Интервјуа

Балонот од лаги има рок на траење

Во турбулентната 2015, исполнета со протести, под рефлекторите се појавија лица кои никогаш не сонувале дека ќе собираат гласови, поединци на кои на крај памет не им текнало дека нивните говори ќе ги слушаат илјадници луѓе пред новата барокна зграда на Владата. Еден од овие нови ликови е скопјанката Марија Џонс, преведувач по занимање, мајка дома, која се вклучи во иницијативата за формирање на новата партија Левица.

Marija1За политичкиот ангажман на Марија Џонс пресудна била 2014 година, кога според неа власта ужасно згазила врз луѓето.

„Ќе излезеш на улица и се плашиш да не направиш некој погрешен чекор, да не ти влепат уште една казна. Луѓето почнаа да се штрецаат!“
Филмот ѝ пукнал летото 2014 кога Владата го наметна Законот за хонорарците, иако и претходно „главата почнала да ѝ чади“. Им се придружи на активистите од движењето за социјална правда Ленка, а сега им помага да ја формираат новата левичарска партија.
„Кога ќе се соочите со неправда и со апсурди и кога ќе запознаете млади луѓе кои сето тоа го претрпеле на свој грб, а не станале корумпирани циници, тоа ви дава надеж.“

Деца на транзицијата со поинаква идеја за делба на колачот

Левица, објаснува Џонс, е логичен производ на огромната социјална нееднаквост и на големата корупција што ги нагризува темелите на општеството. Повеќето нејзини помлади другари во Левица биле таканаречени деца на транзицијата, потомци на луѓето што ужасно извисиле во криминалната прераспределба на капиталот. Денес, пак, вели таа, децата на транзицијата гледаат дека повеќе од 40 проценти од БДП им припаѓа само на малкумина, а на мнозинството со закони им се одредуваат трошките.
„Ги очекува само мизерна иднина. Е, па, затоа тие имаат малку поинаква идеја за иднината и за распределбата на колачот, како за себе, така и за сите други и преку Левица сметаат дека најдобро ќе се чуе нивниот глас.“
Иницијаторите сега собираат потписи за регистрирање на партијата. На прашањето како Левица планира да влезе во Собранието во услови на медиумски мрак и на шест изборни единици кои се неповолен терен за малите и за новите партии, таа вели:
Marija2

Марија Џонс Фото: Ванчо Џамбаски

„By the book! Ќе се регистрираме според постојниот закон, колку и да го сметаме за попречувачки и отежнувачки за секоја вистинска демократска иницијатива, ќе работиме како што знаеме и умееме и како што сме научиле од претходните непартиски искуства, исто така на неповолен терен. Ако влеземе во Парламентот уште веднаш, одлично, значи има надеж. Ако не, ќе продолжиме вонпарламентарно со подеднаков елан, зашто има алтернативни демократски средства“.
Таа не се согласува целосно со констатацијата дека постои медиумски мрак.
„Постои медиумски огномет на светкави шарени лаги зачинети со гнасни инсинуации, клевети, застрашување со внатрешни и со надворешни непријатели и со предавници… Сè само да не се појави некој проблесок на вистината, зашто тоа е нешто многу страшно, нели, како на обичниот човек да сте му дале оружје в рака.“
За редовните споредби на левичарските движења Ленка и Солидарност со грчката Сириза, Марија Џонс вели дека разликите се огромни, иако може да се повлече паралела.
„Грција има традиција на левичарски и на анархистички движења, како цел еден век земјата да живее во не секогаш баш апла објавена граѓанска војна. Грција до 1974 и Шпанија до 1977 негуваа своевидни фашистички режими во ликот на две војни хунти, од кои едната и поранешен директен протеже на Хитлер. Неслучајно и обете земји негувале и силни левичарски традиции. Со среќа нека ни е споредбата.“

Бубашвабите никогаш не се вратија во канализацијата

Продемократската јавност се подели по договорот од Пржино, едни сметаа дека тоа е добар начин ненасилно да се смени недемократската власт, други велеа дека со криминалци и со авторитарни лидери не треба да се преговара.
Џонс прашува како тоа се станува подемократска земја со договорање во кое никој, освен преговарачите и медијаторот, нема увид додека не се „договорат” и не ѝ објават на „публиката” што грицка семки на трибините.
Мегаломанија
Учествувала во владините проекти за превод на
литература и вели дека во првиот дел сè било
хаотично, но потоа работите се уиграле. Сепак,
имало нелогичности. Не ѝ јасно како се бирале
стручните книги што се преведувале.„Како некој со шестар да мавал во купот од
книги и која ќе ја погодел, таа одела на превод.
Преведував книга за локален менаџмент во
САД, американската локална самоуправа е
непресликлива никаде во свет. Некој стручњак
можеби ќе сака да ја прочита, ама тоа не е
учебник.“

Преводите стигнале во библиотеките во малите
градови, луѓето навистина се интересирале и
читале, меѓутоа според Џонс и во овој проект
преовладува мегаломанијата.

„Поскапи беа кожените подврски отколку сѐ
друго во книгата. Треба да останат книгите, ама
не мора да бидат во кожа, може и со обични,
картонски корици. Ова ми е некој еквивалент на
скапиот ‘мерцедес’ со кој се вози премиерот.“

„Признавам дека не ги разбирам демократските капацитети на Пржино. Не знам ни со кој пример од денешницата или од историјата да го споредам. Дали ненасилното менување на власта и непреговарањето со криминалци и авторитарни личности се заемно побивливи стојалишта? Доколку постои продемократска јавност и недемократска власт, зар насилието веќе не се одиграло, организирано како прикриен државен удар од внатре, од структурите на власта?“
Таа вели дека црно ни се пишува ако се помириме оти огромна маса од нашиот народ треба да биде проста, глупава и нецивилизирана, како што ја третираат власта и медиумите.
„Балонот на лаги се дува, се дува и се дува. И знаете како завршува балон? Може да пукне и да биде ‘врло непријатно’, да се издише во гласен прдеж или со време да спласне. Нема ништо во него, а има ограничен рок на траење. Е, сега прашање е како сакаме да се пресметаме со балонот: со пукање, со прдеж или заедно ќе се задушиме од недостаток на кислород!“
Таа потсетува дека во поранешната СФРЈ по студентските протести во 1968, со студентските културни сцени, списанијата, рок’ен’ролот и со целата дотирана младинска култура, државата оставала простор за алтернативно размислување. Тоа сега го нема.
„Не знам зошто сакаат да ги замолчат сите што имаат поинакво мислење од власта, а не се деструктивни за општеството. Како да имаат проект за тотално кршење на кичмата кај сите.“
Таа го враќа филмот назад, во периодот пред војните во СФРЈ кога живнал оптимизмот, луѓето вртеле по некоја паричка, а самата таа продавала пластични столови за кафулињата во Скопската чаршија. Луѓето се ослободувале. Во тој период пишувала за легендарното студентско списание „Млад борец“, заедно со новинарот Никола Младенов.
„Одеднаш сѐ се сруши. Од стравот, од војните! Девизата беше – ќути да преживееме. Со војните бубашвабите излегоа од канализација и никогаш не се вратија назад.“