Регион

Aнтисрпската реторика составен дел од изборната кампања во Хрватска

Српското малцинство во Хрватска дополнително стана мета на потпалувачки политички реторики и говор на омраза

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Во Загреб се појави и графит, со кој им беше упатена закана на Србите, дека ќе им бидат скршени не три, туку сите прсти, алудирајќи на поздравот со три прста што го користат некои српски националисти.

Реакцијата на владејачката Хрватска демократска унија (ХДЗ), на оваа серија на говор на омраза насочен кон Србите, беше внимателна, затоа што Хрватска е среде предизборна кампања, а изборите се одржуваат за помалку од еден месец, односно на 5 јули.

Премиерот, Андреј Пленковиќ, и министерот за внатрешни работи, Давор Божиновиќ, ги осудија инцидентите со многу внимателен јазик. Тие мораа да реагираат по поставените прашања од новинарите и од јавноста, но, исто така, беа загрижени и да не изгледаат премногу наклонети кон српското малцинство, за време на изборната кампања.

Во нивните изјави, тие наведоа дека „ваквите активности немаат место во јавноста“ и дека „полицијата ќе го реши секој повик за насилство“, без да спомнат дека Србите се жртви на овие инциденти на говор на омраза.

Ова не е случајност. Основана во 1989 година, ХДЗ долго време се сметаше за тврдокорна националистичка партија.

Таа ја водеше земјата низ војната во 90-тите години и историски гледано, антисрпската реторика не ѝ е непозната. Сепак, партијата имаше и неколку умерени периоди, во кои направи напори да се дистанцира од жестокиот национализам.

Кога дојде на чело на ХДЗ во 2016 година, Пленковиќ сакаше ХДЗ да ја претвори во модерна конзервативна партија, без шовинистичка реторика. Исто така, последните четири години на власт, за ХДЗ немаше да бидат можни, без парламентарната поддршка на Самостојната демократска српска партија (СДСП), која ја претставува српската заедница во Хрватска.

Обидите на Пленковиќ и на ХДЗ, да направат „умерен пресврт“, го изложија  раководството на партијата, внатре и надвор од ХДЗ, на отворени напади од страна на тврдокорните десничари.

На претстојните избори, мнозинството од десничарските опоненти на Пленковиќ и на ХДЗ, се обединија во новоформираната партија, Татковинско движење, предводена од националистичкиот пејач и поранешен пратеник на ХДЗ, Мирослав Шкоро.

Шкоро, со тесна разлика, беше исфрлен од трката на претседателските избори одржани на крајот на минатата година. Тој се најде на третото место со близу една четвртина од гласовите, зад победникот, Зоран Милановиќ, и кандидатот на ХДЗ, Колинда Грабар-Китаровиќ.

Татковинското движење ги обединува десничарските индивидуалисти

Хрватскиот пејач и актуелен политичар, Мирослав Шкоро на насловната фотографија на фејсбук страната на движењето

 Во Татковинското движење членуваат луѓе како поранешниот министер за култура на ХДЗ, Златко Хасанбеговиќ, и екстремно десничарската европратеничка, Ружа Томашиќ, обајцата познати по своите симпатии кон фашистичкото усташко движење од Втората светска војна.

Сепак, најновата принова на Шкоро е Иван Пенава, кој неодамна неочекувано го напушти ХДЗ, откако не успеа да стане потпретседател на партијата.

Пенава во моментов е градоначалник на Вуковар, мултиетнички град, кого, во војната во 90-тите години, силите на Белград го држеа под опсада и го уништија и каде беа извршени ужасни воени злосторства.

Во 2013 година, Пенава ги водеше повремено насилните протести против официјалната употреба на српската кирилица во Вуковар. Според хрватскиот закон, локалните власти се должни да постават двојазични табли на институциите, доколку во нивната област, третина од населението се припадници на одредено малцинство.

Иако тоа е случај со српската заедница во Вуковар, ваквите табли не беа поставени, поради притисок од демонстрантите, кои тврдеа дека Вуковар е „специјално место“ заради своето воено минато и затоа треба да биде изземен од законот.

Пенава беше избран за градоначалник на Вуковар во 2017 година и оттогаш, постојано одбива да ја стави во употреба двојазичноста, и покрај неколкуте судски решенија со кои му се наложува да го стори тоа.

Поради критиките на јавноста на неговиот став, тој уште повеќе ја заостри својата антисрпска реторика. Во последните неколку години, тој, во неколку наврати, изјави дека отсуството на двојазичност во Вуковар е еден вид легитимно колективно казнување на српската заедница во Хрватска, за злосторствата извршени за време на војната во 90-тите.

Тој изјави дека уставните права на малцинството треба да се спроведат дури откако ќе се решат сите воени злосторства извршени од страна на Србите и откако сторителите на тие злосторства ќе бидат казнети.

Поради овој негов тврд став Пенава неколку пати се судри со премиерот Пленковиќ, чија влада се потпираше на договор за соработка и поддршка со СДСП, во хрватскиот парламент.

