Како и неговите предци, Агим Сина го поминал целиот свој живот досега на бреговите на реката Црн Дрим, живеејќи од овошките, пченката, пченицата и детелината што ги сади во селото Рет Кале.
Шеесет и петгодишниот Сина се изборил со сиромаштијата што истера многу луѓе од регионот Дибра во северна Албанија, во децениите по падот на комунизмот, но сега се соочува со нова опасност, во форма на брана што државата сака да ја изгради со помош на американскиот градежен гигант „Бехтел“.
Албанија смета дека браната Скавица, со инсталирана моќност од 210 мегавати, проектирана да чини околу половина милијарда евра, ќе помогне земјата да стане енергетски независна. Но, локалните жители и екологистите се вознемирени. Браната, велат тие, ќе ја поплави последната дива делница на Црн Дрим и ќе влијае врз домовите на 20 илјади луѓе, во 33 села, во речната долина опкружена од планините Кораб и Рујне.
Противниците на проектот имаат малку верба дека интересите на луѓето, природата и загрозениот балкански рис што живее во овој регион ќе бидат заштитени, особено поради начинот на кој „Бехтел“ го доби договорот за првата фаза од проектот и поради начинот на кој треба да направи еколошка процена и физибилити студија пред да ја почне втората фаза – градењето.
Компанијата „Бехтел“ од Вирџинија, САД, која е еден од најголемите изведувачи на градежни работи во светот, го доби договорот во јули 2021 година, врз основа на специјален закон, со заобиколување на вообичаените правила за јавни набавки што подразбираат јавен натпревар, транспарентна постапка и избор на најдобриот понудувач.
Договорите без јавен тендер станаа озлогласени низ целиот Балкан, оправдувани од владите како најбрз начин да се изградат „стратешки“ инфраструктурни проекти, но критикувани од организациите што се борат за транспарентност поради отстранувањето на конкуренцијата, загрозувањето на принципот на отчетност, како и поради тоа што овозможуваат да се прават огромни трошоци и, во некои случаи, да се подмитуваат корумпирани јавни функционери.
Во изминатите две децении, „Бехтел“ доби договори за проекти низ целиот Балкан, вредни речиси четири милијарди евра, од автопатишта до енергетска инфраструктура. А долината на Црн Дрим не е единственото место каде што компанијата била поштедена од конкуренција и каде што договорот останал во тајност.
Критичарите велат дека параметрите на таквите проекти често се подготвуваат во директни преговори зад затворени врати, на кои профитот се става пред транспарентноста и заштитата на животната средина.
„Со заобиколувањето на отворените јавни набавки и на конкуренцијата, овој договор ги зголемува ризиците од можна корупција и сомнежите за тоа колку проектот вреди за парите“, рече Андреј Ралев, активист за заштита на биодиверзитетот од мрежата „Бенквоч“ за централна и источна Европа, во септември 2023 година, во врска со браната на Црн Дрим.
„Тој, исто така, го поткопува значењето на еколошките и социјалните проценки на влијание. Ако договорите за проектот веќе биле дефинирани зад затворени врати, тогаш еколошките студии треба да ги обезбедат ‘вистинските’ одговори, без оглед на нивните реални наоди“, напиша Ралев на блог во јули 2022 година.
Во Рет Кале, Сина вели дека знае што значи долината за неговиот дом.
„Ако ја изградат браната, Дибра веќе ќе ја нема. Сакаат да нѐ исфрлат на улица“, рече тој за БИРН.
Закони по мерка
Најпознат по градењето автопатишта во Косово, Северна Македонија и во Србија, „Бехтел“ има масовни траги на Балканот. Но, во повеќето од овие проекти, компанијата се соочила со прашања во врска со транспарентноста и со трошоците. Според критичарите, тие прашања произлегле од праксата на државите да носат специјални закони „по мерка“, заобиколувајќи ги процедурите за јавни набавки.
Во извештај од 2020 година, Транспаренси интернешнел велат дека законите направени по мерка се главниот овозможувачки фактор за појавувањето на заробени држави на Балканот, каде што политичките лидери ги распоредуваат ресурсите и ги раководат државните институции како што им одговара за лична добивка.
