Анализи

Балканот во 2019 година: Промените мора да дојдат однатре

По разочарувањата од втората половина на 2018 година, јасно е дека демократијата и трансформацијата треба да дојдат од самите балкански општества, а не како резултат на надворешен притисок

Годината 2018 беше година на очекувања. Откако претседателот на Европската комисија, Јункер вети можно членство во ЕУ за Србија и за Црна Гора во 2025 и откако неговата комисија подготви нова стратегија, се чинеше дека завршија годините на запоставување на Западен Балкан од Европската унија.

Бугарското претседателство со ЕУ го стави проширувањето на својата агенда, а големиот напредок во односите меѓу Македонија и Грција доведе до потпишувањето на Преспанскиот договор во јуни 2018.

Но, втората половина од годината е повеќе отрезнувачка. Ратификацијата на Преспанскиот договор не одеше мазно и е далеку од завршена. Надежите за целосен договор меѓу Србија и Косово се чинат и натаму далечни. Внатре во ЕУ, проширувањето повторно падна на листата на приоритети. Уште поважно, Франција и Холандија веќе во јуни сигнализираа дека не се расположени да се продолжи со проширувањето, и покрај грчко-македонскиот договор.

Што може регионот да очекува од 2019? Накусо, во годината што доаѓа, ќе стане јасно дека промените во регионот мора да дојдат однатре. Регионалната опсесија со „позитивни сигнали“ од ЕУ нема да помогне. Сегашната комисија, чекајќи го резултатот од изборите за Европскиот парламент и формирањето на новата комисија, од пролет ќе се пасивизира.

Поверојатна е ескалација отколку договор за Косово

Српски православен свештеник го следи од балкон говорот на српскиот претседател Александар Вучиќ кој го посети српскиот дел на Митровица во 2018 | Фото: ЕПА-ЕФЕ/Ѓорѓе Савиќ

Нема да може да се очекуваат нови проекти и иницијативи. Ова остава многу мала можност за успех на дијалогот меѓу Косово и Србија предводен од ЕУ, бидејќи каков било договор ќе треба да се постигне до пролет. Тоа во моментов е тешко да се замисли. И српскиот претседател Александар Вучиќ и косовската влада повеќе внимание посветуваа на ескалацијата на спорот отколку на соработката. Двете страни можеби веруваат дека ќе можат да постигнат за нив подобар исход со новата комисија и со наследникот на Федерика Могерини.

Понатаму, во Косово во моментов нема политички актери што имаат поддршка да продолжат и да постигнат договор, а претседателот Хашим Тачи се чини дека е уште послаб од пред една година. Тешко дека ќе добие поддршка за договор со Србија, дури и да се постигне такво нешто.

На српската страна, Вучиќ изгледа позаинтересиран за преговарање и за ескалации отколку за наоѓање решение. На крајот, тој и нема интерес за брзи придвижувања. Купувањето време би можело да ја убеди новата комисија да го оддели прашањето за Косово од процесот за пристапување на Србија кон ЕУ, особено ако се прикаже дека тој не е одговорен за доцнењето, а од друга страна, евентуалната брза спогодба би го свртела вниманието кон намалувањето на демократијата и на владеењето на правото во Србија. Според тоа, ескалацијата во комбинација со послаба ЕУ интервенција се чини како посакувано сценарио за 2019 година.

Наградата за Македонија, за договорот со Грција е неизвесна

Главниот успех во 2018 година беше договорот меѓу Македонија и Грција. Иако сѐ уште нема гаранции дека тој процес ќе ги надмине последните пречки во двете држави, во моментов се чини поверојатно е тој да успее отколку да пропадне.

Договорот е најзначајниот чин на добра волја за да се надмине клучен регионален спор. Но, останува нејасно дали Македонија ќе биде соодветно наградена од Европската унија за својот труд. Членството во НАТО се чини многу веројатно најдоцна до 2020 година, но поважната цел, европската интеграција е понесигурна.

Скептицизмот на некои земји-членки на ЕУ генерално кон проширувањето може да го попречи процесот и стартот на преговорите со Македонија и со Албанија следното лето. Овој ризик покажува дека пристапувањето кон ЕУ не зависи само од напредокот што ќе го направат државите, туку и од волјата на членките на ЕУ да се продолжи со проширувањето.

Можно е да нема комесар за проширување следната година

Иако популистите и националистите ќе бидат посилни во следниот европски парламент, кој ќе биде избран во мај, се очекува оваа промена да биде помалку драматична од промените на европскиот политички пејзаж што се случија во изминатите години. Некои од крајно десничарските партии ќе се спротивставуваат на проширувањето, па новиот парламент генерално ќе биде порезервиран кон ова прашање. Овој скептицизам, исто така, ќе се пренесе и во Комисијата, иако е веројатно дека таа ќе ги вклучи големите центристички европски партии, Социјалистите, Европската народна партија и Либералите.

