Регион

Национализам за политички цели

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
Претседателот на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ и српскиот премиер Александар Вучиќ. Фото: Бета

Претседателот на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ и српскиот премиер Александар Вучиќ. Фото: Бета

Зголемувањето на националистичката реторика во Хрватска, Србија и во Босна и Херцеговина, е маневар што го користат некои политичари, за да добијат гласови на претстојните избори или за да го одвлечат вниманието од економските проблеми, велат експерти.

Пишува:Саша Драгојло – Белград

Ова лето дојде до ескалација на националистичките препукувања меѓу официјалните претставници на Хрватска, Србија и на Босна и Херцеговина, кои непријатно потсетија на реториката од југословенските воени години.

Иако насилниот потенцијал на национализмот на Балканот никогаш не може да се запостави, експертите тврдат дека провокативната реторика е метод што го користи политичката елита, за манипулација со јавноста во своја корист.

Приближувањето на парламентарните избори во Хрватска го турна лидерот на хрватската Социјалдемократската партија, Зоран Милановиќ, во националистички екстремизам, а заканите со референдум на Милорад Додик, претседател на босанскиот ентитет Република Српска (РС), заедно со класичната приказна на загрозениот опстанок на РС, е негов начин на прикривање на внатрешните политички проблеми, велат експерти за БИРН.

Тие посочуваат дека Србија е далеку од „невина“ во овие случувања, бидејќи нејзините претставници се длабоко инволвирани во размената на острите зборови и меѓусебните обвинувања со БиХ и со Хрватска, укажувајќи дека српскиот премиер, Александар Вучиќ, намерно ги користи своите министри, кои разменуваат меѓусебни обвинувања во регионот, за да се претстави себеси како сила на мирот и стабилноста.

Стефан Алексиќ, политички аналитичар од Белград, вели дека националистичката нарација ја користат сите постјугословенски политички елити, уште од почетокот на деведесеттите години.

„Политичките елити со децении ги држат своите граѓани во постојана состојба на етнички тензии“, вели Алексиќ за БИРН.

„Ова е, на некој начин, веќе ’подготвен’ механизам кога немаат ништо друго да понудат“, нагласува тој.

Проблематичен триаголник

Овој циклус на меѓусебни обвинувања започна во декември минатата година, кога хрватската влада, тогаш предводена од Милановиќ, ја затвори својата граница со Србија, спорејќи се околу рутата по кој треба да транзитираат бегалците од Блискиот Исток, на патот кон ЕУ.

Водачот на Социјалдемократската партија во тоа време не беше многу внимателен во своите јавни настапи, кога зборуваше за Србија. Далеку помалку беше внимателен пред неколку недели, кога во јавноста беше објавена снимка на која тој Србија ја нарекува „грст јадници“, а БиХ „големо срање“, што предизвика бурни реакции во Белград и во Сараево.

Милановиќ, исто така, вети дека Хрватска нема да ги остави „Хрватите да живеат со Бошњаците“, ако босанските Срби во Република Српска се отцепат од БиХ со референдум, како што се закануваат.

Некои аналитичари го споредуваат ова со изјавата на хрватскиот воен претседател, Фрањо Туѓман, дадена во 90-тите години, дека тој го поддржува територијалниот интегритет на БиХ, но дека Хрватска ќе побара дел од неа, ако Србија заземе дел од нејзината територија.

Давор Ѓенеро, политички аналитичар од Загреб, вели дека доколку Милановиќ по изборите следниот месец се врати на позицијата премиер, тој може да ѝ нанесе штета на позицијата на земјата во ЕУ.

„Милановиќ е скандалозно неодговорен политичар. Тој е типичен наследник на реториката на Фрањо Туѓман“, вели Ѓенеро за БИРН.

„Тоа е антиевропска реторика …на лице кое не ги разбира основните принципи на ЕУ, што зборува од националистичка позиција од која ги преценува вредностите на сопствената традиција, а во исто време ги потценува сите други“, вели тој.

Во текот на летото, Белград и Загреб разменија неколку дипломатски протестни ноти и беа дадени бројни изјави што за другата страна беа навредливи.

Односите дополнително се влошија кога хрватското судство ја поништи пресудата со која поранешниот генерал мајор, Бранимир Главаш, беше осуден за воени злосторства над Србите и кога властите во Загреб го одобрија поставувањето на споменикот на Миро Барешиќ, кого Шведска го осуди за убиство на југословенскиот амбасадор Владимир Роловиќ во Стокхолм во 1971 година.

