Враќањето на државните пари во приватните медиуми не е единствената голема промена што ја носат измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, за кои Собранието ја усвои потребата да се донесат по скратена постапка, односно со т.н. европско знаменце.
Со нив се предвидува и автоматско продолжување на дозволите за емитување програма на телевизиите и на радијата на секои девет години, односно му се одзема правото на регулаторното тело – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, самостојно да одлучува кој да остане на пазарот.
Кај стручната јавност, ова ја отвора дилемата дали целта на оваа измена е да се воведат појасни правила или да се осигури опстанокот на сегашните главни играчи на медиумската сцена и во иднина.
„Ние добиваме ситуација да се цементира состојбата таква каква што е на медиумскиот пазар уште за девет години“, вели професорката Снежана Трпевска од институтот Ресис, експерт за медиумски политики.
Со новото законско решение, АВМУ ќе има право да не им ги продолжи дозволите на радиодифузерите само ако најмалку трипати го прекршиле членот 48, односно со судска пресуда е потврдено дека емитувале говор на омраза, повици за насилство, за уривање на уставниот поредок, загрозување на јавното здравје, детска порнографија итн.
„Тоа се содржини што воопшто не смее никој да ги емитува и што се основа за одземање на дозволата. Недозволиво е некој да стави одредба дека некој што двапати направил таков прекршок ќе му биде продолжена дозволата, а трипати ако направил таков прекршок нема да му биде“, додава Трпевска.
Според неа, на тој начин им се овозможува на радиодифузерите да се однесуваат волунтаристички, знаејќи дека не можат да бидат одбиени за продолжувањето на дозволите.
Директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски, пак, вели дека со законот единствено се утврдуваат попрецизни критериуми кога може да не се продолжи дозволата. Според него, тие ќе ги стават медиумите во поповолна состојба да не се плашат дека поради некаков притисок ќе може во иднина да бидат одбиени, односно да им се одземе правото да продолжат да работат.
Како што објасни тој, за време на деветгодишното работење, регулаторот постојано следи дали медиумите ги исполнуваат условите за работа и тие можат да ги загубат дозволите во секој момент ако не се придржуваат до нив.
„Не треба да се оди во крајност, медиумите да бидат под сериозен политички притисок дека ќе им се продолжи или нема да им се продолжи дозволата, туку треба да им се остави една слобода во нивното функционирање, а за точно утврдени прекршоци да може да им се одземе дозволата“, вели Трајчевски.