Анализи

Чекајќи ја информативната, јакне дезинформативната кампања

За исти членови од договорот се шират спротивставени толкувања

Додека се чека  кампања во врска со референдумот на телевизиите и на другите традиционални медиуми (која владата најави дека ќе биде информативна), на социјалните мрежи таа веќе достигна кулминација. Илјадници граѓани учествуваат во дебатите и ги споделуваат содржините што се поставуваат од скриени профили и кои често содржат дезинформации и манипулативни толкувања.

Како реакција на движењето „Бојкотирам“, од неодамна се појави и иницијатива „не бојкотирам“, која обидувајќи се да ги разоткрие лагите на пропагандата против референдумот за договорот меѓу Македонија и Грција, и самата нуди преувеличени тврдења. Страницата  за кратко време доби околу 1.000 следбеници. Таа беше отстранета од социјалните мрежи, па повторно вратена, а нејзините објави се шират од поддржувачите на власта.

За разлика од серијата од 16 парафакти што ги ширеа противниците на референдумот (меѓу кои има и тврдење дека државата судски ќе ги гони тие што не се согласуваат со договорот), пораките од „не бојкотирам“ содржат информации за тоа на кој член од договорот од Преспа се повикуваат.

Фокусот на дебатата и заклучоците се изведени од членот 7 во договорот. Овој член го употребуваат и противниците на референдумот, кои тврдат дека со него термините „Македонија“ и „македонски“ ќе бидат избришани од секаква употреба. Додека за поддржувачите тој значи оти „за првпат Грција ја признава македонската историја“.

Во самиот член пишува дека двете страни се согласиле дека нивното разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ се однесуваат на различен историски контекст и културно наследство и е нагласено дека ништо во договорот нема за цел да го обесхрабри користењето на овие зборови од граѓаните во двете земји.

Се крадат логоа и се подметнуваат пораки

Зачестија лажните пораки во име на други

Сè почести стануваат подметнувањата, во кои едната страна од кампањата објавува лажни пораки во име на другата. Меѓу таквите примери е и пораката да се бојкотира со пречкртување на гласачкото ливче. Искористени се логото на „Бојкотирам“ и нивниот повик до гласачите да се запишат во избирачкиот список за да го кренат цензусот и додадено е дека потоа тие треба да излезат и да го поништат ливчето за да „не дозволат некој друг да гласа наместо нив“.

Поништените ливчиња, иако не се бројат како гласови за едната или за другата страна, влегуваат во процентот на излезени гласачи, а главната борба е токму да се достигне цензусот од минимум 50 отсто плус еден гласач.

Според комуниколозите со кои разговараше БИРН, во оваа ситуација значително се зголемува ризикот од создавање забуни кај гласачите и ќе биде тешко со најавената аргументирана информативна кампања да се санираат последиците од дезинформирањето

Ова подметнување доаѓа по узурпацијата на логото „Факти за договорот“ што го објави владата, а го презеде група што повикува на бојкот и шири лажни информации.

Тезата на поддржувачите на референдумот е дека иднината на земјата зависи исклучиво од неговиот успех и дека во спротивно нè очекува целосен пропаст. Затоа шират пораки дека со бојкотот се загрозува исплатата на пензиите, субвенциите и социјалната помош, а сето тоа се прави за Никола Груевски да добие амнестија.

Тие што повикуваат на бојкот, пак, се држат до тезата дека одлуката за промена на името е геноцидна и дека со нејзиното прифаќање, македонскиот народ ќе се самоуништи.

Определените ги филтрираат аргументите

Повеќето пораки се еднострани и нецелосни

Иако по правило агитирањето за референдумот е дозволено откога  тој ќе се распише (од 30 јули), сепак главните политички актери се подготвуваат за кампања во последните 20 дена, како да станува збор за избори. На овој начин, тие го оставија јавниот простор слободен веќе еден месец, а тоа го искористија разни групи за ширење дезинформации и манипулации, често од профили со скриен идентитет.

