека немаат финансиски проблеми и лесно врзуваат крај со крај во месецот паднал од 9 на 5 отсто. Двојно се зголемил и бројот на луѓе што рекле дека се во многу лоша економска состојба.
Довербата во институциите, како една од мерките со која се пресметува нашиот напредок кон остварувањето на европските стандарди, е на многу ниско ниво. Со исклучок на банките, нема институција за која повеќе од 10 отсто граѓани рекле дека целосно ѝ веруваат. Затоа, пак, целосната недоверба е многу позастапена и достигнува над 40 отсто, особено кај владата, судството, обвинителството, антикорупциската комисија и политичките партии.
Две третини од испитаниците сметаат дека власта работи целосно или делумно спротивно на законите, а речиси толку рекле дека и опозицијата да дојде на власт ќе работи исто.
Овие резултати силно се одразиле и врз довербата во демократијата како систем на уредување на државата. Во споредба со анкетата од февруари 2020, процентот на луѓе што рекле дека таа е најдобар систем за државата паднал од 61 на 51 отсто. Од 16 на 24 отсто се зголемил бројот на оние што мислат дека има други системи што се еднакво добри, а од 11 на 17 отсто на оние што мислат дека има и подобри решенија од демократското уредување.
Само ентузијазмот за ЕУ се држи силно
Поддршката за членство на државата во Европската Унија е 79 отсто според резултатите од анкетата на ИРИ. Иако таа е за еден процентен поен намалена во однос на минатата година, сепак е значително поголема споредено со средината на минатата деценија (2014-2016), кога главно се движеше меѓу 71 и 72 отсто.
Сепак, има неколку значајни промени на ова поле. На пример, ако пред две години мнозинството сметало дека Македонија е поблиску до членство во ЕУ, во однос на 2005 година, кога првпат доби кандидатски статус, денес такво мислење имаат одвај третина од испитаниците, а најголем број сметаат дека земјата тапка во место.
Другата промена е што, во однос на лани, паѓа бројот на испитаници што мислат дека спроведувањето на реформите дома е најважен фактор за да се постигне целта – членство во ЕУ, а расте бројот на оние што сметаат дека политичката волја на ЕУ е клучна за тоа дали земјата некогаш ќе стане членка или не.
„Одолжувањата и назадувањата во пристапувањето кон ЕУ на Северна Македонија, особено со бугарското вето, се одразуваат на вербата на граѓаните дека процесот може да се придвижи напред. За среќа, тоа не го нарушило ентузијазмот за членство во ЕУ на подолг рок“, вели Пол Мекарти, директорот на ИРИ за Европа.
Кога е блокадата од Бугарија во прашање, помалку од 7 отсто од испитаниците рекле дека земјата треба да ги прифати барањата на соседната држава за да се одблокираат преговорите. Над 32 отсто сметаат дека треба да продолжат разговорите со Бугарија, но без да се прифатат нејзините позиции, а речиси 29 отсто рекле дека македонската страна не треба да прави ништо, туку членките на ЕУ треба да извршат посилен притисок врз бугарската.
Токму Европската Унија и Германија, според одговорите од испитаниците, се најсилните партнери на Македонија и најдобро ги штитат нејзините национални интереси. Потоа следуваат САД и Турција, а по нив Русија и Кина.
Градоначалникот не чини, но партијата е добра
Во делот од анкетата што се однесува на претстојните локални избори, резултатите покажуваат дека СДСМ има мала предност во поддршката пред ВМРО-ДПМНЕ – 19 наспрема 16 отсто. ДУИ се трети со 8 отсто, па следуваат Алијанса за Албанците со 4, Беса со 3 и Левица со 2.
Резултатите од седумте општини што биле опфатени со истражувањето (Скопје, Ѓорче Петров, Куманово, Охрид, Гостивар, Тетово и Штип) покажуваат неколку куриозитети каде што испитаниците од една страна рекле дека не се задоволни од своите градоначалници, но повторно би гласале за партијата што ги предложила.
Иако само една петтина од испитаниците во Скопје рекле дека се задоволни (целосно или делумно) од работата на градоначалникот Петре Шилегов, СДСМ во главниот град води пред ВМРО-ДПМНЕ со 21 наспрема 16 отсто поддршка.
Во Куманово, пак, пола-пола се резултатите во однос на тоа дали Максим Димитриевски заслужува втор мандат или не, но СДСМ води со 28 наспрема 7 отсто пред ВМРО-ДПМНЕ. Слична е и ситуацијата во Охрид, со тоа што предноста на владејачката партија пред опозициската е помала – 22 наспрема 16 отсто.
