Престојот на остров во Јадранското море, познат по своите песочни плажи и маслиновото масло, на кој што живеат само неколку илјади луѓе, би можел да биде совршен начин за да се избегне пандемијата.
Освен ако премногу луѓе ја добијат истата идеја.
„Една недела пред карантинот имаше редици од автомобили со странски регистарски таблички, а имаше и од Загреб и Риека“, се сеќава Јуре Јерат, жител на хрватскиот остров Муртер, северозападно од Шибеник, лоциран покрај далматинскиот брег.
„Тие мислеа дека тука ќе бидат безбедни“.
Каменорезецот Иве Шикиќ Бажокиќ го сподели својот сомнеж: „Како што би рекол нашиот поет Иве Балара, „некои туѓинци ни го донесоа тука“.
Ограничен влез
По зголемениот број посетители на почетокот на март, Муртер беше првото место во Хрватска што ги затвори кафулињата и рестораните, неколку дена пред тоа да се случи во остатокот на земјата.
Но беше само прашање на време кога на островот ќе биде регистриран првиот потврден случај на Ковид-19, а кога тоа се случи, локалните власти воведоа карантин.
Само оние со дозвола за престој можеa да влезат на островот, а тие што веќе беа таму мораа да останат.
Градоначалникот ги повика луѓето да останат дома, па дури и да не излегуваат во своите дворови и градини. Повеќето жители го послушаа советот, а стравот брзо се прошири. Ризикот од ширење на новиот корона вирус беше голем, бидејќи на островот има голем број повозрасни жители што живеат заедно со нивните деца и внуци.
Лоциран во близина на архипелагот Корнати, национален парк со неколку десетици островчиња, Муртер е популарен не само кај жителите на хрватскиот главен град Загреб, туку и кај Италијанците, Австријците и Германците. Многумна од нив дури имаат и имот на овој остров.
Во главната населба, која го носи истото име како и островот, стравот беше уште поголем, бидејќи повеќето од нејзините 2.000 жители купуваа во истите продавници и се собираа на истите места со дојденците.
Бензинската пумпа, поштата и менувачницата, се затворија. Во банкоматите снема пари. Како што одминуваше времето, стана јасно дека ќе мора да се дозволи минимално ниво на активност. Така, бензинската пумпа повторно се отвори, но таа работеше еднаш неделно по неколку часа, а банкоматите беа наполнети со пари.
„Чиста, едноставна слобода“
Од другата страна на островот, во населбата Тисно, мерките беа помалку рестриктивни. Силвија Чуриќ, директорка на Народната библиотека и читална во Тисно, почнала да работи преку интернет бидејќи била ‘заглавена’ во Муртер.
„Ми недостасува библиотеката, ми недостасуваат луѓето, ми недостасува мирисот на книгите“, вели Чуриќ за БИРН.
„Јас и една колешка направивме виртуелна библиотека и ставивме многу содржини во неа. Се обидовме да останеме во контакт со нашите корисници“, додава таа.
Сопствениците на станови за одмор и на бунгалови ги ставија своите имоти на располагање на другите локални жители, кои требаше да заминат во изолација. Туризмот пропаѓаше.
„Мојата работа зависи од тоа“, нагласува Јерат, кој поседува ресторан во националниот парк Корнати.
Тој истакнува оти чувствуваат голема неизвесност во врска со прашањата како „дали да земеме работници или да работиме со семејството, и на крајот на краиштата, дали и како воопшто ќе работиме? Дали ќе има туристи или нема да има? Дали воопшто ќе биде исплатливо да отвориме? Наши најчести гости во август се Италијанците. Погледнете што се случува таму? Неизвесност“, вели тој.
„Можеби ова ќе ни ги отвори очите“, нагласува, Сања Башиќ, графички дизајнер од Муртер. „Можеби ќе утврдиме дека не можеме да се потпреме само на сезонската работа“.
По таргетираното тестирање со цел да се открие колку е распространет вирусот на островот, едномесечниот карантин на Муртер беше укинат.
Луѓето сè уште се претпазливи и велат дека некои едноставни работи веќе нема да ги земаат здраво за готово, како порано.
Но, дали воопшто нешто ќе биде исто како порано?
„Ми недостигa слободно да прошетам“, вели Чуриќ и додава: „Да не мора да размислуваме за овој мизерен вирус, кој е тука некаде, а не го гледаме, не знаеме каде е, од кој агол ќе скокне. Некакво чувство на чиста, едноставна слобода“.
Автор: Марија Симат Томашиќ