Истражувањa

Аркановите паравоени сили: Тигрите што ја избегнаа правдата

Паравојниците предводени од озлогласениот воен командант Жељко Ражнатовиќ Аркан, се бореа на свој начин низ Босна и Херцеговина, Хрватска и Косово – зошто тогаш, поради злосторствата на нивната единица, никој од нив досега не е затворен?

Денис Џидиќ, Марија Ристиќ, Милка Домановиќ, Петрит Чолаку, Свен Милекиќ – Бијељина, Белград, Ѓаковица/Ѓакова, Загреб

Јусуф Трбиќ се сеќава кога прв пат го видел Аркан. Тој седел во воен камион натоварен со оружје, во градот Бијељина, источна Босна и Херцеговина. Бил 2 април 1992 година, околу 16:00 часот, откако српските сили го зазеле градот. Трбиќ го препознал ликот на Жељко Ражнатовиќ од телевизиските извештаи; тој веќе бил познат како човек од кого треба да се стравува.

Трбиќ штотуку бил заробен од „Тигрите“, Српската доброволна гарда на Аркан. Во следните неколку часа, во текот на ноќта, сé до зори, бил тепан и измачуван. Понекогаш и во присуство на самиот Аркан. „Тие знаеја што прават”, изјави за БИРН Трбиќ. „Немав ниту милиметар бела кожа; сета беше црна и сина“.

Тој на крајот бил ослободен, бидејќи Аркан го притворил со причина. Имено, тој бил локален новинар, а паравоениот лидер сакал, тој, на Радио Бијељина, да емитува апел до муслиманите да го предадат оружјето. Другите немале толку среќа.

Една жена од Бијељина, кој побара да остане анонимна, ни рече дека имала 19 години, кога луѓето на Аркан, една ноќ во април 1992 година, тропнале на вратата на нејзиниот семеен дом. „Беа маскирани и можевме да им ги видиме само очите“, вели таа.

Парамилитарците им го претуриле домот, зеле пари и злато. Еден од борците ја удрил во ‘рбетот и таа се онесвестила. Кога се разбудила, таа и нејзината золва, биле голи и крвави. Следниот ден, Аркан дошол и ја силувал, тврди таа.

„Аркан за прв пат дојде, следната ноќ. Влезе, ме фати за коса и ме одведе. Ме однесе во еден стан и таму ме злоупотребуваше. Ме врати полу мртва, а потоа истото го направи и следниот ден“, изјави таа за БИРН.

„Тогаш дојдоа и други војници и ме злоупотребуваа пред моите деца, пред свекрвата и сите останати“, продолжи таа. „Ги молев да ме убијат, за да не страдам повеќе. Тие само се насмеа цинично и ми рекоа дека не би добиле ништо, ако ме убијат, бидејќи јас и така ќе се самоубијам“.

Иако нејзиното сведочење никогаш не било изложено во суд, босанската држава оттогаш и официјално ја признала како жртва на воено силување и ѝ дала надомест за она што го претрпела.

„Ме однесе во еден стан и таму ме злоупотребуваше. Ме врати полу мртва, а потоа истото го направи и следниот ден“, жртва тврди дека во 1992 година, во Бијељина, била силувана од Аркан

Пресудите на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, МКТЈ, утврдија дека српските паравоени сили, во првите два дена од април 1992, убиле најмалку 48 лица во Бијељина. Но, ниту еден од луѓето на Аркан, никогаш не бил во затвор за убиство, силување или грабежи, ниту пак за кое било друго злосторство за кое се обвинети дека го извршиле за време на војните во поранешна Југославија во 90-тите.

Аркан, од судот на ООН во Хаг, беше обвинет за воени злосторства, но нему никогаш не му се судеше, бидејќи во јануари 2000 година, беше убиен во белградскиот хотел Интерконтинентал.

Оттогаш, само еден од неговите борци беше осуден за воено злосторство сторено додека им служел на Тигрите – Бобан Арсиќ, кого судот во Хрватска го прогласи за виновен за убиство на брачен пар, во едно мало село, во 1992 година, па дури и тој беше осуден во отсуство, бидејќи неговото престојувалиште е непознато.