„Тие се резултат на недозволено влијание врз законодавството и нивното носење е со цел да ги зголеми приватните имоти на одредени групи или поединци, спротивно на јавниот интерес“, вели за БИРН, Лидија Прокиќ, регионална советничка за источна и југоисточна Европа во Транспаренси интернешнел и коавтор на извештајот.
Јули 2021 година беше активен месец за „Бехтел“. Додека компанијата го финишираше договорот за браната во Албанија, пратениците во соседната Северна Македонија носеа „специјален“ закон со кој се прескокнува постапката за јавни набавки, за изградба на две автопатски делници, со цел да му го дадат проектот на конзорциумот од „Бехтел“ и турската компанија „Енка“.
Тогашната влада почна да го трасира патот кон таквиот договор уште во јануари таа година, во врвот на пандемијата со ковид-19, кога ги отстрани коридорите 8 и 10Д од листата на проекти за кои се чека финансирање од претпристапните фондови на Европската Унија. Два месеца подоцна, потпиша меморандум со „Бехтел и Енка“ за проектирање и за изградба на тие две патни делници, со финансирање од други извори.
Прокиќ вели дека овој чекор ги „поткопал темелите на владеењето на правото, имајќи предвид дека веќе постојат правила што се применуваат во такви инвестициски проекти или јавна набавка, или јавно-приватно партнерство, со конкурентска борба во двата случаи.“
„Носењето скроени закони ги фаворизира интересите и користа на инвеститорот над јавниот интерес“, вели таа.
Герман Филков, првиот човек на Центарот за граѓански комуникации од Скопје, тинк-тенк што ги следи, меѓу другото, транспарентноста, јавните набавки и владините трошоци, за БИРН вели дека стратешкиот партнер бил определен однапред, без никакви отворени повици.
„Беше ‘најден’ на преговори за кои јавноста не знаеше ништо“, вели Филков.
Уставниот суд на Северна Македонија ја отфрли иницијативата за специјалниот закон поднесена од државната Антикорупциска комисија, па договорот за „Бехтел и Енка“ конечно беше потпишан во март 2023 година. Беше најавено дека конзорциумот ќе изгради четири автопатски делници со вкупно околу 110 километри, по цена од 1,3 милијарди евра, според најавите на тогашните владини функционери. Од владата, исто така, рекоа дека договорот ќе биде класифициран.
За БИРН, од „Бехтел“, сепак, одговорија дека „сите договори за јавна инфраструктура се јавни“.
„Всушност, договорот на „Бехтел“ во Северна Македонија беше прегледан во парламентот откако беше донесен специјалниот закон“, рекоа од компанијата.
БИРН не можеше да најде никакви податоци во архивата на парламентот, ниту медиумски извештаи, дека на пратениците им бил даден пристап до договорот со „Бехтел и Енка“. Двајца искусни пратеници, од спротивни партии, потврдија дека копии од договорот никогаш не им биле достапни.
„Тогашната опозиција побара пратениците што имаат безбедносен сертификат да ја видат содржината на договорот на затворена седница, но владата понуди презентација наместо тоа, па таквата седница никогаш не се одржа“, рече Јован Митревски, тогашен координатор на владејачката партија СДСМ.
Никола Мицевски, неговиот колега од тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ, која сега ја има власта, за БИРН рече: „Никогаш не го видовме документот.“
Од „Бехтел“, пак, додадоа: „Во согласност со локалното законодавство, студиите за процена на влијанието врз животната средина и врз заедницата се прават од трети лица во име на владата и се објавуваат во јавноста. „Бехтел“ инсистира на доверливост во врска со нашите заштитени информации, како методологијата и техниките на изградба.“
Во следните неколку месеци, парламентот во Скопје измени девет закони поврзани со земјоделското земјиште, шумите, експропријацијата на земјиште, урбанистичкото планирање, културното наследство и работните односи. Со последниот се овозможи „Бехтел и Енка“ да ангажира работници да работат по повеќе од 48 часа неделно, ако се согласат на прекувремена работа. Со другите закони се поедноставува процесот на експропријација.
Филков вели дека таквите амандмани испраќаат опасна порака.
„Секогаш кога законите се приспособуваат на ад хок потребите или на ситуациите, се испраќа порака дека ‘тука не постои владеење на правото’. Се чини дека ова станува редовна пракса и е најнеповолно за граѓаните“, рече тој.
