Репортажи

Бојкотирам: Победата ја прогласија, но одвај ја прославија

Околу две илјади луѓе го славеа неуспехот на референдумот пред Собранието | Фото: БИРН

Собирот за прослава на неуспехот на референдумот почна со упатства за тоа каде и како да се фрла ѓубрето, за просторот пред Собранието и во паркот Жена-борец да остане чист. Чистењето, многу почесто,  во кампањата за бојкотот се споменуваше во друг контекст – како што еднаш рече писателот Ефтим Клетников, „да се исчисти здравото македонско ткиво од предавниците“.

Антипредавничкото расположение не ја одмина ниту оваа прослава. Го имаше во говорите, песните, извиците, насекаде можеа да се слушнат зборовите „кодоши, издајници, шпиони“. Со песните се порачуваше „Бог да ги бие и убие“, а во говорите пораките беа посмирени – тие треба или да си заминат или да престанат да работат против Македонија.

Во 20 часот веќе се знаеше дека  референдумот пропаѓа. Дека цензусот е предалеку од посакуваните 50 отсто и дека борбата е да се достигнат барем 35 отсто. Сцената сè уште се поставуваше, а меѓу неколкуте стотини присутни во тој момент шетаа дел од познатите бојкотирачи, како Тодор Петров, отец Ивица Тодоров и професорот Сотир Костов, кој застануваше за понекое селфи со  насобраните.

Според дел од учесниците, Давид го победил Голијат | Фото: БИРН

Од разгласот се пуштаа песни за напатениот македонски народ што многу поминал низ вековите, но мора да се исправи, додека неколкумина наоколу делеа лепенки со 16-кракото сонце и со еврејскиот симбол – Давидовата ѕвезда.

„Се поистоветуваме со геноцидот врз еврејскиот народ“, ни рече еден од нив додека ни го подаваше малото ливче.

Тоа беше почетокот, патриотски песни и митови за библиска Македонија и за непобедливиот антички ген, кои различни говорници ги раскажуваа од страничниот разглас пред шаторите во паркот.  Наоколу се слушаа сирени, се создаваше атмосфера за голема прослава, но кога водителката Арна Шијак излезе за да ја отвори прославата и да го најави првиот говорник Тодор Петров, имаше околу 2.000 луѓе распослани преку шесте ленти на улицата 11 Октомври. Разретчена маса меѓу споменикот на Никола Карев и крстосницата пред Градската хируршка клиника.

Освен што го прогласи референдумот за неуспешен и резултатите од него за неважечки, Петров прочита декларација во која повтори дел од веќе слушнатите пораки.

Претседателот Иванов им беше политички херој на насобраните | Фото: БИРН

„Бараме јавниот обвинител да поднесе обвинителен акт против премиерот, министерот и пратениците што гласаа за референдумот и да бидат казнети со доживотен затвор и со конфискација на имотот од нив и од нивните семејства“, рече тој пред посетителите.

Тука беа и пораките за оставка на Владата и за избори, кои исто така стигнаа од повеќе страни (претходно и активистите во шаторите најавија дека нема да го напуштат паркот сѐ додека не се случи тоа).

Немаше многу говори. По Петров се обрати Боби Темелков, претставник на македонската дијаспора од Канада. На сцената имаше место и за Горан Костовски од Твитер, претставен дека бил меѓу главните борци за бојкот на интернет.

„Нема да ги заборавиме тие што гласаа „за“, уценетите политичари и платеничкото новинарство“, порача твитерџијата од бината.

Давидовите ѕвезди симболизираа „поистоветување со геноцидот на Евреите“ | Фото: БИРН

И во песните се бараше одговорот на прашањето што ќе се прави со тие што биле „за“. Пејачот Јордан Митев понуди одговор во своите стихови – „боже дај ни сила да им простиме, дај ни сила да се сплотиме, бар за едно да се сложиме“.

Не требаше многу за да почнат ората и танците. Пред сцената и онака имаше доволно простор за тоа. Камери од разни делови од светот ги ловеа учесниците како се фаќаат за раце и вртат кругови додека ги пеат песните заедно со изведувачите.

„Нема многу народ. Колку што бевме обично. Ама убав народ, весел“, забележа една од присутните.

Беа поздравени речиси сите политичари и други јавни личности што се бореа за бојкот. Арна Шијак од сцената читаше едно име по друго неколку минути. Посебно ги нагласи Игор Дурловски, Богдан Илиевски, Борис Дамовски и Владо Јовановски. Таа и други говорници побараа слобода за уапсените за насилствата од 27 април минатата година.

Кулминацијата се достигна кога со факели беше донесено големото знаме со 16-кракото сонце, кое ги покри поголемиот дел од присутните, додека ја пееја „Послушајте патриоти“.

Поголемиот дел од собирот помина во веселба | Фото: БИРН

Раперот Пука Козметика беше меѓу последните што настапија, повторно со комбинација од говори и од неговите песни, и со многу вулгарности, но и директни пораки.

„Слушајте вие таму во Собрание, ако ви текне да правите нешто по овој дебакл, јас доаѓам кај вас“, извика тој, бурно поздравен.

Луѓето полека се разотидуваа. Веќе во 10 часот, по помалку од два часа славење на големата и убедлива победа, имаше само неколку помали групи што стоеја на различни страни. На една од нив, професорката Гордана Силјановска правно им објаснуваше како стојат работите сега, односно дека за истото прашање не може да има нов референдум во наредните две години.

Помал дел од присутните се префрлија во паркот каде што продолжија со дискусиите. Весели, насмеани, не им се одеше дома. Сакаа да продолжат да се дружат со истомислениците. Во меѓувреме, продукциската екипа мошне брзо и ефикасно ја демонтираше бината. Во моментот кога премиерот Зоран Заев го држеше својот говор на три километри оттаму, улицата пред Собранието речиси беше расчистена и полицијата се подготвуваше повторно да ја отвори за сообраќај.