Анализи

Антикорупциска доби претседател, но дали ќе добие и „заби“

Адем Чучуљ пред предизвик да се справи со имиџот на дискредитираната и тивка комисија

Антикорупциската комисија денеска доби нов претседател. За првпат, челник на ова тело, суштинско за откривање и особено за спречување на корупцијата, станува човек однатре.

Правникот Адем Чучуљ, од 2006 година е во Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), од времето кога институцијата броела шест вработени. Почнал како записничар и пишувал соопштенија, советувал и учествувал во стратегии и дебати, за лани да стане генерален секретар.

Toj, попладнево беше избран со поддршка од дури 82 пратеници.

Меѓутоа, иако искусниот инсајдер е логичен избор за прв човек на ДКСК, автоматски не значи дека истиот, досега неубедлив состав на комисијата, преку ноќ, ќе покаже заби и ќе им се спротивстави на центрите на моќ.

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција

Експретседателката Димитровска | Фото: БИРН

„Чучуљ нема лесна задача“, вели за БИРН, Миша Поповиќ, од Институтот за демократија, кој, како претставник на граѓанските здруженија, минатиот месец учествуваше во собраниските интервјуа за прв човек на Антикорупциска.

„Негова задача е за една година, барем да го запре трендот на назадување во борбата против корупцијата.“

Потребата за нов претседател среде мандат се појави откако летоска Татјана Димитровска се повлече, обвинета за оддавање службена тајна во корупциски предмет и за измама при добивање сертификат за класифицирани информации.

Сега Чучуљ е исправен пред предизвикот да се справи со имиџот на дискредитирана и тивка комисија, заробена во тесното толкување и практикување на своите ингеренции.

Имено, шесте члена на Антикорупциска, водени од долгогодишната ревизорка Димитровска, не „загризуваа“ во високопрофилните случаи што ги вклучуваа премиерот и првите луѓе на тајната полиција и на Агенцијата за разузнавање.

Транспарентноста заглави кај директорот на АНБ

Антикорупциска одбиваше увид во документацијата за Христовски, која ја бараше БИРН, па дури и ја тужеше Агенцијата за пристап зошто наложила таков увид. Дури откако судот ѝ наложи, ни го достави на увид спорниот сертификат на директорот на АНБ, Бојан Христовски.

Не видоа повод за дополнителна истрага за патните трошоци на синот на премиерот Христијан Мицкоски, кој го придружуваше во официјалната посета на САД, иако се откри дека неговиот пат и престој биле платени во готово. Се прогласија за ненадлежни да ја утврдат законитоста на назначувањата на директорот на АНБ, Бојан Христовски, и на заменичката во Агенцијата за разузнавање, Ивана Стојановска.

Репутацијата на актуелниот состав не е само локален впечаток.

Европската комисија неодамна оцени дека комисијата „се двоуми во решавањето политички чувствителни случаи“.

„И нејзината комуникација со јавноста беше недоволна “, се вели во годишниот извештај за напредок на земјата во ЕУ-интеграциите.

По заминувањето на Димитровска, БИРН пишуваше дека таа ја водела институцијата со цврста контрола и дел од членовите сметале оти намерно ја забавува постапката за одредени предмети.

Дводецениски стаж во ДКСК

Адем Чучуљ на интервјуто во Собранието минатиот месец | Фото: Собраниски канал

Седумчлената комисија што минатиот месец ги спроведе интервјуата на десетте кандидати ја сочинуваат четири пратеници, по двајца од власта и од опозицијата, претставник на Народниот правобранител и двајца претставници на невладиниот сектор. Овојпат, еден од делегатите на граѓанските здруженија не беше во можност да присуствува на интервјуата и да гласа.

Сега веќе новиот претседател на ДКСК, на интервјуто потенцираше дека му „лежи“ темата за имотот на функционерите и дека целата кариера се ја вградил во системот за следење на проблематиката.

„Запоставена е надлежноста за следењето на имотната состојба“, беше дециден.

Тој забележува дека софтверот за следење на функционерскиот имот не е целосно имплементиран и дека ДКСК, наместо со законски предвидените 17, електронски е поврзана само со пет институции, со што ѝ се отежнува истражувањето.

„Чучуљ нема лесна задача“, Миша Поповиќ | Фото: БИРН

Ако на ова се додаде и неажурноста на институциите, резултатот е, вели Чучуљ,  тоа што немаме точен и конечен број функционери.