Проектите за автопатиштата ја преживеаја промената на власта во Северна Македонија по изборите во мај, иако сегашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ претходно го критикуваше договорот и одби да го поддржи специјалниот закон кога беше во опозиција. Министерот за транспорт, Александар Николоски рече дека казните за раскинување на договорот се многу високи. Николоски, како што пренесе државната информативна агенција МИА, рече дека договорот може да се декласифицира само со согласност од двете страни.
Во септември, Државниот завод за ревизија изрази загриженост дека проектирањето на патиштата се случува истовремено со изградбата, што ја прави процената на трошоците многу потешка.
Во ревизијата, исто така, се вели дека до крајот на 2023 година, владата му префрлила 206,7 милиони евра на конзорциумот, од кои само 0,12 отсто биле за градење. Се наведува дека до тој момент биле завршени само 58 отсто од експропријацијата и 22 отсто од геолошките истражувања.
„За жал, овој ревизорски извештај, исто како и многу други извештаи за други прашања, ќе остане само како доказ за тоа што сите го знаеме или се сомневаме. Нема да поттикне никаква акција за да се стави крај барем на неодговорното трошење на јавните пари“, вели Филков.
До објавувањето, од „Енка“ не одговорија на барањето да достават свои коментари.
Од „Бехтел“ за БИРН рекоа дека, поради големината и сложеноста на проектите за коридорите 8 и 10Д, Владата на Северна Македонија донела закони со кои се осигурува вклучувањето на локалното население, што значи вработување македонски граѓани и користење на услугите на локалните набавувачи.
„Горди сме на тоа што сме го постигнале досега и остануваме посветени на постигнување на највисоките можни стандарди“, рекоа од компанијата, опишувајќи ги своите проекти за патиштата во Албанија, Србија и во Косово како „резултат на транспарентен и конкурентен процес што вклучуваше и други големи меѓународни компании.“
Спирала на трошоци
Во Косово, двата големи проекти за автопатишта навистина имаа конкурентска борба.
Во првиот проект, американскиот гигант, повторно во конзорциум со „Енка“, ја имаше подобрата од двете понуди за да го изгради автопатот од 112 километри што ќе го носи името на првиот претседател на Косово, Ибрахим Ругова.
Британската адвокатска фирма „Евершедс“, која беше најмена од владата на Косово за да помогне во преговорите, во јануари 2010 година посочи дека „Бехтел“ ги прекршил условите во тендерот, што барале компаниите да дадат фиксна цена за работата. „Бехтел и Енка“ дале „премерлива“ понуда што содржела цени по единица материјал, но не и вкупна цена.
Во советот од „Евершедс“ што го доби БИРН, адвокатската фирма предупредила дека договорот би бил „екстремно опасен.“ Американско-турскиот конзорциум „едноставно го игнорираше барањето да понуди решение со проектирање и градење по фиксна сума“, се вели во документот.
Вкупниот збир на сумите бил околу 400 милиони евра, но британските адвокати рекле дека тоа „не е ништо повеќе од необврзувачка проценка.“
Кога почнала работата истата година, договорот беше повлечен од јавен увид. Патот беше отворен во ноември 2013 година.
Во одговор на барање за информации по слободен пристап, владата рече дека вкупниот трошок за автопатот „Ибрахим Ругова“ бил 824 милиони евра, плус седум милиони евра за надзор и нешто помалку од 100 милиони за експропријација.
И покрај тоа што овој пат чинеше над двојно повеќе од првичните процени, „Бехтел и Енка“ набргу добија уште еден, овојпат за изградба на автопат долг 65 километри кон Северна Македонија. Цената на овој проект достигна 705 милиони евра.
Двата договора во Косово беа доделени по јавен тендер, но, како што вели Прокиќ, „во двата случаи, договорите беа повлечени од јавноста, врз основа на правни диспозиции што претполагаат на службени тајни.“
Во случајот со вториот автопат, Прокиќ, за БИРН, рече дека „компанијата барала нејзиниот предлог да биде класифициран, но оттогаш, три влади го задржале целиот договор надвор од пристапот на јавноста, без законска основа.“
Во февруари 2022 година, поранешниот министер за инфраструктура на Косово, Пал Лекај, и тројца негови колеги од Министерството, беа обвинети за злоупотреби во врска со исплатата на 53 милиони евра за екстра трошоци на американско-турскиот конзорциум за изградбата на вториот автопат.
