Босански рап на радио станица во Србија; српска турбофолк песна во хрватско кафуле; хип-хоп од целиот балкански регион, кој го презентира продуцентска куќа од Белград.
За народите кои некогаш војуваа меѓусебе, ваквата размена на музиката дава надеж за иднината на прекуграничната култура во регионот, во кој јазикот, главно, не претставува никаква пречка.
Цензурата и национализмот беа музичка реалност во војните, за време на распадот на Југославија, во 90-тите години. Денешната културна размена претставува голем напредок, но остатоците од военото сузбивање на културата, сѐ уште се присутни. Ова е сложена приказна за тоа.
Историски гледано, музиката од регионот беше добро прифатена од критичарите на Запад, а Радио Слободна Европа, британскиот Њу мјузикл експрес и други, во 80-тите години ги најавуваа динамичната продукција и новиот бран на музика од балканските земји.
Но, национализмот, кој доминираше во политиката и општеството, влезе и во музиката и во уметноста. Во Србија, на улични тезги, на кои претходно се продаваа дребулии, почнаа да се нудат предмети поврзани со „четништвото“, меѓу кои беа и аудио касети со песни за историски битки и порази.
Новоформираните телевизиски станици како Пинк и Палма, започнаа да емитуваат таканаречен „турбофолк“, нудејќи блескав, оптимистички сјај на инаку суровата реалност. Пред распаѓањето на Југославија, во Србија постоеше свртување кон овој жанр, но како што се приближуваше војната, тој добиваше поинаква тежина.
„Турбофолкот беше потрага по социјална стабилност“, изјави, Драган Амброзиќ, кој, како новинар, во 80-тите и 90-тите известуваше за југословенската музичка сцена.
„Повеќето беше само гламур, внесување на некои светли моменти во инаку депресивниот живот“, го цитира Метју Колин, Амброзиќ, во својата книга објавена во 2001 година „Србија повикува“, за белградската радио станица Б92 и за отпорот кон тогашниот српски моќник, Слободан Милошевиќ.
„Државната телевизија ја промовираше, бидејќи таа ги свртуваше мислите од лошите работи, од хиперинфлацијата“, му изјави Амброзиќ на Колин.
Андерграунд рокенрол
Со својата антивоена порака и еклектична плејлиста, Б92 беше обележан како субверзивен медиум, кога полицијата го претресуваше и на крајот беше затворен, за повторно да се појави онлајн, како слободен Б92, пред Милошевиќ да биде симнат од власт, во 2000 година. Но, медиумите како Пинк, Палма и радио Гордост, можеа слободно да промовираат турбофолк и да ја користат културата за воени цели.
Радио-телевизија Србија, државен гласник на режимот на Милошевиќ, емитуваше албуми со турбофолк и ги промовираше sвездите на овој музички жанр.
Рок-музичарите и алтернативните уметници беа ставени нa страна, иако тие укажуваа на правецот во кој се движеше Србија.
Според текстот објавен во 1994 година во „Ју рок магазин“, кој Ерик Горди го цитира во неговата книга „Културата на власта во Србија“ од 1999 година, „до 1992 година, веќе дошло до промена“.
„Луѓето кои беа ориентирани кон рокот, избегаа во андерграунд светот, а публиката што не можеше да слуша таква музика, престана целосно да слуша музика. Некои од нив, кои не беа многу свртени кон културата, кои во основа слушаа сè што ги привлекуваше, започнаа да слушаат фолк музика“.
Дел од свртувањето од рокенрол кон фолк музиката, едноставно беше последица на војната. Рокот најмногу го слушаa младите во урбаните средини, но бидејќи беа прекинати врските меѓу урбаните центри во Југославија, а младите беа испратени во војна, беше тешко да се создава рокенрол музика и да се организираат рок-концерти.
Државата и нејзините медиуми не ‘плачеа’ многу поради влошувањето на основната инфраструктура на рокенролот.
