Истражувањa

Босна ризикува да се врати на „сивата листа“ за перење пари

Загриженост постои и за остатокот од балканскиот регион. За Македонија 40 препораки

Босна и Херцеговина ризикува да се врати на европската „сива листа“ на земји што не успеваат да направат законски измени за да се справат со перењето пари и финансирањето на тероризмот, стравуваат банкарите, што ќе доведе до намалување на рејтингот и ќе им наштети на трансакциите со земјите во Европската Унија.

Делегација на Манивол, телото на Советот на Европа за спречување перење пари, се очекува да дојде во посета на Босна од 25 септември до 1 октомври годинава, за да го процени напредокот на земјата во носењето на законските измени, осум години откако таа беше симната од сивата листа.

Сè уште се чека новиот закон за спречување перење пари и финансирање тероризам и низата препораки oд Работната група за финансиска акција, ФАТФ, глобалното тело за мониторинг.

Владин функционер, кој сакаше да остане анонимен, рече дека Манивол најверојатно ќе ѝ даде на Босна грејс-период во кој ќе ги спроведе добиените препораки.

„Веројатно, ништо нема да биде направено и ќе се вратиме на сивата листа на Манивол во 2025 година“, изјави изворот. „Но, овојпат нема да останеме две и пол години, туку подолго“.

Самир Лачевиќ, советник на Здружението на банки на БиХ, рече дека влијанието ќе го почувствуваат бизнисите и јавноста, особено преку употребата на странски кредитни картички во Босна и босански картички во странство.

„Тоа значи уништување на економските текови“, рече тој. „Замислете дека плаќањата со тие картички се оневозможени бидејќи тоа е забрането во нивните земји. Тоа е реална ситуација. Освен тоа, нема да можеме да платиме ништо во ЕУ со нашите картички“.

„Се појавува ситуација во која деловната соработка може да биде откажана бидејќи бизнисите во нашите партнерски земји не сакаат да влезат во никаков ризик поврзан со перење пари, со оглед на драконските казни.“

Но, не е само Босна во неволја: Албанија е на сивата листа на Манивол веќе три години. Србија и Македонија очекуваат експертскa проценка во блиска иднина.

Се чека нов закон

Фото: Freepik

Босна беше тргната од сивата листа на Манивол во 2015 година и од „црната листата“ на ФАТФ на почетокот на 2018 година; ЕУ се откажа од назнаката земја со „висок ризик“, во мај 2020 година.

Напредокот уследи по ревизијата на десетици закони и подзаконски акти на сите нивоа на власта, појаснува Незир Пивиќ, кој ја предводеше делегацијата на Босна за Манивол, во време на претходната влада.

„Новата влада“, рече тој за БИРН, „воопшто не го става ова прашање во фокусот, што ќе доведе до тоа БиХ да се врати на сивата листа“.

„За жал, негрижата ќе доведе до ситуација нашата земја да има значителни проблеми, кога станува збор за деловната активност, економијата и развојот на земјата.“

Пивиќ вели дека е од витално значење Босна да усвои нов закон за спречување перење пари и финансирање тероризам, кој претходната влада почна да го подготвува.

Министерството за безбедност соопшти дека предлог-законот е во завршна фаза и со него Босна ќе ја усогласи својата законска рамка за борба против перењето пари и финансирање тероризам, според стандардите на ФАТФ и препораките на Манивол „од последниот круг на евалуација“.

Не прецизираше по кои поединечни препораки било постапено од последната евалуација.

ФАТФ повика на подобар мониторинг на тоа како нотарите, адвокатите, сметководителите и компаниите за микрокредитирање се усогласуваат со прописите за перење пари и финансирање тероризам; На Босна, исто така, сè уште ѝ недостига регистар на вистински сопственици – мерка дизајнирана да помогне во откривањето на сопственоста на офшор-компаниите – или закон за виртуелни валути, кои се во низата недостатоци идентификувани во претходните проценки.

