Анализи

Меѓуградскиот превоз како претоварен автобус по угорница

Натрупани проблеми и незадоволство во меѓуградскиот автобуски превоз

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Фарските Острови лани отворија подморска сообраќајница што ги поврзува островите Стрејмој и Ејстурој. Тоа многу им олесни на жителите. Патувањето од главниот град Торсхавн до Рунавик им го скрати од час и 14 минути на само 16 минути.

Ова меѓуостровско поврзување кај нас уште изгледа како свет од паралелна димензија, бидејќи во Македонија има градови што воопшто не се поврзани со превоз.

Таква е релацијата Струмица – Охрид.

„Нема автобус. Само до Битола“, ни рекоа од автобуската станица во Струмица. Продавачот на билети дури нѐ посоветува дека од Битола може да фатиме друг автобус, или да патуваме со такси.

Но, и за да патувате до Охрид преку Битола, има само една шанса, вели 38-годишната Јасмина од Струмица, која со години го користела меѓуградскиот превоз.

„Линија вози само еднаш во текот на денот и тоа многу рано, во шест часот“, вели таа за БИРН.

Шалтерот на автобуската во Струмица | Фото: БИРН

Раскажа дека Струмица како десетти најголем град во државата најдобро е поврзан само со главниот град, а за другите помали градови, останува непишаното правило „Снајди се“.

Од услугите на локалниот превозник „Струмица експрес“, кој единствено превезува патници до Скопје и управува со автобуската станица, вели дека не е премногу задоволна.

„Тотално немаат интерес за патникот. Немам некое добро искуство“.

На линија со нејзините се и коментари од незадоволни патници за превозот што ги оставале како оценки на Google Review.

„Возачите имаат лош однос, а и автобусите се ужасни. Севкупно лошо искуство“, пишува во еден од коментарите.

Но, не е само тоа.

„Традиционалната“ рута за патниците од Струмица до Скопје е „забетонирана“ со години, па сеедно дали сте патувале во 1991 или во 2021, времето за возење е три часа.

Младите сe` почесто патуваат со споделен превоз | Фото: БИРН

Директниот автобус за таа линија е укинат, што значи дека за 150-тина километри попатно ќе застанете во три градови: Велес, Штип и Радовиш, за да се соберат и истоварат патници.

Траењето на паузите и возењето мора да бидат прилагодени на постојниот, односно стариот возен ред. Па така, паузата во Штип зависи од времето на пристигнување. Ако е порано, ќе трае подолго.

Ниту подобрената патна инфраструктура не е доволна причина да се размисли за ревизија на возниот ред, па возачите често мора да „се влечат“, за да не дојдат прерано на автобуската станица.

Возачот со кој разговаравме вели дека токму предолгото патување е главната причина за одливот на патници.

„Младите се организираат на Фејсбук“, ни рече неволно, посочувајќи ги затворените групи за „споделен превоз“ (carpooling), кој е особено популарен.

Дополнителна причина е што нема повратен билет за Струмица. Своевремено чинел 730 денари. По короната, компанијата издава билети само во еден правец. Сега таа релација е поскапа и чини 1.040 денари.

Густо во „борба“ за билет

Поголем дел од автобускиот возен парк е половен | Фото: БИРН

Триесет и петгодишниот Златко од Кичево со години патува за Скопје со меѓуградски автобуски превоз.

Секое патување за него е своевидно патешествие, затоа што не знае со што ќе се соочи. Од многуте проблеми го издвојува, како што вели, хаосот во продажбата на билети.

„Се издаваат повеќе билети од слободни места од поаѓањето во Охрид или Скопје, па кога ќе пристигне автобусот во Кичево, кој ќе се снајде да се избори за место, ќе седне во автобусот, а другите ќе враќаат карти. Не дај Боже да биде испратен уште еден автобус. Таа луцидна идеја никому не му паднала на памет“, вели иронично.

Неколкупати се нашол во ситуација да треба буквално да ги моли возачите да го прифатат да се вози на линијата за која не му издаваат билет, иако има место во автобусот.

„Бев доведен во состојба да пропуштам погреб во Кичево, само затоа што не ми дозволуваа да седнам во автобусот за кој сум платил билет“.

Педесет и седумгодишната Билјана од Скопје, пак, за БИРН раскажа друго непријатно искуство со пријателка, која ја замолила да дознае кога има линија од Скопје до Дојран, за да го испрати синот на патување.

