Домот на народите на ПСБиХ, не ги изгласа измените на кривичниот закон на БиХ, со кои се предвидува криминализација на негирањето на геноцидот и на воените злосторства.
Предложените измени предвидуваа, јавното негирање или оправдување на геноцидот, на злосторствата против човештвото или на воените злосторства, потврдени од Меѓународниот суд на правдата (МСП), Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), или домашните судови, да бидат казнети со затвор од шест месеци до пет години.
Исто така, предвидени беа и казни од една до десет години затвор, за оние кои со злоупотреба на службената должност или овластувања, вршат дела од омраза или негираат пресуди донесени од судовите за воени злосторства.
Со предложените измени се предвидува и казнување на доделувањето одликувања или привилегии на осудени воени злосторници и именување на населби, згради, улици и плоштади по нив, за што беа предложени казни од шест месеци до пет години затвор.
Во образложението на предложените измени на законот се вели дека со минатогодишната пресуда што му беше изречена на Радован Караџиќ, масакрите во Сребреница се квалификувани како геноцид и дека јавното негирање на ваквите пресуди е „длабоко навредливо и застрашувачко за жртвите, што доведува до понатамошна политичка дестабилизација на ситуацијата во Босна и Херцеговина и понатамошно дистанцирање на (нејзините) народи од целосното помирување“.
Делегатот, Златко Милетиќ, предлагач на измените, ги замоли делегатите да гласаат за нив и да направат „историска промена кон помирувањето“.
Тој беше поддржан од делегатот, Денис Бечировиќ, кој во 2017 година поднесе сличен предлог.
Но, само 6 од 15-те членови на Домот на народите на ПСБиХ гласаа за предлогот, додека деветмина беа против.
Во 2004 година, МКТЈ утврди дека масакрите на Бошњаците од Сребреница, од страна на силите на босанските Срби, претставуваат геноцид.
Во 2007 година, пресудата беше прифатена и од МСП.
Сепак, политичарите на Република Српска одбиваат да прифатат дека масакрите во Сребреница во 1995 година биле акт на геноцид, што е став и на српската влада.