Дел од Тигрите беа затворени за други кривични дела, извршени за време и по Балканските војни, како што е атентатот на српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ во 2003 година, но не и за дела извршени додека се бореле за Аркан.

Кристијан Акбое Нилсен, експерт за Балканот и доцент на југоисточно-европските студии на Универзитетот во Архус, укажува дека Хашкиот трибунал е формиран да ги гони осомничените од високо ниво, а не обичните борци: „Претпоставката и очекувањета беа дека судовите за воени злосторства на [поединечни земји од] поранешна Југославија, на крајот ќе почнат да ги гонат припадниците на единицата на Аркан“.

Но, тоа не се случи. Во Србија, објаснува Нилсен, истрагите „студиозно избегнуваат да го следат командниот синџир“, никогаш не се насочени кон високи официјални лица кои овозможиле парамилитарните единици да се формираат.

„За ова во Србија, дури и денес, постои едноставно малку или ниту малку политичка волја, и мал јавен апетит“, вели тој.

Криминална „кариера“

Жељко Ражнатовиќ е роден во малото словенечко градче Брезице, на 17 април 1952 година. Уште пред почетокот на југословенскиот конфликт, тој и бил добро познат на полицијата во многу земји низ Европа.

Прв пат е уапсен во 1966 година, во Белград, за кражби на женски чанти и поминал една година во малолетнички затвор. Во 70-тите се сели во Западна Европа, каде што ја почнува својата повеќедецениска криминална „кариера“.

Меѓу 1973 и 1983 година, тој се соочува со низа обвиненија и налози за апсење за грабежи на банка и за обид за убиства во Белгија, Холандија, Шведска, Германија, Австрија, Швајцарија и во Италија. Успеал да избега од повеќето затвори во кои што ја отслужувал затворската казна.

Откако се вратил во Србија, тој станал водач на навивачката екипа на фудбалскиот клуб Црвена Ѕвезда од Белград, „Делии“. Дел од нејзините членови, подоцна ќе станат негови идни Тигри. Новинарот Филип Шварм, кој детално го проучувал Аркан, за БИРН вели дека службата за државна безбедност при Министерството за внатрешни работи на Србија, во есента 1990 година, му дала задача да формира единица која ќе ги спроведува „црните операции“ во Хрватска.

„Овие државни безбедносни офицери, точно му ставиле до знаење на Аркан што очекуваат од него“, објаснува Шварм. „За возврат, Аркан имал разни бенефиции за услугите што ги вршел за државната безбедност. Тие бенефиции биле главно од економска природа“.

Заштита од гонење, за неговите криминални активности, бил дополнителен поттик за новиот воен водач, кој за време на војната во Хрватска, на териториите под српска контрола, почнува да води профитабилни шверцерски операции:„Пружајќи ѝ различни услуги на државната безбедност, Аркан се издигнал над законот“, вели Шварм.

Иако Аркан во октомври 1990 година, пред почетокот на војната во Хрватска, бил уапсен и осуден на пет години затвор за заговор за терористички напад, откако полицијата пронашла оружје во неговиот автомобил, тој никогаш не лежел во затвор за тоа. Шварм вели дека верува во гласинитете дека српското и хрватското министерство за внатрешни работи, постигнале договор за ослободување на Ражнатовиќ: „Ова говори колку Аркан и бил важен на српската државна безбедност, кога и највисоките функционери се ангажирале да го извадат од затвор“.

„Пружајќи ѝ различни услуги на државната безбедност, Аркан се издигна над законот“, вели Филип Шварм, српски новинар

Српската доброволна гарда, била релативно мала група, составена од екстремните членови на „Делии“, од криминалци и од обични доброволци, што му се восхитувале на Аркан и верувале во неговата кауза. Еден од нив бил Борислав Пелевиќ, кој станал негов најблизок соработник, а подоцна ја водел и неговата неговата национацистичка Партија на српско единство.