Диана Метуши-Красниќи, постар истражувач од Косовскиот демократски институт, рече дека, иако Косово на хартија има механизми што ја гарантираат отчетноста во водењето големи инфраструктурни проекти, нивната имплементација е прашање на политичка волја.
„Механизмите за отчетност постојат и постоеја од порано, но до ден денешен постојано гледаме недостиг од политичка волја, од сите влади, без разлика, да ги повикаат на одговорност оние што биле вклучени, не само во управата, туку и во сите оддели што биле вклучени во процесот, од планирањето до крајот на договорот. Не ги адресираа ниту сомнежите за корупција што ги истакнаа медиумите и граѓанските организации“, вели Метуши Красниќи за БИРН.
Ако таквата политичка волја не се материјализира, додаде таа, последната надеж на Косово е да се зајакне правниот сектор.
Србија, исто така, се соочува со плаќање големи суми за Моравскиот коридор, кој треба да ја поврзе централна Србија со паневропските коридори 10 и 11. Според меморандум од 2018 година, трошокот за проектот бил проценет на 800 милиони евра, без трошоците за експропријација. Договорот беше даден на „Бехтел и Енка“ во 2019 година, а српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека рокот за изградба е 2023 година.
Патот сѐ уште се гради, а српскиот фискален совет, кој е економско советодавно тело на српската влада, соопшти дека до јули годинава, Србија зела заеми вредни 1,6 милијарди евра за моравскиот коридор, за кои Светска банка веќе обезбедила 1,4 милијарди во гаранции.
Прашани за таквиот раст на цените, од „Бехтел“, за БИРН, изјавија дека „проектните цени се мерат по единица и се договараат со владите како клиенти пред да почне работата.“
„Сепак, има моменти кога обемот на работа се зголемува или треба да се извршат дополнителни работи по барање на клиентот, како на пример повеќе клучки или надвозници за подобар пристап на локалните заедници. Ова е стандардна пракса во индустријата, особено за меѓународни градежни проекти од овој обем и сложеност, на какви што работи ’Бехтел’“, додадоа од компанијата.
„Бехтел и Енка“ не го добија договорот за Моравскиот коридор преку посебно скроен закон, но Прокиќ рече дека конкуренцијата, сепак, била стеснета преку процес во кој владата фаворизирала „стратешки партнер“ врз основа на критериумите со кои се барало дека само компании што спровеле слични проекти во регионот може да бидат избрани.
„Конкуренцијата беше делумно исклучена со давањето предност на компании со слично искуство, бидејќи се бараше тие да имаат спроведено слични проекти во регионот“, рече Прокиќ.
Деталите за спроведувањето на проектот биле „недоволно транспарентни“, рече таа за БИРН.
„Зголемените трошоци беа откривани само кога парламентот требаше да одобри дополнителни заеми“, рече Прокиќ.
На прашањето во врска со недостигот од конкурентско наддавање, од „Бехтел“ одговорија: „Нашите проекти за патишта се добиени во конкурентска борба и во согласност со меѓународните и со локалните закони. Во случаите каде што се донесени специјални одлуки од владите што сакаат да добијат поголема вредност од нивниот проект, вообичаено имаме дополнителни проверки од разни фактори, вклучувајќи ги владите и јавноста. „Бехтел“ е горд со своето искуство и останува посветен на одржувањето на највисоките можни стандарди.“
Јасен конфликт на интереси
Бехтел првпат работеше во Албанија во 2006 година, кога доби договор, во конзорциум со „Енка“, да изгради една од клучните автопатски делници од пристанишниот град Драч до Косово, врз основа на брз тендер, на кој четири избрани фирми беа оценувани според можноста да ја извршат работата, без да мора да ја кажат цената. Во тоа време, Светска банка реагираше дека договорот бил неконкурентски и незаконски.
Со првичниот тендер, трошокот беше проценет на 418 милиони евра, но, слично како и со косовскиот дел од овој автопат, „Бехтел и Енка“ понудија „премерлива“ понуда. Конечниот трошок беше над милијарда евра.