Повеќе половни, отколку нови автобуси

Статистиката кај нас е неумолива: за десетпати повеќе се увезуваат половни, отколку нови автобуси. Според податоците на Македонската царина, заклучно со јуни, биле увезени 10 нови автобуси. Во истиот период во 2020 година биле увезени 28. Но, за сметка на тоа увезени се 108 половни автобуси во 2021 и 152, ланската 2020 година.

„Никој никаде не ѝ одговорил на телефон, ниту пак ѝ успевало да извади билет онлајн. Се обидов и самата, заѕвонив на сите телефони објавени на веб-страниците на автобуската станица Скопје и „Руле турс“, но никој не одговараше“.

Вели дека немало како да се осигураат дали важи објавениот возен ред, ниту дали има посебни ковид-протоколи.

„Веб-страниците како да им служат за украс, не се ажурирани и не се функционални за продажба“, раскажа Билјана.

Месар Омерагиќ од меѓуградската автобуска станица, која е најголема и најорганизирана и со која до 2030 година стопанисува „Руле турс“, за БИРН потврди дека короната негативно влијаела врз патниот превоз и поради тоа целосно ја исклучиле веб-страницата на автобуската станица.

Но, уверува дека тоа ќе се смени.

„Онлајн-купување патни билети е возможно, но во моментов се работи на веб-страница за онлајн-купување патни билети и за брзо време ќе биде пуштена во работа, но праксата ќе покаже дали и како ќе функционира тоа“, вели Омерагиќ.

„Матуранти“ по патиштата

Според годините, македонските автобуси се полнолетни. Просечниот век на македонските автобуси според последните податоци на Државниот завод за статистика се дека тие се во просек стари по 18,1 година.

Превозниците самите ги известуваат дали да продаваат повратни билети, раскажа Омерагиќ. Причината зошто нема директна линија низ градовите ја лоцира во економската неисплатливост на превозниците.

„Директна линија за Дојран има сезонска, која се вози во месец август, а за сите други 11 месеци има пет поаѓања со попатни станици во сите градови на таа релација“.

Тоа значи дека автобусите застануваат во Велес, Неготино, Гевгелија и Богданци пред да стасаат до Дојран, со што патувањето трае околу три и пол часа.

Линиите за меѓуградскиот превоз ги огласува Министерството за транспорт и врски според Правилник, кој е изменет во 2019 година.

Мали, скромни и запуштени автобуски станици

Со правилник стар 16 години се уредени условите за автобуските станици | Фото: БИРН

Автобуските станици, пак, кои се најважниот дел од меѓуградскиот превоз, се „песна за себе“. Категоризирани се сите, но тоа на патниците не им значи ништо, бидејќи само една посета е доволна да се заклучи дека во најголемиот дел од нив, времето како да застанало.

Малку се оние, на кои, освен клупа и корпи за отпадоци, ќе најдете продавници, менувачници, банкомати и други содржини.

Климата таму каде што ја има, не значи и дека работи. Кога ја посетивме автобуската во Куманово, климата не функционираше.

На автобуската во Куманово, клима има, ама нема | Фото: БИРН

Охрид, Куманово, Радовиш, Кочани и Струмица се неколку од градовите што немаат веб-страници на автобуските станици, а уште помалку други дополнителни информации за патувањето, како ажуриран возен ред или интернет-пристап.

Во Дојран, на пример, иако е туристичко место, автобуска станица нема со години.

Правилникот со кој се категоризираат автобуските станици и кој потесно уредува кои услови тие треба да ги исполнуваат е донесен пред точно 16 години.

Тогаш дигиталната комуникација била на друго ниво, па нема изречно пропишано дека автобуските мора да имаат функционална веб-страница со навремени информации за патниците и возен ред.

Ама тоа изгледа дека не е проблем ниту за ресорното Министерство за транспорт.

На конкретните прашања дали се запознати со сите овие проблеми, испратија „мрзеливи“ одговори дека сè е уредено во Законот за превоз во патниот сообраќај и во правилниците.

За поврзувањето меѓу градовите чекаат иницијативи за склучување спогодби меѓу општините, какви што велат „имало неколку“.

На прашањето дали размислуваат за ревизија на линиите поради скратената и подобрена патна инфраструктура, го исцитираа тоа што е познато дека автобусите попатно застануваат во сите градови.

И додека сите овие проблеми тлеат, објавија нов оглас за одобрување нови возни редови и промена на постојните.

Судејќи според условите, кои се идентични како и досега, но и интересот за адресирање на овие прашања, изгледа дека малку од проблемите ќе може да се решат.