„Секогаш имаше околу 500 луѓе, некои доаѓаа, а некои заминуваа. Според моја проценка, низ гардата, тие неколку години, поминаа околу 10.000 лица“, вели Пелевиќ, кој сега е претседател на Европската кикбокс асоцијација.

Тој ги негираше тврдењата дека паравоените сили биле финансирани од српската државна безбедност. Аркан „беше многу богат“, изјави тој за БИРН, а спонзори биле и богати иселеници, Срби.

Тигрите главно биле распоредени како поддршка на Југословенската народна армија, ЈНА, исто како и за време на опсадата на хрватскиот град Вуковар во 1991 година, но нивниот имиџ како сурови, дисциплинирани убијци, имал и застрашувачки ефект врз непријателите на Белград: „Она што беше уште поважно, беше пропагандниот ефект што режимот на Слободан Милошевиќ го создаде благодарение на Аркан“, посочува Шварм. Или според Пелевиќ: „Кога луѓето ќе слушнаа дека Тигрите на Аркан доаѓаат, усташите и муслиманите обично бегаа“.

Светилиште за Тигрите

Жељко Ражњатовиќ Аркан и Горан Хоџиќ

Жељко Ражњатовиќ Аркан и Горан Хоџиќ

Според Фондот за хуманитарно право, со седиште во Белград, „Тигрите“, прв пат биле обвинети за воени злосторства, за време на борбите во Тења, Хрватска, во јули 1991 година, кога биле убиени најмалку 29 лица, а над 2.900 жители од несрпска националност биле протерани. Набргу потоа, шефот на специјалните сили на Министерството за внатрешни работи на Србија, Радован Стојичиќ, наречен Баџа, им обезбедил тренинг камп, во стара југословенска база на територијалната одбрана во хрватското село Ердут, кој бил нивен воен штаб до мај 1996 година.Ранко Момиќ, српски борец, чиј семеен дом во близина на босанскиот град Добој бил запален на почетокот на војната, заминал во Ердут за да им се приклучи на луѓето на Аркан. Тој претходно бил редовен војник и припадник на специјална полициска бригада.„Никогаш не сум се чувствувал подобро, и никаде поубаво“, изјави Момиќ за БИРН. „ Тоа беше војна, луѓето умираа, но јас на ниту едно место не сум се чувствувал подобро. Имаше обука и дисциплина, но сè беше на највисоко ниво…. Тоа беа незаборавни моменти“.

Момиќ тврди дека Тигрите никогаш не извршиле воени злосторства, и дека е можно, од гранати, случајно да биле убиени и цивили.

„Додека бев таму, околу две години, се боревме чесно, ја браневме нашата сопствена земја и никогаш не сум видел да биде извршено некакво злосторство. Можеби некој велел дека е член [на Српската доброволна гарда] и оти сторил нешто, не знам, но ние, вистинските членови, никогаш не сме извршиле никакво злосторство“, вели тој.

Дел од оние што биле обучувани во логорот во Ердут и се бореле со „Тигрите“, не биле таму по свој избор. Воени дезертери и српски бегалци биле принудени да им се приклучат на паравоените сили на Ражнатовиќ.

„Се боревме чесно, ја браневме нашата сопствена земја и никогаш не сум видел да биде извршено некакво злосторство“, вели Ранко Момиќ, поранешен припадник на Српската доброволна гарда

Драган Пјевач, српски бегалец од Хрватска, за БИРН изјави дека во август 1995 година, бил уапсен од полицијата во Белград и испратен во Ердут, по што бил распореден на територијата под српска контрола во Бели Манастир, Хрватска, каде останал три месеци, до потпишување на Дејтонскиот мировен договор, со кој бил ставен крај на војната.

Некои од „регрутите“ донесени во Ердут биле тепани, понижувани и нарекувани „предавници“, вели Пјевач. Тој се сеќава на еден говор на Аркан, кој им се обратил на два реда безволни борци, барајќи од нив повторно освојување на регионот Краина во Хрватска, кој Загреб штотуку го повратил од силите на Белград.

