Сè почна со несреќната изјава на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, дека одбивањето на францускиот предлог ќе предизвика меѓуетнички тензии.
Она што Османи го кажа како предупредување за процесите што може да се развиваат во иднина, многумина, меѓу кои и медиумите со јасна уредувачка политика против францускиот предлог, го прочитаа како директна закана за конфликт доколку етничките Македонци не го прифатат контроверзниот предлог за старт на преговори со ЕУ.
Изјавата на Османи, вчера ја искористи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвинувајќи дека пиштолџијата кај споменикот на Скендербег требало токму него да го ликвидира, како дел од планирано сценарио.
„ Сакам да потсетам дека ваквото сценарио го најави власта, министерот за надворешни работи, Бујар Османи“, рече вчера Мицкоски.
Истата изјава се користеше во новинарски текстови заедно со фотографија од луѓе што шетаат во УЧК-униформи низ Тетово и со видео во кое група луѓе веат знаме со мотиви од голема Албанија низ Гостивар.
Уште синоќа обвинувањето на Мицкоски загуби легитимитет зашто се покажа дека пиштолџијата , лут сопственик на хотелот веднаш до Скендербег, е поддржувач на Алијансата на Албанците, коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ.
Екипа на БИРН вчера беше и во Тетово по трагите на другите два инцидента.
Погреб на УЧК-ветеран
Викендов, некои медиуми, но пред сѐ социјалните мрежи беа преплавени со тврдења дека „луѓе во униформи на УЧК парадираат низ Тетово и низ Гостивар“, алудирајќи дека тоа е директна последица на изјавата на Османи.
„Настанот коинцидира со изјавата од саботата на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, дека неприфаќањето на францускиот предлог носи ризици од меѓуетнички тензии“, се вели во прилогот на националната телевизија Алфа ТВ.
БИРН разговараше со новинарот Урим Хасипи, репортер на тетовската телевизија „Коха“, чија снимка всушност беше користена како доказ за дефилето на униформи на УЧК низ Тетово.
Хасипи ни кажа дека во саботата известувал од погреб на поранешен борец на УЧК, кој учествувал во косовскиот конфликт пред дваесетина години. Тој вели дека луѓето дошле од Косово и тие биле некогашни соборци на починатиот, а униформите што ги носеле се униформи на ветераните, кои се речиси идентични како оние на УЧК, со таа разлика што на грбот им пишува дека се на косовското здружение на ветерани на оваа формација.
Кога се сретнавме со овој новинар во Тетово, тој ни кажа дека дента требало да објави некоја комунална тема.
„Цевки и вода, тоа покривам како новинар“, вели Хасипи, алудирајќи на вечниот проблем на тетовци со водата.
Хасипи проценил дека треба да го објави прилогот за погребот зашто на церемонијата учествувале двајца пратеници од Косово и тетовскиот муфтија.
Овој новинар со 16-годишно искуство тврди дека во Тетово нема традиција да се носат униформи на погребите на ветераните на ОНА.
„Срамно е што некои медиуми погребот го поврзуваа со изјавата на министерот Бујар Османи, тоа не е новинарство“, вели Хасипи.
Семејна веселба со доза на национализам
Тетовци, сепак, велат дека мотиви од УЧК може да се појават на погреб или на веселба, меѓутоа никогаш како униформирана група што шета низ градот.
„Некое дете ќе го облечат во униформа или, пак, ќе се појави некое знаме“, велат тие.
Летото во Тетово е сезона на свадби и тогаш се враќаат гастарбајтерите.
Реквизити за свадби и за слични семејни настани тетовци купуваат од импровизираниот пазар во една тесна трговска уличка, во центарот на градот. Таму има и продавници за прекривки, ќебиња и за слични работи.
Од далеку се гледа дека на тезгите доминираат долги црвени платна обрабени со црно на кои пишува „Mirë se vini në dasëm“.
„Добре дојдовте на свадбата, тоа пишува на платната. Тие се ставаат на вратата од куќата каде што има свадба“, ни објасни еден од продавачите.
