Анализи

Анкета на ИРИ: Плус за референдумот, минус за клучните реформи

БИРН ги претставува клучните наоди од последната анкета за најважните општествени прашања со кои се соочува Македонија во моментов

Меѓународниот републикански институт (ИРИ) ја објави анкетата за националното мислење во Македонија, спроведена од 28 јуни до 15 јули годинава, преку лични интервјуа кои ги спроведувале теренци на 1.100 полнолетни испитаници, водејќи сметка за возраста, полот, етничката припадност и регионот на живеење.

Во анкетата се опфатени повеќе области, меѓу кои и перцепцијата за економската и политичката ситуација во земјава, спорот за името, работата на владата, социјалната кохезија, евроатлантските и меѓународните аспирации, изборите и политичките партии, како и медиумите.

Половина од испитаниците ќе гласаат „за“ на референдумот

Поддршката на предлогот земјава да стане член на ЕУ и на НАТО како Република Северна Македонија, како што гласи и референдумското прашање, е повеќе од половина. Имено, 37 проценти рекле дека целосно го поддржуваат овој предлог, а 20 донекаде. Негативно се изјасниле 38 насто, од кои 28 насто целосно, а 10 насто дека донекаде не го поддржуваат.

На претстојниот референдум, според анкетата, „за“ ќе гласаат речиси половина, односно 49 насто од испитаниците. Опцијата „против“ велат дека ќе ја заокружат 22 проценти. Сѐ уште не знаат или одбиле да кажат 13 проценти, додека за опцијата бојкот се определуваат 16 проценти.

Спорот за името како најсериозен проблем со кој се соочува Македонија го дефинираат 14 проценти од испитаниците, а на прашањето околу тајмингот, 44 насто сметаат дека тој требало да биде решен порано. Една четвртина од испитаниците, пак, сметаат дека токму сега е вистинското време за негово решавање, 14 проценти одбиваат да одговорат, а 17 веруваат дека би било подобро решението да се бара во иднина.

Телевизијата е најчестиот извор за вести во врска со договорот со Грција бидејќи дури 71 процент одговориле дека за неговата содржина разбрале од вестите и од дебатите на малите екрани. На ова прашање биле дозволени повеќе одговори, па така 27 проценти рекле дека за содржината се информирале од интернет-порталите, а 22 од социјалните мрежи, како Фејсбук. Речиси четвртина, или 24 проценти заокружиле дека за содржината на договорот дознале од пријатели и од роднини.

Лично договорот го прочитале седум проценти, додека девет воопшто не го прочитале.

Анкетата бележи и исклучително силен тренд во позитивната перцепција на граѓаните околу приближувањето на Македонија до ЕУ. Ако во март 2017 година, само 13 проценти сметале дека во тој момент Македонија е поблиску до ЕУ отколку во моментот кога го добила кандидатскиот статус, во последната анкета оваа цифра стига до 57 проценти.

Расте и поддршката за влез во ЕУ и во НАТО, па така за ЕУ во март 2017 била 72 проценти, а сега е 83, додека за НАТО од 71, пораснала на 77 проценти.

Пофалби за владата единствено во делот на меѓународната политика и транспарентноста

Во однос на политичката ситуација во земјава, 39 отсто од испитаниците се изјасниле дека владата на СДСМ е подобра од владата на ВМРО-ДПМНЕ, а нешто поголем, 49 е процентот на испитаници (24 и 25 проценти) што сметаат дека владејачката партија е полоша, односно иста со ВМРО-ДПМНЕ.

Испитаниците се изјасниле дека единствено во делот на меѓународната политика, владата на СДСМ е подобра од онаа на ВМРО-ДПМНЕ. Перцепцијата дека оваа влада е иста со претходната преовладува во делот на владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, подобрувањето на бизнис-климата, назначувањето кадри, подобрувањето на условите за живот и условите за работа на домашните компании.

Во однос на приватноста на граѓаните, процентот на тие што сметаат дека нивните телефонски разговори се прислушуваат е и натаму висок. Денес тој изнесува 45 проценти и се намалил само за седум насто во однос на анкетата спроведена во јуни 2015 година.

Актуелната влада, во анкетата на ИРИ бележи задоволителни оценки во однос на транспарентноста, повеќе од половина, односно 51 отсто се изјасниле дека владата е транспарентна, што воедно е најголем процент во однос на 2014 и 2017 година. Негативна оценка за ова прашање дале 32 насто од испитаниците, а останатите немале одговор или не сакале да одговорат.

