Регион

Американски адвокат, главен обвинител на новиот Специјален суд

Американскиот адвокат Дејвид Швендиман, беше назначен за нов главен обвинител на Специјалниот суд на Косово со седиште во Хаг, пред кој, како што се очекува, ќе им се суди на поранешни припадници на Ослободителната војска на Косово, ОВК.

Пишува Марија Ристиќ – Белград

Дејвид Швендиман. Фото: Влада на САД

Дејвид Швендиман. Фото: Влада на САД

Дејвид Швендиман, поранешен главен обвинител на Специјалниот истражен тим на ЕУ (СИТФ), кој ги истражуваше наводите за злосторства извршени од поранешни борци на ОВК, во понеделник е именуван за специјален обвинител (главен обвинител) на новото Специјално обвинителство (СПО).

Неговото назначување e формализирање на транзицијата на СИТФ во СПО. Швендиман соопшти дека е ова чекор напред кон функционирањето на новата институција.

„Специјалниот обвинител и обвинителството ќе продолжат да ги спроведуваат истрагите што ги започна истражниот тим. Ќе продолжиме и со подготвките за следната фаза на нашата работа“, рече Швендиман.

„Со нетрпение очекувам да се сретнам со луѓето и медиумито од регионот, кога тоа ним, во наредните недели и месеци, ќе им одговара“, додаде тој.

Ова не е прв избор на Швендиман на Балканот. Тој од 2006 до 2009 година, работеше како меѓународен обвинител во Босна и Херцеговина, каде што во последните две години беше на чело на специјалниот оддел за воени злосторства на Обвинителство на БиХ.

Новиот специјален суд ќе се наоѓа во Холандија. Се очекува пред него да бидат обвинети високи припадници на ОВК, за злосторства извршени за време и по војната со српските сили, од 1998 до 1999 година.

Пред него ќе бидат разгледани случаите што произлегуваат од неодамнешниот извештај на СИТФ. Во извештајот се наведува дека неименувани претставници на ОВК ќе се соочат со обвиненија за „кампања на прогонство“ на Србите, Ромите и Албанците, за кои се верувало дека се соработници на режимот на Белград.

Наводните злосторства вклучуваат убиства, киднапирање, нелегално затворање и сексуално насилство.

Специјалните совети и Специјалното обвинителство, како што е називот на новиот суд за воени злосторства на Косово, се чекор поблиску до нивното целосно формирање, откако Советот на ЕУ, во јуни одобри буџет за една година за работата на овие совети.

Советот на ЕУ одобри 29,1 милион евра за поддршка на Специјалните совети и Специјалното обвинителство, за период до 14 јуни 2017 година.

Сепак, за судот целосно да стане функционален, ќе треба да биде одобрен од пратениците на Холандија, каде што ќе биде неговото седиште.

Владата на Косово и на Холандија во јануари потпишаа договор со кој се согласија седиштето на Специјалните совети и на Специјалното обвинителство на Косово да биде во Хаг.

Но, пред да почне да работи, судот треба да биде ратификуван од страна на холандските пратеници. Сѐ уште не се знае кога ова прашање ќе биде на дневен ред во холандскиот парламент.

ЕУ очекува тој да биде одобрен до крајот на 2016 година. Холандскиот парламент сѐ уште не прецизирал точно кога.

Судот ќе им суди на поранешни припадници на ОВК за воени злосторства извршени во периодот меѓу 1998 и 2000 година.