На неговата тезга речиси сè беше во знакот на албанското знаме и многубројните производи се всушност реквизити за свадба. Бајраци во сите димензии, традиционални кечиња со двоглав орел и позлатени прстени со истиот амблем.
Има дури и црвено-црни фудбалски топки.
„Немам македонски знамиња зашто Македонците не ги купуваат. Нив изгледа од партија им ги даваат“, помалку на шега ни рече продавачот.
Меѓу изложените дребулии, под знаменцето на Европската Унија има и бејзбол-капче во маскирна шара со амблемот на УЧК и знаме на кое е аплицирана картата на голема Албанија поставена меѓу двајца национални херои.
Токму ова знаме се вее на видеото што беше лиферувано на Твитер во саботата.
На клипот може да се види како неколкумина млади луѓе на коњи дефилираат низ Гостивар, во близина на општинската зграда и еден од нив го вее овој контроверзен бајрак.
Гостиварската полиција реагираше на овој настан. Таа објасни дека поворката со коњи била претходница на семејна свеченост.
„Ги идентификувавме лицата и во координација и консултација со јавен обвинител преземаме мерки за расчистување и документирање на случајот“, велат од СВР Гостивар.
Вжештено, ама од високите температури
Тетово во јули е жив град.
И покрај температурите високи колку Шара, улиците се полни со минувачи. Луѓе одат на работа, трговци пијат чај пред дуќаните, жени купуваат штоф на попуст и деца јадат индијанки и пијат сокови во дречливи бои од слаткарниците.
Питачи седат под сенките на тротоарите веднаш до новите модели на луксузни автомобили во мат боја со германски и со швајцарски таблички.
„Кажи ми ти како да преживееме јас и фамилијата со социјална помош од 5.100 денари“, ни рече 53-годишниот Кенан Беќири, одговарајќи ни на прашањето – што мисли за францускиот предлог.
Тој пиеше кратко еспресо во кафулето „Холидеј“ на тетовскиот плоштад под црната тенда притисната од триесет и кусур Целзиусови.
„Телевизорот лаже“, вели Беќири откако уште еднаш го прашавме за актуелната ситуација.
Лично не ги видел црните униформи низ Тетово и нема проблем со Македонците со кои 50 години живеат во истата зграда.
Берберот Хајрис Османи, пак, оформил став по францускиот предлог.
„Јас и да го прочитам предлогот, нема да го разберам, ама мислам дека стручњаците се разбираат подобро од нас и дека би требало да биде подобро за земјава“, вели Османи, кој вестите за актуелните случувања ги слуша на Македонското радио преку стариот транзистор во берберницата.
Вестите ги слуша на албански и на турски.
„На времето турскиот беше ‘службен’ во градов, го научив на улица, како што и син ми научи македонски. Тој, пак, ги зборува сите три јазика“, ни одговори тој, откако го прашавме каде научил турски.
И берберот не ги видел црните униформи и вели оти нема таква традиција во Тетово.
Османи прима муштерии од сите вери и националности, а ги одбива само младите.
„Бараат да им правам некои акробации со косите, црти некакви да им цртам. Не можам јас тоа“, вели 71-годишниот бербер.
Додека во Скопје атмосферата се вжештува и демонстрациите против францускиот предлог по вчерашниот инцидент имаат опасност да преминат во меѓуетнички конфликт, во Тетово е мирно.
Таму се чини дека секој си ја гледа својата работа.
Во тој филм беа и ромските музичари, кои одмораа на градскиот плоштад. Тие се подготвуваат за сезоната на свадби без корона, свират претежно на албански, меѓутоа не ги одбиваат и поканите за македонски свадби.
„Конечно по две години ќе можеме да свириме по свадби“, ни кажаа свирачите, кои не сакаа да зборуваат за францускиот предлог.
Тие повеќе би зборувале за короната и за тоа дали таа навистина постои, ама овој муабет го оставиме за друга пригода.