„Ваквата ситуација дозволува кумулирање функции“, рече тој на интервјуто.

Чучуљ е познат на новинарите и на здруженијата, чиј фокус е корупцијата.

Тие, во Собранието, рекоа дека е ценет меѓу колегите и оти на некој начин е институционалната меморија на комисијата.

Иако за половина час, колку што траеја интервјуата, невозможно е да се добие вистинска слика, Чучуљ се издвојуваше од другите кандидати, со тоа што ја владееше материјата во детали, и за разлика од повеќето кандидати, не читаше од подготвен материјал.

Дарко Аврамовски, кој, како надворешен претставник на невладините, гласаше во собраниската комисија што го предложи Чучуљ за претседател, очекува тој позитивно да влијае врз комисијата.

„Се работи за кандидат со најкомплексно и најдетално познавање на внатрешните процедури и работењето, законските механизми и практичните предизвици со кои се соочува ДКСК“, вели Аврамовски од коалицијата „Сите за правично судење.“

Повеќе од суво толкување на законите

Ивановска и Тасева ја водеа ДКСК со интегритет | Илустрација: БИРН

По првиот состав на Антикорупциска, под водство на Слаѓана Тасева, кој пред 20 години отвори крупни случаи, секоја следна гарнитура беше побледа, сè до последните години на владеењето на Никола Груевски, кога комисијата стана алатка за притисок врз опозицијата и неистомислениците.

Затоа во 2019 година, сериозно се измени начинот на избор на кандидатите за членови и на претседател на ДКСК и во одлучувањето се вклучи невладиниот сектор за да се зголеми независноста и ефикасноста на институцијата.

Оттогаш, седумчлената комисија, составена од пратеници и од надворешни членови, ги спроведува интервјуата и бодувањата на кандидатите, а потоа фаворитите му ги предлога на Собранието.

Новиот рецепт покажа резултати, ако се суди според составот на комисијата под водство на Билјана Ивановска.

Меѓутоа, по крајот на нејзиниот мандат, во февруари 2024 година се покажа дека системот не е вистински отпорен на политички влијанија. Во вториот избор по новите правила, пратениците од седумчлената комисија ги надгласаа невладините организации, давајќи максимум-бодови за Димитровска и за другите членови, кои од НВО-секторот беа слабо оценети.

„Ефектите ќе зависат и од другите членови на ДКСК“, Дарко Аврамовски

„Изборот на антикорупционерите е оркестриран и необјективен“, обвинија  невладините.

И се покажа дека нивните стравови беа оправдани.

Не добивме само плашлива комисија и скандал со претседателката, туку и состав што се „прослави“ со барања за службени возила и за дипломатски пасоши и со контроверзна иницијатива за ограничување на информациите од јавните набавки.

„Влегов во Собранието, со очекувања дека ќе се повтори нешто слично, но, за среќа, не посведочив значајни разлики меѓу тоа како гласале партиите и како гласаше претставникот на граѓанските организации“, вели Миша Поповиќ од Институтот за демократија.

„Највисоко рангиран беше кандидатот, кој со својата биографија и интервју се истакна најмногу од пријавените.“

Поповиќ го советува новиот претседател да ja напушти концепцијата на административна борба против корупцијата зашто „корупцијата пробува да ги извртува и да ги победи правилата“.

„Ако постапките на институциите се сведени само на суво толкување закони, без да се земат предвид начелата, целта на правилата, која е извртена од корупцијата, домашните и меѓународните стандарди за добро управување – најчесто нема да се констатира корупција или вина.“

Тој очекува Чучуљ и другите членови повеќе да ги гледа на телевизија, комуницирајќи со јавноста и предупредувајќи ги функционерите навремено, потсетувајќи ги што е фер и нефер и што е право и не-право.

„Дури и пред да има одлука“, порачува Поповиќ.

И Аврамовски од „Коалицијата за правично судење“ се согласува дека овојпат имало повисоко ниво на објективност.

Меѓутоа, тој предупредува дека претседателот е само прв меѓу еднаквите, па ефектите ќе зависат и од другите членови на ДКСК, поддршката од другите институции и од расположливите ресурси.

„Но, согласно неговите компетенции, очекувам стабилизирачки и подобрувачки ефект по сите турбулентни случувања.“