„Тој го заврши својот говор со зборовите: ’Ќе се вратиме за да ја повратиме Краина назад, нели?’. Ние само стоевме таму, изгубени во просторот; луѓето се прашуваа што се случува со нив. [Луѓето на Аркан] стоеа позади и ги турнаа оние од вториот ред да кажат: ’Да, ќе се вратиме!’. И тие кутри луѓе позади викнаа ’да, ќе се вратиме’, но не толку гласно. [Аркан рече:] ’Погласно, не ве слушам. Дали ќе се вратиме?’. Тие ги удрија оние од вториот ред посилно, бидејќи ’да, ќе се вратиме’, на „господинот“не му беше доволно гласно“.

Во моментов околу 700 луѓе како Пјевач, ја тужат Србија бидејќи ги принудила да заминат во војна.

Безмилосен човек

Наводите за воените злосторства и етничкото чистење, продолжија да ги следат Тигрите и кога тие, во април 1992 година, влегоа во градот Бијељина. Јусуф Трбиќ верува дека иако редовната српска војска можела да го контролира градот, луѓето на Аркан биле донесени за да може, за убиствата на цивилите да бидат обвинети „нелегалните паравоени сили“, но, и за да внесат страв кај локалното население – „да се покаже како нештата треба да се прават“.

Аркан, го поканил американскиот фоторепортер, Рон Хавив, да ги фотографира неговите луѓе. Оттука е и познатата слика на Аркан и неговата маскирана придружба, кои позираат качени на тенк, со тигар младенче, како и драматичните фотографии од убиството на муслиманска двојка и еден српски борец што ги клоца труповите. „Мојата единствена мисла, кога ги правев фотографиите, беше да ги фатам заедно Тигарот и жртвите, како доказ дека ова воено злосторство се случило“, вели Хавив за БИРН.

Што се однесува до самиот Аркан, фоторепортерот вели: „Тој беше паметен, шармантен и безмилосен“.

Тигрите потоа заминале да се борат во Брчко и Зворник. Таму, пак, неговите луѓе беа обвинети за убиства, грабежи, етничко чистење и силување.

Луѓето на Аркан се повлекуваат од БиХ, во летото 1992 година, откако паравоениот шеф доаѓа во спор со командантот на војската на босанските Срби, Ратко Младиќ, кој Аркан го сметал за криминалец. Следната година, тој формира своја политичка партија и е избран за пратеник во тогашниот косовски покраински парламент.

Во септември 1995 година, се вратил во Босна, на неговата последна воена авантура. Тој и неговите луѓе влегле во Сански Мост, северозападна БиХ, и наводно, киднапирале локални муслимани, ги однеле во еден хотел, ги притвориле во котларницата на хотелот и ги тепале. Дванаесетте затвореници, потоа биле однесени во селото Трново, каде што сите, освен еден, биле убиени.

Убиствата во Сански Мост, водеа до обвинение што Хашкиот трибунал го подигна против Аркан, за злосторства против човештвото, убиства, сериозно кршење на Женевската конвенција и за кршење на законите и обичаите на војување. Сепак, Жељко Ражнатовиќ беше единствениот обвинет, а по неговото убиство, никој повеќе не беше обвинет за убиствата.

Славната личност Аркан

Мурал со ликот на Аркан на sидот на фудбалскиот стадиона ФК „Обилиќ“ | Фото: Милка Домановиќ/БИРН

Мурал со ликот на Аркан на sидот на фудбалскиот стадиона ФК „Обилиќ“ | Фото: Милка Домановиќ/БИРН

Српската доброволна гарда, беше распуштена во април 1996 година, но Аркан и натаму важеше за озлогласена личност. Се ожени со српската турбо фолк ѕвезда Цеца и го презеде минорниот белградски фудбалски клуб, ФК Обилиќ, кој наскоро го освои националниот шампионат, наводно со закани и заплашувања. Паравоениот шеф стана мафијашки херој, смета Филип Шварм.