Овие судири се чини дека беа успешно „деескалирани“, сè додека Пенава не ја напушти ХДЗ за да се приклучи на Татковинското движење на Шкоро, на почетокот на овој месец.

„Српското прашање“ се користи како политичка муниција

Се чини дека десничарските противници на Пленковиќ сметаат дека „српското прашање“ е „слаба точка“ на премиерот. Критичарите на Пленковиќ сметаат дека неговата изборна база, како и онаа на ХДЗ, се генерално повеќе националистички отколку што е тој самиот и дека откривањето на неговите врски со хрватските Срби може да обесхрабри дел од неговите избирачи.

Шкоро, Хасанбеговиќ и Пенава најавија дека очекуваат по изборите да формираат коалициска влада со својата поранешна партија ХДЗ. Според тековните анкети, нивната партија би можела да освои 15% од гласовите, што го отежнува формирањето на десничарска влада без нив.

Нивниот главен услов е српските парламентарци да бидат изоставени од следната коалиција.

Шкоро дури предложи Пленковиќ да стане негов министер за надворешни работи, доколку формираат заедничка влада. Во овој поглед, се чини дека Татковинското движење е повеќе заинтересирано ХДЗ да биде турната повеќе надесно, отколку да ја замени како главна десничарска партија.

Во тековната изборна кампања, постојано се споменуваат Србите од Хрватска и нивните политичари. Речиси и да нема ден кога Шкоро, Пенава или Хасанбеговиќ не го спомнуваат најистакнатиот политички претставник на српската заедница, лидерот на СДСП, Милорад Пуповац, умерен политички ветеран кој е омразена фигура на хрватската крајна десница.

Добро познат колумнист неодамна ја спореди улогата што Пуповац, која тој ја има кај хрватската екстремна десница, со улогата што Џорџ Сорос ја има кај поголемиот дел од глобалната крајна десница.

Сепак, и покрај вниманието што ѝ се дава на српската заедница, нејзиното политичко влијание е прилично ограничено.

Србите денес сочинуваат нешто повеќе од 4% од населението (споредено со 12% во 1991 година), и нивните пратеници имаат само 3 од 151 место во парламентот.

Едно од ветувањата на Татковинското движење е измена на изборниот закон, со цел да се отежни изборот на Србите.

За говорот на омраза се обвинува политичката реторика

Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ

Пуповац и другите српски политичари во Хрватска, за последните инциденти на говор на омраза, ја обвинија употребата на антисрпска реторика од страна на политичарите, особено оние од Татковинското движење.

Иако овој вид говор на омраза има многу ограничена поддршка од пошироката јавност, хрватските политичари се загрижени и остро го осудуваат.

Запрашан за инцидентите, Шкоро одговори дека е „вџашен“, но оти е „уште повеќе вџашен“ од Пуповац, кој е честа мета на неговите вербални напади. Неговиот партиски колега, Хасанбеговиќ, изјави дека транспарентот на навивачите бил одвратен, но оти тој не видел „елементи на антисрбизам“ и дека заканата за силување на српски жени и деца, подразбира педофилија.

Во интервју дадено еден ден по последниот инцидент, премиерот Пленковиќ негираше каква било одговорност за неодамнешната серија на инциденти на говор на омраза насочен кон Србите, имплицирајќи дека ваков вид реторика најчесто користат неговите противници.

Но, иако тој обично е претпазлив во изборот на зборови, не сите негови соработници постапуваат на ист начин. Пленковиќ не сака, трудејќи се ХДЗ да стане поумерена, да изгуби премногу членови на партијата, кои би се придружиле на Татковинското движење, па тој е склон да толерира одреден степен на национализам во неговата партија.

Меѓу имињата во раководството на ХДЗ и на кандидатите за парламентот, сè уште се наоѓаат неколку екстремно десничарски личности. Меѓу нив се Стево Цулеј, уште еден од лидерите на протестот против воведувањето на кирилицата во Вуковар, и министерот на бранителите, Томо Медвед, кој изрази симпатии кон усташкото движење.

Што се однесува до проблемот со Вуковар, Пленковиќ неодамна изрази надеж дека следниот попис (што ќе се одржи во 2021 година), ќе покаже дека бројот на Срби во Вуковар се намалил на помалку од една третина од населението, поради што воведувањето на српскиот јазик и кирилицата, веќе нема да биде задолжително.

Ова укажува на тоа дека тој очекува депопулацијата, а не решавачката акција на владата, да реши дел од неговите политички проблеми.

На сличен начин, во обид да го смири десното крило, Пленковиќ, минатата година, прогласи нов државен празник, со кој се одбележува сеќавањето на денот на падот на Вуковар во 1991 година и на најголемото српско воено злосторство извршено над Хрватите.

Се чини дека ваквите активности на владејачките политичари, и во наредните години, ќе ги држат тензиите на високо ниво, без оглед на резултатите од изборите што ќе се одржат следниот месец.

Никола Вукобратовиќ е историчар и новинар од Загреб. Тој во моментов е вработен во Архивот на српската заедница во Хрватска.

Мислењата изразени во овој коментар се мислења на авторот и не ги одразуваат нужно мислењата на БИРН.