Албанскиот министер за инфраструктура од тоа време, Љуљзим Баша, како и неговите советници Анди Тома и Арманд Телти беа обвинети за злоупотреба на службената должност и за прекршување на тендерските процедури во изградбата на делницата Решен-Калимаш од автопатот меѓу Албанија и Косово, што довело до поголеми трошоци од предвидените за околу 191 милион евра. Сите тројца ги отфрлија обвинувањата, а случајот беше отфрлен во 2009 година поради правни техникалии.
Патот беше завршен во октомври 2011 година. Десет години подоцна, „Бехтел“ се врати.
Освен што ќе обезбеди дополнителни количества струја, браната Скавица на Црн Дрим треба да го намали поплавувањето низводно на северните рамнини кај Скадар, кое е резултат на големото количество сезонски врнежи, кои се очекува да се зголемуваат со климатските промени.
Допрва ќе се прави физибилити студија, а додека не се утврди висината на браната, невозможно е да се знае колку села ќе бидат зафатени.
Но, Мајлинда Хоџа, координаторка на Групата рурални активисти од Дибра – ГАРД, проценува дека повеќе од четвртина од 86-те илјади жители на регионот може да бидат погодени. Повеќето живеат од обработка на земјата.
„Локалните жители сакаат да си ги заштитат своите имоти бидејќи се чувствуваат како дел од оваа земја“, рече Хоџа за БИРН.
Активистите, исто така, се загрижени за влијанието на браната врз околината. Амели Ибер, проектна менаџерка за слатки води од „Еуронатур“, вели дека браната претставува потенцијално уништувачка закана за локалните природни живеалишта и за загрозениот балкански рис.
„Браната би го прекинала единствениот биокоридор меѓу Албанија и Северна Македонија, каде што живеат двете преостанати репродуктивни популации на балканскиот рис“, рече Ибер.
„Скавица, исто така, би ја потопила веројатно најголемата поплавна шума во Албанија, што значи дека богат биодиверзитет и живеалишта би биле изгубени, како и големо складиште за јаглероден диоксид“, додаде таа.
Критичарите велат дека начинот на кој договорот му бил доделен на „Бехтел“, преку скроен закон, не влева доверба дека ќе се внимава на овие проблеми.
Во првата фаза од договорот, „Бехтел“ ќе изврши подготвителни студии за проектот, почнувајќи со еколошка студија, а потоа со геолошка, техничка и социјална студија.
„Преку овој закон, на „Бехтел“ му е дадено правото да го дизајнира проектот за хидроцентралата во Скавица и сам да го имплементира договорот. Тоа не е само договор без конкуренција, туку му недостасува и договорената вредност“, вели Прокиќ.
Од „Бехтел“, за БИРН, одговорија дека „продолжуваат да ја поддржуваат владата на Албанија во проценката на остварливоста и влијанието врз проектот, вклучувајќи го и спроведувањето на еколошките и социјалните студии врз основа на меѓународни стандарди.“
Но, селаните и локалните активисти велат дека владата и албанската енергетска компанија КЕШ не ги информираат за проектот.
Во 2023 година, албанскиот Хелсиншки комитет, здружението „Црн Дрим’ и здружението „Против браната Скавица“ поднесоа претставка против специјалниот закон, а со тоа и против договорот со „Бехтел“, до Уставниот суд на Албанија.
Во друга жалба, поднесена до Постојаниот комитет на Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на европскиот див свет и на природните живеалишта, подобро позната како Бернска конвенција, еколошки организации од Албанија велат дека Албанија прекршила повеќе членови на конвенцијата, со тоа што го донела законот и потоа го потпишала договорот за проектирање и за изградба на браната Скавица со „Бехтел“.
Во јануари годинава, Уставниот суд на Албанија пресуди дека законот бил неуставен и дека правото на јавноста да биде информирана било прекршено. Сепак, не донесе одлука да го повлече законот, туку само побара од владата да го гарантира правото на информирање додека се имплементира проектот.
Хоџа вели дека ГАРД не биле задоволни од оваа одлука „бидејќи баравме законот да биде повлечен“.
„Ако Уставот на Албанија бил прекршен, тогаш законот треба да се повлече“, рече таа.
Адвокатот Халил Жука, активист на ГАРД, за БИРН, рече дека ако компанијата треба и да ги подготви студиите за процена и да ја изведе градбата, тогаш „има јасен конфликт на интереси.“