Во 1995 година, српскиот националистички политичар и писател, Добрица Чосиќ, повлече врска помеѓу „југословенството во неговата ‘злокобна инкарнација’“ и „снобизамот на делата на рокенрол генерацијата“.
Кога антивоениот рок-проект Римтутитуки ја објави песната „Слушај ваму“ и кога на нивниот концерт во центарот на Белград присуствуваа 50.000 луѓе, мрежите кои беа поврзани со државата, скоро целосно го игнорираа ова. Само Б92 ја пренесе информацијата.
Музиката како воено оружје
Во меѓувреме, музиката доби своја улога и во војните.
Судењата за воени злосторства пред Хашкиот трибунал покажаа како српските борци рутински ги присилувале несрпските затвореници да пеат четнички песни. Поранешниот затвореник, Мухамед Бичиќ, Бошњак, сведочеше дека српските стражари го принудиле, заедно со другите затвореници, да пее такви песни, додека гледал како го тепаат неговиот брат. Сведокот, Емил Чакалиќ, даде детали за песната што ја пееле српските војници влегувајќи во Вуковар по падот на градот во 1991 година.
„Слобо, Слобо, испрати ни салати, ќе има месо, ќе колеме Хрвати“, биле, според она што беше презентирано пред Трибуналот, зборовите на оваа песна.
„Тоа беа песни направени за да се внесе страв кај населението“, рече Чакалиќ пред судот.
Иако вакви „сликовити“ текстови не беа емитувани на српските радио и ТВ станици, песните што беа емитувани носеа со себе одредена порака.
„Имавте таканаречени фолк-пејачи кои пееја песни за Голема Србија и за српските војници и за тоа како сите ја сакаме својата татковина и како сите треба да бидеме подготвени да убиваме и да бидеме убиени, за да ги ослободиме нашите српски браќа и сестри во Хрватска и во Босна“, се цитираат зборовите на новинарот, Теофил Панчиќ, во „Србија повикува“. „Беше толку морбидно и беше насекаде околу нас: сите тие песни и луѓе во униформи, насекаде“.
Создавање наративи преку музиката
Србија не беше единствената што ја искористуваше моќта на музиката, за да влијае на расположението во нејзината земја и на фронтот. Слична културна војна беснееше и во Хрватска.
Така, во 1991 година, беше формирана Кроација Рекордс, која произлезе од југословенскиот Југотон, некогаш најголемата музичка издавачка куќа во Југославија, која заедно со нововоспоставената Хрватска радио-телевизија, ХРТ, започнаа селективно да објавуваат песни и компилации, со цел создавање на наратив за хрватската војна 1991-1955.
На почетокот на војната, ХРТ почна да купува и да промовира националистичка музика, напиша историчарката од Велика Британија, Кетрин Бејкер, во својата книга „Звуците на границата“ (Sounds of the Borderland), објавена во 2010 година.
„(ХРТ) директно нарачуваше нови патриотски песни, пушташе постоечки во етерот, организираше и финансираше големи музички проекти и овозможуваше аудио и видео снимања“, напиша Бејкер.
Оваа идеја за наративна конструкција е потврдена со селективното финансирање на музички фестивали и уметници, кои настапуваа на ХРТ и нејзината мрежа ХТВ. Почнувајќи од 1991 година, ХТВ ги поддржуваше фестивалите низ Хрватска кои свесно ја истакнуваа хрватската патриотска музика.
Уредникот на вестите на ХТВ, Мирослав Лилиќ, дури изјави дека го замолил хрватскиот поп-пејач Томислав Ивчиќ, да придонесе кон воените напори, што доведе до објавување на неговата антивоена химна „Стоп за војната во Хрватска“; песната подоцна ќе биде снимена во студиото на ХТВ, пред да се популаризира меѓу Хрватите дома и во странство.