На прашањето „кои три министри од владата ви оставиле најдобар впечаток“, испитаниците ги споменуваат премиерот Зоран Заев, Никола Димитров и Радмила Шекеринска, а потоа следат Бујар Османи и Оливер Спасовски, но, сепак, 31 отсто се изјасниле дека ниту еден политичар не им остава добар впечаток.

Заев и Шекеринска, заедно со министерот за здравство Филипче, се наоѓаат и на листата на оние за кои испитаниците се изјасниле дека им оставиле најлош впечаток и не ја работат добро својата работа.

Тенка е разликата во однос на одговорите на прашањето за која партија би гласале ако денеска се одржат парламентарни избори. Околу 21 отсто од испитаниците се изјасниле дека ќе гласаат за СДСМ, а 18 отсто за ВМРО-ДПМНЕ. Поддршката за СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е зголемена за 1 отсто во споредба со анкетата лани.

Кај ДУИ резултатот е ист и во анкетата лани и оваа година – 7 отсто. Корпусот на неопределените е исклучително висок, 19 насто рекле дека не знаат за кого би гласале, 23 насто одбиле да одговорат.

Од анкетата е забележителен и пад во рејтингот на поранешниот премиер Никола Груевски – ако во анкетата на ИРИ во март 2017, 16 отсто од испитаниците се изјасниле дека им е омилен политичар, годинава тој процент паѓа на 7. Кај Зоран Заев, на истото прашање лани позитивно се изјасниле 10 отсто, а во годинешнава анкета, 16 отсто.

Расте бројот на оптимисти

Анкетата на ИРИ покажува дека бројот на луѓе што сметаат дека Македонија се движи во вистинската насока продолжува да расте, а бројот на оние според кои земјата оди во погрешна насока се намалува. Процентот на испитаници што одговориле дека државата добро се развива се зголемил од 14 отсто во март минатата година на 37 отсто во јули годинава, а процентот на оние со спротивен став се намалил од 56 на 30 отсто во истиот период.

На тој начин, според последните резултати, приближно еднаков е бројот на луѓе што се задоволни, незадоволни и неутрални во тоа како се развива земјата.

Уште поголем е пресвртот кај резултатите од прашањето дали државата е постабилна или помалку стабилна од лани. Пред година и пол, 70 отсто испитаници оцениле дека стабилноста се намалува, а во новата анкета оваа бројка паднала на 25 отсто. Бројот на оние според кои државата станала постабилна се зголемил од 4 на 37 отсто. Според 35 отсто, стабилноста е иста.

Анкетата покажува дека и натаму луѓето се најмногу загрижени за економските проблеми. Меѓу петте најголеми проблеми што ги навеле испитаниците, само прашањето за името е од неекономска природа. Другите се економијата, невработеноста, сиромаштијата и нискиот животен стандард, како и ниските плати и пензии.

Сепак, растат очекувањата дека економската состојба ќе се подобри во наредните две години. Така се изјасниле 38 отсто испитаници, наспроти 21 отсто во март 2017 и 33 отсто во август 2017 година. Со спротивни очекувања биле 22 отсто испитаници, што е пад за девет процентни поени од март минатата година.

Триесет отсто од граѓаните сметаат дека невработеноста останала иста од минатата година до сега, 27 отсто одговориле дека таа малку се намалила, 23 отсто дека малку се зголемила, 9 отсто дека многу се зголемила, а 5 отсто дека многу се намалила.

Големи разлики во личната, односно во семејната економска состојба од лани досега почувствувале 10 отсто од граѓаните, и тоа кај 5 отсто имало значително подобрување, а кај другите 5 отсто значително влошување.

За мнозинството од 63 отсто немало никакви промени, а другите одговориле дека имале умерено подобрување (15 отсто) и умерено влошување (12 отсто).

Кога станува збор за вкупниот квалитет на живот, пак, за 17 отсто тој се подобрил, за 23 отсто се влошил, а според 59 отсто останал ист.

Само пет отсто од луѓето одговориле дека со своите приходи можат да си купат што сакаат. Десет отсто, пак, не можеле да ги задоволат ни основните потреби. Најголем дел, 55 отсто, рекле дека можат да го купат само она што им е неопходно, а 29 отсто дека можат да си дозволат малку повеќе од неопходното.

Анкетата на ИРИ го регистрира и трендот на иселувањето, според кој, речиси половина граѓани имаат член од семејството што живее во странство. Десет отсто испитаници одговориле дека некој од нивното семејство се иселил годинава, 12 отсто рекле дека тоа им се случило во изминативе три години, а 22 отсто дека имаат член на семејството кој емигрирал пред повеќе од три години.