Ивана Веселчиќ, актуелен шеф на делегацијата на Манивол во Босна, рече дека е премногу рано да се зборува за резултатите од проценката на Манивол.

„Евалуацијата е динамичен процес насочен кон подобрување на капацитетите на националните власти за поефикасна борба против перењето пари и финансирањето на тероризмот“, одговори Веселчиќ во писмен допис до БИРН. „Ние мислиме дека извештајот за Босна и Херцеговина ќе биде усвоен во април 2024 година на пленарната седница на Манивол.“

Делегацијата на ЕУ во Босна, сепак, предупреди дека без да се преземат потребните активности до крајот на годината, „постои реална можност БиХ, како земја со стратешки недостатоци на ова поле, да се врати на „сивите листи“ на меѓународните контролни тела ФАТФ и Манивол.

Ова, се посочува, „ќе има политички, економски и финансиски последици за земјата и негативни ефекти врз пристапот до меѓународните финансиски пазари и трансакции, но и врз приватните комерцијални активности и јавните фискални работи. Тоа значително би го ограничило пристапот до странски инвестиции и заеми од меѓународни организации и меѓународниот проток на капитал“.

Дел од одговорноста паѓа и на поединечните ентитети што ја сочинуваат Босна – Република Српска, која е населена претежно со Срби и главно бошњачко-хрватската Федерација Босна и Херцеговина.

Одговарајќи на БИРН, владата на Република Српска соопшти дека почнала со инспекција на нотарите, именувала работна група за следење на спроведувањето на обврските на ентитетот на терен и усвоила закон за виртуелни валути, како и дека полицијата решила рекорден број случаи на перење пари.

„Сметаме дека финансискиот сектор во Република Српска, во најголем дел ги исполнува пропишаните стандарди во областа на спречување перење пари и финансирање терористички активности, така што тоа не треба да влијае врз потенцијалното враќање на БиХ на сивите листи на ФАТФ и Манивол“, соопшти владата на ентитетот.

Владата на Федерацијата не одговори на прашањата на БИРН.

Загриженост околу невладиниот сектор во Македонија

Камениот мост во Скопје | Фото: БИРН

Македонија беше на сивата листа на ЕУ на земји што имаат несоодветни даночни практики, од октомври 2021 година до февруари годинава, кога е тргната.

Во својот последен извештај, од мај, Манивол ја повика владата во Скопје да ја засили истрагата и гонењето за перење пари, истакнувајќи дека „институциите и обвинителите не спроведуваат систематски паралелни финансиски истраги и не таргетираат посложени случаи на перење пари“.

Фактот дека само еден случај на финансирање тероризам е процесуиран не го одразува ризичниот профил на Северна Македонија и нејзиното непосредно соседство, изјавија за БИРН од Манивол и го наведоа ризикот од лицата што заминале да се борат во Сирија, а подоцна се вратиле назад.

Меѓу 40-те препораки, Манивол посочува дека земјата треба да го засили надзорот или мониторингот на невладиниот сектор поради зголемениот ризик од злоупотреба за финансирање тероризам; да посвети поголемо внимание на податоците доставени при регистрација на компаниите; да ја подобри работата на единицата за финансиско разузнавање во следењето на сите сектори, особено во бизниси, како што се казината или менувачниците.

Црна Гора, која не е на сивата листа, ги чека резултатите од најновата проценка на Манивол, почната во март, поради притисокот за подобрување на соработката меѓу институциите во следењето, откривањето и гонењето на нелегалните текови на пари.

Според официјалните податоци, повеќе случаи за перење пари стигнале до суд, но ЕУ вели дека стапката е сè уште премногу ниска. Во 2021 година беа донесени две судски пресуди за случаи во кои беа вклучени три лица, сите врз основа на спогодби за признавање вина.

