Ништо од најавите за укинување на организациските директори по клиниките. И покрај партизираноста на функцијата и големите трошоци што ги прават, никој не сака да се откаже од можноста за поделба на 40-тината директорски позиции.
Меѓу последните назначувања има и од партијата Алијанса на Албанците, која во февруари годинава го доби ресорот здравство, иако новиот министер Фатмир Меџити, во повеќе наврати најавуваше дека ќе ги укине организациските директори. И тоа во конкретни рокови.
Во период кога сѐ погласни стануваат препораките за воведување мерит систем при назначувањето директори во јавниот сектор, токму преку постоењето на институтот „организациски директор“ се гледа партизираноста и неподготвеноста за промена на системот во кој функционираат виталните делови на општеството.
Тие стануваат плен на партиски алпинисти, кои фотелјата ја гледаат само како можност за заработка за себе или за партијата. Дури и тогаш кога таа е лоцирана во здравствениот сектор и кога алчноста и безобѕирноста резултираат со нечовечност, која фрапира. Таков е примерот со случајот цитостатици на Клиниката за онкологија, кој, по пишувањата на медиумите, во моментов го истражува обвинителството.
Нов министер, нова (изгубена) надеж
Неколку месеци откако седна на министерското столче, Меџити го наведе меѓу своите приоритети решавањето на проблемот со организациските директори и враќањето на Клиничкиот кампус во една целина. Тој рече дека се прават пресметки, па најверојатно од Нова година, Клинички ќе се спои, медицинските директори ќе станат управители, а организациските ќе се укинат.
Колку е сериозно ветувањето можеби говори и фактот што паралелно со давањeто вакви изјави во јавноста, на клиниките беа назначувани нови организациски директори, меѓу другото, и во институции во кои до тогаш ги немаше. Таков е на пример случајот со Клиниката за неврохирургија, каде што шест години немаше назначено организациски директор. На оваа фотелја во јуни седна Ејуп Јахја, кадар на владејачката ДУИ.
Во 2018 година беше назначен за директор на Државниот инспекторат за шумарство и ловство, а претходно бил раководител на секторот за шумска полиција, во време кога е откриен скандалот со исплаќање огромни суми за прекувремена работа.
Со луѓе од својата партија, Меџити ги замени организациските директори на клиниките за онкологија и гинекологија, каде што беа поставени Хаљид Матоши и Јетон Шаќири. Тие дојдоа на местото на дотогашните директори Нехат Нухи и Ајрула Мустафа по нивното приклонување кон „огнените“, бунтовничкото крило во партијата ДУИ, приврзаност што безрезервно ја покажуваа на социјалните мрежи.
Откако Меџити дојде на функцијата министер за здравство, смени кај организациските директори има во 13, од триесетината клиники, кои се дел од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Од неговото доаѓање на функција, ќар видоа Бесим Шаќири и Абдусамед Шабани, и двајцата од ДУИ. Шабани претходно беше директор на Комунална хигиена Скопје, а Бесим Шаќири портпарол во Министерството за правда.
Смените на организациските директори коинцидираат со промените во владата и министрите за здравство. Меџити е трет министер за здравство, во три години. Истото се случи и во 2017 година, кога по многу години владеење на ВМРО ДПМНЕ, дојде СДСМ. И двете партии ДУИ го имаа за свој коалициски партнер во власта.
Милионски трошоци
Токму поставувањето директори по партиски клуч, често како резултат на коалициските договарања наместо според квалификации, се смета за една од причините за пропаѓањето на системот на двојно директорување на клиниките што работат во рамки на Клиничкиот центар.
Воведен во далечната 2007 година, во период кога се носи закон за поделба на Клиничкиот центар, од една во дури 30 нови установи, на секоја од нив со закон им се наложи да имаат по двајца директори. Едниот доктор, другиот правник или економист. Истото решение, освен за клиниките, се предвиде и во клиничките болници, институти и во големите здравствени домови.
И на хартија идејата, која не е непозната за западниот систем на работа на болниците, изгледаше одлично. Првиот или медицинскиот директор требаше да биде доктор што ќе се грижи за здравствениот аспект од работата, а вториот, или организациски директор, да е правник или економист, кој ќе се занимава со административни работи и со финансии за кои би требало да има поголемо знаење од некој што учел за доктор.
Системот почна да функционира од нула, клиниките немаа никакви долгови, а за поголема контрола се предвиде двајцата директори да имаат врзан потпис за дел од работите, како примање нови вработени или склучување договори за јавни набавки.
Шеснаесет години подоцна, клиниките се во долгови до гуша, а организациските директори што требаше да водат сметка за нив, не само што не успеваат во тоа, туку и самите носат огромни трошоци во јавното здравство.
Само бруто-платите на организациските директори лани ја чинеле државата речиси 600 илјади евра. Нив ги добиле 31 организациски директор, затоа што, иако законот предвидува по двајца директори во 40-тина институции, дел, сепак, работеле со само еден.
Во просек, еден организациски директор зема нешто под 100.000 денари бруто месечна плата, зависно од работниот стаж. Не се потребни големи предзнаења за да се добие оваа функција. Доволно е факултетска диплома, познавање странски јазик и петгодишно работно искуство. До 2019 година се бараше и положен испит за директор, но оваа одредба подоцна беше тргната од законот за сите директори.
