Иако „присуството на антисемитизам“ е слабо и иако во земјите на Западен Балкан останале само неколку илјади Евреи, ова прашање се користи во тековните регионални политички спорови, се вели во новиот извештај кој ИРИ го објави денеска.
„Во регионот каде националистичката политика често ги влошува тензиите меѓу етничките групи, и антисемитскиот говор, и борбата против антисемитизмот, се користат како алатки во регионалните или меѓународните политички битки. Покрај тоа, ова често се прави во согласност со намерното прилагодување на историските факти на политичките потреби“, стои во извештајот.
„Целта на погрешното толкување или користење на историските настани во популистичките наративи, е закана за мирната демократска транзиција во регионот“, нагласува ИРИ.
Извештајот „Антисемитски дискурс на Западен Балкан“ ги опфаќа Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, и тој се базира на извештаи за човековите права, на интервјуа со релевантни актери и на мониторинг на одредени онлајн медиуми, во периодот од јануари 2019, до мај 2020 година.
„Она што се чини специфично за регионот на Западен Балкан, е употребата на антисемитизмот (и често употребата на некаква форма на филосемитизмот) како алатка за ширење или интензивирање на регионалните конфликти“, се вели во извештајот.
„Сеќавањето на холокаустот честопати се користеше како изговор за критикување на злосторствата на една етничка група над друга, а злосторствата за холокаустот, од бројни онлајн медиуми, беа споредувани со злосторствата извршени во 90-тите години“, се додава во извештајот.
Во него се забележува дека Хрватска „сè уште се обидува да се справи со проблематичното наследство од Втората светска војна“, кога Независната Држава Хрватска (НДХ), сојузник на нацистите, основана од фашистичкото усташко движење, „беше одговорна за масовната депортација и убиства на Евреите, Србите, Ромите и други“.
Се нагласува дека (хрватската) влада промовира историско одбележување и сеќавање на холокаустот преку разни комеморативни активности и едукативни програми, но несоодветно и двосмислено се бави со контроверзните прашања околу усташките симболи и историскиот ревизионизам.
Српските политички лидери посочуваат на добрите односи со малубројното еврејско население во земјата и со Израел, но ова прашање понекогаш се користи за идентификување на Србите како жртви на Втората светска војна и на војните во 90-тите.
„Се користи во обид да се изрази степенот на српското страдање во историјата, особено за време на НДХ“, се истакнува во извештајот.
Сепак, се додава во него, учеството на српската нацистичка марионетска влада од Втората светска војна во „испраќањето на Евреите во смрт“ често се игнорира.
Во Албанија, според извештајот, „најистакнатите (антисемитски) наративи беа реториката и теориите на заговор во врска со улогата на Џорџ Сорос (американски милијардер, финансиер и филантроп), во влијанието врз политичките процеси во Албанија и нивното контролирање“.
Резултатите од мониторингот во Босна и Херцеговина, покажаа дека антисемитизмот е изразен како „омраза кон локалните Евреи и Евреите воопшто, за постапките на Израел против Палестинците“.
„Бројот и сериозноста на овие антисемитски случаи и говорот на омраза против Евреите се загрижувачки и треба да се преземат мерки за нивно решавање“, се вели во извештајот на ИРИ.
Во Косово, „антисемитизмот е ограничен на одредени порадикални религиозни елементи“, додека во Северна Македонија, антисемитските чувства се ретки и најмногу се изразени во коментарите на социјалните мрежи кои „често содржат добро познати конспиративни стереотипи“ за Евреите, се вели во извештајот.
Во Црна Гора, антисемитизмот „не е значително присутен во општеството или медиумите“, заклучува ИРИ.
Во извештајот се наведува дека во седумте анализирани земји, денес живеат помалку од 5.000 Евреи.