Анализи

Тргни-застани со промените во МРТ и во АВМУ

Неизвесен е и вториот обид за избор на нови членови во советите на јавниот сервис и на Агенцијата за медиуми

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Повторената постапка за избор на нови членови во советите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (АВМУ) и на Македонската радио-телевизија (МРТ) ќе го почека крајот на летото, иако, по сѐ изгледа, тешко дека и тогаш ќе се направи некаков исчекор.

„По одморите, по 20 август очекувам да ја свикам првата седница за избор на нови членови, по што ќе следат јавна расправа и изборот“, вели во изјава за БИРН, Костадин Костадинов, претседател на надлежната собраниска комисија.

Во мај годинава, собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата повторно објави огласи за нови членови на двата совета на кои кандидатите можеа да се пријавуваат до 7 јуни.

Со новите членови на советите ќе се заменат оние поставените од времето на власта на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски во 2012 и во 2014 година. 

Тие веќе неколку години работат и одлучуваат со истечен мандат. 

Официјално никој од власта и од опозицијата не говори за нова блокада, меѓутоа факт е дека е повторно пробиен еден рок – според надлежниот закон, јавната расправа за избор на новите членови на АВМУ веќе требаше да биде завршена до 7 јули, 30 дена по крајот на рокот за пријавување на кандидатите.

Според неофицијални информации, сега пред новиот обид за избор се испречува двотретинското мнозинство, кое 12-члената комисија го нема без поддршка на барем еден од петте пратеника од редовите на ВМРО-ДПМНЕ

Советот на АВМУ ја регулира работата на телевизиите и на радијата, додека Програмскиот совет на МРТ е, исто така, важен зашто, меѓу другото, го избира раководството и ја контролира работата на јавната радио-телевизија.

Првиот избор на нови членови од 2019 година пропадна поради политичката блокада на ВМРО-ДПМНЕ во комисијата. Согласно распоредот на силите во Собранието, во претходниот мандат тогашниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, ја водеше комисијата и, според тврдењата на СДСМ, упорно не закажуваше седница за избор на нови членови.

По ланските парламентарни избори, комисијата ја предводи пратеникот Костадин Костадинов од владејачкиот СДСМ, меѓутоа, според неофицијални информации, сега пред новиот обид за избор се испречува двотретинското мнозинство, кое 12-члената комисија го нема без поддршка на барем еден од петте пратеника од редовите на ВМРО-ДПМНЕ – Антонијо Милошоски, Игор Јанушев, Александар Николоски, Никола Мицевски и Дафина Стојановска.

Двотретинско мнозинство е неопходно и во комисијата и на пленарната седница што владејачките СДСМ, ДУИ и БЕСА го немаат. Затоа по иницијатива на парламентарното мнозинство, пролетва пред огласот имаше обид да се смени законот и новите состави да се избираат со апсолутно мнозинство, со најмалку седум гласа во комисијата и со најмалку 61 глас во Собранието.

Предлогот беше повлечен по жестоката реакција на новинарската фела. Аргументот беше дека изборот со двотретинското мнозинство, кој беше вметнат во законот во 2018 година, е „лекот“ за конечна департизација на овие важни тела. 

Кои се кандидатите?

Советот на АВМУ никако да добие нов состав | Фото: БИРН

Надлежностите на Советот на АВМУ се големи во сферата на електронските медиуми, телевизиите и радијата.

Советот распишува конкурс за дозвола за телевизии и радија, ја продолжува дозволата и може да ја одземе доколку постојат услови за тоа, понатаму Советот е тој што дозволува промена на сопственичката структура на телевизиите или радијата, внимава дали се прекршуваат авторските и сродните права и, меѓу другото, го избира директорот на агенцијата.

Актуелниот состав на Советот на АВМУ, Парламентот го изгласа во 2014 година, со мандат од пет години, а истата година советот го избра Зоран Трајчевски за директор на агенцијата.

Регулаторот има седум члена, а за толку места сега, на повторениот конкурс, се пријавиле вкупно 27 кандидати.

Од актуелниот состав на советот повторно се кандидирале Лазо Петрушевски и новинарот Зоран Фиданоски, а кандидат е и актуелниот директор на АВМУ, Зоран Трајчевски.

За член на Советот на АВМУ претендира и историчарката Магдалена Манаскова, која во претходниот парламентарен состав до 2020 година беше пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.

Советот распишува конкурс за дозвола за телевизии и радија, ја продолжува дозволата и може да ја одземе доколку постојат услови за тоа, понатаму Советот е тој што дозволува промена на сопственичката структура на телевизиите или радијата, внимава дали се прекршуваат авторските и сродните права и, меѓу другото, го избира директорот на агенцијата

Повеќе кандидати има од новинарската фела, како што се поранешниот претседател на ЗНМ, Насер Селмани, новинарите Горан Петрески, Љубиша Николовски, Венцо Донев и Слободанка Јовановска, уредникот на радиоемисијата Стадион на Канал 77 радио, Стојанче Наумов – Столе, како и некогашниот директор на ТВ Канал 5+ и претседател на некогашното еснафско здружение на национални телевизии АПЕММ, Виктор Грозданов.

Меѓу листата од помалку познати правници и економисти се наоѓаат имињата на двајца долгогодишни новинари, кои јавноста ги знае и како членови на некогашната Лустрациска комисија, Шпенд Винца и Даут Даути.

Кандидати се и медиумските експерти Климе Бабунски и Сефер Тахири.

Програмскиот совет на МРТ е најважното тело на јавниот медиумски сервис.

Тој ги избира и ги разрешува директорот на МРТ и неговиот заменик, дава согласност за именување или разрешување на уредникот на јавниот сервис, го избира Надзорниот одбор, ги следи коментарите и укажувањата на публиката и дури може писмено да побара прекинување на програмата доколку куќата не ги исполнува програмските обврски и стандарди.

Токму поради блокадите за избор на нов Програмски совет, директор на МРТ од 2012 сѐ уште е Марјан Цветковски.

За 13 места во овој совет има 26 кандидати.

Дури шестмина од актуелниот состав на советот повторно се кандидирале за членство во ова тело. Тоа се Смилка Јанеска-Саркањац, Ведат Мемедали, Керим Селпин, Ристе Панов, Илир Рамадани и Гајур Рамадани.

Меѓу кандидатите се уредникот на порталот „Сакам да кажам“ и основач на весникот „Вест“, Горан Михајловски, новинарот Томислав Кежаровски, нивните повозрасни колеги Веле Митаноски и Мирче Адамчевски.

Кандидати се и историчарот на уметноста, Златко Теодосиевски, кој во деведесеттите години беше и заменик-министер за култура, како и адвокатката Јагнула Куновска, која одреден период беше и пратеничка.