Како и да е, првично, хрватските музичари зазедоа поинаков пристап од нивните српски колеги, избегнувајќи конкретни изјави за непријателот и наместо тоа, се фокусираа на убавината на Хрватска и на нејзиниот народ, а потоа и на штетата што им се нанесува поради нивната „одбранбена војна“ против бунтовнички Срби, кои беа поддржани од Белград.
Сепак, овој фокус не беше исклучиво волја на музичарите. Радио и телевизиските водители ги водеа своите емисии нагласувајќи го овој стил на музика, дури и прегледуваа стих по стих за да се осигураат дека пораката ќе биде соодветно пренесена.
Бејкер ги цитира зборовите на менаџерот на групата, Електро тим, дека Лилиќ го сменил текстот на нивната дебитантска песна „Молитва за мир“, пред да дозволи таа да се емитува. И пејачот, Нано Прша, изјави дека уредничката на хрватското радио, Ева Седак, го замолила, пред емитувањето, да смени стих во неговата песна „Ние, соколи, што немаме крилја“.
Во случаите кога музичарите се приближуваа до границата на респектабилноста, се појавуваше ненадеен напор, нивните песни да се повлечат од етерот. На пример, кога песните „Хрватине“, на Ѓуко Чаиќ и „Тргни гардо“, на Иво Фабијан, започнаа да добиваат популарност, нивните, како што се сметаше, запаливи текстови, доведоа до тоа и двете песни да бидат повлечени од етерот по неколку седмици емитување.
Во војната, сепак, хрватските борци ја користеа музиката на сличен начин како и нивниот непријател. Анонимен сведок на судењето во Хашкиот трибунал изјави дека пеењето на хрватските војници претставувало тактика за влевање страв.
„Можевте да слушнете како хрватски војници пеат националистички песни за убиства на Срби“, рече сведокот. „Сите беа блиску до нас и повеќе не се чувствувавме безбедни“.
Но, иако напорите да се задржи лирската содржина под контрола беа донекаде успешни, низ Хрватска продолжија да се шират поагресивните песни, во форма на аудио касети и емисии на локалните радија.
На крајот, стана тешко ова да се игнорира. Се појавија фигури како Марко Перковиќ Томпсон, кои можеа да се видат во мејнстрим медиумите и чии националистички песни беа емитувани на популарни фреквенции.
Песните на Перковиќ реферираа на усташкото движење, и иако тој повремено се расправаше со државните медиуми во текот на 90-тите, тој, со нивна помош, разви успешна кариера, вклучително и медиумски содржини и неколку албуми снимени од Кроација рекордс.
Пред сè, некои документи од тоа време укажуваат на тоа дека српските уметници беа исклучени од главните медиуми во Хрватска.
Така, во неделен ТВ додаток од мај 1991 година, на кој наиде Бејкер, е видливо дека на телевизија повеќе не се појавувале српски и босански уметници.
И „турбофолкот“, жанр што во Хрватска се сметаше за српски, ефективно се соочи со „медиумска забрана“, се наведува во книгата „Турбофолк музиката и културните репрезентации на националниот идентитет во поранешна Југославија“, објавена во 2014 година, од Урош Чворо, виш предавач по Теорија на уметноста на Универзитетот во Нов Јужен Велс во Австралија.
Навлегувањето на српскиот турбофолк во Хрватска
Прашањето дали некој од овие напори за контрола на музиката во Хрватска и Србија беше ефикасен во помагањето на воените напори, е прашање за историска дебата, бидејќи и двете земји ги менуваа своите музички стратегии, како што одминуваа војните.
Томпсон, на пример, од маргинална фигура што ја игнорираа мејнстрим медиумите во почетокот на војните во Југославија, прерасна во музичар кој, до крајот на војните, доби санкционирано внимание од државата. Во Србија, турбо-фолкот падна во немилост на државата, а културните власти се обидоа да ја насликаат српската култура со пошироки потези, со цел да се избегне трајната врска помеѓу жанрот и нацијата.
И двата проекти беа засновани на видот – културна изолација, а како што војните полека исчезнуваат во сеќавањата, прекуграничната размена на музиката, меѓу Србија и Хрватска, полека се враќа.