Можно новата комисија воопшто и да нема комесар за проширување. Со оглед на постојаното намалување на портфолиото за проширување во последните 15 години, ова нема да биде изненадување. Тоа ќе испрати погрешен сигнал, но таа можност треба се има предвид. Немањето комесар за проширување ќе покаже колку мал приоритет има проширувањето, но нема да ја смени постојната реалност во ЕУ.

Од друга страна, имањето комесар „од погрешна држава“ може да биде уште полошо. На пример, ако следниот унгарски комесар стане надлежен за проширувањето, тој или таа може да направи повеќе штета на овој процес отколку воопшто да нема комесар. Најголем број скептици за проширувањето веќе се загрижени дека тоа може да внесе повеќе верзии на Виктор Орбан во ЕУ (или повеќе Романии и Бугарии). Поради тоа, да се има комесар од таму може да ја потврди оваа загриженост.

ЕУ и натаму ги поддржува силните владетели во регионот

Во изминатите години, ЕУ и нејзините членки направија некои добри, но исто така и некои лоши работи за регионот. Да го земеме примерот со силната поддршка на силните владетели во регионот и на саботирањето на владеењето на правото, вклучувајќи го тука и унгарското давање азил на Никола Груевски, осудениот поранешен премиер на Македонија.

Еден од значајните предизвици на ЕУ ќе биде како да се справи со своите земји-членки што отворено го извртуваат владеењето на правото, како Унгарија и Полска, но исто така и Италија. Засега таа нема механизми, а често нема ни политичка волја за да се справи со овој предизвик. Наместо тоа, тие што го кршат владеењето на правото во ЕУ фрлаат сенка, директно и индиректно, врз Балканот. Да го земеме следниот самит на Берлинскиот процес закажан во Познан.

Одлуката Полска да биде домаќин на следниот самит е речиси еднакво катастрофална како неговото одржување годинава во Лондон. Ако се сака намерно да се испразни берлинскиот процес од каква било суштина, не може да се одберат подобри локации за тоа, освен можеби Будимпешта.

Пораката од Велика Британија и од Полска, во двата случаи, е „правете како што велиме, но не правете како што ние правиме“, односно – ја напуштаме ЕУ или ги кршиме нејзините правила. Романското претседателство на ЕУ, исто така, има намера да го стави прашањето за Западен Балкан на агендата на самитот во Сибиу во мај, нo тоа изгледа многу неизвесно.

Накратко, промените и притисокот за позитивна трансформација тешко дека ќе дојдат од ЕУ во 2019. Тоа може да биде отрезнувачко, но и важно: со оглед на тоа што во изминатите години во Западен Балкан назадувањето на демократијата и пристапувањето кон ЕУ одеа рака под рака, јасно е дека приближувањето кон ЕУ веќе не е сигурен начин да се зголеми нивото на демократија. Eвропеизацијата и демократизацијата веќе не се синхронизирани.

Овој тренд не значи дека општествата треба да се откажат од интеграцијата во ЕУ, како што сугерираат некои националистички партии во регионот. Наместо тоа, трансформацијата кон поплуралистички и подемократски општества треба да дојде однатре.

Ако ја погледнеме стагнацијата и назадувањето на демократијата, не само во Србија, туку и низ целиот регион, освен во Македонија, предизвикот е јасен. Силните владетели во регионот уживаат во вниманието и во поддршката што ги добиваат од ЕУ и од други светски лидери додека постапно дома ги еродираат демократските и независните институции и медиумите.

Нема знаци дека ќе се соочат со поголем притисок однадвор. Дури и во Македонија во 2015 година, кога сите можеа да ги слушнат снимките за една корумпирана влада што ги шпионирала своите граѓани, ги притискала судовите, ги манипулирала медиумите, притисокот дојде однатре, а дури подоцна, и со задоцнување, тој дојде од ЕУ и од САД.

Граѓанското општество и опозициските политички партии го понесоа главниот товар. Во регионот, и особено во Србија, притисокот за повеќе демократија и за повеќе владеење на правото мора да дојде од самите општества.

 

Флоријан Бибер е координатор за Балканот на Европската советодавна група и професор за Југоисточна европска историја и политика на универзитетот во Грац, Австрија. Неговите размислувања се базираат на разговори одржани во Белград на 14 декември за ЕУ и за Балканот во 2019, организиран од „Европски Западен Балкан“ и од Европскиот фонд за Балканот. На Твитер објавува како fbieber.