Во Тетово, 90 отсто од прашаните граѓани рекле дека не се задоволни од Теута Арифи (од кои над 60 отсто одговориле дека се крајно незадоволни), сепак најголем број гласачи повторно би гласале за ДУИ во оваа општина – 14 отсто, а потоа следуваат СДСМ со 12 и Алијанса со 10 отсто. Наспроти тоа, во Гостивар води Алијанса со 22 отсто пред ДУИ со 17, иако испитаниците биле поделени во однос на тоа дали Арбен Таравари добро раководи со општината.
Нешто појасни се работите во Штип и во Ѓорче Петров. Во Штип мнозинството е задоволно од градоначалникот Сашко Николов и сметаат дека треба да биде реизбран, и во оваа општина СДСМ води со 34 отсто во однос на ВМРО-ДПМНЕ со 15 отсто поддршка. Во Ѓорче Петров мнозинството одговорило дека Александар Наумовски недоволно добро си ја завршил работата и треба да биде избран друг кандидат, па таму ВМРО-ДПМНЕ води со 24 отсто пред СДСМ со 21.
Овој дел од анкетата покажува и големо непознавање на локалната самоуправа од граѓаните. Во некои општини, една третина од испитаниците не го знаеле името на градоначалникот. Во ниту една од единиците на локалната самоуправа што биле вклучени во истражувањето, граѓаните не знаеле да ги набројат имињата ниту на петмина советници. Поточно, мнозинството не знае ниту еден советник, а оние што знаат пет или повеќе се во рамки на статистичка грешка.
Главните партии во мртва трка
Надвор од темите за локалната самоуправа, бројките за поддршка на политичките партии се малку различни. Главните партии се изедначени, но на ниски гранки.
На прашањето „за кого би гласале ако оваа недела се одржат парламентарни избори“, еднаков број испитаници, по 17 отсто, одговориле дека би ги избрале СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ. Во споредба со анкетата на ИРИ направена во јули 2018 година, СДСМ паднал за четири процентни поени, а ВМРО-ДПМНЕ за еден. ДУИ има поддршка од седум отсто, Алијанса од шест, а потоа следи Левица со пет отсто.
Но, резултатите од прашањето какво мислење имаат граѓаните за различни политичари, резултатите покажуваат дека најпопуларен (или најмалку непопуларен) е претседателот Стево Пендаровски. Силно или делумно позитивно мислење за него имаат 43 отсто од прашаните, а силно негативно само 27 отсто. Премиерот Зоран Заев има целосна или делумна поддршка од 33 отсто, а по него следува лидерот на Левица, Димитар Апасиев, со 26 отсто, па претседателот на ВМРО-ДПМНЕ со 25.
Добро мислење за Зијадин Села имаат 20 отсто, за Билал Касами 15, а за Али Ахмети 14. Лидерот на ДУИ е политичар за кој најголемиот број испитаници, дури 65 отсто, одговориле дека имаат силно негативно мислење.
Третина не би се вакцинирале против корона вирусот
Анкетата на ИРИ се осврнува и на пандемијата со корона вирусот со неколку прашања. Според одговорите, владата не се справува добро со ковид-19. Две третини од испитаниците рекле дека досега власта била делумно или целосно неуспешна во решавањето на здравствената криза. Над половина сметаат дека соседните земји биле подобри.
Сепак, однесувањето на луѓето е посочено како главен фактор за ширењето на вирусот во земјата, а потоа е владиното управување со кризата и слабото спроведување на мерките за заштита.
Во март и во април, кога била спроведувана анкетата, масовната вакцинација не беше почната и беше неизвесно кога државата ќе набави доволно вакцини. Прашани дали ќе се вакцинираат кога вакцините ќе станат достапни, позитивно одговориле половина испитаници. Од другите, 13 отсто рекле дека веројатно нема, 19 отсто дека сигурно нема, шест отсто дека тоа ќе зависи од вакцината што ќе им се понуди, а исто толку дека не веруваат во безбедноста на ниту една вакцина. Сѐ на сѐ, околу една третина од населението не е заинтересирано за вакцинирање.
Според последните информации од Министерството за здравство, досега за вакцинирање се пријавиле околу 450 илјади граѓани. Од нив, околу 190 илјади чекаат да ја примат првата доза.