Напис објавен на веб-страницата index.hr во 2019 година, зборува за зголемената популарност на српските уметници на хрватскиот ЈуТјуб. Дури и турбофолкот продолжи да бележи широк успех во обете земји, проследено со отворање на радиостаници во Хрватска, кои го промовираат овој музички жанр.
Но, политичките притисоци продолжија. Текст, објавен во септември 2020 година, на веб-страницата на nova.rs, зборува за наводите на неколку српски уметници, дека од политички причини им било забрането да гостуваат во Хрватска.
Југословенската поп-фолк икона Лепа Брена, откажа хуманитарен концерт во Осиек во 2011 година, со објаснување дека настанот не добил доволно поддршка и оти добил „политичка димензија“.
Потоа, во 2018 година, хрватските бранители побараа откажување на традиционалниот фестивал на српски песни „Ојкача“ во Хрватска, откако организаторите поканија изведувачи од Србија. Фестивалот се одржа, но со силно полициско присуство.
Справување со минатото
Во Србија, некои културни настани наидоа на протест и вандализам.
Во својот извештај за состојбата на уметничката слобода во 2020 година, организацијата Freemuse, која се залага за слобода на уметничкото изразување, ја наведе Србија како една од земјите со најголем број регистрирани случаи на цензура, при што се нагласува зачестеноста на случаите во кои националистички агитатори ги нарушуваат културните настани.
Иако се чини дека ситуацијата во Хрватска е помалку сериозна, културното наследство од воениот период е сè уште живо.
Така, во 2016 година, додека беше претседател на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ изјави дека „обожува“ да го слуша Томпсон. Една година порано, нејзиниот главен противник за претседателската функција, Зоран Милановиќ, оцени дека турбофолкот, односно цајка, како што го нарекуваат во Хрватска, е „еднаков на мрзеливост“, а на потенцијалните гласачи им порача: „Нека не се навредува никој, но ние не ги славиме цајките, ние ги потиснуваме и тоа ќе биде дел од нашата програма“.
Хрватските бранители, исто така, честопати преземаа улога на цензори.
Во извештајот на Freemuse за уметничката слобода во 2019 година, детално се опишуваат неколку случаи на протести против музичари, предводени од бранителите, и се наведуваат неколку примери во кои бранителите обвинувале музичари дека се поврзани со военото насилство.
Надвор од границите на Балканот, милитантната музика од војните сега се споделува, десничарите тргуваат со неа преку интернет, а непознати песни се дистрибуираат до националистичката публика ширум светот.
Најпознат пример за ова е песната за осудениот воен злосторник, Радован Караџиќ, која стана крајно десничарско меме после 2010, со наслов „Отстрани го ќебапот“.
Песната стана синоним за шегување со геноцидот врз муслиманите на десничарските веб-страници, а на неа се повика и Брентон Тарант, во манифестот што го напиша пред да отвори оган кон џамијата во Крајстчрч, Нов Зеланд, во март 2019 година, при што загинаа 51 лице. Песната можеше да се слушне, додека Тарант го пренесуваше нападот во живо.
Сепак, денес е доволен брз поглед на српските или хрватските плејлисти, за да се види дека има надеж, која ја даваат и, на пример, Bassivity Digital, белградска продукциска куќа и интернет платформата што обединува хип-хоп изведувачи од цела поранешна Југославија. Нивните видеа привлекоа милиони прегледи на ЈуТјуб.
Со оглед на тоа што интернетот ги надминува музичките граници, за некои денес желбата за идната културна размена е појасна од кога и да е, дури и ако тоа значи соочување со комплицираното минато.
Браден Бјела е слободен новинар и поранешен стипендист на програмата Фулбрајт, од Њујорк. Овој текст е креиран во рамките на програмата на БИРН, Балканска транзициска правда, со поддршка на Матра регионалната програма за владеење на правото.