Анализи

Балканските водоводи и водата: Се има, се троши

По едно Дојранско Eзеро годишно губи Балканот заради дупнати цевки и непоправени хаварии

  • 9
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Жена полнела вода од длабокиот и богат бунар прецизно затворен со капак на широка и бујна ливада. Еден ден заборавила да го затвори капакот. До утрото, од бунарот се излеала толку вода, што ливадата и целата околина се претвориле во мочуриште. Следните денови, водата само истекувала и растело нивото, така што веќе никој не можел да ја запре. Така настанало Охридско Езеро во Македонија. Така барем вели еден од митовите.

Фантазмагорична Црна кралица во период на тешка суша побарала од секој припадник на племето што живеело на подрачјето искрено да каже и да се покае за лошите работи што ги направил. Сите го направиле тоа, освен најбогатиот, кој ги исмевал маните на соплемениците. Племето го протерало лошиот човек. Поради искреноста, добрата Црна кралица им ја услишила молбата и од нејзините солзи создала две реки од кои настанале неколку езера и завршила сушата. Сега тоа се Плитвички Езера во Хрватска. Така барем вели еден од митовите.

Денес, пак, не е потребна ниту кралица, ниту заборавна жена за да се создаде езеро. Тоа може да го направат јавните претпријатија и компаниите што го обезбедуваат снабдувањето со вода за пиење во главните градови на повеќе држави на Балканот. Под услов, претпријатијата да најдат начин како да ги спроведуваат на едно место сите оние количества вода што годишно ги губат како резултат на дупки во цевките, приклучоците, ненавременото откривање дефекти и хаварии во водоводните мрежи.

Скопје, Белград, Приштина, Тирана, Загреб, Софија, Сараево и Љубљана од овие количества вода за пиење можат да полнат по едно езеро со големина на Дојранско во Македонија, и тоа од периодот кога беше во својата полна големина пред 1990 година.

Количеството вода што годишно го губат водоводните системи на овие градови е доволно да се наполнат над 115 илјади базени со олимписки димензии како оној базен на тукушто завршената олимпијада во Токио, во кој американскиот пливач Калеб Дресел постави нов олимписки рекорд на 50 и на 100 метри слободен стил.

Прогнозите за климатските промени, актуелните суши и пожари укажуваат дека ваквиот луксуз ќе треба што е можно побргу да се напушта. Моделите за климатските промени предвидуваат дека речиси во сите сценарија на покачување на просечната температура до 2060 година, во сите големи речни сливови во регионот ќе има намалување на достапноста до вода за просечно од 10 до 13 проценти.

Во подолгиот период, односно, до крајот на векот, во најлошото сценарио на зголемување на температурите и непреземање мерки, некои речни сливови, меѓу кои и Вардарскиот, може да се соочат со намалување на достапноста на вода за над 20 проценти.  

Сараево шампион

Во август, на температура од над 40 Целзиусови степени, жителите на скопското село Кучково протестираа поради тоа што немаа вода. Поради сушата не функционира локалниот водовод, кој црпи вода од бунар поради тоа што бунарот пресушил. Селото не е поврзано на водоводната мрежа на Скопје.

Сличен проблем има и во други населени места околу градот, но и во градски населби што се на поголема височина и кои се приклучени на градскиот водовод. Во жешките лета како што е ова, во овие населби притисокот е слаб и често од цевките во делови од денот не тече ништо. Некаде снабдувањето се дополнува со цистерни.

Градското претпријатие „Водовод и канализација“, во јули го упати стандардниот летен апел, водата да се троши рационално и да не се претерува со наводнувањето бавчи, дворови и ниви. Во вакви периоди не се наводнува ниту градското зеленило.

Сепак, дел од овие проблеми можеби и не би постоеле ако се разгледа како тече водата во водоводот. Поточно како истекува.

Количеството вода што годишно ја губат водоводните системи на главните градови на балканските држави е доволно да се наполнат над 115 илјади базени со олимписки димензии. Споени во должина, толку базени би го покриле растојанието од Скопје до Северниот Пол, или до Кина.

