Интервјуа

Барбареев: Реформата во основното образование е веќе пропадната

Интервју со професор Кирил Барбареев, еден од креаторите на новата концепција за основното образование

Повикот да стане дел од тимот што ќе ги исцрта новите контури на основното образование го прифатил со многу надеж и со уште поголема одговорност. Силно верувал дека е шанса што ретко се пружа – да може однатре да го менува системот, за македонското образование да излезе од дупката во која пропаѓа 30-тина години, ни вели во интервјуто, професорот Кирил Барбареев.

Но, две и пол години подоцна, тој не крие дека е разочаран од тоа што го гледа. Новата концепција за основното образование, на која работеше заедно со уште 11 свои колеги, се загуби некаде меѓу политичките калкулации, лошите потези на Министерството за образование и општата незаинтересираност за реформа во еден од најважните сектори во земјава.

„Таа на некој начин е веќе и пропадната. Според мене, вака како што оди ова е далеку од реформа. Тоа не е ниту 5 проценти од она за кое јас сум верувал дека треба да биде“, искрен е професорот.

Со него разговаравме на Факултетот за образовни науки сместен во центарот на Штип. Повеќе од една деценија тој тука ги едуцира идните наставници, пишува книги, работи на истражувања и остро, но аргументирано укажува на проблемите во образованието.

Кај нас за образованието „се зборува како за фудбалски натпревар“ | Фото: БИРН

Поканата да биде дел од работната група за новата реформа вели дека ја примил со доза изненадување, бидејќи е „само професор кој не е дел од некои групи“, алудирајќи на партиските. Оттука, вели, пристапот бил мошне искрен.

„Можеби поради тоа таа (концепцијата) допре до јавноста, затоа што допре во сржта. Менувањето од корен на тоа што е смислата на основното образование – за што ни служи училиштето, што е тоа што треба учениците да го научат, како да се мотивираат да учат повеќе“, вели професорот.

„Смислата на основното образование е да ги подготви учениците за понатамошното образование, и да го засакаат учењето. Да придонесе во развивање општествено одговорни граѓани и личности со самодоверба, да ги оспособи учениците критички да размислуваат и логички да заклучуваат, да ги оспособи идните граѓани да се интегрираат во нашето мултиетничко, мултикултурно општество“.

Изгледа разочарано бидејќи таа искреност не беше препознаена во јавноста, а институциите се покажаа неподготвени да ја одбранат новата концепција и да ја применат според првичната замисла. Вината за нејзиното пропаѓање ја гледа таму каде што почнуваат промените, во политичарите. И во неподготвеноста на Министерството за образование и наука да објасни зошто реформата е толку важна.

Тој вели дека кај нас за образованието „се зборува како за фудбалски натпревар“, и на сите им изгледа лесно, познато и разбирливо да коментираат за него. Но, во суштина темата е многу стручна и сериозна.

Па така, донесувањето на новата концепција одекна во јавноста како ретко дотогаш, а критиките дојдоа од многу страни.

Барбареев смета дека е почесно МОН да каже дали ќе продолжи во реформата или ќе се повлече од нејзината имплементација | Фото: БИРН

Наставниците беа исплашени за своите работни места, родителите од тоа дали ќе има учебници, стручната јавност реагираше дека ова е уште една избрзана реформа по што почнаа калкулациите.

Барбареев не се плаши да каже дека сите промени што се направија досега беа парцијални и водени „од некакви лични интереси или интереси што треба да задоволат некакви групи“. Инсистира дека тоа мора да се промени, учениците и наставата да бидат приоритет, а не дневно-политички калкулации.

„Тоа значи дека ако некој се плаши дека ќе загуби на избори од реформи во образованието, нека загуби. Ако знае дека тоа е вистинскиот пат, што е проблемот? Треба, ние, од стручната и општата јавност да имаме фрустрации поради нивните порази и победи? Од тоа ли треба да се состои клучниот момент дали ќе продолжи реформата или не?“

Состојбата сега изгледа вака – од образованието се незадоволни сите, има консензус дека се потребни реформи, ама нема согласност какви. И нема кој да пресече. Во меѓувреме, истражувањата даваат поразителни резултати, како тој дека половина од учениците се функционално неписмени. И таа состојба не е од вчера, туку со децении наназад. Децата одат на училиште и учат работи, ама не знаат да го поврзат наученото, ниту, пак, знаат критички да размислуваат.

„Смислата на основното образование е да ги подготви учениците за понатамошното образование, и да го засакаат учењето“, вели Барбареев

Проблемот веќе не е само во финансиите, затоа што споредено и со соседните земји со слични приходи, македонските ученици имаат послаб успех од оние во Албанија и во Црна Гора, а незначително подобар само од Косово. Па, не е чудно што студенти на факултет не ги знаат сите букви од азбуката, па го грешат пишувањето на „ѕ“ и „џ“. Или  средношколци едвај се снаоѓаат со операциите за одземање бројки.