„Аркан е идол на секој криминалец“, вели Шварм. „Зошто? Бидејќи Аркан, во исто време, беше и полицаец и мафијашки шеф, бидејќи Аркан беше и паравоен командант и сопственик на фудбалски клуб. Беше лице во шоу-бизнисот и лице на црвената листа на Интерпол“.

Но, иако Аркан не замина повторно во војна, дел од неговите луѓе, учествуваа во финалниот воен конфликт на Слободан Милошевиќ во Косово, 1998-1999.

Овој пат, не како припадници на Српската доброволна гарда, туку тие заминаа на Косово, главно како припадници на единиците на државната безбедност, пред се како припадници на застрашувачката Единица за специјални операции (ЕСО), се заклучува од пресудите изречени од МКТЈ. Некои членови на ЕСО подоцна беа осудени за атентат на премиерот Зоран Ѓинѓиќ во 2003 година.

„Немаше потреба [од Тигрите во Косово]“, објаснува Борислав Пелевиќ. „Ние имавме силна полиција, која веднаш расчистуваше со ОВК [Ослободителната војска на Косово]. Ние таму имавме силна војска, ја имавме Единица за специјални операции“.

Поранешниот капетан на ЈНА, Нике Перај, важен сведок на судењето на Милошевиќ, изјави дека некои борци носеле обележја на Тигрите, кога влегле во касарната во косовскиот град Ѓаковица / Ѓакова, во ноември 1998 година, каде што им се приклучиле на другите српски паравоени сили. „Тие имаа одврзани раце да прават што сакаат“, изјави Перај за БИРН, иако тој смета дека тие не биле инволвирани во борбите на првите позиции. „Тие беа ограбувачи“, вели тој.

Перај изјави дека во април 1999 година, видел неколку луѓе на Аркан во селото Meja, по масакрот на околу 500 Албанци од страна на силите на Белград,. Тие носеа брада и беа многу тетовирани, а еден од нив имаше црвени линии на панталоните. „Тоа беше крв“, рече Перај.

Поранешниот Тигар, Ранко Момиќ, заминал да се бори во Косово во 1998 година, но, како член на единицата на резервната полиција. Кога во 1999 година, започнало бомбардирањето на НАТО, Момиќ ѝ се приклучил на армијата. На почетокот на оваа година, тој беше осуден на 15 години затвор, за учество во убиството на повеќе од 100 албански цивили во Косово, но, како припадник на 177 интервенциски одред на ЈНА, а не како припадник на Српската доброволна гарда. Момиќ, моментално се наоѓа на условна слобода, додека трае постапката по неговата жалба на пресудата, со која беше осуден уште еден поранешен Тигар, Милојко Николиќ, кој за истото кривично дело, доби 20 години затвор.

Непријатни вистини

Некои од најважните сојузници на Аркан, денес се мртви. Неговиот спонзор во специјалните сили, Радован Стојичиќ, беше убиен во ресторан во Белград во 1997 година, а неговиот наводен политички господар, Слободан Милошевиќ, почина во притвор во Хаг во 2006 година. Најозлогласениот од неговите Тигри, Милорад Улемек, наречен Легија, се наоѓа на издржување на 40 годишна казна затвор, за учество во атентатот на Ѓинѓиќ.

Поранешниот шеф на српската државна безбедност, Јовица Станишиќ и неговиот заменик, Франко Симатовиќ, во 2013 година беа ослободени од страна на Хашкиот трибунал, од обвиненијата за контрола на единиците, какви што беа Тигрите, иако судот утврди дека тие ги снабдувале и финансирале српските паравоени сили.

Претседателката на босанските Срби, Билјана Плавшиќ, која, наводно, го поканила Аркан во Бијељина, призна дека е виновна за надгледување на злосторствата и МКТЈ ја осуди на 11 години затвор. Но, некои од оние кои наводно ги извршиле злосторствата, сé уште слободно шетаат по градот. Други поранешни Тигри, се наоѓаат во бегство во Србија и тие никогаш не биле обвинети.