Сите водоводи имаат загуба на вода што тече низ нив. Еден дел се нарекува „комерцијална загуба“ и таа се однесува на водата што стигнала до некој потрошувач, но не била наплатена од разни причини. Тука спаѓа и водата што се краде и таа со која се наводнува урбаното зеленило или водата што не е наплатена поради грешки или неажурност и лоша евиденција на службите.

Другиот дел од загубата е таа што се нарекува „стварна или реална загуба“. Тоа е водата што истекува од дупките во стари цевки, од изместени спојки меѓу цевки, од расипани чешми, при дефекти или поголеми хаварии во водоводниот систем. Прифатениот меѓународен стандард е реалната загуба да биде што е можно помала, а најмногу до 20 проценти од целата вода што влегува во водоводот.

На тој начин, Скопје, кое процентуално губи 22 проценти годишно, само во 2020 година, според податоците од годишниот извештај на претпријатието, го изгубило секој петти литар од водата што влегла во водоводната мрежа. Само во таа година, од дупките во скопските цевки истекле речиси десет илјади олимписки базени чиста вода за пиење. Тоа е доволно вода за да се потопат општините Центар, Карпош и Аеродром во длабочина од два метри.

Меѓутоа, ако се разгледаат последните достапни годишни или ревизорски извештаи за 2019 или 2020 година и на другите вакви претпријатија и компании што ги управуваат водоводните системи во главните градови на повеќе држави на Балканот, состојбата е слична, а некаде и полоша.

Без разлика дали се работи за држави-членки на Европската Унија или земји од „Западен Балкан“, системите се стари, издупчени и водата истекува во многу поголеми количества од тие што се сметаат за прифатливи.

На пример, белградскиот Водовод проценува дека во 2020 година имал „реална загуба“  од 25 отсто од водата што е доволна да се наполнат 17.943 олимписки базени.

Скопје само во 2020 година го изгубило секој петти литар од водата што влегла во водоводната мрежа. Само во таа година, од дупките во скопските цевки истекле речиси 10 илјади олимписки базени чиста вода за пиење.

„Софиаплан“, претпријатието за просторно и стратешко планирање на бугарската метропола Софија, проценува дека нивниот водоводен систем во 2019 година реално загубил 29 отсто од водата или 17.400 базени. 

Водоводното претпријатие на Подгорица не прикажува посебна бројка само за „реални загуби“, туку во група и со дел од комерцијалните загуби, како на пример диви приклучоци проценува дека во 2019 година има загуба од 49 проценти од водата.

Сараевскиот Водовод во годишниот извештај за 2020 вели дека поради „комплексниот и застарен систем“, од старите и издупчени цевки истекле 6 од 10 литри што влегле во мрежата, односно загубата е дури 62 проценти.

Водоводното претпријатие на Приштина, во Бизнис-планот за 2020 година проценува дека од цевките ѝ истекла речиси половина од целата вода. Загубата се проценува на 48 проценти.

Во годишните извештаи на Загрепскиот холдинг, во чии рамки е и водоводното претпријатие на главниот град на Хрватска, не може да се најде податок за загубата на вода, но во ревизорски извештај за работата на претпријатието се наведува дека во 2019 година, од цевководот истекла повеќе од половина од водата, односно дури 52 проценти. Количеството наведено во извештајот е доволно да се наполнат 25.582 олимписки базени.

Дури и во Љубљана, главниот град на Словенија, која се смета за порационална во користењето на ресурсите, е проценето дека од градскиот водовод во 2020 година „протекла“ речиси 29 проценти од водата. Количеството е доволно да се наполнат 3.457 базени. 

Статистички исклучок од оваа слика претставува главниот град на Албанија – Тирана. Во Билансот на водата што го објавува албанското регулаторно тело за вода се наведува дека Тирана во 2019 имала севкупна загуба, и комерцијална и реална, од 60 проценти од водата. Меѓутоа, се наведува дека реалната загуба изнесува само 10 проценти од водата што влегла во водоводот. Тоа значи дека албанската метропола, или има водоводен систем и пракса кои може да служат за пример на другите, или има најслаб систем за откривање и проценка на загубите.

За водоводот на главниот град на Грција – Атина не можат да се најдат податоци за загубите. Компанијата што го управува системот во своите извештаи не наведува податоци од овој тип.

