Анализи

Факти, парафакти и контрафакти во кампањата за бојкот на референдумот

„Геноцид“ е клучниот збор во многу пораки за бојкот

Илјадници луѓе ја прочитале и ја споделиле информацијата дека Македонија се обврзала да покрене судска постапка против своите граѓани што не се согласуваат со договорот со Грција. Ова е само еден од 16-те „контрафакти“ што од почетокот на август се шират на социјалните мрежи, како реакција на владината кампања „факти за договорот“.

Поддржувачите на бојкотот на референдумот за името закажан за 30 септември најнапред почнаа да ги менуваат фактите што ги објавуваше Владата, со истиот дизајн, само со променет текст (на пример од „државниот грб, знаме и химна не се менуваат“ во „се менуваат“), а потоа почнаа и со своја информативна кампања. Во онлајн-кампањата против референдумот се употребуваат и националистички пораки и повици за насилство, а се користат и сите скандали што ја потресоа Владата во изминатиов период.

Владата најави дека медиумската информативна кампања со која ќе се обиде да ги мотивира граѓаните да гласаат „за“ на референдумот ќе ја почне откако ќе утврди колку пари има за таа намена низ министерствата. Поддржувачи на владејачката партија на интернет водат кампања „за иднината“, во која главната порака е дека со гласот „за“ ќе се спречи враќањето на „режимот“.

Галерија од 16 точки

Нема објаснување врз кои точки од договорот се темелат дел тврдења

Иако Владата официјално не е во кампања, државни функционери, меѓу кои и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, веќе објавуваат содржини со хаштагот „факти за договорот“ и со други како „МК во НАТО“ или „придобивки од ЕУ“. Со нив тие порачуваат дека македонскиот идентитет и државните симболи се заштитени, дека ќе се зголеми безбедноста итн.

Но, на Фејсбук од минатата недела се појави страницата „Факти за договорот“, која ја следат речиси илјада луѓе и  која ги користи истите графички дизајни на пораките што ги испраќа Владата, но ја менува содржината. На оваа страница може да се прочита дека договорот не ја обезбедува македонската иднина (наспроти владиното „ја обезбедува), дека влегуваме во ЕУ и НАТО како Северномакедонци, дека македонскиот јазик не е заштитен итн.

Страница со парафакти ги користи графичките дизајни од владината кампања

Една од најсподелуваните објави досега е галеријата од 16 точки со наслов „што треба да направи Македонија од договорот со Грција“. Во 12-та од овие точки се вели дека државата ќе ги тужи тие што се против договорот. Дел од другите точки се факти, како тоа дека Македонија се обврзала да го смени името во Република Северна Македонија што ќе се користи секаде, дека на регистарските таблички наместо МК ќе стои НМК, дека ќе се менува Уставот, ќе се менуваат натписите пред сите државни институции, нема да се користи сонцето од Кутлеш итн.

Во друг дел од точките има недоречености, како тие дека ќе се менуваат сите пасоши, личните карти и возачките дозволи, без појаснувањето дека тоа нема да се прави одеднаш, туку граѓаните би добивале документи со новото име на државата како што ќе им истекуваат постојните. Исто така, се тврди дека со договорот земјава се обврзала да ѝ дозволи на Грција да побара измени во случај на грешки и пропусти во соодветната референца за името и терминологијата, како и да отстрани и промени споменици, јавни згради и инфраструктури ако Грција ги оспори.

Овие пораки се шират од профили со псевдоними, како „Македонски националист“ или „Бојкотирај референдум“, или од профили со цели имиња и презимиња, но без фотографии. Некои од нив, меѓу пораките за бојкот, изразуваат симпатии кон партиите „Трета“ на Љупчо Палевски и „Единствена Македонија“ на Јанко Бачев. Побаравме објаснување од повеќемина што ја шират галеријата врз кои делови од договорот се темелат наведените точки, но засега нема одговор.

Контрареферендум ќе нема

Цитати од македонски писатели често се користат во кампањата

На страниците на групата „Млади за Македонија“ или на иницијативата „Бојкотирам“, кои веќе и на терен ја спроведуваат кампањата за бојкот, има малку објави со факти и контрафакти. Во дел од нив се споредуваат пораки од Владата и изјави од грчката влада, како таа дека додека од македонска страна се тврди дека се затвора секое оспорување на македонскиот идентитет, грчкиот премиер Алексис Ципрас  изјавил дека договорот го признава државјанството, што е различно од националноста.

Поголемиот дел од содржините на страниците на „Бојкотирам“ и на „Млади за Македонија“ се едноставни пораки дека името е свето и не треба да се менува, зачинети со цитати од македонските писатели, како Петре М. Андреевски, Блаже Конески или Григор Прличев.

Неформалното студентско движење „Млади за Македонија“ имаше во план да организира и т.н. татковински референдум, со кој трајно би се заштитиле името Македонија, македонскиот идентитет и јазик. Одлуката за ова беше донесена на 1 август, а планот беше до крајот на месецов да се формулира прашањето и потоа да почне собирањето на 150.000 потписи. Но, девет дена подоцна, групата се откажа од оваа намера бидејќи активностите можеле да бидат злоупотребени.

Иницијативата „Бојкотирам“ има објавено етички кодекс, според кој, тие се анонимни бидејќи не сакале пари и слава, биле патриоти и заштитници, ги ослободувале „заробените умови“ откривајќи ги „лагите и измамите“ и биле имуни на пропаганда.

Но, не е целата кампања  таква.

Насилство, теории на заговор и „дип стејт“

Многу поддржувачи на бојкотот повикуваат на насилство

Од дел од скриените профили се упатуваат и националистички пораки и закани на насилство, како „референдум за стрелање на оваа влада“. Се кројат дури и теории на заговор дека Лазе Велковски бил разрешен од позицијата директор на Бирото за јавна безбедност само за привремено да се стави Албанец на неговото место, кој насилно би ги задушувал евентуалните протести за името.

Се чека Трамп да го уништи „дип стејт“ за спас на Македонија

Теориите одат и дотаму дека Македонија е под контрола на т.н. „длабока држава“ (дип стејт) од САД, која работи и против претседателот Доналд Трамп, но дека откако оваа структура ќе се исчисти во Америка, ќе се смени и американската политика во земјава. Дел од пораките се и дека на Западот владее разврат и педофилијата е дозволена, па Македонија не треба да се стреми кон интеграција во западните организации, уште помалку да го менува името поради тоа.

Во голем број објави, клучниот збор е „геноцид“, односно пораката е дека македонскиот народ ќе се самоуништи со спроведувањето на договорот.

Истовремено, во групи како „спаси го името“, „бојкотирај референдум за северна Македонија“ и други, често се шират и скандали поврзани со Владата што немаат врска со референдумот, како распределбата на парите од Фондот за иновации или најавата за увид во банкарските сметки. Тие служат и за изразување незадоволство од несправувањето со комарците во Скопје и од други политики на владејачката структура. Лажни информации со кои лоши болнички услови во Русија се претставени како да се во Македонија, исто така може да се сретнат во овие и во други групи.

Односот кон опозицијата на најактивните профили и страници што водат кампања за бојкот на референдумот е различен. Дел од корисниците на социјалните мрежи сѐ уште го повикуваат раководството на ВМРО-ДПМНЕ јасно и недвосмислено да се определи за бојкот, а други го обвинуваат дека калкулира, па поради тоа била дел од контролирана структура од странство.