Краток „рок на траење“
Мандатот на еден организациски директор е четири години, ама доволно е да се погледнат клиниките што се најголеми должници, ќе се види дека просечниот „рок на траење“ е многу пократок. И тие не се менуваат поради лошите резултати од работата, туку, пред сѐ, поради како резултат на партиските коалиции, како што впрочем и првично биле поставени.
„Имаше колеги (организациски директори), во 12 часот доаѓаа, во 14 си одеа. Партијата ги поставува, партијата ги трга“, ни кажа Александар Дракулевски, кој во 2015 година стана организациски директор на Клиниката за очни болести и со смената на власта, две години подоцна, беше разрешен.
Иако неговото име се наоѓа на списокот на донатори на две партии, тој вели дека не бил дел од партија, а пресудно да дојде на оваа позиција биле неговите квалификации. Затоа е меѓу ретките што тужеле за разрешувањето. Управниот суд одлучил во негова корист и наложил да му бидат исплатени четири месечни плати и да биде вратен на работа.
За ваквите екстра трошоци на институцијата вели дека никому не му е гајле затоа што никој „не вади пари од џеб“.
Јавно на оваа тема одбиваат да зборуваат и сегашни организациски, и медицинските директори со кои контактираше БИРН. Во неофицијални брифинзи, вторите се жалат на првите и ги гледаат како нужно зло, пратено од партија.
„Подобро да добијам две сестри, отколку организациски директор“, вели медицинска директорка на една од скопските клиники.
Практично, со платата што ја зема еден организациски директор може да се платат две медицински сестри или дури тројца болничари. Ова е кадар што недостасува во речиси сите клиники.
За да биде проблемот уште поголем, платите не се единствените трошоци што ги прават организациските директори. Иако зависи од клиника до клиника, повеќето имаат приватна канцеларија, службеник што работи како нивен секретар, користат службени лаптопи и мобилни телефони, добиваат дополнителни дневници за службени патувања, што дополнително го оптоварува буџетот.
Некои, позицијата ја користат и за екстра прошетки, па само во првите девет месеци од минатата година, како што покажа вонредниот надзор на Фондот за здравство во универзитетски клиники, петтина од организациските директори по клиниките биле на службени патувања.
Па, така на конгрес во Данска, пет дена биле и медицинскиот, ама и економскиот директор од Клиниката за ревматологија. И на двајцата им се исплатени дневници, престој и патни трошоци за службено патување.
Поради сите овие работи, кога професорот Нико Беќаровски во 2017 година бил прашан дали ќе прифати да биде медицински директор на Клиниката за токсикологија, единствениот услов што го поставил, бил никако да не се назначи и организациски директор.
„Затоа што (организацискиот директор н.з.) е исклучиво партиски поставен, со партиски директиви, со партиски тендери“, истакнува тој.
И ден денес е уверен дека тоа била вистинска одлука. Беќаровски на функцијата останал две години, а неговата клиника сѐ уште нема организациски директор и работи далеку порентабилно од клиники со по двајца директори.
Мерит систем по мерка на партија
Укинувањето на организациските директори не е тема што доаѓа со новиот министер за здравство. Со сличен приоритет се јави и СДСМ, барем во својата изборна програма „План за живот во Македонија“, со која во 2017-та дојде на власт. Проблемот беше сериозно анализиран и од Министерството за здравство, во една од анализите изготвени во 2018 година, каде што се мерат ефектите на организациските директори. Заклучокот е дека тие позиции носат повеќе зијан од ќар, и треба да бидат укинати.
Или како што ќе забележи Миша Поповиќ од Институтот за демократија (ИДСЦС), срцевината на проблемот со поставување директори во јавниот сектор, вклучувајќи ги и организациските, е во непочитувањето на принципот на квалификации и знаења, на сметка на партиските договори.
„Соочени со една таква култура на владеење, каде што тоа е како некој плен што се разделува по војна, е многу тешко да се победи. И истовремено е моќен ресурс. Ќе понудите државна работа, тоа ви обезбедува лојалност на тој што ќе го вработите, или на проширеното семејство, кое понатаму ќе треба да врати со лојалност на денот на изборите, и едноставно таквата механика е тешко да се расклопи“, заклучува тој.
И додека и невладиниот сектор, и меѓународната заедница, вклучително и Европската Унија бараат способни, а не партиски луѓе да се поставуваат на раководни места, промените тешко се случуваат. Истражувањата на Институтот за демократија покажаа дека голем дел од директорите во јавниот сектор ги немаат потребните способности за да бидат поставени на таква позиција.
Во иста насока оди и заклучокот на Државниот завод за ревизија, кој нотираше дека во периодот од 2018 до 2021 година, 52 проценти од вкупниот број именувани раководни лица биле в.д. директори или нивни заменици, односно назначени без јавен оглас. И организациските директори не се исклучок од оваа пракса.
Оваа публикација е изработена со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржината на публикацијата е единствена одговорност на БИРН и не мора да ги ги одразува ставовите на Европската Унија.