Нашиот соговорник вели дека и на неговиот факултет се запишуваат сѐ полоши студенти и дека сѐ помалку ученици сакаат да бидат наставници. Платите се ниски, угледот на професијата е во слободен пад, а мотивацијата слаба. Но, тој се труди. Важи за професор што безрезервно се вложува. Сака да биде достоен пример за своите студенти, за да им покаже колку е важен наставникот.

Оттука и не е за чудење тоа што токму наставниците беа ставени во фокусот на новата образовна концепција, но, иако изгледа парадоксално, не зачудува ниту тоа што кај нив се роди голем отпор. Концепцијата им даде поголема слобода во организирањето на наставата, но истовремено од наставниците се побара поголема креативност, посветеност и присутност во училиштето.

„Достоинството и авторитетот се двонасочна работа, од една страна може да се признае дека државата не го дига статусот, ама од друга страна секогаш е прашањето колку секој сам придонесува да го подигне статусот… колку се ангажираме околу учениците… колку даваме од себе. Не можеме да речеме, ќе работам колку што ми е платата… авторитетот се гради ако ги терам учениците да работат“.

„Кој наставник има поголем авторитет? Дали тој што ги мотивира или тој што попуштал, подлегнувал на притисоци, не бил заинтересиран, и тој никогаш немал авторитет ниту кај учениците, ниту кај родителите, ниту кај колегите“, прашува Барбареев.

Не можеме да речеме, ќе работам колку што ми е платата… авторитетот се гради ако ги терам учениците да работат“| Фото: БИРН

Од она што го гледа, целата концепција за основното сега тече стихијно и е оставена на ентузијазмот на наставникот. Тој смета дека би било почесно МОН да каже дали ќе продолжи во реформата или ќе се повлече од нејзината имплементација.

Во прилог на второво ги споменува и законите што требаше да бидат донесени за да се обезбеди нејзиното спроведување, а со години стојат во Собранието. Како оној за учебниците, за напредокот на наставниците или измените на самиот Закон за основно.

Доказ дека институциите потфрлија во објаснувањето на јавноста, Барбареев го гледа и во последната дискусија за спојувањето предмети, што се претвори во дебата за зачувување на македонскиот идентитет, поттикната од стравот дека ќе се укинуваат делови од историјата.

Професорот објаснува дека децата на помала возраст полесно учат кога работите им се поврзани, а не раштркани по многу предмети. Исто како и тоа дека бројот на часови не секогаш е правопропорционален со реалното знаење што го добиваат учениците.

Новата концепција за основното образование, на која Барбареев работеше заедно со уште 11 свои колеги, се загуби некаде меѓу политичките калкулации, лошите потези на МОН и општата незаинтересираност за реформа

Како пример го наведува слабото познавање на мајчиниот, македонски јазик, кој се учи речиси секојдневно, од основното до крајот на средното образование. Објаснува и дека разликата во предавањето на еден предмет во основното и во средното не може да биде само во обемот на содржините, туку и како тие се предаваат и колку се прилагодени на возраста на ученикот.

„Вака ли ние го научивме македонскиот јазик, ако бројот на часовите и бројот на предметите е најважниот момент? Тоа е важно, но не е најважно. Најважно е како јас предавам за тоа, како детето гледа модел на идентификација, дека верувам во тоа што го зборувам“, дополнува Барбареев.

Со внимателно избраните зборови и со јасна мисла оддава впечаток на човек што знае што зборува. И кој искрено верува во тоа што го говори.

Новата учебна година е на прагот. Ама и овојпат за  дел од учебниците веќе е сосема извесно дека ќе доцнат, бидејќи сѐ уште не се напишани. Ќе има проблем со ресурсите и со изборните предмети. Најголемите промени, сепак, ќе се случат во трето и во шесто одделение, каде што од оваа година за првпат се воведува новата концепција. Лани таа се спроведе во второ и во петто, а претходната година и во прво и четврто одделение.

Професорот е уверен дека во земјава сѐуште се цени доброто образование | Фото: БИРН

Годинава е пресвртна за концепцијата затоа што таа се шири кон предметната настава. Во шесто одделение, неколку професори ќе треба да предаваат ист предмет и ќе треба да формираат една оценка. Сето тоа ќе бара нов вид соработка, квалитетни наставници и повеќе ресурси во училиштата.

Но, тоа веќе не е прашање за групата што работеше на концепцијата, туку прашање на заложбата на тие што се задолжени да ја спроведат: од МОН, работните тела, училиштата и нивните директори, па до секој наставник одделно.

Во меѓувреме, Барбареев ќе го прави она што го знае најдобро. Ќе им предава на своите студенти и ќе се обиде да го извади најдоброто од нив за да им покаже како во иднина тие да работат со своите ученици. Уверен е дека во земјава сѐ уште се цени доброто образование, а доказ за тоа е големиот број млади луѓе што заминуваат на студии во странство.

Некаде кон крајот на интервјуто ја споменува познатата германска филозофка Хана Арент и нејзината изјава дека „Образованието е точка во која одлучуваме колку ги сакаме и почитуваме децата и младите луѓе, или сакаме да ги истераме “.

Во оваа реченица, тој го гледа и одговорот зошто младите си заминуваат од земјава.