Босанското обвинителството соопшти дека нема да дава коментири, дали води истрага за некој од луѓето на Аркан. Но, адвокатот кој работи на предметите на босанските воени злосторства, Миодраг Стојановиќ, а кој во моментов го брани Ратко Младиќ во Хаг, вели дека е невозможно Сараево да им суди на овие лица, бидејќи Белград не е подготвен да ги екстрадира осомничени Срби.

„Тешко дека босанското обвинителство или судот некогаш ќе успеат да го направат тоа. Тие може да подигнат обвинение, но Србија нема да се согласи на екстрадиција“, вели Стојановиќ.

Српското обвинителство соопшти дека соработува со другите државни обвинителства во регионот, кога станува збор за случаите на воени злосторства, извршени од страна на Тигрите на Аркан, но, не даде дополнителни детали, бидејќи истрагите се во тек.

Поранешниот Тигар, Борислав Пелевиќ, вели дека сепак, тоа што нема обвиненија, покажува оти тие се невини: „Поминаа 20 години од војната, како е можно никој да не е обвинет од Хашкиот трибунал или српското обвинителство за воени злосторства, во последните 20 години?“, праша тој реторички. „Како е можно, никој од Гардата да не е обвинет, воопшто никој?“.

Обвинителотот на Хашкиот трибунал, што ја водеше истрагата за убиствата во Сански Мост, Клинт Вилијамсон, изјави дека проблемот со обвинетите борци на Аркан, е во тоа што тие го криеле својот идентитет. „Тие често носеле маски и ние едноставно не можеме да најдеме сведоци што ќе ги идентификуваат“, изјави Вилијамсон за БИРН, во 2010 година.

„Ние долго време ги истражувавме активностите на Тигрите на Аркан и собравме цврсти докази за Сански Мост. Планиравме да продолжиме со истрагите за Зворник, Бијељина, Вуковар, но, го убија“, додаде Вилијамсон.

Јасмин Месиќ, босански обвинител со големо искуство во истрагите за воени злосторства, се согласува дека постојат сериозни практични проблеми, кога станува збор за донесување на српските паравоени сили, пред лицето на правдата.

„Овие луѓе се дојдени од други области, од други држави, така што ниту една од жртвите или преживеаните не ги знае. Тие обично користат прекари, па затоа е многу, многу тешко да се идентификуваат сторителите преку сведоштва на жртвите, што обично се прави во случаите на воени злосторства“, објаснува тој.

Во БиХ, сепак, многумина веруваат дека луѓето на Аркан не биле гонети, поради врсите на нивниот водач со српски полициски функционери, политичари и со организираниот криминал.

„Неговата единица ги правеше истите работи во секое место каде што ќе одеше, но, инволвирани се и многу други луѓе од Србија, политичари на високи позиции, и подигнувањето на обвиненија за тие дела, би расветлило многу работи, кои би биле непријатни вистини“, вели Јусуф Трбиќ.

Емир Мусли, се сеќава дека го видел Аркан, кој ракувал со базука, пред општинската зграда во неговиот роден град Бијељина во 1992 година, додека неговите луѓе ги малтретирале муслимани по улиците, ги носеле на мачење или на егзекуција. Тој вели дека уште тогаш било јасно, дека паравоениот водач има многу повисок статус од обичните војници.

„Тој беше средство, што го користеа за убивање, но, и за контролирање. Она што сакам да го кажам е дека неговата единица не беше паравоена, таа беше дел од српската државна безбедност“, вели Мусли за БИРН. „Ова е причината зошто работите се замолчуваат“.

Исто како што Аркан бегал од многу затвори во текот на својата криминална кариера, така и неговите луѓе досега успеваа да ја избегнат затворската казна за нивното воено учество во Тигрите.

Мусли вели оти многу не се надева дека ова ќе се смени: „Аркан го убија, а со него, и целиот случај паѓа во заборав“.

Сите фотографии што се користат во оваа статија, се заштитени со меѓународен закон за авторски права и не смеат да се репродуцираат, дистрибуираат, пренесуваат, прикажуваат, објавуваат или емитуваат, без претходна дозвола од носителот на авторските права.