Регион

Ибрахим Ругова: Миротворец и татко на независноста на Косово

Стотици луѓе, и покрај студот, му оддадоа почит на Ибрахим Ругова, човекот кој го водеше Косово кон независноста, со стриктна политика на ненасилство

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Од студент во Париз до борец за албански права

„Смртта на претседателот Ругова се случи во најкритично време во новата историја на земјата, во време кога, под негово водство, се очекуваше косовската делегација во разговорите за статусот успешно да го заврши државниот процес што започна со плуралистичкото движење од 1989-1990 година“, напиша Блерим Шала, поранешен издавач на весник, во својот уводник на 22 јануари 2006 година, еден ден откако стравствениот пушач Ругова, ја загуби битката со ракот на белите дробови.

На 22 јануари косовскиот весник „Коха диторе“, излезе со насловот: „Косово го загуби својот претседател, во последната фаза на независноста“, додека во текстот стоеше: „Косово треба да најде храброст да се соочи со оваа голема загуба и да ја продолжиме борбата за независност во која ни преостана само една битка“.

Ругова е родена на 2 декември 1944 година во селото Церце, во општина Исток. Неговиот татко и дедо биле убиени од страна на комунистите, неколку недели по неговото раѓање, нешто пред крајот на Втората светска војна.

Имал тешко детство. Основно училиште завршил во Исток, а средно во Пеќ. Дипломирал албански јазик и литература на Филозофскиот факултет во Приштина.

Својата специјализација ја завршил во Париз во Школата за високи студии на општествените науки, на Роланд Бартс, во периодот 1976-1977, каде ги развил своите научни интереси за литературата, со фокус на книжевната теорија.

Во 1988 година, кога во поранешна Југославија дојде до политички конфликт, тој беше избран за претседател на Друштвото на писатели на Косово, што му отвори пат да стане повеќе присутен во медиумите, како заговорник на правата на косовските Албанци.

Кога заврши владеењето на Сојузот на комунистите во тогашната Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ), Ругова, заедно со други албански интелектуалци, на 23 декември 1989 година формира нова партија – Демократската лига на Косово (ЛДК). Ругова беше избран за нејзин претседател и на оваа позиција остана повеќе од 16 години, односно сѐ до својата смрт.

Во мај 1992 година, Албанците одржаа неофицијални парламентарни и претседателски избори, кои во тоа време беа игнорирани од српските власти. Ругова беше избрана за претседател, но собранието избрано на овие избори не профункционира.

Во 1998 година, се случи уште една рунда на избори, на кои, заради тајмингот, беа присутни повеќе политичките ривали. До нив дојде  откако српските сили тагетираа делови од територијата на Косово, особено регионот Дреница, односно речиси три недели по убиството на Адем Јашари, командант на новоформираната Ослободителна војска на Косово (ОВК). Јашари, заедно со 58 членови на неговото семејство, беше убиен во тридневна битка со српските сили.

Под водство на Ругова, на првите слободни избори одржани во Косово, набргу по завршувањето на војната со Србија, во 2000 година, ЛДК доби контрола врз повеќето општини, што изненади многумина.

Уверен хуманист кој знаеше да предвиди ситуации

Одбележување на годишнината од смртта на Ибрахим Ругова. Фото: БИРН

Ругова не учествуваше во воените судири. Наместо тоа, тој инсистираше на чисто политичка и ненасилна кампања за независност.

Кон крајот на осумдесеттите години, како претседател на косовското Друштво на писатели, тој го крена гласот за правата на Албанците во Косово, кое за време на СФРЈ беше автономна покраина, чија автономија Слободан Милошевиќ реши да ја укине.

Тогашниот косовски новинар и младински активист, Халил Матоши, истакнува дека Ругова се залагал за правата на Албанците во време кога растела националистичката реторика низ цела Југославија.

„Ругова беше истакнат интелектуалец и пред се хуманист“, посочува Матоши за БИРН. „Можете да ги видите неговите големи идеи во неговите книги. Тој енергично го бранеше косовското прашање на состанокот на писателите во Нови Сад во 1985 година и за време на дискусијата помеѓу српските и албанските писатели во Белград, во ноември 1988 година“, вели тој.

„Ругова природно и силно го фати политичкиот курс како визионер кој ја чувствуваше траекторијата на глобалната политика кон крајот на осумдесеттите и тивко го чекаше моментот на Косово“, додава Матоши.

Работејќи како новинар во 1990-тите години, Матоши потсетува на бројни интервјуа, во кои Ругова ја повикувал меѓународната заедница да интервенира и да помогне во изнаоѓање решение за Косово.

Тој нагласува дека Ругова, исто така, знаел да предвиди ситуации. „Кога во 1993 година државната репресија на Југославија, во која доминираше Србија, кулминираше, во едно интервју тој изјави ‘дека НАТО ќе нè заштити’, што и навистина се случи во 1999 година“, вели Матоши, алудирајќи на 78-дневната воздушна кампања на НАТО која заврши во јуни истата година а која резултираше со повлекување на српските сили од Косово.

Матоши потенцира дека Ругова останал хуманист по уверение, и оти тој се борел не само „за продолжување на најголемиот проект на албанскиот национализам … од 1913 година (една година откако Албанија стекна независност), туку и за либерална и просперитетна држава, која ќе живее во мир со соседите“.