Дел од тие групи се поврзани или изразуваат поддршка кон помали политички партии како „Трета“, „Единствена Македонија“ и други, а дел се поврзани со неформални организации, како „Млади за Македонија“ или движењето „Бојкотирам“.

Снежана Трпевска: Луѓето што се веќе определени, ќе имаат блокада во примањето на аргументите од информативната кампања и ќе го филтрираат тоа што доаѓа до нив

Според комуниколозите со кои разговараше БИРН, во оваа ситуација значително се зголемува ризикот од создавање забуни кај гласачите и ќе биде тешко со најавената аргументирана информативна кампања да се санираат последиците од дезинформирањето.

„Не е лесно да се предвиди како секој поединец ќе ги прими информациите бидејќи на тоа влијае целото наше битие, личните особености, припадноста кон одредени групи, знаењата, уверувањата, итн“, вели професорката Снежана Трпевска од Институтот РЕСИС.

Луѓето што се веќе определени, додава таа, ќе имаат блокада во примањето на аргументите од информативната кампања и ќе го филтрираат тоа што доаѓа до нив.

„Затоа тешко ќе оди разубедувањето на тие што се цврсто определени, особено на тие што многу емотивно му пристапуваат на ова прашање. Токму тоа го злоупотребуваат различни политички субјекти, кои тенденциозно шират информации со кои се манипулира со чувствата на луѓето заради остварување одредени политички цели“, заклучува Трпевска.

Проблем што требало да се предвиди

Емоциите надвладуваат над рационалното аргументирање

Како што објаснува комуникологот Сеад Џигал, интернетот  е платформа, на која информациите и дезинформациите тешко се разликуваат, особено кога споделуваните шпекулации и дезинформации како лавина ги затрупуваат фактите. Во таа смисла, додава тој, ефектите можат да бидат непредвидливи.

„Имавме случај на полемика меѓу академик и професор од Правен факултет, во која беа со спротивставени ставови за тоа дали кампања за бојкот е законска или не. Наместо збогатување на аргументацијата „за“ или „против“ референдумското прашање, настана дисторзија на фактите, во кои дури и законски одредби селективно се читаат и произволно се политизираат. Социјалните мрежи и лаичките коментари се надоврзуваат на ова, фактите се потопуваат, а се додава дополнителен шум, кој се развива во шпекулации, конфузија на фактите, теории на заговор и дополнителна поларизација во јавноста. Интернетот и социјалните мрежи ја пресликуваат политичката и медиумската култура, со која, за жал, ние не можеме многу да се пофалиме. Затоа, кога се става фокус на кампања на интернет, мора плански да се пристапи кон неа и однапред да се подготвуваат решенија за предвидливи проблеми, како што се кампањите за дезинформирање на интернет“, смета Џигал.

Сеад Џигал: Интернетот и социјалните мрежи ја пресликуваат политичката и медиумската култура, со која, за жал, ние не можеме многу да се пофалиме

Според него, треба многу да се внимава како се води целиот процес, а кампањата на интернет да се прошири во интегрирана медиумска кампања, во која фактите ќе ѝ бидат јасно презентирани на јавноста, низ различни канали, до различни популациски групи.

„Кампањата не може да биде само еднострано објавување на подготвените пораки, туку и континуирано промовирање факти, аргументи и клучни пораки, додека паралелно се води дијалог и дебата, не само со контрааргументите, туку и со дезинформациите и со шпекулациите. Ова е сложен процес и само отсликува дека живееме во поинакво време, за кое постојано мора да наоѓаме нови решенија за кампањите да бидат во прилог на информирање, а не во прилог на поларизација и на конфликт“, вели Џигал.

Тој додава дека тие што учествуваат во дебатата, особено јавните и стручните лица, не смеат неодговорно и неетички да ги релативизираат законите и прописите и да ги искривуваат реалноста и фактите по теркот на своите лични или партиски интереси, затоа што покрај професионалноста, потребна е и висока етичност кога јавно се застапуваат одредени ставови.