Во локален супермаркет, во скопски Аеродром, повозрасен купувач ја крева гајбата со домати во обид да ја најде декларацијата, загрижен за нивното потекло. Ова не е вообичаена пракса во маркетот, а започна откако на социјалните мрежи како пожар се рашири приказната дека во земјава имало увоз на домати од Албанија, полни со пестициди и тешки метали.
Додека многумина испаничија, други им поверуваа на надлежните од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) кои ја смируваа јавноста, демантирајќи дека во земјава влегла небезбедна храна.
„Добри се, од Албанија“, му дофрлаше друг муштерија на загрижениот сограѓани од маркетот, откривајќи дека и тој слушнал за доматите, но одлучил да верува дека се добри, па откако ги испофаќа сите, најубавите ги стави во својата корпа.
Случката е од пред десетина дена, кога почна паниката околу наводниот увоз на отровни домати во земјата. Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги демантираа ваквите тврдења и ја смируваа јавноста. Уверуваа дека храната што е пуштена во промет е безбедна за јадење.
Она што не беше демантирано, е лабораторискиот наод од акредитирината лабораторија на Факултетот за ветеринарна медицина, кој покажа голема количина пестициди во домати што ги донел граѓанин, откако се посомневал во нивната исправност, но и во демантот на АХВ.
Сепак, како што објаснува директорот на АХВ, Николче Бабовски, проблем е што мострата, односно доматите за оваа анализа не биле земени во присуство на инспектор. Односно, ако нема службено лица, никој не може да потврди што е правено со доматите додека патувале од пазар до лабораторија, дали можеби се прскани по пат, па дури и од каде точно се земени.
„Иако јас резултатот не го негирам каков и да е, меѓутоа начинот како е однесен е надвор од регулативата и од законските норми“, забележува тој.
Уверува дека секој граѓанин може да поднесе претставка до АХВ, а неговите инспекторите за помалку од 24 часа ќе бидат на терен, и ќе видат што се случува. Вака, вели, ако има проблем лесно ќе може да се најде потеклото на храната, нејзиниот увозник, да се стави целата пратка под надзор. Затоа е и против тоа граѓаните сами да ја испитуваат храната, кога веќе постојат службите на АХВ.
„Агенцијата за тоа и постои. Нема ни една претставка по која не сме постапиле“, дополнува директорот.
Доматите добри, проблем кај пиперки и крставици
Од големата директорска канцеларија на АХВ, Бабовски не штеди пофалби за работата на институцијата со која тој раководи во изминатите 2,5 години. Исто како што без тронка двоумење тврди дека македонските граѓани јадат проверена и безбедна храна, што е очекувано со оглед на неговата функција.
„Она што е во промет, е безбедно (за јадење)“, вели тој.
Во прилог на ова ја наведува бројката од 18 000 инспекциски надзори годинава. Не се сите во делот на храната, бидејќи голем дел од контролата на АХВ се однесува на животните, нивното здравје или благосостојба. Меѓутоа, укажува дека не се појавил ниту еден проблем кај доматите иако периодов испитале 26 мостри, од увоз. Ама затоа пак недозволени материи нашле во две пратки од соседна држава, една со пиперки, втора со крставици. Крставиците се веќе уништени, но пиперките чекаат „трета среќа“.
Откако за една пратка ќе се утврди проблем, компанијата што увезува има право на втора контрола, како и на трета – супер контрола. Иако ретко, Бабовски признава дека се случува резултатите да бидат спротивни на тие од АХВ. Главно кога се работи за загадување со пестициди, кои имаат своја каренца. Односно по одреден временски период се намалува нивната концентрација, па додека да завршат сите испитувања, последното може да покаже дека станале безбедни за јадење.
Дупки во владината програма за мониторинг на храна
Инспекторите на терен излегуваат по пријави – во вонреден надзор, но имаат и редовни – месечни и годишни програми за испитување на храната, направени врз проценка на ризикот. Меѓу нив е и годишниот мониторинг за безбедност на храната, чија програма ја носи Владата. Од година во година парите предвидени за него се тенчат, заедно со бројот на мостри кои е предвидено да се испитаат во лабораторија за различни параметри, од пестициди, тешки метали, микробиолошко загадување, па се до присуство на микотоксини, ГМО храна итн.
Така, ако во 2014 година програмата тежела 10 милиони денари за испитување 2075 мостри, за годинава се предвидени само 3.5 милиони денари, за 875 мостри. Лани, планот бил за овој мониторинг да се искористат 4,5 милиони денари, но не се потрошени сите, а преклани во целост пропаднал тендерот проектиран на истата сума.