Позицијата што тој постојано ја искажуваше во медиумите беше дека како независна и суверена држава, слободно Косово ќе биде „отворено и за Албанија и за Србија“.

Матоши посочува дека модерната Република Косово, своите основни принципи, изградени на три главни столба, му ги должи на Ругова. „Првиот е секуларизам и прозападен курс, вториот е независност, изградена врз принципите на суверенитетот на народите, а третиот е недвосмислено либералната демократија“.

„Руговизмот се засноваше на политичка филозофија на ненасилство и политичка аргументација“, додава Матоши.

Зголемени критики кон политиката на ненасилство

Не сите се восхитуваа на ставовите на Ругова. Кога меѓународната заедница во ноември 1995 година ги повика лидерите на Србија, Хрватска и на Босна и Херцеговина во американската воена база во Дејтон, Охајо, за да се стави крај на војната во БиХ, косовските Албанци беа длабоко загрижени.

Иднината на Косово не беше дел од преговорите во Дејтон. Многумина стравуваа дека нивниот пристап за ненасилството, не вродил со плод.

Мухамет Маврај, во тоа време бил студент на Универзитетот во Приштина. Наставата ја следел во подруми на приватни домови, бидејќи повеќето албански студенти биле протерани од јавните универзитети, кои биле под доминација на Србите.

Во 1997 година, тој бил еден од студентските водачи кои се залагале за порадикален пристап. „Дејтонската конференција де факто стави крај на неактивната политика на Ругова. Ниту едно од ветувањата што ги даде во претходните пет години не беше исполнето. Запад не ги награди неговите политики, а младите од Косово и натаму мигрираа“, истакнува Маврај.

„Ги напуштив студиите … и скоро две години на Универзитетот барав пријатели со кои ќе формираме конкретно движење“, вели тој. Како резултат на неговото делување, на 1 октомври 1997 година, беше одржан јавен протест на албанските студенти.

Почнувајќи ја својата протестна прошетка од предградието на Приштина, кон универзитетскиот кампус, студентите не поминаа ни еден километар кога полицијата интервенираше со солзавец, апсејќи ги студентските лидери и нивниот ректор.

Маврај посочува дека овој ден го означил почетокот на вооружениот отпор на новата герилска сила – ОВК, кон Србија.

„1 Октомври 1997 година го означи крајот на пасивната политика и почетокот на фазата што го отвори патот за ослободување на Косово со други средства“, вели тој.

„Нашите протести продолжија до 30 април 1998 година, сите сектори на општеството беа свесни за тоа, а и Косово дотогаш веќе беше во војна“, додава Маврај.

Тој потенцира дека средбата меѓу студентите и Ругова не завршила добро, по што тој ги повикал да ги откажат протестите.

„На крајот на средбата, тој играше на картата на страв. Тој ни рече дека ќе има крвопролевање на протестот, а јас го прашав: „Како го знаете тоа? Ние се среќаваме со истите луѓе како и вие (со Американците). Тој го спушти погледот“, ни раскажува Маврај.

Сепак, тој признава дека Ругова заслужува почит. „Целосната политика на ненасилство, без никаква манифестација на провокација кон српскиот режим, му донесе почит на меѓународната заедница, што на Косово долго време му требаше“, признава Маврај.

Триумфално враќање на приведениот и прогонетиот Ругова

Но, најтешкото време за Ругова допрва доаѓаше. Кога НАТО започна со воздушните напади, во обид да го присили Милошевиќ да ги повлече српските полициски, воени и паравоени сили од Косово, во март 1999 година, полицијата изврши рација во куќата на Ругова и тој и неговото семејство беа задржани во домашен притвор, во приштинската населба Веланија.

Три дена подоцна, тој беше принуден да отпатува во Белград за да се сретне со Милошевиќ, што ги налути водачите на ОВК. На државната телевизија, Ругова се ракуваше со Милошевиќ, во време кога албанското население во Косово беше преполовено и протерано најде засолниште во Албанија и во Северна Македонија.

По повеќе од еден месец во домашен притвор, на Ругова и на неговото семејство, во мај 1999 година, им беше дозволено да заминат во Италија. Откако војната заврши, на 21 јули 1999 година, Ругова се врати во Приштина, каде беше пречекан од илјадници негови приврзаници.

Во мај 2002 година, Ругова повторно се соочи со Милошевиќ, но овој пат како сведок на неговото судење. Два месеци претходно, на првите парламентарни избори, Ругова беше избрана за прв претседател на Косово.

Во 2001 година, Милошевиќ беше уапсен и екстрадиран во Хаг, за да се соочи со обвиненијата за воени злосторства.

„Тоа беше нешто што навистина не го сакав, но обвинетиот тоа го барал, така ми пренесоа. Да не дојдев, ќе имаше последици“, рече Ругова на суд.

Еден ден по неговата смрт, косовскиот весник „Косово Сот“, го нарече Ругова „косовски Ганди“.

Но, за Халил Матоши, вистинскиот модел за Ругова не бил тивкиот индиски лидер и борец за независност, туку европска личност од поновата историја. „Тој е споредлив само со Вацлав Хавел; тој веруваше во моќта на политиката и ненасилството“, заклучува Матоши.