Во првите шест месеци од 2022 година, пред судовите се водеа девет предмети поврзани со  перење пари, од кои четири самостојни.

Србија: Потребна е надворешна евалуација

Србија беше на сивата листа на ФАТФ од февруари 2018 до јуни 2019 година. Земјата треба да го поднесе својот нов извештај оваа година, во кој детално ќе го опише напредокот што го постигнала во усогласувањето со препораките на ФАТФ и Манивол.

Последната проценка на Манивол од ноември 2021 година вели дека земјата е „усогласена“ со пет од 40 препораки на ФАТФ, „главно усогласена“ со 34 препораки и „делумно усогласена“ со една.

Според извештајот, земјата ги изменила законите за дополнително регулирање на работата на нотарите и адвокатите, како и лиценцирањето на сметководителите и агентите за недвижности. Но, во него се забележува дека Манивол нема направено проценка дали новите правила се применуваат во пракса.

„Во моментов, нема сеопфатна анализа, така што е тешко да се процени до кој степен 40-те препораки, всушност, се спроведуваат во пракса“, рече Саша Ѓорѓевиќ, координатор за Србија и Црна Гора на Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал.

„Потребна ни е надворешна евалуација, која би била поддржана од јавниот, приватниот и од граѓанскиот сектор. Она што е можно е да се идентификуваат секторите што се изложени на ризик од перење пари. Постои консензус дека тоа е секторот на недвижности, особено дивоградбите, што е проблем во Србија со децении“.

Србија доцни со стратешката рамка за борба против финансискиот криминал, која требаше да се донесе во 2021 година. Министерството за правда ја извести ЕУ дека работна група работи на нејзина подготовка, но не одговори на прашањата испратени од БИРН за тоа кога ќе биде готова и зошто толку се доцни.

Според Ѓорѓевиќ, официјално, вкупната вредност на имотот што е предмет на истрага поради сомневање за перење пари во Србија надминува 57 милиони евра, врз основа на сумата што Управата за спречување перење пари на оваа земја ја пресметала за периодот 2018 и 2020 година, во случаи во кои се вклучени 467 луѓе. Но, Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал проценува дека реалната бројка е меѓу една и 2,5 милијарди евра.

„Тоа е само дел од нелегалните финансиски текови во Србија за кои се проценува дека изнесуваат речиси пет отсто од бруто националниот производ, колку што е проценката во извештајот на Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал“, рече тој.

Албанија беше ставена на сивата листа на ФАТФ во февруари 2020 година; во февруари оваа година, земјата беше пофалена за нејзиниот напредок во справувањето со недостатоците, но остана на сивата листа поради загриженоста за нацрт-законот за доброволна даночна согласност.

Според нацрт-законот, на поединците што имаат до два милиони евра непријавен кеш или недвижен имот ќе им биде дозволено да го пријават без казна, но под услов да го платат данокот. Критичарите на овој предлог рекоа дека тоа ќе им овозможи на шверцерите на дрога да ги перат своите пари, без поставување прашања. Меѓународниот монетарен фонд, ЕУ и бизнис-заедницата во Албанија го критикуваа предлогот.

„Тоа би ја ослабело албанската контрола за перење пари, а притоа малку ќе направи за да ги подобри можностите на даночната администрација за даночните барања“, посочија од Европската комисија во 2022 година.

Во јуни, ФАТФ објави дека повторно ќе ја посети Албанија за да го оцени нејзиниот напредок во реформите во справувањето со перењето пари и развојот на настаните околу предложениот нов даночен закон.

Оваа сторија е поддржана од Глобалната програма за справување со нелегални финансиски текови, имплементирана од ГИЗ и финансиски поддржана од Сојузното Министерство за економска соработка и развој на СР Германија и Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.

Содржината на сторијата е во целосна одговорност на БИРН и не ги рефлектира ставовите на ГИЗ, Сојузното Министерство за економска соработка и развој на СР Германија или Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.