Водата ја штедат мерки, а не самовили  

Денес е тешко да се замисли повторно да се појави некоја Црна кралица од приказните, која повторно ќе ја врати загубената вода. За такво нешто нема ниту потреба. Тоа можат да го направат самите водоводни претпријатија.

Сите тие во своите извештаи како клучно го наведуваат спроведувањето политики и мерки за намалување на загубите на вода. Секое намалување на истекување треба да предизвика и помало извлекување вода од изворите од кои се снабдуваат.

Плановите се навидум скромни, имајќи предвид дека претежно се планираат намалувања на загубите од по 1 процент годишно, но ако се има предвид сложеноста на зафатите, и тоа не е за потценување. Дупките и проблематичните места прво треба да се лоцираат најчесто под земјата, па потоа да се откопа цевката и да се поправи или да се смени инфраструктурата. Дупките, пак, некогаш можат да бидат многу мали.

Една од приватните компании што соработуваат со скопскиот водовод на оваа тема, на својата интернет-страница наведува дека од дупка со големина од само 3 милиметри можат да истечат над 9 илјади литри за само 24 часа. Од дупка од 6 милиметри во водоводна цевка, под притисок можат да истечат дури 38 кубни метри вода за еден ден. Чешма од која капе по една капка во секунда ќе потроши 25 литри вода за еден ден, односно 9.000 литри годишно.

Меѓутоа, ако овие зафати се планирани и се спроведуваат постојано, тоа би требало да даде и резултати. Примери за тоа се главните градови на Австрија – Виена и на Чешка – Прага.

Водoводот на Виена гордо посочува дека со поправки и обновување на водоводната мрежа почнале многу пред климатските промени да бидат „жешка тема“, односно уште во 1970 година. Од тогаш до денес ја намалиле загубата на вода од 25 на само 10 проценти.

Прага, пак, со зафатите, кои вклучуваат современи начини и технологија за следење на водоводот и дефектите во мрежата почнала подоцна, но успева да ја намали загубата за некој процент секоја година. Во 1997 година, прашкиот водовод губел дури 43 проценти од водата за до 2020 година таа да биде намалена на само 12 проценти.

Водата што истекува од дупките во стари цевки, од изместени спојки меѓу цевки, од расипани чешми, при дефекти или поголеми хаварии во водоводниот систем се смета за реална загуба на вода.

Времето, пак, не оди во прилог на бавното обновување на водоводните системи. Меѓународниот панел за климатски промени го посочи Западен Балкан како еден од најранливите региони во Европа што ќе бидат изложени на климатските промени. Прогнозите велат дека растот на температурите, продолжувањето на непланската урбанизација и намалувањето на шумските предели ќе има ефект и врз водните ресурси.

Краткиот рок во кој во климатските модели се предвидуваат умерени промени истекува во 2030 година. А тоа е за само 9 години од сега. Потоа се влегува во периодот што изгледаше далечен кога се изработуваат првите модели за климатски промени. Тоа е оној до 2060 година, кога веќе се очекуваат посериозни промени и од овие што ги чувствуваме во моментот. 

Предвидувањата за претстојните години се дека сушните периоди како што е сегашниот, ќе бидат сѐ поизразени во летните периоди и ќе се зголемуваат. Ако сушата сега може да потрае до крајот на септември, во следните години може да почне да се развлекува и во октомври.

Се предвидува и намалување на количеството врнежи и нивната распореденост, односно тие сѐ почесто ќе бидат пократки, а пообилни, со што ќе се зголемува ризикот од поплави како таа што Скопје ја осведочи во 2017 година, во која загинаа дваесетина луѓе. Водата што е излеана во кратки поројни врнежи, потешко се задржува во земјата и во водните резервоари.

Во климатските извештаи се наведува и дека намалувањето на достапноста на водата ќе предизвика и намалување на земјоделските приноси и производството на храна, производството на струја од хидроцентралите и за проширување на нови болести. Препораките се дека земјите од регионот, не само што треба да ги намалат загубите во водоводните системи, туку треба да вложуваат и во пречистителни станици со кои ќе овозможат водата од сега загадените реки повторно да се користи.

Ако денес достапноста до водата за пиење во летните месеци при температури од над 40 Целзиусови степени е проблем во дел од градовите на Балканот, во иднина тој ќе стане уште поголем.