Србија протестираше и откако судот во Загреб ја поништи пресудата за надбискупот Алојзије Степинац, истакнат поддржувач на профашистичкиот режим на НДХ во Втората светска војна, а Хрватска возврати укажувајќи на сличната судска рехабилитација на Дража Михајловиќ, командант на четниците, кои соработуваа со нацистичкиот окупатор.

Јово Бакиќ, социолог и политички аналитичар, за БИРН изјави дека лошите односи меѓу Хрватска и Србија, имаат домино ефект во БиХ.

„Оваа атмосфера е нездрава и е слична на онаа во почетокот на 90-тите. На Балканот, национализмот е ’омилено’ оружје на политичарите“, вели Бакиќ.

„Тензиите меѓу Белград и Загреб секогаш ја влошуваат и ситуацијата во Босна“, додава тој.

Масло на огнот додаде претседателот на Република Српска, со најавата дека на 25 септември, во овој ентитет, ќе се одржи референдум со кој ќе се оспорат надлежностите на Уставниот суд на БиХ.

Целта на референдумот е да се демонстрира јавната поддршка на босанските Срби, за одбележување на Денот на РС на 9 јануари, откако минатата година Уставниот суд донесе одлука со која одбележувањето на овој празник на тој датум е неуставно и дискриминаторски кон граѓаните на овој ентитет од несрпска националност.

Ѓенеро смета дека овој референдум е „пробен балон за одржување на референдум за независност“, нешто што Додик најави дека се разгледува.

Алексиќ, сепак, смета дека Додик се обидува да го одвлече вниманието од внатрешните политички проблеми во РС.

„Се чини дека Додик треба да одговори на многу прашања на јавноста, за деловните измами и економската катастрофа во Република Српска. Еден ден, луѓето ќе сфатат што се случува, а тој веројатно нема да биде во можност да избега во национализам“, нагласи Алексиќ.

Портпаролите на Вучиќ

Српскиот премиер, Александар Вучиќ, главно, се обидува да звучи како воздржан државник во коментарите кон неговите хрватски и босански колеги, иако некои негови министри користат агресивен говор, што дополнително ги подгрева споровите.

Министерот за труд, вработување и социјални прашања на Србија, Александар Вулин, изјави дека „Хрватска тоне во лудило“ и постојано ја нарекува владата во Загреб „фашистичка“.

Министерот за надворешни работи, Ивица Дачиќ, неодамна ги обвини бошњачките политичари, дека се одговорни за нападот врз премиерот Александар Вучиќ, на комеморацијата во Сребреница во 2015 година и често ги потсетува хрватските официјални лица, на концентрациониот логор Јасеновац во Втората светска војна, во кој починаа околу 100.000 луѓе, главно Срби, Роми и Евреи.

Алексиќ тврди дека „мудрото молчење“ на Вучиќ е само тактика, бидејќи, со оглед на централизираната природа на неговата влада, нема шанси неговите министри да направат ништо без негова согласност.

„Тие се само марионети кои зборуваат во името на центарот на моќта, премиерот, и нивните зборови треба да бидат сфатени само како една компонента на реториката на Вучиќ, бидејќи е тешко да се замисли дека некој од нив би изјавил нешто, без, во најмала рака, премолчена дозвола од премиерот“, вели Алексиќ.

„Главната задача на министрите е да имаат гротескно националистичко лице, дозволувајќи му на премиерот да ја носи маската на проевропски реформатор“, додава тој.

Сепак, Вучиќ, влезе во конфликт во август, кога му напиша писмо на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, на шефот за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини и на комесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, во кое ја обвини Хрватска за спроведување на антисрпска политика и за поттикнување на национализам.

Бакиќ верува дека економските и политички проблеми на Европа, дополнети со бегалската криза и со Брексит, силно влијаеле на порастот на националистичка реторика на Балканот.

„Ако контекстот беше поинаков, ситуацијата немаше да ескалира до овој степен. И во Европа расте национализмот и расизмот во сите земји…Во Франција, имаме пораст на популарноста на Националниот фронт (Мери) Ле Пен, а во Германија расистичко движење ’Алтернатива за Германија’“, објаснува Бакиќ.

„Поради ова балканските националисти велат: ’Па, ние сме нормални’“, заклучува тој.