Кога Турчинот Д. Е. на 28 јули во 11 часот пристигнал од Истанбул на скопскиот аеродром, веројатно не очекувал дека неговиот влез на македонска територија со денови ќе биде топ-тема во јавноста.
Причината за тоа е што во рачниот багаж носел четири папки со 184 листови. Но, тоа не биле обични листови, туку „хартија што вреди 92 милиони долари“, односно обврзници. Според македонските цариници, патникот требало да ги пријави за царинска проверка.
Но, тој избрал да помине на т.н. „зелен канал“, каде што се пријавува дека нема ништо за царинење. При дополнителна проверка му биле најдени хартиените обврзници, а Царината му отвори прекршочна постапка пред судот.
Десетина дена по заплената, новоименуваниот директор на Царината, Стефан Богоев, на триминутна вонредна прес-конференција објави дека судот тој ден донел пресуда со која ги конфискувал обврзниците.
БИРН објавува детали од пресудата за овој случај, кој отвори дилеми во јавноста дали станува збор за навремена реакција на царинските служби или, пак, за промоција чија цел е да ги засени кадровските промени во Царината што нецели два месеца по именувањето ги направи новиот директор.
Од царински мегаслучај до 350 евра прекршок
Со потпис на судијката Снежана Марковска од Кривичниот суд во Скопје, турскиот државјанин со запленетите обврзници со пресуда е огласен за виновен. Покрај тоа што му се конфискувани хартиите што ги носел со себе, судијката го задолжила да плати 350 евра глоба и 3.000 денари судски паушал, затоа што не ги пријавил обврзниците кај цариниците.
Пресудата за овој предмет, до која дојде БИРН, открива детали што јавноста не ги знае.
Обвинетиот, како што е наведено во пресудата, е трговски посредник со завршено основно образование, повремено работи, безимотен, татко е на две полнолетни деца и има месечни приходи од 650 евра. Претходно не сторил никаков прекршок.
Пред судот признал дека сторил прекршок, но кажал и дека обврзниците, кои во пресудата се наведени поединечно со сите сериски броеви, се безмалку колекционерски, односно со измината важност и неважечки.
Токму таа била причината поради која не ги пријавил за царинење. Кажал и дека пред да се качи во авионот на компанијата „Пегасус“, неговите документи ги прегледала царинската служба во Истанбул.
Обврзница е хартија од вредност со која издавачот се обврзува дека на имателот на обврзницата, т.е. на оној чие име е напишано на хартијата од вредност, еднократно или на рати, ќе му го исплати износот на обврзницата сосе каматата.
Во пресудата, судот го парафразира неговиот исказ околу проверката пред да влезе во авионот: „При вршењето рутинска контрола и на аеродромот во Истанбул, тие (н.з. обврзници) биле пронајдени од царинските службеници, од кои, исто така, бил прашан зошто не ги пријавил“.
Но, како што кажал самиот, „откако објаснил дека се работело за истечени, односно веќе неважечки хартии од вредност, службениците подетално ги испитале и утврдиле дека на овие хартии им бил истечен рокот на важност и го пуштиле да оди, па од тие причини тој не извршил пријавување на документите при пристигнувањето на меѓународниот аеродром во Скопје и се упатил кон ‘зелениот канал’“.
Во исказот пред судијката, Турчинот рекол дека 184-те обврзниците биле издадени во 2008 година, од компанијата NORCO Refining & Marketing LTD, со седиште во Њујорк. Рокот им бил 10 години, односно доспеале во 2018.
Тоа значи дека оној на чие име гласеле обврзниците, пет години не го остварил своето право за да ги ефектуира.
Обврзниците како доказ против банката-гарант
Обврзниците гласеле на име С.К., со кого турскиот државјанин бил пријател 15 години. Но, на 2 април 2019 година, тој починал. Како што пишува во пресудата, „тие документи, тој, пред да почине, му ги дал како аманет“.
Појаснил и дека заедно со пријателот барале начин како да ги впаричат обврзниците, бидејќи и компанијата отишла под стечај, а банката во банкрот во 2009 година.
„Сакале банката да ја тужат, па со таа цел, обвинетиот бил во контакт со многу елитни банкарски консултанти и неговата цел била да ги однесе овие хартии од вредност во Германија за да се обиде да ги искористи како доказ во судска постапка против банката, која стоела како гарант за ефектуирање на хартиите од вредност.“
На судијката, Турчинот ѝ рекол дека порано обврзниците ги чувал во банка, но бидејќи не можел повеќе да ги плаќа банкарските услуги за чување, ги носел со себе, од страв да не му ги украдат.
Тој го замолил судот да му ги вратат хартиите, бидејќи семејството на неговиот починат пријател „ќе помислеле дека ги ефектуирал и дека ги впаричил“.
Судијката, во пресудата навела дека е неспорно дека Законот за девизно работење дозволува физички пренос на обврзници, но оценила дека царинските прописи налагаат обврска на Царината да контролира внес на непријавени пари, акции, чекови или обврзници.
Таа прекршочно го казнила според членот 56-в од Законот за девизно работење, кој пропишува внесување или изнесување ефективни домашни и странски пари, чекови и монетарно злато.
Спорните обврзници, според пресудата ѝ се предадени на Агенцијата за управување со одземен имот. Со оглед на тоа што станува збор за корпоративни обврзници, кои може да ги впаричи само тој на чие име гласат, неизвесно е што би можела Агенцијата да прави со нив.
Директорот Богоев, во ТВ интервју рече дека за случајот спроведуваат и финансиска истрага со други институции, но речиси еден месец по заплената на хартиите од вредност, нема никакви дополнителни информации.
БИРН, пред една недела испрати прашања до Царината. Прашавме дали Царината кај издавачот на обврзниците ја проверила нивната вистинитост, потоа дали станува збор за оригинални исправи или, пак, за нивен препис, како и дали човекот што ги носел со себе поседувал полномоштво за пренос.
Конкретни одговори на овие прашања не добивме, освен тоа што веќе беше изнесенено во јавноста.