Лани на пример, програмата е делумно реализирана, при што меѓу другото, изостанало испитувањето на мострите храна за тешки метали, преку оваа програма. Во однос на пестицидите пак, место предвидените 360, земени биле 221 мостра. Во 13 биле пронајдени пестициди над дозволеното, главно во моркови, но и спанаќ, корнишони и марула.
Бабовски не гледа проблем во неспроведувањето на оваа програма, ниту пак во намалувањето на средствата. Тоа го оправдува со како што вели, намалениот ризик за безбедноста на храната во земјава, како и функционирањето на Европскиот систем за брзо предупредување за небезбедна храна (РАСФФ), присутен во земјава од пред пет години.
„Ако немало класична (програма), тие испитувања сепак се правени, ама по други програми. Тука контролата масимално се спроведува“, уверува директорот.
Преку РАСФФ само лани, добиени се 13 нотификации за увезена небезбедна храна, како и 7, за извезени македонски производи.
Недостиг на инспектори
АХВ има многу ингеренции, а испекцискиот надзор е во основата на нејзиното постоење. Затоа и од околу 350 вработени, повеќе од половината се инспектори, во различни сектори. Притисоци има, признава Бабовски, но вели дека неговите инспектори си ја работат работата чесно и совесно, а со покачувањето на платата за 30% во однос на другите административни службеници, смета дека пораснала и нивната отпорност на корупција.
„Честопати кога се јавуваат економските оператори, па сакаат некоја ургенција, да се интервенира кај инспектори, им велам- јас сум директор на институцијата и потпишувам многу документи, меѓутоа потписот и печатот на инспекторот е неприкосновен, дури и поголем од мојот, по предметот кој си го води тој“.
Како проблем на АХВ го наведува недостигот на инспектори и во оваа институција. Лани имале 51 илјада инспекциски надзори, со што оствариле 88% од планот. Потребни им се уште 40-тина лиценцирани инспектори, како во секторите поврзани со безбедност на храната, така и во однос на заштитата и благосостојбата на животните.
Дека оваа тема е важна, говорат претставките кои доаѓаат до нив. Дел од нив наликуваат на анегдоти. Како претставка од граѓанин кој се жалел дека гулабите на соседот долетувале на неговата куќа и му оставале измет на балкон. Или дека кучето во соседниот стан лае многу гласно. Бабовски низ смеа вели дека и во ваков случај инспекторот на АХВ оди на терен, за да провери дали кучето е чувано како што треба, но тоа е се што може да стори.
За разлика од овие, повеќето претставки се многу сериозни. Од почетокот на годинава ги имало 218, и најголем дел се однесуваат на животните, како каснувања од кучиња, или претставки за неодговорни сопственици. Бездомните кучиња се растечки проблем во многу општини.
АХВ и нејзиниот директор честопати се прозивани од активистите за заштита на животните дека не си ја врашат работата и не одговараат на нивните повици. Во нивна надлежност се проверките на програмите за бездомни живорни кои ги прават општините, контролата на неодговорното сопствеништво, но и на заразните болести кај животните.
„АХВ не е шинтерска служба“, укажува Бабовски кој прст вперува во општината и комуналната полиција, во малите казни, но не и во сопствените инспектори кои признава дека ги има во мал број.
Светла точка гледа во законските измени, најавувани со години, кои треба да воспостават систем на контрола на размножувањетo кај кучињата. Со нив, меѓу другото, ќе се воведе задолжително стерилизирање на животните или регистрирање одгледувачница. Законот и сега предвидува казни за неодговорните сопственици, но како што наведува Бабовски, тие се мали и немаат ефект.
Пред десетина дена беше во Париз, на 90 – то Генерално Собрание на делегати на Светската организација за здравствена заштита на животните. Овде едногласно беше избран за нов Генерален секретар на регионалното претставништво за Европа, надлежно за 53 држави. Ова според него, е негов личен, но и успех на државата, која од имплементатор, сега станува креатор на важни политики.
Токму на оваа Конференција, било дискутирано за идните предизвици на земјите, со акцент на птичјиот грип од типот Х5Н1. Кај нас лани имало два изолирани случаи на вирусот кај диви птици, но во Западна Европа, бројките се повисоки, а загрижува и неговата брза мутација.
„Тука ни е веројатно онаа идна борба со заразна болест, која што е опасност и по здравјето на луѓето“, загрижен е првиот човек на АХВ.