Регион

Апсењето на осомничениот шпион сѐ уште мистерија за неговото семејство

Сестрата на Чедо Чоловиќ, поранешен борец во војната во 90-тите години, кој има и хрватско и српско државјанство и кој беше уапсен во Србија поради наводна шпионажа, вели дека на неговото семејство досега ништо не му е кажано за неговиот случај.

Вишиот суд во Белград. Фото: Виш суд во Белград

Вишиот суд во Белград. Фото: Виш суд во Белград

Сестрата на 57-годишниот Чедо Чоловиќ, кој беше уапсен во Србија во петокот под сомнение дека бил вмешан во шпионажа, за БИРН изјави дека никој од официјалните лице досега не го известил семејството за неговата ситуација и дека информации за него има само преку медиумите.

„Официјално не сме добиле ништо, ниту пак некој ни се јавил, го знаеме само она што ќе го видиме на телевизија“, вели сестрата на Чоловиќ, Анка Борковиќ.

„Се надевав дека можеби барем Чедо (Чоловиќ) или неговиот адвокат ќе се јават, но никој не се јави“, додава таа.

Истакна дека таа во медиумите слушнала дека Чедо постигнал договор со Обвинителството на Србија, што уште не е потврдено.

Борковиќ негира дека нејзиниот брат е шпион.

Информира дека Чоловиќ некогаш имал чин во отцепената од Хрватска воена државичка на побунетите хрватски Срби, Република Српска Краина, но „оти не знае точно каков“.

Тој бил ранет во рамото во 1993 година и пренесен на лекување во болница во Белград, по што добил статус на инвалид и државна пензија.

Борковиќ изјави дека нејзиниот брат во 1999 година се преселил во нивниот дом во селото Тепљух, во близина на градот Дрниш, јужна Хрватска, за да се грижи за нивните родители кои живееле таму. Откако и двајцата родители починале, тој во 2004 година се вратил во Белград, а потоа секоја година се враќал во родното село, каде престојувал околу еден месец, за да се погрижи за куќата и лозјето.

„Тој планираше да оди таму во петок (кога беше уапсен)…Јас сум во шок, не знам што да мислам“, вели таа.

Во Обвинителството на Србија и во Вишиот суд во Белград, одбија да го коментираат случајот за БИРН.

Повикувајќи се на анонимни извори, српскиот весник „Блиц“ пишува дека Хрватска го уценила Чоловиќ со кревање на обвинение за воени злосторства, наводно, извршени во Хрватска во 90-тите години, со што го принудила да работи за Хрватската агенција за безбедност и контраразузнавање (СОА).

Според истите извори, тој прибирал информации и документација, па дури и врбувал сведоци за гонење на поранешни офицери на Југословенската народна армија, ЈНА.

Милица Костиќ, директор за правни работи на Фондот за хуманитарно право (ФХП) од Белград, кој ги истражува и документира воените злосторства, за БИРН вели Чоловиќ не ѝ е познат на нејзината организација како човек поврзан со воени злосторства.

„Тој не се споменува во ниту еден доказ или сведочење пред Хашкиот трибунал, нема информации за него ниту на интернет, ниту во нашата база на податоци. Тоа е многу чудно“, вели таа, изразувајќи сомневање дека е поврзан со воените злосторства во Хрватска.

Таа истакнува дека сѐ уште не е јасно за што е обвинет Чоловиќ, бидејќи ако се суди според извештаите на медиумите дека тој „регрутирал сведоци или работел на обвиненија“, тогаш тоа не е кривично дело-шпионажа.

За Костиќ се дискутабилни и медиумските информации дека Чоловиќ поседувал воени документи, бидејќи, според неа, за да можел да дојде до нив, требал да биде вработен во државна институција.

Единственото нешто што изминатиот викенд официјално беше потврдено е дека Чоловиќ има и хрватско и српско државјанство, и дека е уапсен под сомнение за шпионажа. Нему во неделата му беше одредена мерка притвор од 30 дена.

Српските медиуми објавија дека Чоловиќ наводно ја шпионирал Србија во корист на Хрватска, што хрватскиот премиер Тихомир Орешковиќ во саботата го негираше, велејќи дека е ова „провокација“ од Белград.

Хрватско-српските односи нагло се влошија во последниве месеци, поради распламтувачката размена на дипломатски протестни ноти и остри изјави на политичарите од двете страни.